Блекаут

28 February 2006

Расисти, јуриш! (Во Македонија инаку нема СИДА)

Поттикнат од информацијата на Теко ставена во коментар во претходниот пост на темава, најдов два коментара од Ванчо Таковски, „првиот човек“ на Ф.К. Беласица (болдот е додаден).

„Вест“ (28.2.2006) во написот „Знаеле, а криеле СИДА“:
Јас воопшто не се плашам од сидата бидејќи од нешто мора да се умре. Сидата не е измислена во Македонија, таа е донесена од Африка. Мислам дека државните органи треба да реагираат при влезот на странците во Македонија. Нема што мене да ме информира Министерството за здравство за болеста на Адамс, нека ги информира луѓот од Маџари, тој од таму дојде кај нас.
„Време“ (28.2.2005) во написот „,Половина‘ Македонија стравува од блискоста со Нигериецот“:
- Во Беласица веќе нема да дозволам да биде ангажиран ниту еден црномурест фудбалер од странство, особено не од земјите што се ризични во однос на пренесување на заразните болести. Навистина не знам што повеќе би кажал за овој случај - вели претседателот на Беласица, Ванчо Таковски, кој е познат по своите ексцентрични изјави.
Што е со можноста дека мртвиот човек, ако не користел кондом, можел многу лесно да се зарази и во текот на престојот во Македонија? Дали Таковски има сигурни докази дека тој бил заразен пред да му влезе во клубот? Ако да и толку му значи тоа, зошто чекал Адамс да умре за да реагира?

Немам релевантни статистички податоци при рака, но мислам дека многу луѓе практикуваат секс без кондом и во Македонија, особено како средство за искажување поголема блискост во врската. А и промискуитетот, особено дискретниот, не е непозната појава.

О со надреден знак според македонски правопис

По постот за пишување на букви со надредени знаци се разви дискусија за тоа дали кај буквата о надредениот знак е „капа“ (ô) или „цртичка“ (ō), па со анонимниот соговорник се договоривме да ѕирнам во правопис.

Според XIV издание на „Правопис на македонскиот литературен јазик“, подготвен од Б. Видоески, Т. Димитровски, К. Конески, Р. Угринова-Скаловска под редакција на Тодор Димитровски, издаден од Просветно дело, Скопје, 1999 година (стр. 152):
б) Лош обичај е во нашиот печат да се пишува некаков знак (најчесто положена црта или акцентски знак над о во именката од (на пр. Тоа се врши во ōд) за да се разликувала од предлогот од. Тоа е грешка, а еве зошто. Знакот со положена црта (ō) е знак за должина, а нашиот јазик нема должини кај вокалите (сите вокали се изговараат јасно и со еднаква должина). Ако сепак некои од било какви причини сакаат да го обележат таквото о во именката од (одот), можат да го стават над таквото о нашиот надреден знак: òд, òдот.
Тоа капчето јас сигурно го имам видено во српски или хрватски текстови, а и во некои текстови на македонски што јас ги немам напишано. Но еве, сега сè ни е разјаснето.

Според тоа, кодот за мало о со надреден знак (ò) е ò, а за големо (Ò) Ò.

27 February 2006

Писма од читатели: Х.Е.Р.А. реагира на веста за нашиот фудбалер со нигериско потекло

Х.Е.Р.А - Асоцијација за здравствена едукација и истражување која се занимава со превенција од ХИВ/СИДА има испратено реакција на написот за починатиот фудбалер, која ми ја препрати по е-пошта лице (чиј идентитет е познат на редакцијата на блогот) поттикнато од написите против расизмот:
До сите медиуми во Република Македонија,

Дневниот весник Вест, во своето издание од 25/26 февруари 2006 година, со објавување на извадок од статија на насловната страница на весникот, комплетна статија на стр. 2, насловена како „Фудбалер умре од СИДА“, поднаслов „ХИВ+ спортист од Нигерија играл во Mакедонија, потпишана од новинарката A. Стојановска, на најбескурпулозен начин изврши повреда на основните човекови права на лицето Еје Абдулрашид Адамс, кој беше предмет на статијата. Во истата се повредени неговите по неколку основи и тоа:
  1. Направена е повреда со откривањето на дијагнозата на лицето без негова дозвола, иако не се работи за заболување од општа опасност по здравјето на населението во Република Македонија, кога заради опасност од појава на заразно заболување се открива идентитетот на лицето и се повлекува карантинска постапка;
  2. Направена е повреда при опишувањето на неговата здравствена психофизичка состојба со зборовите „се распаѓа, бил лекуван во карантин“, со што не само што се изнесуваат доверливи податоци од постапките на лекување на лицето-туку и се манипулира и се шпекулира во однос на текот на неговото лекување, бидејки ниту ХИВ инфекција ниту СИДА не се лекува во карантински услови ниту се воведуваат карантински услови-по ниедна постоечка светска препорака или протокол;
  3. Се откриваат чекори и постапки во планот за чување и пренесување на телото на починатиот во Нигерија, посебно во однос на информирање на семејството, иако не е познато дали истото семејство е запознаено со дијагнозата на лицето, со што повторно се допира во доверливоста;
  4. Направена е повреда при обелоденување на лекарска тајна, кое е предмет на граѓанска постапка и можна причина за одземање на лиценцата за работа, при давање на информации за лицето кое се лекувало, дури и по починување на истото. Сите информации за лицето и сите детали во историјата на болеста се лекарска тајна утврдена со кодексот на Хипократовата заклетва и медицинската етика, дури и по починувањето на лекуваниот;
  5. Направена е повреда при што се откриени детали на медициниско испитување-тестирање за ХИВ, кое во Република Македонија е доброволно и доверливо, т.е. не е мандаторно по ниеден закон.
Со овој текст, во континуирана потрага на дневниот весник Вест по скандалозни приказни, а во континуитет на изнесување на информации поврзани со ХИВ/сида на најскандалозен начин, нарушен и кодексот за новинарското известување, како и во слични поранешни случаи кои заради опасноста да се изманипулира во јавноста нашата реакција со политичка конотација и припадност, нема да ги елаборираме.Со комплетниот текст направена е повреда на човековите права на лицето по неколку основи и заради заштитата на човековите права и слободи во Република Македонија, треба да се покрене заедничка постапка од страна на група граѓани или НВОи кои тесно делуваат на оваа проблематика или на полето на човековите права.

Тимот за психосоцијална поддршка на лица со ХИВ/СИДА при Советувалиште за ХИВ/СИДА на Х.Е.Р.А.-Скопје
Добро напишале „до сите медиуми“ - и блоговите се медиуми.

ТВ блогерски дајџест

Ова што следува е комплетно преземено од .аНТИблог:
Го глеате типов на сличево, познат ви е? Јанко почна иницијатива Блог на ТВ у неговата емисија Јади Бурек. Има една пристојна понуда до сите блогери. Ај трк таму за другите детали:
(Јади бурек) 25.02.2006 - За да ви се најдам во животот и да видите малку аир од мене, ве молам, најискрено, да во овој пост ми оставите линк до вашиот блог, кој сакате да го презентирам во емисијата. Со задоволство ќе го направам тоа а и сите линкови да бидат на едно место што мене лично ќе ми помогне да не заборавам никого.
Среќа што е лиценциран со Криејтив комонс, па може мирно да спијам.

Прелевањето на блоговите и во ТВ-емисија го сметам за одлична идеја, што беше спомената и на една средба на блогери. Со „Форум плус“ и „Неделно време“ тоа ќе биде трета среќа за збогатување на старовремски медиум со вакви содржини. :-)

25 February 2006

Не лути се човече

Словенечката фирма „Трд фрејм студиос“ има направено одлична интерпретација на играта „Не лути се човече“ во Флеш.

Луѓе, ова не се пропушта. Се игра против други луѓе, кои се пријавуваат на серверот, во стил на ИРЦ. Ќе ја стаам и како линк од страна, да се најде за долгите зимски ноќи.

Кога корисникот одбира име, му се отвора екран со три дела: соби, чат и список на присутни. Собите се всушност партии, може да се влезе и да се кибицира (тогаш се добива црна боја). Ако некоја од позициите за играчи е слободна, може да се избере со што се приклучува во постоечка игра.

Меѓу другите игри што ги имаат направено дечкиве, постои и „Генератор на стрип“. Супер се!

Да живее изумрениот цицач!

Саботно „Време“ известува дека во Кина е откриен фосил на цицач што живеел пред 164 милиони години, што радикално ја менува досегашната претстава за цицачите, за кои се сметаше дека пркнале дури по исчезнувањето на гигантските диносауруси, околу 100 милиони години подоцна.
- Живеел слично како денешните цицачи. Веројатно живеел на бреговите на реките или на езерата. Пливал со кучешки движења, јадел водни животни и инсекти и копал живеалишта во земјата - објаснува Же Ѓи Луо, куратор за палеонтологија на ‘рбетниците во природонаучниот музеј „Карнеги“ во Питсбург, САД.

...

Цицачот, кој го добил името Castorucauda lutrasimilis, е првиот доказ дека некои древни цицачи живееле и на суво и во вода, што значи имало поголема разноликост, сметаат научниците.

Според Гејмшаут, од каде што ја собрав сликата на черепот, влакнестото животно имало плосната но скалеста опашка слична на дабар, р’бет како на видра и заби како на фока.

На Плејфулс има уште една реконструкција, но животното на неа личи на клунар, освен ако не е „снимено“ „од зад грб“.

24 February 2006

Делење на постови на два дела (интро и содржина)

Волан праша како да се постигне делење на постови, односно, на насловната страница да оди дел од постот (интро), а другиот дел да биде достапен „на повеќе“ (содржина). Има барем две решенија:

  • Наједноставно е ако авторот во постот го стави само интрото, а потоа во прв коментар да го додаде остатокот.
  • Посложено, но со поасален резултат, доколку ви се „чачка“ по ХТМЛ кодôт:
    • Ако сте на Блогер, елементот што треба да се уфрли е во упатството на англиски јазик (How can I create expandable post summaries?) од помошта.
    • Ако сте на Блогерај, помеѓу интрото и содржината треба да се уфрли тагот <!--break-->. (Фала, Би.)

Et tu, Tea? (Нова промоција на расизам и колонијализам)

До завчера ја сметав „Теа модерна“ за најинклузивно списание на македонската медиумска сцена, пред сè затоа што во нивните изданија имаат објавувано низа интервјуа со луѓе со разновидно расно и етничко потекло кои живеат или работат во Македонија. Впечатокот ми го расипа најновиот број (285, 22.2.2006) со интервјуто со хирургот Никола Батев, иселеник во Јужноафриканската Република со македонско потекло. Цитирам и додавам болд:
Изминатите 15 години за Батев биле доволно време речиси во целост да ја запознае оваа земја, да ја доживее нејзината магија, егзотичност и мистерија по кои е позната, како и големите контрасти – богатата вегетација од една страна, пустина веднаш до неа, а веднаш зад неа се насмевнуваат големите тревни равници. Но, за жал, сега на тој природен контраст може да се додаде и разликата во стадардот на луѓето. На многу мало растојание можат да се видат добро ситуирани луѓе со свои големи куќи и луѓе што живеат во лимени бараки...

„Мојата теза е дека политичкиот систем е одраз на карактерот на народот. Како пример, земете ги Англија, Франција, Србија... Исто е и во Јужноафриканската Република. Тука белците владееја бидејќи црнците не беа заинтересирани за развој и напредок. Тие не сакаа да ги менуваат својата култура и начинот на живот. Овде, инаку, белците се однесуваат и живеат како на Запад, а црнците се користат како работна сила. Новиот политички систем сега се обидува тоа да го промени.“
Состојбата на поробеност, колонизираност и експлоатираност е културна и расна одлика! ’Црнците сами си го барале‘. Неоправдано е, но разбирливо е припадниците на експлоататорската група да вадат оправданија за својата добитна комбинација во која профитот се базира на оружен грабеж на природните ресурси, крвта и потта на домородното население. Ама ме зачудува тоа што човекот одгледан во земјата на братството и единството* и македонските весници прифаќаат и шират ваква и слична расистичка пропаганда.


* Д-р Батев е син на „консултант“ на Заедницата на југословенски железници, благодарение на чија работа семејството во 1968 од Скопје се преселило во Москва, а по неговата смрт во 1977 во Белград. Докторот од таму емигрирал во 1991 година оти, поради тоа што растел како Југословен, не сакал да заземе страна при распадот на СФРЈ.

Поставување на линкови до тазе коментари од страна

Во овој текст (Recent comments in the sidebar) од помошта на Блогер има код со кој се постигнува прикажување на линкови до неодамнешните коментари. Мислам дека е доста полезно за следење на ситуацијата, особено кога некој форумски го користи блогот.

23 February 2006

Што се случило со мачорот Луи

Би раскажува што се случило со мачорот Луи:
Тие што не сакаат животни пред време нека се отпуштат себеси од тука. Другите ај по мене. (Обрнете внимание на ветеринарот)

Имав маче. Се викаше Луи. Го чувавме од мал. Не излегуваше надвор, освен на тераса (која е доста широка). Таму и имаше една стара лозница по која се качуваше и лежеше на настрешницата за да ги гледа птиците...
Постот е многу топол, но и тажен, за како непрофесионалноста може да упропасти живот.

Хумор + музика + анимација = мелем за уши и стомак

Јован го препорачува видео клипот со песна која објаснува дека смислата на интернетот е во порнографијата (The internet is for porn).

Се работи за одличен пример на машинима - правење на филмови со помош на енџин од видео игри, во овој случај со енџинот на Волд од Воркрафт.

По ,умејтнички дојам‘ од областа на анимиран распеан хумор, песната може да се мери со мојот апсолутен фаворит, „Predsjednički bećarac“ (mov, 1.2 МБ) од емисијата „Лека ноќ, Хрватска“ (Laku noć, Hrvatska).

Сметам дека Стипе Месиќ е навистина еден од главните балкански фраери. Имав прилика да го видам како настапува во живо на Светскиот самит за информатичко општество и навистина плени со шармот, дури и во ризични ситуации.

На пример, конкретната награда што се доделуваше беше за креативно решение за учење англиски јазик, а Стипе зборуваше преку преведувачка иако знае англиски. Веројатно за да го промовира хрватскиот јазик... Малце несофистицирано, ама еве, уште има кој го памти тоа. А веројатно е добро и за ТВ-преносот дома кога го слушаат луѓето во оригинал. Доказ дека не му требаше преведувач беше и тоа што имаше шуш-буш со убавата водителка малце на страна додека зборуваа другите на сцената. :-)

Приклучете се на Википедија на македонски јазик

Ги повикувам сите блогери и други ентузијасти да се приклучат на Википедија, за да ја збогатат верзијата на македонски јазик (mk.wikipedia.org).

Техничкиот дел е прилично едноставен, а забележувам дека при блогирањето посериозните блогери често мораат да поставуваат дефиниции и објаснувања за поими или личности. Тие прилози може да ја збогатат енциклопедијата, макар како „никулец“ - кус напис кој иницира тема.

Пример: во постот за угостителска математика, се соочив со проблем дека ако преку линк не ставам информација што е тоа комплемент, можеби некои луѓе нема да може да увидат што е смешно. Затоа и се пријавив на Википедија и набрзина ја преведов најсоодветната дефиниција од англиски.

Мислам дека е конзистентно кога веќе одржувам блог на македонски, читателите колку што е можно да ги пренасочувам на македонски, а не англиски содржини. Затоа се трудам кога линкувам напис на англиски да го ставам преку оригиналниот назив во заграда, за читателот да има претстава кај ќе отиде.

Полнењето на Википедија на македонски јазик, освен за збогатување на содржините достапни на веб на нашиот јазик, е многу полезно и од аспект на промовирање на македонската култура во светот. Насловната страница на енциклопедијата е многу посетувана, а таму се во фокусот верзиите на јазиците кои имаат најголем број написи. Во горниот дел се сместени оние со околу и над 100.000, па меѓу 10.000 и 100.000, па меѓу 1000 и 10.000 итн. Во моментов македонската верзија има околу 3000 написи, па се наоѓа во долниот дел. А баш би било фино да влезе во друштво на културно најбогатите.

22 February 2006

Мит-бастерс: за топлото македонско гостопримство

Во „Тин шема“ (бр. 136, 15.02.2006.) има интервју со ракометарката на „Кометал Ѓорче Петров“ по потекло од Конго, Алегра Охоланга Локи. Пренесувам дел од интервјуто:
Дали се навикна на начинот на живеење во Македонија? Што најмногу ти се допаѓа овде?
- Во Скопје сум веќе две и пол години. Во почетокот ми беше многу тешко, особено во првата година, зашто не го знаев јазикот, немав пријатели, бев сама, а и кога ќе прошетав низ улиците, луѓето постојано ме гледаа и се чудеа. Но сега веќе е подобро, а за тоа придонесе и моето момче, кое од Конго се пресели во Македонија за да биде со мене. Многу ми се допаѓа македонската кујна, особено гравчето и салата од зелка, а и плескавиците и ќебапчињата.

Со кого научи да зборуваш македонски јазик?
- Главно, учев сама. За време на тренинзите слушав што и како зборуваат тренерот и моите колешки, и кога ќе дојдев дома го земав речникот и учев кој збор што значи. На тој начин научив да зборувам македонски.
Сликата е малку постара од оние во „Тин шема“ (која за жал излегува само на хартија), а е преземена од веб-сајтот „Кометал фанс“.

Ваквиот однос е конзистентен со толеранцијата кон расна дискриминација во Македонија и мислам дека нема врска со политичка коректност, туку со способноста за изградба на меѓучовечки односи.

20 February 2006

Видео-игри наместо учебници

На блогот Гејмполитикс има вест за истражувања на употреба на видео-игри како алатки за учење во основно и средно образование:
„Децата ќе одат порано да си легнат ако имаат проблем со решавањето на домашните задачи, но ќе останат подоцна ако треба да поминат ниво на видео-игра,“ вели д-р Хенри Џенкинс од МИТ.

„Најлошото нешто што дете може да го каже за домашна задача е дека е премногу тешка, а најлошото нешто што дете може да го каже за видео-игра е дека е премногу лесна. Како да го премостиме јазот меѓу тие две состојби за она што ги мотивира децата кај игрите да го употребиме да ги поттикнеме да учат?“
Написот (Will games replace textbooks?) е на англиски јазик.

19 February 2006

Покана за соработка за снимање кратки уметнички филмови

Британскиот совет, објавува покана за ангажирање на соработници - волонтери преку Blue Sky Network - Art Line Production:
Од април 2006, Cre8ive8 продукцијата планира да започне со снимање серија краткометражни уметнички филмови. Во првиот едногодишен циклус се планираат 4 филмови на различни теми, со неограничена уметничка интерпретација според одредени критериуми: содржините треба да бидат иновативни, да пренесуваат позитивни пораки и да ја презентираат културата и идентитетот на младите луѓе во Македонија.
Организаторите бараат „студенти визионери, надежни режисери, сниматели, монтажери, аматери фотографи, дизајнери, сценаристи, актери, организатори, видео арт фанатици, музичари.“ Иако веќе знаев за иницијативата, конкретниот линк го преземав од кај Лала.

Го повторувам мојот повик за соработници од сличен профил за изработка на анимиран филм во Флеш за учество на конкурс.

Препорака: „Смртоносно убедување“ од Џин Килборн

Во контекст на осознавањето на техниките на пропаганда, а поврзано и со мојата претходна забелешка за жените-тепачи во рекламите и известувањето за аферата со безвезните карикатури, го препорачувам првото поглавје на книгата на Џин Килборн „Смртоносно убедување“ (Deadly Persuasion), објавено на веб-сајтот на ЦНН под наслов „Ние сме производот“ (We are the product).
Доколку Вие сте како повеќето луѓе, тогаш мислите дека рекламирањето нема влијание на Вас. Тоа е токму она во што оние кои рекламираат и сакаат да верувате. Но, доколку тоа уверување е точно, зошто компаниите би трошеле над 200 милијарди долари годишно на реклами? Зошто, во просек, би биле подготвени да платат преку 250 илјади долари за правење на ТВ-реклама и уште толку за нејзино емитување? Ако сакаат да ја емитуваат рекламата во текот на финалето на американско рагби (Super Bowl) тие со задоволство се спремни да потрошат над милион долари на изработка и над еден и пол милион долари за да ја прикажат. Најпосле, тие може да го повторат успехот на „Викториас сикрет“ од финалето за 1999 година. По само 30 секунди парадирање на манекенки облечени во прслучиња и гаќички, еден милион луѓе го прекинаа гледањето на натпреварот за да го посетат веб-сајтот промовиран преку огласот. Нема влијание?
Килборн инаку во младоста била манекенка, но подоцна се покајала за своето учество во рекламната индустрија - книгата го содржи и релевантниот дел од нејзината животна приказна.

Препорака: „Пропагандни техники“ од Би

Мислам дека серијалот „Пропагандни техники“ објавен на блогот на Би е една од најполезните и најобразовните работи што објавени на македонски јазик во последно време. Особено ми се свидоа нејзините решенија за некои од психолошките изрази од американскиот англиски. Фељтонот се состои од четири поста:
Заинтересираните за социјална психологија, особено за техниките на убедување, може да побараат повеќе информации за Роберт Чиалдини (Robert Cialdini) чиј веб-сајт беше претставен и преку рецензија во „Време“.

17 February 2006

Најкорумпирани земји...

Јеее! Македонија не е меѓу најкорумпираните земји од слајд шоуто „Тhe Most Corrupt Countries - Forbes.com“

Jeee! Makedonija ne e megju najkorumpiranite zemji od slajd shouto na Forbs

16 February 2006

Шизохронија додадена во блогрол

Името на блогот Шизохронија го нема како термин во речникот и енциклопедијата што најчесто ги консултирам, а Гугл ми даде линк до некој текст во кој авторот го дефинира изразот како „прекршен поглед на историското време“.

Буквално, „шизо“ (schiz-) е нешто раскршено, расцепено (новолатински/грчки), а „хронија“ - години (хронос - време на грчки). Значи, во буквален превод, „раскршени години“. Арно ама, не ми е целта да го фајромизирам, тука да укажам на разликата со шизофренија (психотичкото пореметување).

Зошто ми се допаѓа Шизохронија? Има кажано три магични збора: Филип К. Дик. Колку за почеток. А кажува и многу повеќе.

Како до „е со цртичка“ и други букви со надредени знаци?

Гледам дека некои блогери и коментатори не го користат македонското „е со цртичка“ односно надреден знак, особено во зборчето „сè“ (кое е еквивалент на српското „све“), па еве кратко упатство како да се постигне тоа:
  • Ако не ви се чачка во кôдот, ископирајте некое „è“ од текстов и вметнете си го во својот текст.
  • Ако ви се чачка во ХТМЛ-кôдот, внесете &egrave; на местото на посакуваната буква.
Исто така, ако вметнувате буква од „карактер мап“ или преку опцијата „инсерт симбол“ во програма за обработка на текст, имајте на ум дека нашето „è“ е со цртичка наведната налево (ваше лево). Таму може да се нудат и други комбинации.

Истото важи и за „о со капа“, кое се употребува во „ôд“ (чекор), а во српскиот сум го сретнувал често и во „кôд“, па веројатно и кај нас по аналогија би требало да се користи. Неговиот ХТМЛ-кôд е &ocirc;.

За жал, меѓународните кодни табели не го предвидуваат нашето „и со цртичка“, и тоа цртичка како од è-то. Има некои други и-овци, но не ги бива. Во овој случај сметам дека не е крив Мајкрософт, туку нашите научни институции или државни бироа за стандардизација кои не го искомуницирале овој карактер на светско ниво.

Имам чуено дека дечките од Слободен софтвер Македонија имаат најдено некое решение во рамките на нивната заедница - за Линукс, ако некој знае детали, нека пише во коментар или по имејл.

Во текстовите на веб-магазинот Агора на времето решивме да вметнуваме мала сликичка () со и испишано со дифолт фонтот од сајтот, што во основа изгледа океј, ама е сепак „крпено“ решение. Доколку користите фонт Тахома 10 или 11 ќе го личи, или ако го ископирате во „WYSWYG“ едитор, додека адресата на сликичката што треба да се вметне во кôдот е http://www.agora.org.mk/images/tekstovi/i.gif.

Дополнето! Види коментари.

Препорака: „Велешка пастрмајлија“ во сабота

Горан Андреев известува за „Велешка пастрмајлија 2006“:
Во организација на Општина Велес и Центарот за подршка на НВО Велес, во сабота на 18 фебруари 2006 година со почеток во 10:00 часот во ресторан „Розе Сала“ ќе се одржи манифестација „Велешка Пастрмајлија 2006“. На манифестацијата на посебни штандови ќе бидат презентирани производители на пити пастрмајлии и вино од Велес.
Манифестацијата звучи супер. Според Центарот за поддршка на НВО:
Нивните производи ќе бидете во можност да ги набавите по симболични цени (20 денари за парче пита и 10 денари за чаша вино). Собраните средства ќе се наменат за хуманитарни активности на невладините организации од градот.
Повеќе информации на горенаведените линкови.

15 February 2006

Препорака: „Висок притисок“ од Јанко Илковски

Цртаниот филм „aaaaaaaaaaaaahaha“ од непознат автор може да послужи како мултимедијална илустрација за искрениот и кохерентен текст „Висок притисок“ на Јанко Илковски од „Јади бурек“ објавен во најновото од „Неделно време“. (Напомена: анимацијата е со звук, кој игра огромна улога во уметничкиот дојам.)

Во текстот се раскажува за тоа како Јанко заминал од Канал 103. Авторот умешно користи асоцијации и описи на амбиентот за да ја надополни атмосферата од сите аспекти:
Колегата пред мене завршува со програмата накурчено со зборовите: „Драги слушатели, не можете да ја разберете оваа музика ако не земете нешто...“

Мајко мила, но за среќа завршува и си оди. Копиљот нема повеќе од 20 години. Седнувам во студиото и, додека се подготвувам, гледам како духовите минуваат низ ходникот. Секако, вратата е подотворена, не може да се затвори. Во воздухот тенка жолта црта или тоа е одраз од стаклото врз чадот од цигарите.
Текстот е исповед на дисидент од раширената „урбаната“ младалачка супкултура чиј елемент е глорификација на користењето дроги, особено преку притисок од врсниците (peer pressure). Иако наизглед се бунтуваат против конформизмот на официјалниот систем, типичните претставници на оваа супкултура не се „опен-мајндид“, туку по правило се дел од еден неформален, но исклучително ригиден систем којшто има многу ниска толеранција за различни ставови од доминантните и се карактеризира со непишани правила и строги „дисциплински методи“. Пример за тоа е непризнаената цензура на македонските форумски сајтови. Дел од нив се релативно суптилни - Јанко во текстот дава добри примери за вербална гњаважа која кога ќе почне, на човек му е јасно дека нема што да се праи муабет, оти соговорникот поаѓа со некој став против кој не трпи поговор. Не разговара за да размени мислења, туку само да ги афирмира своите.

Штета што текот на читањето е сецнат со тоа што изразите на англиска латиница се пренесени со кирилица, па еве ќе ги напишам овде: „фирст персон схоотер“ е всушност „first person shooter“. Веројатно единствен начин да се избегнат такви грешки при конверзија е да се напише како што се изговара, „фрст прсон шутер“.

Го поддржувам постоењето на Стотројка со оваа програмска концепција, ама не ми јасно на кој начин функционира во „шемата“ на јавниот сервис МРТВ. На пример, како е организиран процесот на вработување во станицата? Дали се следат процедурите за транспарентност и отчетност поврзани со трошење на ресурси финансирани со оданочување на граѓаните? Дали се само неплатени волонтери? Ако се, како се станува таков волонтер? На веб-сајтот од каналот нема изворни информации, само неколку избрани текстови што излегле во други медиуми...

Уште еден смешен оглас


За разлика од минатиот пат, огласов поставува задача од областа на математичка логика - искази, конјукции и слично... Локација: ГТЦ Скопје, прв спрат, спроти хотел „Холидеј ин“.

Угостителска математика: теорија на множества

Двете страни на хартивче со некој вид на порака од „кинеско колаче“ (fortune cookie) што ја даваат во „Дал мет фу“... само без колаче.

  • complement = n дополнување; потполност; комплемент; vt дополнува, надополнува
  • compliment = n честитање; комплимент; pl поздрави: vt фали, ласка, дава комплименти
    (Олга Мишеска Томиќ и др. Англиско-македонски речник. Култура, Скопје. 1994.)
PS
Сличен угостителски гаф од 16.06.2003 г.

Фото-поздрав до Офчарот

Решив да испробам како изгледа печатот за резервирање на некои авторски права на неколку мои оригинални фотографии. Почнувам со една разгледница за „Вуна“.

14 February 2006

Акција за обнова на руинираните училишта

И без клучната улога на основното образование за развојот на земјава, би искажал поддршка за акцијата на „Утрински весник“ за обнова на руинираните училишта под име „Да им помогнеме на нашите деца“.

Очевидно, оваа потреба не е приоритет при кроењето на државниот буџет (споредете со Националната програма за развој на образованието):
Состојбите во основните училишта во земјава, за разлика од средните, се многу лоши. За училиштата да добијат достоинствен изглед и да обезбедат соодветни услови за образување на младите генерации, според сондажите на Министерството, потребни се 2,3 милијарди денари, додека за основното образование сега се издвојуваат 130 милиони денари. Овие средства не се ниту еден отсто од средствата кои се детектирани како неопходни.
Жиро-сметката на која може да се уплаќаат парични средства е со назив „МОСТ ДОО - Да им помогнеме на нашите деца“ е со број 300000002228611, во Комерцијална банка АД Скопје.
„Утрински весник“ секојдневно јавно ќе информира за донираните средства и ќе ги соопштува имињата на донаторите. Донациите можат да бидат парични, во училиштен прибор и инвентар, компјутери или, пак, градежни зафати на дотраените згради на училиштата. Секоја помош би била добредојдена.
Контакт-лице за акцијава е младата новинарка Даниела Трпчевска (daniela@utrinski.com.mk), позната по одлични репортажи со социјална тематика, за кои има добиено и меѓународни признанија.

12 February 2006

Интелектуален потенцијал за развој во Македонија

Проф. Димитар Мирчев со написот „Со хумани дефицити кон Европа“ објавен во саботниот „Дневник“ нуди нов прилог во дебатата за способноста на Македонија да се развие во современа економија, на која обрнуваат внимание и Георги Барбаровски во „Неделно време“ и „Форум плус“:
А реалноста ни е помрачна од таа во тунелот. Највисока стапка на неписменост во Европа (освен Турција). Да не говориме за функционалната неписменост. Според УНДП, најниски стапки на уписи во училиштата на сите степени и најголеми одливи. Најниски стапки на продолжување на образованието од секоја генерација на повисоки степени - во Европа. Студентската популација не може да ни надмине 38-39.000, а годишното производство на дипломци само 3.700 млади, 50-60 доктори, стотина магистри и две-три дузини специјалисти. Добар дел од таа продукција неповратно се губи и извезува.

Нашиот хуман потенцијал? Од вработените само 10,5 отсто се со високо образование, а 5,5 отсто со вишо. Од невработените само 5,1 отсто се со факултети, огромната маса е со основно, незавршено средно и со средно образование. Кои странски инвестиции, технолошки развој, информатизација и дигитализација со таа структура?
На времето, Петар Кајевски кој со својот напис „Ние (не) сме генијалци“ предупредуваше за стапката на функционална неписменост, беше „распнат“ на Багра, особено откако ги објави и изворните податоци.

Од друг агол: На „Дискавери сивилајзешн“ (Discovery Civilisation) тукушто заврши емисија за германскиот Блицкриг, посветена на освојувањето на Полска во 1939 година. Еден од елементите на агресијата било што нацистите во освоените територии зад линијата на фронтот имале посебни СС единици чија задача била да се истребат сите образовани Полјаци: доктори, инжинери и свештеници, како и земјопоседниците, благородниците и Евреите. Цел било Полска, без средна и висока класа, да се претвори во гигантски резервоар на (робовска) работна сила. Ефективноста на овие есесовци била 97%.

Викендашки расизам?!

Извадок од написот „Во Африка се најдов себеси“ од „Викенд“ (403, 11.02.2006. стр. 26 – засега недостапен на интернет) од саботниот „Дневник“ преку кој кореографот Благој Мицевски раскажува за инспиративната посета на Република Нигер:
...Условите што ги имавме беа одлични. Бевме сместени во ново олимписко село со еднакви куќи, со по неколку соби со бања, клима-уред, фрижидер, вентилатори и мрежи на прозорците. Црвениот песок насекаде ти станува нормален, а пак ладната вода..., се сеќавате ли на сцената кога Роберт Редфорд ’и ја мие косата на Мерил Стрип во „Моја Африка“, па ти станува романтично, за гуштерите во дворот – ништо страшно и онака се плашат од луѓе, сепак длабоко во паметењето остануваат изгрејсонцата, небото, црвената земја во босите нозе и секако отвореноста, убавината и гостопримливоста на тој народ, кој со целата своја инфериорност кон белата раса сепак претставува пример за гордост и издржливост. [болдот е додаден]
Одбивам да поверувам дека се работи за намерна промоција на чист расизам преку еден од најважните весници во Македонија и тоа во омилениот подлисток на девојка ми. Но, дури и да се работи за гаф од типот „сакам кажам не знам речам“, мислам дека не треба да изостане критичка реакција од читателите и оградување од одговорните.

Пречка за тоа не треба да биде релативната малубројност на наши сограѓани со неодамнешно* африканско потекло, како штипјанецот Џими од рекламата на К-15. Би било голема штета ако се потврди афоризмот...
Чувства Во новинарството мора многу да се внимава на чувствата на тие што имаат моќ и не се колебаат да употребат насилство. За чувствата на тие што се немоќни и ненасилни не мора толку да се внимава.
...кој е една од овонеделните „Жарулки“.

--
* Сите хоминиди, а особено денешните луѓе, припадници на видот Homo Sapiens Sapiens, имаат африканско потекло.

Свети Валентин и Бени, гласот на народот

Секој број на „Тин шема“, освен репринти на написи за странски познати личности и странски филмови и слично од странски списанија, носи по неколку оригинални реда што вредат. Најчесто тоа е рубриката „Цепки“, со „Д-р Апач“ или вицови пратени од читател(к)ите, но овој пат (8.2.2006. стр. 7) тоа е одговорот на Бени Шаќири на помодарското прашање „дали Свети валентин ве прави романтични?“
Никогаш не го славам тој празник, од едноставна причина што не го чувствувам за свој. А сигурен сум дека и другите од мојата генерација не му придаваат значење на овој ден како на важен празник. Едноставно, медиумите прават фама од тој ден, кој сакаат да ни го наметнат во екот на актуелната американизација. Тоа е убав ден за да го прослават вљубените, но сепак ќе истакнам дека станува збор за католички празник. А кај нас мнозинското население е православно, а веднаш потоа е муслиманско население. Колку што знам, кај нас во Македонија се слави Свети Трифун, ден кога се крои лозјето за да има поголем род во годината. А ако го славиме Свети Валентин, да почнеме да го славиме и Денот на благодарноста?
Бени испадна вистински глас на народот. Прашањето го опфати од скоро сите аспекти, освен еден: можеби не се криви медиумите, туку мафијашите, кои скришум го промовираат еден од најпознатите настани од историјата на нивната култура - Масакрот на Свети Валентин, спроведен од Ал Капоне во Чикаго во 1929 година.

Кое е најдобро време за водење љубов?

„Секс ќошето“ од петочниот „Вест“, започнува со констатацијата: „Било кој маж ако го прашете во кој дел од денот би имал секс, одговорот што следи е - во секое време!“.

Д-р Даница, во декемврискиот број на новосадскиот магазин за мажи „ЦКМ“, својот одговор на истото прашање, поставено од белграѓанката Марија, го започнува слично: „Најдобро време за водење љубов е нон-стоп! Само, внимавај да не затрудниш. Ако момчето ти се вика Боба, татко му е сигурно Гидра...“.

Арно ама, конкретниот дел од прилозите се разликува. Додека „Вест“ вели дека „според сексолозите“:
Најдобро време да се води љубов е навечер или рано наутро. Сепак, 23 часот се смета за нај-нај интервал погоден за жешки игри, затоа што тогаш мажот го доживува хормоналниот врв.
„ЦКМ“ пак промовира сосем спротивна наводно научна информација:
Нервните завршетоци кои кај жените пренесуваат сексуални дразби до мозочната кора се најактивни кон средината на нејзиниот менструален циклус. Кај типовите, нивото на тестостерон е највисоко околу девет часот наутро! Спои ги овие два непобитни факти и ќе добиеш рецепт за идеален секс, а ќе можеш да го применуваш макар еднаш месечно!
Ниту едниот, ниту другиот напис не укажуваат на изворите на нивните тврдења, со што е оневозможено нивното евалуирање. До душа, „Ќошето“ по принципот „во оваа дупка или има или нема вода, највероватно“ додава дека и утрото не треба да се пропушти, ако мажот доживеал ерекција. Демек, „компромисот“ е не во „секое време“, туку „кога може“?

11 February 2006

Калашњиков на знаме

Во филмот „Господар на војната“ со Николас Кејџ и Џаред Лето споменуваат дека калашњиковот е најпопуларното автоматско оружје на светот и дека Мозамбик го има ставено на своето знаме. Вистина е.

Насоки за употребливи блогови

Ја поздравувам иницијативата на Анти за пренос на знаења за блогерите кои негуваат амбиции за надминување на „примордијалната фаза“, во која „сè уште не можат да артикулираат разбирлива порака, читлива содржина, а со тоа не можат и да привлечат постојана публика“.

При тоа, го препорачувам написот „Употребливост на блогови: десет најчести грешки во дизајнот“ (Weblog Usability: The Top Ten Design Mistakes) на гурото на употребливоста, Јакоб Нилсен, кој смета дека:
Блоговите се често премногу интерно фокусирани и ги игнорираат клучните прашања од областа на употребливоста, со што им отежнуваат на новите посетители да го разберат и да му веруваат на авторот.
Нилсен изложува низа емпириски проверени работи со кои поголем број од разумните луѓе би се сложиле оти се многу логични, но ретко кој на нив обрнува внимание. Некои од нив веќе биле предмет на дискусија кај нас, како потребата од зголемено линкување, а за четвртото прашање „линкови кои не кажуваат каде водат“ може да прочитате во блогерската рубрика од денешниот број на „Форум плус“ (за жал моментално недостапен на интернет).

09 February 2006

Ќе увезуваме компјутерџии

„Време“ известува дека „Ќе увезуваме компјутерџии“:
Скопската фирма „Сивус“ има потреба од 100 информатичари и инженери, а веднаш би можеле да вработат дваесетина. И покрај ваквата привлечна понуда, „Сивус“ не може да најде соодветен кадар.

- Баравме секаде и преку секого. Нема. Сега ќе одам во Србија и Црна Гора, а потоа ќе барам и во Кина и Индија за да најдам програмери - вели Методија Пејовски, консултант во фирмата „Сивус“.
Велком ту д глобалајзејшн. Еден од индикаторите колку во некоја земја е добро или лошо е колку луѓе се иселуваат, но и вселуваат во неа, барајќи работа и во крајна линија, подобар живот. Како последица, земјите што се поасални имаат „пошарено“ население во поглед на културна припадност. Ние веќе си бевме мултикултурни, но досега не успеавме тоа да го искористиме како предност.

Аферата со карикатурите на Мухамед – провокација и манипулација

Во мојот претходен пост на темава најавив продолжение. Во меѓувреме, пристигнаа вести за нови настани и нови информации за стари настани, од кои за мене најстрашно е што падна крв: загинувањето на барем седум луѓе при протести во Авганистан. Буквална примена на српската народна поговорка „враг је однео шалу“.

Ескалира и поларизацијата, очекувано кога се работи за чепкање во вредности кои имаат длабоко значење за луѓето кои се гледаат како дел од некоја од „страните“, како и растечкото одбивање да се прифати „неутралност“ и „објективност“ на оние кои одбиваат отворено да заземат страна, а сепак се заинтересирани да зборуваат за аферава, дури и кога свесно се обидуваат да ги надминат сопствените предрасуди. Како и за секоја емоционална тема поврзана со политика, молчењето може да изгледа попрактично, но тогаш се ускратува можноста за разрешување на растечкиот конфликт преку меѓучовечко разбирање.

Нијанси на сиво во врска со перцепцијата дека се работи само за напад на слободата на говор внесуваат информациите за дискриминација и за двојните стандарди. Според „Интернешнл хералд трибјун“, во Данска не било дозволено погребување според муслиманските обичаи, што значи веќе постоела основа за фрустрации, а веројатно и други извори на тензии. Според „Гардијан“ весникот „Јиландс-постен“ одбил да објави карикатури на Исус во април 2003 година, со образложение дека нивните „читатели нема да уживаат во нив. Всушност, тоа би предизвикало протест“.

Одлуката да се нарачаат и објават безвезните карикатури на Мухамед, ставена во тој контекст, изгледа како смислена провокација, односно злоупотреба на правото на слобода на говор. Се согласувам со Тери Дејвис од Советот на Европа, кој изјавил:
„Сите слободи, меѓу кои и слободата на говор, се неделиви од одговорноста... Имањето право да предизвикаш навреда не значи дека е правилно и да го сториш тоа.“
Прашање е кој, освен опортунистичките продавачи на дански знамиња, има полза од тековниот растеж на зла волја, недоверба и непријателство низ целиот свет. Дали се работи за дел од психолошка војна? Една од алатките во таква војна е креирање на конфузија, по што текот на работите полесно се насочува во дадена насока. А случајот веќе го користат разноразни сили чија декларирана цел е да го подготват теренот за некакво само од нив посакувано „финално решение“, манипулирајќи и со чувствата и со нивните рационализации. Признавам дека секогаш кога минувам време оптеретувајќи се и себеси и другите со аферава, се чувствувам сè поизманипулиран...

07 February 2006

Помалку часови на интернет?

На крајот на минатата година „Иди види“ објави вест за публикацијата „Претходни статистички податоци“ од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Во годинава што изминува во областа на телекомуникациите проценките на ДЗС се дека бројот на користените Интернет-часови е намален за 15,9 проценти во однос на минатата година, додека мобилните разговори бележат пораст од 51,3 проценти.
Линкот го имаше и на некој друг блог. Дали таму се разреши мистеријата за тоа како всушност ДСЗ ги мери потрошените часови?

Ова ме потсети на случајот со романскиот закон против порнографија, во кој ставиле минути како единица мерка за пристап на порнографски веб-сајт.

06 February 2006

Џабе работи, џабе не седи

„Време“ има објавено напис за проект со кој се финансираат пракси (internships) под наслов Газдите вработуваат само ако друг им ги плаќа работниците:
УНДП им плаќаше на волонтерите надомест од 5.000 денари месечно. По завршувањето на проектот, на тие што ќе продолжат да работат плата треба да им даваат работодавците.

Стопанственици признаваат дека се пријавиле на конкурсот за да искористат факултетски образовани луѓе да им работат без пари.
Нормално дека ќе има случаи на „предаторско“ (грабежливо) однесување и експлоатација. Хелоооу, првобитна акумулација на капиталот. Би било добро да се видат посеопфатни статистики - во написот има само неколку изјави, а не и податоци за ефективноста на целиот проект.

Неспорно е дека недостатокот на искуство е една од работите што попречува еден работодавец да прими кандидат. Ако образовниот систем тоа не го нуди во доволна мерка, подобро е да стекнеш искуство макар и за мали или ич пари, отколку само да кмичиш, мрчиш и да ја вежбаш улогата на жртва. Во овој случај се согласувам со народната поговорка „џабе работи, џабе не седи“.

Некако ми се чини како да има заговор против самиот концепт на чиракување. Изгледа не бил кул во социјализмот, а еве сега продолжува таа „традиција“. Еве, и името на емисијата која би требало да се вика „Чиракот“ (The Apprentice) на ТВ Телма е „Изборот на Доналд Трамп“.

Препорака: „Сталин во душата“ од Урсула К. ле Гвин

Прочуената писателка на научна фантастика Урсула Ле Гвин ги разјаснува различните видови на цензура преку обемен и динамичен есеј напишан во 1973 година, а на македонски јазик првпат објавен на Агора:
Единствен начин да се победат забраните, притисоците и цензурата – а цензурата ја има секаде каде што има институционализирана моќ – е да се отфрлат. Не да одговарате во стил „ако се обидете да ме замолчите, ќе ве замолчам и јас вас“, туку да ги отфрлите и нејзиното значење и нејзините цели. Целосно да поминете покрај неа.
...
За да дојде до нешто како што е такво свесно отфрлање, човек мора прво од сите страни сосем сериозно да го разгледа проблемот на цензурата.

05 February 2006

Аферата со карикатурите на Мухамед - некои елементи

Што е полошо за меѓурелигиската толеранција: објавување на некои безвезни карикатури кои ретко кој би ги погледнал двапати да не се дигнеше ѓурултија или константната промоција на исламот како ’догматски, фанатичен, средновековен‘? (Обата линка се добиени преку „Скопски времиња“.)

ЦНН и ББЦ го автоцензурираат прикажувањето на карикатурите во нивната ТВ-програма и на веб-сајтовите. Истовремено, тие вестите воглавно ги илустрираат со снимки на лути муслимански толпи како се закануваат, пукаат, кршат, палат знамиња и згради... поттикнувајќи го негативниот стереотип за муслиманите како заканувачки дивјаци склони кон насилство, неспремни/неспособни за разумна комуникација.

На веб-сајтовите од обете моќни медиумски куќи отворив дваесетина написи на темава - нема ниедна снимка на интелектуалец со исламска вероисповед како мирно и сталожено дава изјава. Отсутни се визуелните претстави на мнозинството муслимани од целиот свет, луѓе кои (дури и да не им се допаѓаат карикатурите, дури и да ги сметаат за навредливи) ниту се закануваат било кому, ниту имаат намера да направат нешто насилно и деструктивно во врска со аферава.

Изразот „лицемерна автоцензура“ е плеоназам.

---

Според ББЦ, една од паролите била „Слобода на говорот, оди во пеколот“ (Freedom of Speech, go to Hell!).

Институционализираните религиски водачи кои се залагаат за ограничување на слободата на говор кога се работи за нивната религија, со тоа оневозможуваат и дебата во рамките на заедницата која ја застапуваат. Многу е веројатно дека таква дебата може да доведе до истите заклучоци кои ги промовира и елитата. Арно ама, нејзиното отсуство кажува многу. Дали постои нелагодност дека, ако има можност за дебата, граѓаните може да одберат јавно да разгледаат и други, посуштествени теми од нивниот живот?

Колку што можам да забележам, најжестоките протести се на места каде што има малку простор за муабет за било што друго во општеството, каде што религиозната припадност е една од ретките заеднички точки помеѓу власта и поданиците, а манифестациите насочени кон „надворешниот непријател“ се ретка можност човек катарзично да се изнавика на улица.

Кога јас би бил засегнат со некое прашање, не би сакал никој да ми кажува да се чувствам навреден по диктат, без можност лично да ја искусам наводната причина за навредата.

Според напис илустриран со фотографија од протест на неопределено место од саботниот „Дневник“ и нашата Исламска верска заедница строго го осудува секое објавување на карикатурите. ИВЗ оние кои ги прикажале („Вест“ и „Време“) додека известувале за нив ги прогласува за противници на „соживотот на граѓаните што припаѓаат на различни верски групи“, чијшто мотив е „да ги понижат муслиманите во Македонија и да предизвикаат меѓурелигиска недоверба“.

Токму слободата на говорот овозможува толеранција и соживот. Едно од основните начела на Исламот е дека Исус/Исо бил пророк (божји пратеник), но не и божји син којшто умрел на крстот и воскреснал да донесе спасение за човештвото. Ова секако, може да се сфати и као богохулно негирање на основните принципи на христијанското верување. Дали е и навредливо? Само за оние христијани кои не ја имаат вклучено слободата на мисла и говор како фундаментална вредност во својот живот.

---

Ме копка кај оди ќарот од продажбата на сите оние дански знамиња на луѓето што протестираат уништувајќи ги?

(Темава има уште неколку аспекти
кои ќе бидат обработени според можностите.)

Тест: Колку знаете за блогерството?

You Are a Blogging Expert
You got 7/8 correct!


You know so much about blogging, you should blog for a living.

Репринт на Развигор во „Неделно време“

Најновото издание на „Неделно време“ (623, 05.02.2006) во рубриката „Нов бран“ (само во печатеното издание) донесува и компримиран репринт на постот од блогов „Портрет на една антикомунистка: Ајн Ранд“.

Моби објави дека секоја недела ќе објавува линкови до блоговите кои се појавиле во рубриката, во вид на фељтон под наслов „Шампионите на блогосфера“. :-)

Легенда - насмешен виц неделава

Од „Тин шема“ на „Теа“ 1.02.2006 година:

Си шетал еден ден низ планина Јордан Пиперката. Одендаш една огромна карпа паднала врз него и тој се престорил во Страшо Пинџур.

(Марија Дукоска)

Тест: Колку сте американизирани?

Блогтингс е веб-сајт со разни додатоци за блогови, што овозможуваат уфрлање на код за збогатување на содржините. Еден од нив е и квизот:

Blogthings - How American Are You?

Египетскиот ферибот „Ал Салам“ и „Титаник“

Трагичното потопување на египетскиот ферибот „Ал Салам 98“, на 3 февруари 2006 година, при кое од 1400 луѓе се спасени само околу стотина, е страшна трагедија. Загубата може да се спореди со онаа на најпрославениот - „Титаник“ (RMS Titanic), на 14 април 1912 година, која според Википедија е и „една од најлошите мирновременски поморски катастрофи“:
Од вкупно 2.223 луѓе, преживеале само 706, а 1.517 загинале. Причина за смртта во најголем број случаи било смрзнување (hypothermia) во водата чија температура изнесувала −2 °C.
Црвеното Море е потополо од северниот Атлантски Океан, но не доволно за да ја одржи топлината на човечко тело подолго време. Во него има и многу повеќе ајкули, а колку што сватив таа ноќ беснеела и бура... Тешко е да се замисли што им се случувало на жртвите, а човечката болка, во принцип, не може да се измери, квантифицира.

Наспроти тоа што „Титаник“ бил најсовремен, технички најопремен и конструиран да се справи со оштетувања, eгипетскиот брод служел 35 години во Италија, преживеал сè и сешто, дури и судир, бил продаден во Египет откако според новите прописи бил прогласен за недоволно безбеден за служба во ЕУ. „Сиромавиот двапати плаќа“ е македонска поговорка базирана на долговековното искуство со неповолната страна на технолошкиот и фискалниот јаз. Морничавост додава и изјавата на еден преживеан (ЦНН), според кого екипажот не дигнал тревога, туку до последен момент се правеле како ништо да не се случува.

04 February 2006

Дефиниција: Плеоназам

Според речникот Мериам-Вебстер, зборот плеоназам (анг. pleonasm) означува:

...употреба на повеќе зборови отколку што е потребно да се искаже нешто...

...односно, да се состави термин или фраза. Примери на плеоназам се: интересна занимливост, досаден давеж, прекрасна убавица, ПЦ компјутер (PC computer), младо момче, фраерот Чомбе*, итн.

* Поздрав до Климент Андреев ;-), кој на ИнФорма ми го објасни поимов.

03 February 2006

Раководител на оброк меѓу појадок и ручек во Штип

Дел од огласот којшто излезе во средата во „Дневник“.


Куса лекција по англиски: Иако исто се изговараат, „branch“ е гранка или огранок на фирма, додека „brunch“ е оброк кој се одржува помеѓу времето за појадок (breakfast) и времето за ручек (lunch). Кај нас кога мора да се преведе, обично се преведува со директно увезување како „бранч“.

Waterlily додадена во блогрол

Решив да го додадам блогот waterlily во блогрол оти ми се свиде стилот и тематиката на постовите, а и атмосферата кај коментарите. Но ептен ме освои со оваа информација:

Еден натпревар за Flash ентузијасти. Темата е „Why do global problems matter to Americans and what do you think America should do about them?“

Прво место е 2000 долари, ситно, ама се наоѓаат :). Ај, покажете се!
Како анимациски ентузијаст, радо би се пријавил. Барам сценаристи и други соработници!

Ania, welcome to wherever you are :-)

Како што неодамна најави, музата на македонското блогерство повторно пишува, овојпат за патувањето до нејзиниот стан.

(Насловот потекнува од име на албум на INXS.)

02 February 2006

Експлицитна милитаризација преку играчки: свеж пример од Македонија

Најголемиот број на играчки во светот се фокусирани на американската култура. На пример, кај малите пластични фигурички на историски воини кај нас воглавно се застапени (1) каубојци и индијанци, (2) американски војници, а во многу помала мерка и (3) западноевропски витези.

И СФРЈ и независна Македонија ги увезуваа/т играчките, при што фигуричките достапни кај нас во последните дваесет и кусур години воглавно одговараат на горенаведените типови. За разлика од нив, 1985 г. во Полска имав прилика да видам и фигурички на полски хусари, келтски и викиншки воини, како и војници од сите армии од втората светска војна. Денешниот светски пазар го снабдува Кина и тоа претежно со копии или деривати на американски производи, како ова комплетче од 180 денари што го снимив неодамна во ГТЦ (поголема верзија на клик).


Она што особено ми го привлече вниманието е што во ова комплетче покрај фигуричките на униформирани американски војници, разни палмички, возила, знаменца од „Коалицијата на волните“ (Coalition of the Willing) и друга воена опрема, има и сликички, а капак е целосна и детална мапа на Ирак.


Како парче на пропаганда, ова подсеќа на случајот со „куќата на Барби“ (повеќе за тој случај на англиски јазик во написите на Ентајвор: J.C. Penney Catalog: Toy Soldier Commandeers Barbie's Dream House од Ерик Герис и Christmas Carnage: A toy for our times... од Џастин Рејмондо).

01 February 2006

Развигор отвора подружница на Блогерај

Решив да го пробам Блогерај, за од прва рака да ги видам можностите што ги нуди, па отворив подружница на Развигор.

Во прво време ќе го искористам како еден вид на „рачен“ фид за препорачување на најдобрите написи од верзијата на Развигор на Блогер.

(Забележав дека се создава своевиден јаз меѓу блогерите од Блогерај и блогерите кои користат други системи. Насловната страница на Блогерај служи како своевиден агрегатор кој ги пренасочува посетителите кон нови постови само од неговите блогови, додека „постарите“ блогери повеќе користат агрегатори како Маседониа срч или Блогосфера, жалејќи се на спамот создаден од автоматското, неселективно презентирање на сите постови од Блогерај на Најди. Таквиот јаз не е страшен и може да се надмине со малку добра волја и техничка експертиза.)

Споредба на посетеност на најпосетените македонски блогови (2)

Еве ја споредбата со податоци комплетни податоци за јануари.
Повеќе информации: правила, извори, прва верзија.

Блогови што надминале 3000 посети во последните 12 месеци
Мерени: Анти, Букаро, Вицотека, Јован, Моби, НБА Маседониа и Секс*.

Блогови што надминале 1000 посети, но не достигнале 3000
Мерени: Ана, Веб-сајт на денот(СНД), Горан Андреев, е-Бизнис (со печатна. грешка), Етна, Мозговјанов, Озборувач, Панта реи, Тајни, Тетово-онлајн, Фотографик дајери (ПД)

Блогови што не достигнале 1000 посети месечно, според нивните Сајт-митери. Попрегледно е да се претстават со табела отколку со графикон.

блог \ месец

10.2005 11.2005 12.2005 01.2006
Ивотека 114 76 65 62
е-Рајдери 150* 133 106 112
Болва

165* 188
Комуникации


188*
Будна правда 160 150 200 450
Скопски времиња


460*
Државник

550* 780
Развигор


910*
Би


920*

* Прв месец со Сајт-митер, некомплетна бројка.