Блекаут

29 May 2006

Среќата, парите и превозот поврзани со покомплицирана формула

Комбинирајќи ги мудростите од македонската народната поговорка „среќата со пари не се купува“ и наводната еврејска народна клетва била „да имаш па да немаш“, Вуна укажува дека задоволството од животот не зависи само од стандардот, туку и од други параметри, кај кои голема улога игра перцепцијата.

Тој нагласува и дека во бившите социјалистички земји е забележана „далеку пониска сатисфакција отколку што би требало да имаат со моментните економски состојби“.

Можеби има врска со тоа што населението на времето се чувствувало позадоволно. Можеби има врска и со видливоста на сиромаштијата, за која зборува Волан:
Дали е сосема случајно тоа што бројот на нерегистрираните возила се движи околу бројот на невработени. По мене не е. Кој е будала да не сака да си го регистрира возилото и на раат да го вози низ улиците.

Сите треба да сватиме дека ако комшиите и пријателите ни се невработени а со тоа и сиромашни и ние еден ден ке станеме такви. Тоа се шири како заразна болест. И нема крај.
„Мечка ако игра у комшии, ќе игра и у куќа“ - народна поговорка која укажува на фундаменталната поврзаност меѓу луѓето во заедницата. А денес живееме во глобална заедница, без разлика на тоа дали си го признаваме тоа или не. Всушност, од секогаш било така - оние кои свесно или несвесно го блокирале дотурот на информации до своите заедници успевале само да ги претворат во лузерски.

Донт вори, би хепи. Во „Третиот камен од Сонцето“ утврдија дека успехот кај жените зависи од тоа каква кола возиш.

Арно ама, горивото се купува со пари. По скок од 2.5 денари, и пад од еден, па уште два денари, државата ги врати цените од прилика на ниво од 3 мај 2006. А и таа цена беше последица на неодамнешно поскапување... Али - немој да бригаш, живот се стара!

Овој месец имавме едно поскапување и две поефтинувања. Значи, една негативна и две позитивни работи - перфектно за публика со скратен опсег на внимание која е незаинтересирана за математика. И ете како се учи среќа... А не оној Орвел, песимист во „1984“ тврдеше дека било храброст да утврдиш дека „2 + 2 = 4“.

Ах, да... нели според приказната „најсреќниот човек“ немал ни кошула, а според Новиот Завет токму сиромасите треба да се стрпат, оти ќе влезат во Царството Божје додека богатите ќе мора да чекаат камила да помине низ иглени уши. Споредете со анализата на пропагандни пораки на Толкин од Дејвид Брин.

Русите доаѓаат - со кирилични пребарувачи

Си ѕиркам реферери на сајт-митерот, кога гледам ми дошол некој од blogs.yandex.ru. Две работи ми ги привлекоа вниманието:
Значи колеги, дури и да си избришете некој во иднина непожелен пост - еве уште еден начин како некој може да го пронајде. Па вие, видете.

Повеќејазична зомбификација

Мислам дека за еден автор е од огромна важност кога неговите дела ќе се преведат на друг јазик. Особено од некој кој не е поттикнат лично од авторот, или неговата маркетиншка машинерија. О:-)

Се согласувам со Жарко, дека примерот на блогот Лозари-Винари кој преведува од македонски на бугарски е многу значаен:
Ако Бугарите стварно не ни го признаваат јазикот, тогаш ич не ми е јасно зошто се трудат да ги преведуваат нашите писанија на бугарски јазик. Има ли поманифестен начин на признавање на посебноста на некој јазик од желбата да преведеш нешто од тој јазик на сопствениот?
Спонтани преводи на текстови од Зомбификација нема само на бугарски („Бугарска“ љубов! - Българска любов), туку и на англиски (Нешто сосема ново! - Macedonia Name Issue: Something Completely New!).

Поздрав и до Букаро, кој е веројатно најпреведуван македонски блогер, барем според евиденцијата на Лозари-Винари. Дали има и други блогери чии постови некој ги превел на странски? Ова, освен на лично ниво, е важно и за промоцијата на целата култура.

28 May 2006

ББЦ на македонски да си најде лектор

Честотата на печатни грешки и грешки во преводот при кои наместо македонски изрази се користат „македонизирани“ англиски изрази е навистина загрижувачка. На пример, грешките во една денешна вест се обележани со болд, а буквално пренесен англиски идиом со италик:
Палестинската влада предводена од Хамас ги повллече парамилитарните сили од Газа, среде се поголемата напнатост помеѓу соперничките фракции.

Неколку лица беа убиени за време на судирите меѓу милициите на Хамас и регуларните безбедносни сили, кои обично се сметаат за лојални на Фатах, групата на претстедателот Махмуд Абас.
Во македонскиот јазик, нема „парамилитарни сили“, туку паравоени формации. Милиција (militia), кои на англиски значи исто - локално организирана група вооружени луѓе, во јазиците на бивша Југославија се однесува на полиција, односно полициски сили во времето на социјализмот. „Сè“ се пишува со цртичка.

Можеби ББЦ со сите свои ресурси претендира да биде угледен медиум, но грешките во текстовите кои укажуваат на недоволно познавање на стандардниот македонски јазик автоматски го рушат кредибилитетот на нивните писанија. И не се работи само за вкусот на колонијален менталитет - законска обврска на секоја новинска куќа е да најми лектор за своите изданија.

27 May 2006

Четири генерации на модерни војни

Концептот на четири генерации на модерна војна на американскиот стратег и поранешен маринец Вилијам Линд нуди уште една интелектуална рамка која овозможува разбирање на основните парадигми од оваа област:
  • Првата генерација (1648-1860) – државата здобива монопол на водење војна, а воената култура е култура на ред, наметната дисциплина и строга хиерархија која се одразува и на начинот на однесување на армиите на бојното поле, подредени во линии и колони.
  • Втората генерација реагира на самоубиственотo инсистирање на ред наспроти индустријализираните оружја, па во Првата светска војна се става акцент на масивна огнена моќ, претежно индиректен артилериски оган. Според Линд: „Целта била нанесување загуби, а Французите ја сумирале доктрината со „артилеријата освојува, пешадијата окупира“. Централно-контролираната воена моќ била внимателно синхронизирана преку детални, специфични планови и наредби за пешадијата, тенковите и артилеријата, при што се водела „диригирана битка“, односно „командантот бил диригент кој раководи со оркестар.“
  • Третата генерација претставува германска реакција на претходните две, разработена во текот на Првата, а успешно применета на почетокот на Втората светска војна. Таа се темели на „брзина, изненадување и ментално и физичко изместување на противникот“ и се потпира на решавање на проблеми на теренот, а не на слепо следење наредби. Развиени биле „првите нелинеарни тактики. При одбрана, цел било да се вовлече противникот и потоа да се отсече, наместо да се одржи линија на фронтот. При напад, движењето е како вода низ одбраната на непријателот, при што секогаш се бара најслабата точка за пробив, а потоа свртување кон останатите позиции од зад нивниот грб. Операционо и тактички, целта обично било заобиколување.“
  • Војните од четврта генерација не ги водат само држави, туку и нерегуларни, герилски, терористички и/или мафијашки мрежи, а дополнето се комплицирани бидејќи се одвива и конфликт меѓу култури, врз племенска и етничка и/или идеолошка и религиозна основа, со конвенционални и неконвенционални средства и методи. Ваквите војни претставуваат „мешавина на старовремското и модерното“, со очевиден примат на индиректноста и на моралот, особено во поглед на развивање лојалност кај населението, а наспроти акумулацијата на ресурси, бројност и огнена моќ.
Индекс на написи на Вилијам Линд (William S. Lind) може да најдете на Ентајвор (Antiwar.com). За војните од четврта генерација се користи и кратенката 4GW, од „Fourth Generation War(fare)“.

Македонија и Замбија - то су срца два

Преку Гугл трендс направив мало истражување за тоа за која земја има сличен интерес како за Македонија. Испадна Замбија!


Прекрасна земја со слична мултиетничка и општествено-економска структура, колонијално минато и љубезни, пријатни луѓе - сум имал чест да запознаам некои од нив и лично. :-)

25 May 2006

Препорака: Црна Гора и Големиот Гетсби кај Јован

Јован изнесува извадок од познатата книга на Ф. Скот Фицџералд (F. Scott Fitzgerald) за Црна Гора и Големиот Гетсби.

Бонус линк: Разговор за делото од Бетмен (!).

Немојте да останете покусо, ставете фотографија на блогот

Уште кога првиот, вториот и третиот пат ги препорачував советите на Јакоб Нилсен за блогери (Weblog Usability: The Top Ten Design Mistakes), се бев решил да ги применувам постепено. Ама, пуст немукает.

За најлесниот од нив, блогерот да стави фотографија на блогот, требаше да видам дека Анти го применил, па да одвојам цели 3-4 минутки да ја кропувам фотката од Стамбл апон и да ја закачам од десно. Денес гледам и Офчарот постапил соодветно. :-)

Археологија на симболите

Добра забелешка на Археолошки дневник за можната грешка со еднозначно толкување:
Кога археолозите во некој гроб ќе најдат предмет од непознато потекло или неадекватна конотација (значи не можат никако да му најдат НЗС) веднаш го категоризираат во редот на култни предмети. Поентата ми беше дека симболичките манифестации низ вековите треба да се проучуваат многустрано, бидејки не секогаш се потврда за обичаите (посебно верските).
Ова е особено важно во научни дисциплини кои се занимаваат со праисторија, во кои поголем дел од доказите се хардверски, додека софтверот се реконструира врз база на тековни предрасуди, наместо записи од тоа време.

Препораки на Владата на САД за веб-дизајн и употребливост

Research-Based Web Design & Usability Guidelines

Дополнение: оригиналниот пронаоѓач на линкот е Јован.

Како шета окото кога гледа веб-страница

Јакоб Нилсен нуди текст (F-Shaped Pattern For Reading Web Content) за тоа како се движат очите на читателите:
Визуалициите на следење на погледот покажуваат дека корисниците често ги читаат веб-страниците по шема во облик на латиничната буква F: две хоризонтални линии следени од вертикална линија од лево.
На буква, на буква... без врски.

24 May 2006

Пиратството не е само софтверско

Повикувајќи се на последното истражување на БСА (Business Software Alliance) „Глобална пиратерија во 2005“, Метаморфозис известува дека 70% од софтверот во Македонија 2005 година е нелегален.
Загубите поради користење на нелегалниот софтвер во нашата земја се проценуваат на околу 9 милиони долари.
Сепак се забележува тренд на благо опаѓање на користењето на нелегален софтвер во Македонија, споредено со 2004 г. кога стапката на користење пиратски софтвер изнесувала 72%.
Овие бројки се однесуваат на пиратски софтвер, за чии шиткачи сеуште не сметам дека се просветители.

Мислам дека при проценките на пиратството во земјава треба да се земат предвид и активностите на оние што се платени да бидат просветители - просветните и научните работници. Постепено кај мене созрева ставот дека токму плагијатот е најлоша форма на пиратство.

Според разновидни вести, испаѓа дека токму од плагијатори врие во нашиот академски естаблишмент: од луѓе што се здобиваат со титули, до учебникари кои препишуваат учебници, прават „скрипти“ итн. Има ли некој академски совет на честа што го евидентира ова?

23 May 2006

Ѕвездени патеки на аукција

Студиото Парамоунт и Кристи ќе шиткаат предмети употребени при снимањето на „Ѕвездени патеки“ (Star Trek props under the hammer). За ова ли се боревме? :-)

21 May 2006

Нова верзија на Технорати Мак Топ

Гуд бајтс официјално го објави поставувањето на нова верзија на Технорати Мак Топ - апликација што прави ранг-листа на македонските блогови според резултатите на Технорати:
За разлика од досегашната верзија, која прикажуваше листа подредена по абецеден редослед кога ќе се надминеше лимитот, оваа нова и подобрена верзија ќе се обидува да се ажурира при секое отворање, а ако не добие назад одговор, ќе ги прикаже последните валидни резултати. Со други зборови, листата ќе се ажурира најмалку еднаш дневно.
Најновиот блог пријавен за оваа ранг-листа е Фото кино клуб Тетово. Технорати не регистрира премногу линкови до него, па се надевам овој од претходната реченица ќе помогне. :-)

Узбуна! Религиозното мракобесие победи на Евровизија

Добро покажаа оние Виг Вам (норвешки Калт) минатата година: „рокот е нов шлагер“. Хард-рокот и хеви-металот на Лорди (фински Кис) ги растурија трите главни типа изведувачи на Евросонг, кои за разлика од „чудовиштата“, најчесто пропагираат „христијански вредности“:
  • згодна разголена/стегната мома што тресе со атрибутите и нуди предбрачен секс, со разиграна придружба
  • костумосан пејач или пејачка во балски фустан кои жалат поради недостаток на предбрачен секс во друштво на слично облечени и статични другарчиња
  • хибрид од горенаведените, воглавно во форма на младалачки облечен пејач + танчерки
Дали наредната година, покрај благослов од архиепископот на МПЦ и државната делегација на највисоко семејно ниво, македонскиот претставник во Хелсинки ќе треба го придружува и тим на егзорцисти, да го истераат ѓаволот. Дали за зајакнување на силите ќе се обединат со други православни цркви или со Ватикан? Крајно време е, Европа гласаше за Сатаната!

Можеби неслучајно јас вчера попладне го забележав изразот „религиозно мракобесие“ во советскиот документ објавен од Букаро. Интересно е и дали обложувалниците ги земаат предвид благословите при пресметување на коефициентите. Според Вајерд (Betting on Brangelina) пресметуваат според веројатен исход, број на вести по таблоидите, број на коцкари и уплатени суми.

На секуларниот фронт, со оваа Евровизија беше пропуштена и историска шанса да се испрати наша пејачка со безопасен изглед на сред Атина да испее:
„Macedonia means you no harm,
We are here in Europe to stay,
There goes the neighborhood, but,
DON'T YoooooooooOU FYROM MEeeeeeee!“
Од аспект на употребливост фајромизацијата навистина негативно влијае и на пласманот на земјата, оти на екран многу потешко се препознава и помни FORMER YUGOSLAV REPUBLIC OF MACEDONIA, напишано со најситни буквички за да го собере цело, покажано во време кое едвај е доволно да се прочита од почеток до крај, отколку на пример, ARMENIA.

Слично познат бренд, ама бренд, не бизарен бирократско-историски реферат тотално неинтересен за гласачите ширум Европа. А Евровизија е важна, не од уметнички аспект, туку поради тоа што е еден од ретките канали за дигање на интересот за луѓе од земјава, како што покажав со трендовите на Гугл.

zafirovski proeski risteska vucic

Плус за коментаторката на МРТВ, која недоквакано се осуди да најави дека Грците ќе ни доделат 12 бода при гласањето, беше што името на земјата Летонија на македонски јазик го кажуваше правилно, а не во англиска варијанта (Latvia).

Одраз на желбите и неинвентивноста на текстописците, како новина на овогодишниот избор со дури три песни беше промовиран и поджанрот на директно убедување на гласачите дека тоа е победничката – литванската, исландската и несудената српска.

Се шири муабет дека Литванците всушност ги загубиле првобитните претставници по пат оти не биле најавени година дена однапред за грчка виза, ама членовите на државна делегација, локални политиканти со дипломатски пасоши, во авион се договориле да настапат наместо нив, смислувајќи го текстот и кореографијата по пат.

Пример на помин на писател во комунизмот

Букаро ископал некој комунистички едикт од советска Украина од 1985 година со кој се оценуваат пропагандните карактеристики на разни странски групи.

Бисер на списокот: Ајрон Мејден пропагираат „насилство“ и „религиозно мракобесие“.

Букаро се прашува и како некој бунтовен и сексуално ориентиран млад писател би си поминал во таков систем. Тешко е да се претпостави, но еден пример нуди животописот на Едуард Лимонов (Eduard Limonov, Эдуард Лимонов), руски писател од Украина, дисидент во времето на СССР, подоцнежен другар на Караџиќ и Младиќ како квази-репортер од Балканот, па маргинализиран радикален националистички политичар (Национал-бољшевистичка партија), неодамнешен политички затвореник и тековен колумнист.

Српското издание на неговиот експлицитен автобиографски роман „То сам ја, Едичка“, напишан 1979 година, на времето беше достапно и во Македонија, а мислам сеуште може да се најде по некои од јавните библиотеки или профитни книжарници.

19 May 2006

Дигимак покажува знаци на живо(с)т

На почетокот, Дигимак го окарактеризирав како „како дете од брак на Он.нет и Маседониа срч“, кој од многуте македонски „портали“, се издвојуваше со тоа што ги есапи блоговите. Во меѓувреме имаат извршено надградби во таа насока и тоа за добро.

Имено, во нивната секција посветена на блогови почнале да влечат и податоци од Сајтмитер, со кои прават ранг-листи на посетеност по ден, недела и вкупно досега.

Би било многу интересно ако овозможат и споредби на вкупните податоци за сите блогови, не само за првите десет. На времето кога рачно и графички обработував вакви податоци наидов на добар прием кај членовите на МБЗ. Не гледам причина тоа да не се повтори, плус во реално време. Колку што можам да видам, податоците ги прибираат на некој определен интервал, не се рефрешираат одма.

Секако, Сајтмитерот не е непогрешлив индикатор, но мислам дека како принцип е добро да се квантифицира. Особено што овие листи потоа може да се вкрстат со резултатите од Технорати Мак Топ - направијата на Гуд бајтс.

Елена повеќе да се смее и да игра

Препорака до Елена, за поголем успех во финалето на Песна на Евровизија:
  • повеќе да се смее
  • повеќе да игра со тресење на атрибутите.

:-) од домашниот конзилиум

Имиња на месеци се пишуваат со мала буква

За многубројните кои како се пишува не учеле со помош на правопис на македонскиот јазик, туку со англискиот, нелокализиран „спелчекер“ од Ворд:
  • Во македонскиот јазик имињата на месеци и денови во неделата не се пишуваат со голема, туку со мала буква.
  • Кога се пишува година со бројка, по бројката треба да стои „година“, „г.“ или точка. Во англискиот јазик за означување година се пишува само бројката, а дека е година се подразбира од контекстот.
  • Датум се пишува или со бројки одвоени со точки (1.5.2006. или 22.12.1941.) или со името на месецот, но без точка меѓу денот и месецот („1 март 2006.“, а не „1. март 2006.“)
  • Во македонскиот јазик, основен редослед за датуми е ден-месец-година. Во англискиот, во рамките на текст, најчесто е месец-ден-година (April 1, 2005 или April 1st 2005), додека ако се пишува по редослед ден-месец-година се додава зборчето оф (1st of April, 2005). Најсличен на нашиот е таканаречениот „воен“ формат, во кој освен со точки, броевите може да бидат одвоени и со коси црти. Според него, и часовите не се означуваат од 1 до 12 со претпладне (AM) и попладне (PM), туку од 0 до 24.
Ви благодарам на вниманието.

Препорака: „Проклета си, еј...“ кај Чале

Една емотивна исповед на Чале...

...и најдобриот пример на „домат-изненадување“ (tomato surprise) што го имам прочитано во последно време.

Ај после некое време ќе пишам што е тоа томато с’прајз, не сум јас спојлер.

Цимер, дека си бе, цимер!

Ова не се пропушта! :-)

Видео-спот од песната „Цимер“ од Пеницилин обезбедена од ВББ, како дополнение на неговиот напис за македонската поп-рок сцена од прва половина на осумдесеттите.

Еве извадок од текстот:
Цимер, дека си бе цимер?
Е арен ли си шо ќе се пофалиш?
Дај до први дваесет илјади,
и не е лошо женска да наместиш!

Цимер, дека си бе цимер?
Дај за вечер позајми фармерки.
Цимер, чир во стомак имам,
зошто јадам урда и пиперки.

Цимер!...

Цимер, да ти се пофалам:
девојче сам фанал, како снег е бело.
Цимер, јас ќе останам во Скопје
и не се враќам повеќе во село!
...
Класика! Легенда! Култ!

17 May 2006

Ролање: „Држи десно“ за „леви сметала“

Црната патека има две коловозни ленти коишто овозможуваат пристојно одвивање на сообраќајот во двете насоки. Црвената патека е забележително потесна (вкупно 3 метри), доволна од прилика за три лица да се наредат едно до друго. Мафтањето со раце и слично го прави поризично возењето еден до друг, особено за почетниците кои често гравитираат кон средината. Голем број од рекреативците би биле воодушевени доколку „црвената“ се прошири, и им се овозможи без тензија да возат во двојки.

Пристапот го отежнуваат и пешаците (наспроти цела „нивна“ патека на врвот од насипот) или застоените лица што не се тргаат на страна, туку кмичат на сред коловоз. Особено ризични се замуабетените постари луѓе и малите деца, кои непредвидливо реагираат на приближувања.

(кликни на сликата за поголема верзија)

Според приказните „од дедовото луле“, германските окупаторски сили во Втората светска војна многу ги нервирал обичајот на нашево население да возат кој кај стигне, па научиле од своите возила постојано да извикуваат „Држи десно!“ за да ги доведат нашите рабаџии во ред.

Ваквиот вид комуникација често е неопходно дополнување на навиката да се почне со кочење на време, односно штом се забележи можност за ризична ситуација. Покрај со збор, вниманието на луѓето на патеката пред вас може да го привлечете и со „ракоплескање“ удирање на оклопот за рачните зглобови еден од друг.


Претходно: Брзини

16 May 2006

Поддршка за Хуманитарниот хепенинг за децата со церебрална парализа

Се придружувам на Археолошкиот дневник и Панта реи во промовирањето на Хуманитарниот хепенинг за децата со церебрална парализа.

Учествувајте!

Искуството на Мијалче со Мандрива Линукс

Мијалче раскажува за неговото искуство со инсталирање на Мандрива Линукс на неговиот лаптоп:
Но, морам да кажам дека сложеноста, или пак дека Линукс е само за ИТ експерти, што како причина огромен број на луѓе ја спомнуваат за да не имплеменираат Линукс е беспредметна. Мандривата се покажа екстремно лесна, интуитивна и графички едноставна.
...
Причината дека линуксот е сложен го поставувам од една друга страна: колку од луѓето што користат виндоус знаат како да ја подесат конекцијата на Интернет преку ЛАН, или пак да ги најдат каде се привремено зачувани документите. Идејата ми е дека ги учиш работите што ти требаат, а огромен дел не знаеш и во Виндоус, па кога имаш проблем прашуваш или сам го бараш решението.
Исклучително препорачливо четиво. ;-)

15 May 2006

Ролање: Брзини

При отворањата на обете патеки на кејот на Вардар, инвеститорите (град Скопје, односно општина Карпош) изјавуваа дека се долги по 3,3 километри, но Ристо Пенов има изјавено дека вкупната должина на 6 км, а еден чичко Владо што ја мерел со уред на велосипедот ја проценува на „пет и четврт“.

Оваа контроверза оневозможува прецизно пресметување на брзината (15-20 км/ч) на мераклиите кои понекогаш со вклучена штоперка се тркаат „против цела патека“ – возат обидувајќи се да ги престигнат сите што во моментот ги гледаат пред себе.

На мнозинството рекреативци брзината не им е важна, оти сметаат дека ролањето за забава треба да е опуштено. Арно ама, ваквиот пристап не придонесува кон слабеење.

Според медицински извори, оние што сакаат да постигнат губење масни наслаги и подобрена срцева кондиција, треба минимум 20 минути да ја одржуваат таканаречената „целна пулсна вредност“ (target pulse rate). Таа изнесува 60-80% од максималниот пулс, а зависи од индивидуалната тежина, возраст и пол, а најпрецизно може да се дознае при консултација со лекар.

Претходно: Каде да се рола во Скопје | Следно: „Држи десно“ за „леви сметала“

И ББЦ се согласува - таксистите се сезнајковци

Ах овие Боинг боинг се цареви и царица - откриле како ББЦ наместо некој стручњак за ИКТ направило интервју со неговиот таксист (Boing Boing: BBC mistakes cab driver for Net pundit on TV interview) [дополнение, благодарение на коментарот од Гуд бајтс:] некој дечко што дошол да бара работа кај нив.

:-)

Бомбардирање на Гугл за уапсен египетски блогер

Египетскиот блогер Ала Сеиф Ал-Ислам бил уапсен пред недела дена, а неговите колеги се трудат да го свртат вниманието на светската јавност кон ова прашање. Меѓу другото, имаат почнато и акција за „бомбардирање на Гугл“ (Google-bombing action for Alaa) :
Тим од блогери од се здружија за да направат специјален блог за апсењето на Ала. Потоа блогерите од целиот свет се молат да постават линкови до оваа страница користејќи го текстот „Egypt“.
Целта е кога некој ќе бара информации за Египет на Гугл, овој линк да се појави што повисоко во резултатите, оти пребарувачот го определува рангот на клучни зборови и од текстот на линковите.

Ете затоа јас веќе со години трубам дека оние линкчиња „повеќе“, што ги има на повеќе македонски сајтови, немаат врска. Линковите до одредени написи треба да бидат текстуални, и тоа по можност, нивните наслови.

Дивидија или дрога?

Асоцијацијата на филмски студија на Америка обучила два лабрадори да душкаат дивидија во поштенски пратки, па ги тестирале со Федекс. (MPAA training police dogs to sniff out DVDs) - мал чекор за две кучиња, голем чекор за контрола на протокот на содржини.

14 May 2006

Пусти желби

Колку обични работи се неовозможни? Една епизода од стрипчето „Даун ту 'рт“ (Down to Earth) е токму на таа тема.

13 May 2006

Каде да се рола во Скопје

Повеќе авторитети, од сајтот „Гет ролинг“ до Сашко од Капиштец (10 години искуство), препорачуваат основните ролерски функции како стоење, движење, одржување рамнотежа на една нога и, најважната – запирање, прво да се извежбаат на некој празен паркинг.

Со оглед на тоа што градскиот парк е најчесто преполн со шетачи, препорачливата „зона за ролање“ во Скопје е кејот на левиот брег на реката Вардар, со поглед на питорескното корито и врбјаците од другата страна. Квалитетот на асфалтот во паркот исто така варира, а во „вториот дел“ е прилично лош (труцкав).

Патеката на кеј всушност се состои од две надоврзани патеки: „велосипедската“ е црна (мазен асфалт) започнува близу до кафеаната „Жабарот“ води до мостот кај хотелот „Александар Палас“, под којшто се спојува со „ролерската“ - црвена (уште помазен асфалт) којашто води скоро до мостот „Обединети нации“. Обете се осветлени навечер (црвената подобро) и на нив има луѓе до околу 21 часот.

Основен предизвик е да се стигне до патеката без автомобил: или треба да се рола од дома или да се носи ранец во кој би се пренесувале ролерките, односно редовните обувки.

Ранчето е згодна работа оти во него може да се стави и шишенце со вода (по патеката нема ниту една чешма) и преслека, а и ветровка за ако залади.

Симнувањето на патеката од насипот е дополнителна компликација: на обата краја има уздолници по кои пуштањето е незгодно. Онаа во Центар е со премногу труцкава калдрма, а во Карпош IV е престрмно и со прениска ограда. На ниедни од степениците што водат долу по насипот нема ограда за држење при симнување „странично“.

Претходно: Основна опрема | Следно: Брзини

12 May 2006

Метаморфозис објави нови истражувања за ИКТ во Македонија

На веб-сајтот на Метаморфозис од денес се достапни резултатите на две нови истражувања:
  • Анализа на јазот во имплементацијата на е-владеење во регионот на Западен Балкан (март 2006) од проф. д-р Марјан Гушев и м-р Гоце Арменски од Универзитетот Св. Кирил и Методиј, ПМФ, Институт за информатика. Анализата е направена со користење на бенчмарк-анализи за е-владеење според стандардите на ЕУ, анализи на националните стратегии за информатичко општество и студија за имплементација на концептот на е-влада во држави од Западен Балкан (Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина).

  • Анализа на домените од второ и трето ниво во Македонија заклучно со 1 јануари 2006 година, врз база на јавно достапни податоци. Таа укажува на јасен тренд на пораст, при што како двигател се јавува деловниот сектор (.com.mk), а нуди и податоци за сопственичката структура на македонските интернет-адреси, корелација на настани од применетите политики за ИКТ со зголемување на бројот на домени, како и нарушувања на правилата на МАРНет.

11 May 2006

Гугл-трендс за забава и знаење

Новата алатка на Гугл што ги покажува трендовите за тоа колку луѓето бараат нешто на интернет е многу полезна во дознавањето колку ние го интересираме светот.

Следат неколку примери, во кои Македонија е секогаш означена со црвена боја:
Комшиски мерења, или „кој е појак“:
Кога сме кај комшиски, да видиме
Главен град на Балканот за 2005
(Во неколку продолженија, оти Гугл дава максимум од пет поими - последниот од претходното е прв во наредното. Ја избрав 2005 оти интересот за Атина во 2004 г. доведува до екстремно висок просек за неа.):

Онака, од општа култура, добро е да се знае колку луѓето се интересираат за опциите на некои вечни дилеми:
И не се мачете доколку се прашувате дали светот го интересира дали ќе биде СДСМ или ВМРО, Бучковски или Груевски, Али или Арбен, или пак некој претседател на Македонија... За ваквите се добива порака „Your terms... do not have enough search volume to show graphs“.

Единствените Македонци кои го заинтересирале светот не се блогери, туку се поврзани или со Евровизија, или со Моторола.

10 May 2006

Ролање: Основна опрема

Другарка ми Наташа еднаш изјави дека „не треба да се купуваат најефтини ролери бидејќи така ќе се развие отпор кај потенцијалниот ролераш поради неудобното возење. Со нив не е ни безбедно, може да ти се откачи тркалце, или пружина.“

Според Билјана, која рола веќе четири години, треба да се купат „минимум абек 5“ (број на лагери), оти брзо се учи и се јавува и желба за побрзо возење. Доколку решите да ролате, најважно „е да немаш страв и да не размислуваш многу,“ односно без брзање да уживате во процесот. Според неа, со редовно и постепено учење, особено во друштво, потребни се две недели за совладување на основните вештини.

Сосем употреблива придружната опрема (оклоп) може да се најде и по рибарски продавници по двојно помала цена од онаа што би ја платиле за „марка“. Користењето заштита е строго препорачливо во секој случај. Според сајтот Скејтлог дури и поискусните ролерџии паѓаат барем неколку пати годишно, па затоа носат барем основни штитници (за рачни зглобови, лактови, колена). Шлемовите не се многу популарни во Скопје поради вруќината.

Ако телото не се држи наведнато нанапред со благо свиткани колена, лесно се паѓа на опашка“. Тоа е болно и опасно, оти „природното перниче“ не го штити од удар врвот на р'бетот.

Претходно: Урбаност | Наредно: Каде да се рола во Скопје

Убавините на аутсорсингот

Кол сентер (Call Center) е одличен краток игран филм во кој се раскажува за аутсорсингот на корисничка поддршка и слично од првиот кон третиот свет.

Интересно е да се видат реакциите на оваа хумористична интерпретација од индиски патриоти во гестбукот.

Eротски стрипови, пиратство и Островот со богатство

Во делата на тема закопано гусарско богатство важи принципот „кој си го најде, негово е“. Од романот „Островот со богатство“ (Treasure Island, 1881), преку компјутерската игра „Тајната на мајмунскиот остров“ (Secret of the Monkey Island, 1990), до играниот филм „Пиратите од Карибите“ (Pirates of the Carribean, 2003) – никој не зборува за наоѓање на жртвите или наследниците на жртвите на пиратите за со нив да го подели најденото.

Од друга страна, што да се прави со пиратите кои во основа го споделуваат своето собрано богатство со целиот свет? Еве на пример рускиот сајт „Комикс икс икс“ (www.comixxx.com), содржи огромна архива на скенирани еротски стрипчиња, кои може бесплатно да се читаат и симнуваат.

Пари вадат од порнографските огласи вметнати во некои од страниците. Дали ако властите ги фатат членовите на оваа пиратска дружина, дали тие треба да ги предадат собраните пари на сопствениците на авторски права на стриповите? Како би се поделил овој плен, особено ако се земе предвид дека квалитетот на стриповите варира, па некои сигурно се помалку читани од други. И дали имајќи го тоа на ум, дали е во интерес на правдата овој веб-сајт да стане поефективен во однос на експлоатација на огласите? Односно, да има работа со повешти пирати, кои ќе ја зголемат употребливоста на галериите, која е на многу ниско ниво: сликите се отвораат во посебни прозорци и тоа сами, а сајтот користи и рамки и други демоде техники.

Кај нас, во слични случаи, испаѓа дека е најважно да се уништи пиратизираниот материјал, а по можност да се казнат виновниците.

09 May 2006

Ролање и урбаност

Си најдов еден необјавен текст за ролањето во Скопје, па решив неколку преработени делови од него да објавам на блогов во вид на фељтон.

Возењето ролерки е многу урбан спорт, од проста причина што е тркалцата на ролерките не се вртат на неурбанизирана подлога, како трева, песок, почва. За љубителите на генерализации, степенот на урбанизираност на едно место може лесно да се одреди преку две работи:
  1. колку може да се рола низ него и
  2. квалитетот на јавниот превоз (точност, достапност) – за тие што не ролаат.
Иако во Скопје поискусните и „поагресивните“ возат и по тротоарите (наспроти дупки, процепи меѓу плочи) освен оние од калдрма, за почетници ова не е препорачливо.

Елементите на урбан и модерен имиџ, во комбинација со забавната можност за унапредување на здравјето и кондицијата се главни мотивациски фактори при одлучувањето да се почне со ролање.

Следи: Опрема

08 May 2006

Прилики за млади новинари и есеисти

Вотерлили повторно укажува на можности за стипендии и конкурси за млади новинари и есеисти. Зашилете тоа перцата. ;-)

е-Избирачки список, местење избори

Јован и Моби ги искажаа мислењата за новата апликација на Министерството за правда, е-Избирачкиот список. Проверив, ме има!

Во таа насока, го препорачувам написот „Вежбање народ“ од Форум плус, во кој се објаснети главните начини и методи со кои се местат избори во Македонија:
  • Бугарски воз
  • „Пропорционално“ дополнување гласачки кутии
  • Прокси-гласање
  • Семејно гласање
  • Подметнување или поткупување членови на изборни одбори
  • „Дигање“ на цензусот
  • Поткупување гласачи
  • Манипулации со избирачките списоци
  • Закани и притисоци врз гласачите
  • Агитација на денот на гласањето
  • Насилно полнење гласачки кутии
  • Промена (фалсификување) на записник

Мрачното минато на Џибони (Gibonni)

Gibonni
Džibo
Многу луѓе во Македонија ги сакаат романтичните песни на Џибони (Zlatan Stipišić - Gibonni), а особено спотовите со Корто Малтезе и пчели, но досега на моето прашање „а од кај се појави овој?“ најдалеку во минатото што можев да допрам беше врз основа на одговорот:
...Па тој и порано пишувал песни, на пример „Цесарица“ на Оливер Драгојевиќ. Пред некоја година веројатно решил и да ги пропее...
Арно ама, вистината е поинаква - и поинтересна. Овој Џибони, всушност да ти бил Џибо, лидерот на Осми Путник, хеви-метал група од Сплит, една од главните од овој жанр во СФРЈ, покрај Дивље Јагоде од Сарајево.

Џибо ја напушти Осми Путник некаде во втората половина на осумдесеттите, изјавувајќи (во едно интервју во списанието Чао, ако добро се сеќавам) дека на другите членови им ги препушта и авторските права на името на групата.

Инаку, името на групата доаѓа од официјалниот југословенски превод на името на филмот „Ејлиен“ (Alien, 1979) на Ридли Скот.

Психолошки карактеристики на гејмерите... и блогерите

Вајерд во априлскиот број (Wired 14.04) има цела секција посветена на компјутерските игри, уредена од авторот на Симс, Вил Рајт. Еден од текстовите (Generation Xbox) е посветен на шесте карактеристики на луѓето кои од деца растат со видео игри:
  1. Ароганција
  2. Дружељубивост
  3. Координација
  4. Флексибилност
  5. Натпреварувачки дух
  6. Непокорност
Еве што вели авторката Ерин Биба во врска со последното:
Минувајќи илјадници часови во светови ослободени од авторитети ги учи гејмерите да живеат според своите сопствени правила. Припадниците на Генерацијата Г прифаќаат критики исклучиво од рамните на себе. Аутсајдерите ионака не го зборуваат нивниот јазик.
Дали ви звучи познато и од извесни случувања од македонската блогосфера?

Фотографирање непознати и заштита на приватноста

Во најновиот Вајерд има концизен текст (Stalker or Shutterbug?) од Клајв Томпсон во врска со фотографирањето и можните правни последици, како тужби за загрозување на приватноста, детска порнографија, нарушување на авторски права и слично.

Напишан е од перспектива на САД, но споменува и примери од други земји, како на пример, Канада:
Надвор од САД, најдобро е да се побара дозвола. Во Квебек, една тинејџерка успешно тужеше фотограф и му зема 8.000 долари затоа што ја фотографирал без таа да знае, иако во моментот седела на степениците на јавна зграда.
Го препорачувам текстот како појдовна основа на сите што објавуваат фотографии на своите блогови, односно одржуваат моблог.

Поефтини влезници за Масив атак

Поради тоа што за зголемување на цени на бензинот и слично дознавам ден потоа (грр!), решив да промовирам култура на ширење на информации за вакви работи.

Затоа ја пренесувам информацијата од Плагиј.ат за попусти на билитетите за концертот на Масив атак во Скопје, закажан за 11 јуни 2006 година:
  • 11 мај 800 ден.
  • 12 мај - 8 јуни 1000 ден.
  • 9 - 11 јуни 1200 ден.
Ако ви е ова од корист, предупредете однапред наредниот пат кога ќе дознаете за рипање или (дај боже) паѓање на некои цени.

07 May 2006

Одливот на кромид (onion drain) ѓоа се заканува на Македонија

А1 известува дека одливот на кромид (onion drain) ѓоа се заканува на Македонија:
Познатиот млад кромид од велешко Башино Село се уште е најбараниот во соседните земји. Овој надалеку познат кромид некогаш ја снабдуваше не само Македонија, туку и цела Југославија.
...
Цело село произведува кромид. Токму во ова село природата создала најповолни услови за производство на кромид.
...

Но, најголем проблем на земјоделците од Башино Село е неорганизираниот пласман на домашниот пазар. Земјоделците велат, доколку пласманот биде поорганизиран, би произведувале многу повеќе, па не само за домашниот, ќе има и за странскиот пазар.

„Ако имаме добар пласман, да имаме државна фирма, да има кој да се интересира за нас, најверојатно би било друго“, додаде Хаџидимов. (болдот е додаден)

Еј што добар блог имам, а и други текстови, па фотографии, само проблем е што државата ме угнетува - не праи некоја фирма да ми обезбедува пласман да заработам од нив. Плус и Ворд и Ексел знаам. До кога вака, ах! Ај, ај, ќе видите вие на избори.

Генеза на форматите на стрип-албуми

Во најновата Стрипотека што редовно излегува и кај нас (мај 2006, бр. 1017, 80 денари, 60 страници, објавена е првата епизода на стрипот „Тајната историја“ (L'Historie Secrete), по сценарио на Жан-Пјер Пеко и со цртеж на автори по потекло од бивша Југославија. Eпизодата „Постанок“ (Genèse) ја има изработено Хрватот Игор Кордеј во неговиот карактеристичен стил, познат од научнофантастичните стрипови објавени додека беше дел од Нови квадрат, во Ју стрип, како и неговиот оригинален фантастичен серијал „Вам“ од Стрипотека. Приказната на „Тајната историја“ е во стилот на Хајлендер, со магични бесмртници што се борат во различни временски периоди, полна со интересни детали, но без вистински новини.

Покрај стрипот, поместен е и исклучително поучен текст на Александар Маниќ во кој се зборува за тој серијал, но и општо за состојбите во француското стрип-издаваштво, кое мутира поради „напливот“ на влијанија од САД и Јапонија. Извадок:
Предвоените француско-белгиски стрип-албуми се печатени во поголем формат – 28 х 42 cm. Во текот на Втората светска војна, заради недостаток на хартија, форматот е намален на А4. По војната, тој формат е задржан, а обемот на албумите од комерцијални причини е определен на три печатарски табаци, односно 48 страници, печатени во офсет-техника. Тврдите корици, како на детските книги, се усвоени во текот на седумдесеттите години заради полесно покување и редење на полиците на самопослугите. Истовремено, стрипот прерасна во интересен подарок, па тврдите корици станаа неопходни заради избегнување на изгледот на евтин производ.

Од другата страна на океанот, американските норми, наследени од ефтините романчиња, беа и останаа 24 до 32 страници на понеквалитетна хартија. Јапонија, под влијание на американската индустрија, започна со издавање на албуми во формат на американските „комикси“ или џепни книги со од 192 до 320 црно-бели страници на лоша хартија. Во споредба со американските и јапонските, европските норми сеуште се многу „луксузни“, оти даваат поголемо значење на авторот, отколку на поголемата заработувачка. Меѓутоа, глобализацијата го промени изгледот на пазарот и пред издавачите постави едно единствено барање – профит. Индустријата на францускиот стрип се приклони и тргна по патиштата на лесна и моментална потрошувачка.
Други информации за историјата на стрипот може да најдете и во мојот труд на таа тема на англиски јазик (Contemporary Storytelling: Comics and Animation).

Распад на системот низ светот, според Вајерд

Постот на Ивица Боцевски „Индекс на пропаднати држави“ ме потсети на дека влијателниот часопис Вајерд во својот број за април 2006 (Wired 14.04), само во печатеното издание (стр. 46-47), во рубриката Атлас го има објавено написот „Држави/состојби на конфузија“ (States of confusion) во кој е претставен степенот на јачина на системот на владеење или јавната администрација, преставен преку степенот на контрола која државата ја има или не врз ситуацијата во дадена земја. Наводно, колку е понизок процентот (поцрвено) толку е пораспаднат системот.


Кликнете на мапата за поголема верзија

Во однос на нашето соседство, ЕУ10 и Словенија се сместени во категоријата „јак систем на владеење“ (81-100%), Грција е во „адекватен систем“ (61-80%), Македонија и повеќето други балкански земји е во „систем под притисок“ (41-60%), со исклучок на СЦГ и Албанија кои се во „испечен систем“ (21-40%). Конкретните оценки по земји не се објавени.

Екоцид: и нилските коњи ги убиваат, зар не?

На првиот пост на темата екоцид, „Децата да не знаат за нашите гревови“, Јован коментираше:
А кој ќе им објасни дека кучињата се (од човекот) закржлавени потомци на владетелите на шумите - волците? И кај е екоцидот, во плеткањето против примарната директива (кој гледал Ѕвездени патеки ќе разбере) или во фрустрираното убивање на неколку примероци?

И кое е тоа изживување на затворање на предоминантно шумски грабливци во четири ѕида?
Сметам дека обете активности се дел од уништувањето на природната средина (ecocide), со тоа што не се согласувам дека кучињата се закржлавени. Тие се променети, прилагодени за преживување во новите услови на симбиоза со надмоќниот вид, со што се обезбедува нивно преживување. Судејќи по бројноста и шансите за опстанок, ваквите мутации ги прават кучињата далеку поуспешен вид од волците. Исто како што и преживувањето на свињите зависи правопропорционално од тоа колку ги јадеме.

Ако со затворањето мислиш на кучињата, тогаш можеш да се прашаш и за затворањето на луѓето, кои првобитно биле савански месојади, значи живееле на уште поотворен простор од шумите, во четири ѕида. ;-) Ако мислиш на клаустрофобичните зоолошки градини, тогаш се согласувам дека се работи за изживување и садизам во основа, макар и ненамерни. А за намерните...
Слична работа беше со обидот за убиство на носорогот во зоолошка. Испадна дека човекот пред тоа бил нападнат и сакал да се одмазди. Многу е можно профилот на убиецот да е на слично ниво.
Јован веројатно мисли на нилскиот коњ Ниско (види подолу). Во скопската зоолошка не се сеќавам да сум видел носорог – ние како вид носорозите ги разретчивме порано од нилските коњи, особено заради верувањето дека од рогот се прави лек за импотенција (па и поскапи се).

„Љуштимо и сецкамо, најбољи смо, знамо!“ - реклама од СФРЈ

Ама и нилските коњи ќе си го добијат, дотерани се на раб на изумирање:
Во тропските предели, нилскиот коњ, кој досега важеше за често и вообичаено животно, сега првпат бил запишан во црвената листа. Причина за тоа е што бројот на овие цицачи во Демократската Република Конго бил намален за 95 отсто во последната декада. Променливата политичка ситуација во земјата предизвика претеран лов на овие животни поради нивното месо и забите.
Инаку, и големите мајмуни, нашите најблиски сродници (98% генетска истоветност), како горилите и шимпанзите, покрај што им го одземаме живеалиштето - шумата, ги ловиме за да ги јадеме. А со оглед на ендемичните болести кои се наоѓаат кај оние помалите мајмунчиња, многу е веројатно дека и вирусот ХИВ првобитно го имаме закачено преку директен контакт со нивната крв, при буквално касапење.

Голготата на Ниско

Скопската зоолошка градина е сцена каде многу „јунаци“ им ја покажале мрачната страна на човековата природа на животните – од постојаното малтретирање, до смисленото колење на срните, до обидот за убиство на нилскиот коњ (20.12.2000.). Написот „Претепан нилскиот коњ Ниско“ ја сумира ситуацијата во врска со него до 30.03.2005 година:
Ни на Ниско не му е првпат да биде малтретиран. Многу брзо откако беше донесен од Нирнберг му експлодира петарда в уста, а пред неколку години, пак, еден посетител, за да му докаже на синот дека може да му удри клоца на Ниско, влегол во неговото живеалиште, но нилскиот коњ му ја одгризал ногата. За овој настан Ниско сега е на суд.
Дополнително, муабетот со одмаздата како изговор што ја споменуваш беше искористен да се шири етничка нетрпеливост и омраза, преку алузии и на традициите за крвна одмазда и онаа пропагандна кованица „ривенџ атакс“ со која се заташкуваа „изолирани инциденти“ на Косово. Секако, одмаздата не е оправдание за нов злостор во ниеден случај!

По новиот напад врз Ниско на 25 март 2005 година, кога група деца најверојатно му фрлиле стакло во устата, наспроти обидите за заташкување и млаките необврзувачки заложби од одговорните државни службеници, беше покрената неуспешна петиција за враќање на Ниско во родниот Нирнберг.

Наредниот октомври, скопскиот градоначалник најавил поставување камери во зоолошката како мерка на заштита на животните. Бидна нешто со тоа?

До кога политичарите ќе го србизираат македонскиот јазик?

Нашите политичари се главните виновници за зголемената србизација на македонскиот јазик, и тоа по осамостојувањето на Македонија. Овој став е широко прифатен од лекторите и други филолози специјализирани за современиот македонски јазик.

Повеќето од постарите политичари немале ниту прилика да добијат какво-такво образование на стандарден македонски јазик, бидејќи поголемиот дел од животот го поминале по центрите на моќ на СФРЈ. По враќањето во Македонија и вклучувањето на локалната политичка сцена, јазикот со којшто се служеа при јавни настапи може да се карактеризира како мешавина на нивниот роднокраен дијалект и српскиот, отколку како „литературен“ македонски.

За жал, самобендисаноста или неспособноста за учење ги оневозможи да се подобрат, а со тоа и да придонесат во развојот на македонската култура. Во меѓувреме, партиските структури кои ги создадоа воглавно се пополнија со нивни клонови, кои ги имитираат и на ниво на облекување и на ниво на говор. Се покажува дека ваквите клонови имаат малку време и за читање и за пишување на македонски јазик – активности што ем ја подобруваат употребата на јазикот во реториката и ораторството, ем придонесуваат за развој на способноста за критичко размислување. Забележете само колку често го користат србизмот „така да“, наместо македонското „така што“ - особено кога се трудат користат стандарден јазик, надевајќи се дека ќе остават впечаток на образовани и компетентни личности.

Во србизацијата на јазикот на политичарите им помагаат државните органи и електронските медиуми – радиото и телевизијата, кои го кршат Законот за употребата на македонскиот јазик и ги пренесуваат србизираните изјави на политичарите нелекторирани. Кај медиумите кои работат со пишан текст, како весниците и изданијата на интернет, текстовите воглавно се лекторираат, а кај изјавите со србизми се интервенира или со парафразирање, или со интервенција во цитатот.

Така на пример, во врска со неодамнешниот случај со струмичанецот и птичјиот грип, директорот на Ветеринарната управа буквално изјавуваше дека нивната цел е:
„Да ја отстраниме и најмалата сомнеж која постои на терен“ (МТВ1)
Во српскиот јазик зборот за сомнеж – „сумња“, е од женски род, така што е логично да се каже „најмања сумња“. Но во македонскиот, „сомнеж“ е од машки род, така што конструкцијата може да се дефинира како србизам. До душа, може е и хрватизам, под влијание на ХТВ, оти исто важи и за хрватскиот, а и за босанскиот. Правилно е „најмал сомнеж“, односно ставање на соодветните придавки во машки род.

Вест, ја исправа грешката на политичарот со парафразирање:
Според директорот на Ветеринарната управа Слободен Чокревски ова било неопходно да се направи за да се исклучи секаков сомнеж дека птиците имаат птичји грип, бидејќи кај нив нашите експерти откриле од Ветераинарниот факултет групен вирус н грипот од типот А.
Време, во еден случај парафразира на ист начин:
Од Ветеринарната управа велат дека ова е секојдневна активност на нивните екипи и, доколку има каков било сомнеж, јавноста навреме ќе биде известена.
... дополнително збогатувајќи го текстот и со синоними за сомнеж, како сомнение и сомневање. Во друг случај, Време, како и Канал 5 вршат директна лекторска интервенција во цитираната изјава:
Во типот А има стотина подвида, меѓу кои и вирусот на птичјиот грип Х5Н1. Заради отстранување на секаков сомнеж примероците се испратени на анализа во референтната лабораторија во Вејбриџ во Лондон по брза пошта. Се очекува тие да пристигнат во лабораторијата утре, а резултатите да бидат познати за неколку дена - рече Слободен Чокревски, директор на Ветеринарната управа.
Интересно е дека, од оваа перспектива, потегот на Али Ахмети, да го признае своето недоволно познавање на македонскиот јазик и со јавноста да комуницира преку (во овој поглед релативно покомпетентни) преведувачи, не само што овозможува ненарушување на неговиот углед, туку и придонесува за зачувувањето и развојот на македонскиот јазик.

Најтрагично е што родените македонски говорители, кои се барем просечно интелигентни (а дел од политичарите се и натпросечно), треба да вложат многу мал напор да ги научат и усвојат конечниот број правописни и правоговорни правила кои ја прават разликата меѓу србизатор и македонист.

06 May 2006

Ново време, нова дијаспора, нови можности

Еден напис од списанието Форин полиси (The New Diaspora) објаснува дека „новите врски помеѓу емигрантите и нивните матични земји може да бидат моќна сила за економски развој“.

Авторот Моисес Наим наведува податоци и примери со кои укажува на растечката изложеност на меѓусебно влијание, од ефтините телефонски разговори и сателитската телевизија, до директни инвестиции (вложување) во бизниси (деловни зделки) во старата дома.

Тој исто така смета дека „искористувањето на богатите ресурси и таленти од имигрантските заедници воглавно за политички цели“, наместо во функција на економскиот развој, претставува пропуштена можност.

But tapping the wealth of resources and talents contained in immigrant communities largely for political gain seems like a wasted opportunity.

Мислам дека е крајно време да се добијат одговори на следните прашања:
  • Колку пари всушност се слеваат во Македонија од дијаспората?
  • Колку нови работни места отвораат парите од дијаспората, во споредба со странските инвеститори, како погончињата на Грците во јужна Македонија?
  • Кои се разликите во однесувањето помеѓу македонската дијаспора
    - со различно етничко потекло и
    - од различни генерации?
  • Што друго може да се извезува од Македонија кон дијаспората, освен продукти поврзани со носталгијата и нивната одделни етнички култури, како концерти?
  • Кој вид на врски со Македонија може да им донесат полза на луѓето од дијаспората во нивниот секојдневен живот?
  • Односот помеѓу степенот на етнички базираниот национализам во дијаспората и
    - вложувањата и
    - донирањата во Македонија?

Колку долго некој може да седи и гледа Ѕвездени патеки?

Мноооогу долго. ;-)

05 May 2006

Екоцид: Децата да не знаат за нашите гревови

„Вест“ известува дека „трујачот на кучиња во Аеродром повторно нападна“:
Меѓу отруените кучиња била и кучка со пет малечки кученца, кои за среќа успеале да преживеат. За нив сега се грижат децата од маалото.

„Граѓаните ќе собираат докази за да поднесеме кривична пријава против непознат сторител. Ова е убиство и некој мора да одговара. На децата веќе им е страв да играат во паркот и како да им објасниме дека ова го направил човек. Се плашиме и за нивната сигурност,“ додава Хаџи-Панзова.
Болдот го додадов. Испаѓа дека децата треба да се „заштитат“ од дознавање на фактот дека токму човекот е најголемиот крволок на планетава. Да не се свесни за тоа дека во текот на нејзиното постоење имало три големи помори на живиот свет: првите два предизвикани од природни катастрофи пред 200 и 60 милиони години, и третиот што се случува сега, поради нас. А само ако се свесни за тоа што се случува ќе може да ги спречат последиците од нашето колективно дејствување. Не е ни чудо што оние еволуционисти кои укажуваат на насилните елементи на човековиот развој наидуваат на најсилен отпор.

Панта реи: Фонтовскиот конвертор поставен на Агора

Конверторот за текст напишан со и без кирилична поддршка на Гуд Бајтс од неодамна е поставен на Агора, со што се обезбедува поголема достапност за македонската публика. Гуд Бајтс вели:
Во иднина, таму ќе се префрли и Technorati MAK Top, топ листата на македонски блогови според линковите, а најверојатно ќе следат и други мали и корисни веб апликации.
Конверторот е една од најкорисните јавно и бесплатно достапни апликации од македонско производство. Да побрзам да го сменам линкот во блогролот до неа. ;-)

Технорати мак топ е исто така полезен, оти овозможува преглед на линкуваноста на македонските блогови без потреба од рачно правење ранг-листа.

04 May 2006

Текстот на песната од Ѕвездени патеки: Ентерпрајз

...Та на нааа на-на-на...
...ај кен ду енииитинг...

Еве линк до текстот на песната „Каде што ќе ме однесе срцето“ (Where my heart will take me) од серијата Ѕвездени патеки: Ентерпрајз.


„Ентерпрајз снимен во потера по клингонска фрегата :),
обата маскирани како lenticularis облаци.“ Преземено со дозвола од: Alternative Take.

Бонус линк: хронологија на сите Ѕвездени патеки.

Македонија во светот на фудбалот


Еве како е претставена Македонија во обемната „Комплетна енциклопедија на фудбалот“ (The Complete Encyclopedia of Soccer) што може да се најде и во книжарницата Икона во Рамстор:
Македонија (Бивша Југословенска Република)
Фудбалски сојуз на Бившата Југословенска Република Македонија
Основан 1908
ФИФА 1996
Една од балканските држави кои се здобија со независност во 1990-тите години, Македонија не успеа да го повтори успехот на соседна Словенија.

Една реченица, од која половина е за други! Ете тоа е перцепцијата за нашата земја што ја имаат во странство. А фајромизацијата, капак.

БТВ, што е разликата меѓу ФСМ и ФФМ?

Форматот Опен документ станува ИСО-стандард

Според Македонскиот ГНУ/Линукс портал, форматот на документи Опен офис наскоро ќе стане ИСО-стандард.

Диг-ање на рејтинг на македонски веб-содржини

Ги повикувам сите заинтересирани за подигање на рејтингот на македонските веб-содржини да се пријават на Диг (digg.com) и да внесуваат и да гласаат за наши веб-страници и веб-сајтови. За максимален ефект, препораките треба да водат до линкови на англиски јазик.

Повеќе информации за овој сервис на македонски јазик има во рецензијата за веб-сајт на денот.

Прееска препорачав еден трагикомичен линк, па ако сакате, придружете се и дигувајте го.

Заработете 50 долари со Фотошоп

Веб-сајтот „Луди клонови“ нуди 50 долари во рамките на нивниот конкурс за ретуширани фотографии. :-)

03 May 2006

Првомајски пост: потсетување на историјата

По повод Први мај, на Тетово онлајн има кус преглед на настаните кои довеле до прогласување на овој ден за Ден на трудот:
...во знак на сеќавањето на денот кога во 1886 година околу 40.000 работиници од Чикаго стапија во штрајк барајќи подобри услови за работа. На тој ден низ САД е одржано околу 5.000 собири на незадоволни работници на кои синдикалните водачи истакнале барања симболично изразени со ознака „три осумки“ - осум часа работа, осум часа одмор и осум часа културно воздигнување. Полицијата ги нападнала работниците, а водачите на штрајкот биле осудени на смрт.
Интересна коинциденција е што Теко, кому му недостасува Први мај, е токму во Чикаго. Во САД овој празник не се слави официјално, па дури е воведен и конкурентски Ден на трудот (Labor Day) многу побениген во однос на класната борба и оригинално промовиран од властодршците.

Главните медиумски текови ретко се осврнуваат на овој период од американската историја. Македонската јавност делумно имаше можност да се запознае со две уметнички интерпретации на овој период, преку
  • делата на Џек Лондон, особено „Железната петица“ (The Iron Heel, 1908) и
  • стриповите со Кен Паркер, на Берарди и Милацо, кои имаат силна хуманистичка компонента. Особено ја препорачувам епизодата „Шпијун“.
Во тој смисол може да се додаде и филмот „Црвените“ (Reds, 1981) на Ворен Бити, кој исто така зборува за работничкото движење во САД, но неколку децении подоцна.

02 May 2006

Голи се, но дали е порнографија?




Место: Рамстор, Скопје
Време: 10 април 2006 г.
Други фотки.