Блекаут

25 July 2006

Препорака: Јадење на стравот

Зошто стравот од нови претприемачки потфати да ве јаде вас, кога вие може да го изедете него?

Џонатан од „Кембриан хаус“ советува како (Raising capital: Six tips on Eating Fear).

24 July 2006

Гугл и Мај спејс

Дали „Гугл“ треба да се кае што не го купил „Мај спејс“ кога наводно можел? Аналитичарот Роберт Јанг смета дека би требало (Google and MySpace: Woulda, Coulda, Shoulda!!) оти сега постои опасност од своевидна уцена...

Препрака: Поефтини камати за купување компјутери

Во „Каматите на македонските банки поефтини за компјутери“ Мијалче нуди разработена и аргументирана идеја за поттикнување на користење на е-банкарството:
Затоа може е и време банките да размислат за намалување на каматите за компјутерите и тоа не од некоја добротворна причина туку затоа што на тој начин ќе си ги намалат трошоците, подобрат односите со клиентите и се разбира подобрат профитите (во најмала рака да останат исти).
...а и:
Сето ова може да оди и понатаму. Банката склучува договори со дистрибутерите на компјутери и тие даваат попуст од 5% доколку купиш компјутер од нив со кредит од дадената банка.
Мора да се земе предвид дека е-бумот во Естонија бил поттикнат токму од тамошните банки, кои вложиле во информатичко описменување на населението како чекор во изградбата на публика за е-услуги.

Сопранови: филозофија, етика и менаџерските вештини

Пред некое време е објавена антологија на есеји во која разни аспекти на ТВ-серијата „Сопранови“ се разгледани од филозофски аспекти. На сајтот „Семејни вредности“ е поместен еден од нив (I dunno about morals, but I've got rules), преку кој Роналд М. Грин анализира разни ситуации од серијата поврзани со моралот, етиката и вредностите. На пример:
Тони не само што е свесен за своите недостатоци, туку и се труди да ги контролира. Ова е најдобро покажано при крајот на епизодата (Commendatori) во која Тони, Кристофер и Поли одат во Неапол да ги разработат детаљите на операцијата за препродажба на украдени автомобили со тамошните соработници. Од многу аспекти, епизодата е студија за тоа како не се води бизнис. Поли поголем дел од времето го троши на курвање. Кристофер е толку издрогиран што при враќањето мора да купи италијански подарок за девојка му од фришопот на аеродромот во Њуарк. Од сите тројца, само Тони останува фокусиран на она што треба да се направи.

А тоа не е лесна работа. Аналиса Зука станала де факто шеф на неаполската фамилија како резултат на затворањето на мажот ѝ, како и сенилноста на татко ѝ. Таа е итра, прекрасна жена. Кога се наведнува да удри топче за голф, камерата (и Тони) се фокусирани на нејзиниот убаво обликуван задник. Но наспроти нејзините привлечности, Тони мора да обезбеди добра цена за возилата кои ги краде бандата од Њу Џерси. Овие сексуално набиени преговори кулминираат кога тие двајца сами одат на прошетка низ пештерата на пророчиците сибили. Аналиса објаснува дека сибилите можеле да предвидат идни настани. „Да бе, важи,“ прашува Тони „имаш претскажување за мене?“ Аналиса му кажува дека „не е проблем да го прочита“, дека тој е „својот најлош непријател“. Ова го провоцира Тони да каже дека Аналиса го потсеќа на некого од дома (претпоставуваме д-р Џенифер Мелфи), но Аналиса се обидува да погоди: „Не на жена ти. На девојка ти?“ Тони одговара: „О, имам девојка. Но да ти одговорам на прашањето – не. Не на неа.“
Разговорот ненадејно се врти во насока на сексот. „Но таа е некој што сакаш да го ебеш. Се гледа,“ вели Аналиса. Тони се обидува да го сврти муабетот, но таа упорно продолжува: „Не сакаш да ја ебеш? Не сакаш да ме ебеш?“
Тони одговара: „Да, сакам. Но не го стаам курот од кај што го вадам лебот“. Аналиса не го рабира. Нервозно смеејќи се, таа прашува „Ке коза?“ Кога Тони ќе ѝ преведе, објаснувајќи дека тоа е лошо за бизнисот, таа пламнува. „Оди си, оди си,“ вели, по што додава „не по тие цени“. Таа потоа нуди пониска цена за откуп на украдените коли.
Она што е исклучително за оваа сцена е дека Тони го задржува фокусот на работата, наспроти директните провокации да не го стори тоа, упатени кон неговото машко (мачо) его. Не само поради искушението од понудата на Аналиса за брз и валкан секс - веднаш, на подот на пештерата, туку и поради смислените провокации упатени на сметка на неговата мажественост. Антагонизиран од забелешката на Аналиса за нејзиното наводно супериорно психолошко знаење за него, Тони би го сфатил сексот со неа како природен начин да воспостави контрола. Аналиса го знае тоа. Таа можеби ја наместила целата ситуација за да го сврти вниманието на Тони од бизнисот и (буквално) да го омекне за крајната фаза на преговорите. Но покрај целата негова сексуална импулсивност, Тони не подлегнува. Преговорите завршуваат со цена за која Тони подоцна им кажува на колегите дека е двојно поголема од онаа што ја очекувал на почетокот.

Способноста на Тони да ги подреди личните желби на деловните потреби е еден одраз на неговата поширока способност да перципира и делува во насока на она што е најдобро за неговата организација. Над сè, Тони добро просудува за заинтересирани страни кои ги смета за релевантни. Способен е да ги идентификува нивните потреби и да одговори на нив на задоволителен и имагинативен начин. За разлика од неговите непромислени и нетактични колеги, тој не дозволува на неговите одлуки да влијае неговата суета и гордост. Всушност, како во сцената со Аналиса, Тони е често подготвен да ја жртвува својата слава за сметка на зачувување на важен однос или постигнување на поголеми цели.
Во есејот исто така има многу интересна анализа на Кристофер, чиј проблем е „генерациски. Пораснат во свет на телевизија, видео-игри и широко достапни рекреативни дроги, тој е навикнат на константна стимулација и очекува моментно задоволување. За неговиот лик е сосем соодветно што го гледа светот низ призмата на филмот и видеото. (D-Girl).“

20 July 2006

Родови разлики при читањето стрипови?

Не знам што има следното прашање со темата „едукативна димензија на стриповите“ од форумот За забава, но секако е валидно да се постави:
Не знам само, зошто девојките во огромен број (90%) се толку против стриповите, зошто од мали се врзуваа за телевизор и шпански серии, за глумци и пејачи. Би можел ли некој да го расветли тој феномен?
Прво, процентот не пишува од каде е добиен. За да се каже бројка, треба да се има и емпириско истражување. Можеби е предрасуда дека повеќето женски не сакаат стрипови, а повеќето машки сакаат. Во секој случај, на сите заинтересирани за темата, прво им препорачувам да ги прочитаат следните два написи:
Конверзацијата меѓу мажите и жените е меѓукултурна комуникација. Културата е едноставно мрежа од навики и модели наталожени од минатото искуство, а жените и мажите имаат различни минати искуства. Од времето кога се раѓаат тие се третирани на различен начин, со нив се разговара различно и како резултат на таквиот однос тие разговараат поинаку. Момчињата и девојчињата растат во различни светови, дури и ако пораснат во иста куќа. Како возрасни тие патуваат во различни светови, ставајќи ги во сила шаблоните воспоставени во детството. Овие културни разлики вклучуваат различни очекувања за улогата на разговорот во врските и за нејзиното исполнување.
  • Стрип за блефери (Strip za blefere), од Сесил Квинтал. Извадок:
U tradicionalno šovinističkim stripaškim krugovima toliko je malo žena da prosječan strip fan vjerojatno neće ni znati kako razgovarati s Vama. Ako dame, iz nekih razloga, i dalje imaju žarku želju ući u to društvo, trebaju zapamtiti samo tri imena: Corto Maltese, Aster Blistok i Dylan Dog. Trojica navedenih su tri strip lika koje ženska populacija provjereno najviše čita...
И овде има генерализација. На времето на ИнФорма ЕИС правевме анкета и мислам дека Загор беше најомилен кај жените, а често барем во муабети пред мене луѓе од тој род ја споменуваат и Модести Блејз.

Национализмот ја затапува окамовата острица

Вилијам од ОкамОкамовата острица (Occam's Razor) е принцип на расудување кој налага при објаснување на дадена појава да се користат што помалку предубедувања или релевантни ентитети, односно колку поедноставно толку подобро.

Како и многу други рационални механизми, методов е немоќен кога се соочува со ирационални појави, како национализмот. На пример, забележете го објаснувањево за потеклото на името на градот Волос во Тесалија, Грција:
As for the derivation of the word "Volos", which according to a Byzantine historian of the 14th century was called "Golos", there are several theories; the most widely accepted is that it represents a corruption of the Mycenaean lolkos.
во превод:
Има неколку теории во врска со потеклото на зборот „Волос“, кој според еден византиски историчар во 14 век се викал „Голос“. Најшироко прифатена е онаа која вели дека се работи за мутирана форма на микенскиот збор „лолкос“.
Иако е далеку поедноставна, не се зема предвид можноста за негрчко потекло на топонимот, идентичен со името на старословенскиот хтонски бог Волос, според кој е наречен и денешен Велес.

19 July 2006

Македонија зборува англиски

Дарко си ја оствари идејата и го основа првиот македонски блог-премостувач.

На него веќе почнаа да придонесуваат неколку афирмирани блогери, а има и поддршка од пошироката заедница.

17 July 2006

Избор за мис-костим на суперхерои

Тешко е да се определи кој костим на суперхерој од стриповите е „најкул“, а јас не би се ни обидувал - засега.

Но, извесен Чарли Лепресто се обидел (The Top 10 Coolest Superhero Costumes), за што дознав преку Мачпекс.

Тактики за наоѓање сајтови од Македонија

Како да најдете веб-сајтовите на институција во Македонија? Ќе се послужам со еден пример поврзан со религијата.

Додека сајтот на МПЦ е релативно лесно достапен (кратенка + орг.мк = www.mpc.org.mk), оној на Исламската верска заедница не е.

Доменот ivz.org.mk не е ни регистриран, а сајтот, кој е само на албански, ја користи кратенката само на тој јазик како адреса (Bashkësia Fetare Islame e Republikës së Maqedonisë - www.bim.org.mk). Штета што нема верзии и на другите наши јазици, и на содржината, но и на адресата. Вака и на немуслиманите им се задаваат потешкотии да дознаат повеќе за религијата, а исклучени се и муслиманите од Македонија, од кои барем 1/3 имаат друг мајчин јазик, оти се Македонци, Турци, Бошњаци и Роми.

Како да се најде сајтот, кога не знаете албански?

Најди! е одличен за наоѓање на страници во сајтовите што ги покрива, но негов домен не е наоѓање цели сајтови. Директориумите (Macedonia Search, The Macedonian Directory) и енциклопедиските/општо-информативните сајтови за Македонија не нудат линк до веб-сајтот на ИВЗ.

Ако знаете албански, тогаш лесно се наоѓа на Гугл. Но ако го напишете името на македонски или англиски, ви дава куп погодоци на кои нема линк до бараниот сајт, или се премногу и непрактично е да се прегледаат сите.

Меѓу тие резултати е и страница од Златната книга на која го нема линкот. Но ако на почетната страница во полето за пребарување го впишете името на македонски, тогаш ве води на вистинското место.

Дополниелно пробав и со Погодок, по истиот терк како со Гугл, и со македонската и со англиската верзија добив релевантни резултати.

Поука: ако барате веб-сајт на фирма или организација од Македонија, пробајте прво со Златна книга или Погодок.

16 July 2006

Мравките

waking life antsПред Темното скенирање (A Scanner Darkly) да стане хип, хит и кул кај сите паметни и модерни љубители на филмот, потсетување на Будење на животот (Waking Life) кој од време на време го пуштаат и на македонски телевизии, со инсертот за мравките (YouTube - Waking life - Ants).

Се работи за рано дело на истиот режисер, Ричард Линклатер. Во Вајерд (14.03) има опширен текст за тоа како работел (Trouble in Toontown).

15 July 2006

Што е паркирање домен?

Од еден разговор со Јован дознав дека мојата употреба на терминот „паркирање домен“ (domain parking) е недоволно прецизна, па решив да разгледам неколку дефиниции по веб.

Стекнатото знаење во релативно концизна форма решив да го преточам и во соодветен напис (Паркирање домен) на македонската Википедија. Ќе се најде и на други...

14 July 2006

Препорака: Митовите за Прометеј и Пандорината кутија

Приказните за Прометеј и Пандорината кутија (The Legend of Prometheus and Pandora's Box) се меѓу највлијателните старогрчки митови.

Нивните мотиви како првобитниот грев (непослушност спрема авторитетот) и патријахалната мизогонијата (жената е крива за сè) може да се препознаат и во други дела кои се во основата на „западната“ цивилизација (меѓу другите).

Пандорината кутија ги содржела сите зла, кои потоа излетале и почнале да штетат по светот. На дното останало само едно нешто - надеж. Повеќето интерпретатори на митот неа не ја вбројуваат во злата, иако вообичаената најава не е „сите зла плус едно нешто“, туку само сите зла. Хм. %-)


Извор на сликата: Википедија (Pandora's Box).

Препорака: Кодот на пештерскиот човек

Написот „Кодот на праисториските луѓе“ (Code of the Caveman) од најновиот Вајерд (14.07) раскажува за нова техника на секвенционирање на гените применета на остатоци од неандерталци, со цел да се види дали се предци на некои од денешните луѓе.

Иако се работи за презентација на научно истражување кое сеуште не е објавено во научни списанија, значи е непроверено и неприфатено од заедницата (слично како она со Каменот од Розета), написот вреди да го прочитаат сите што се заинтересирани за генетика, палеонтологија и еволуција.

13 July 2006

Чудни статуи од цел свет

Збирка на фотографии на чудни и невообичаени статуи (Strange statues around the world) од цел свет. Веројатно и оние гулабите што групњачки се парат пред у.с.о „Јосип Броз Тито“ може да влезат во шемава.

Нова добра идеја на Дарко - групен МК блог на англиски

Поттикнат од споменувањето на блогерите-премостувачи, Дарко од Комуникации има нова добра идеја:
Веќе подолго време имам идеа да поттикнам иницијатива за креирање на колаборативен блог на кој сите заинтересирани МК блогери од време на време би пишувале постови на англиски јазик со теми интересни за глобалната публика, а сепак врзани за МК, без разлика дали то ќе бидат оригинални или веќе објавени текстови.

Со цел, откако ќе го пријавиме на листата на Global Voices некој од уредниците да објавува (бендисува) некои од постовите на насловната страна, со што би вршиле промоција, не само на МК туку и на МБЗ.
Поддршка за идејата. Имам искуство со вакви проекти (не на блогерска платформа, но со сличен концепт) и мислам дека се многу полезни. Таквите брзо стекнуваат и голем пејџ ранк и други погодности, оти ги нема многу...

12 July 2006

Историјата на Земјата на тоалетна хартија

Ми се допаѓа активноста за претставување на историјата на Земјата со помош на тоалетна хартија (The History of the Earth in a Toilet Paper Roll), како аналогна визуелна алатка за добивање претстава за улогата во општиот поредок...

Како е тинк-тенк (think tank) на македонски?

Дали постои концизен и прецизен превод на англискиот израз „тинк-тенк“ (think thank) на македонски јазик?

Ако го знаете, ве молам пратете ми го по е-пошта или ставете го во коментар.

11 July 2006

Нема веќе мега, кило, заборави сè што било

Борба за нов стандард! Институтот на инженери на електрика и електроника (IEEE) предлага (IEEE 1541) да не се користат префиксите кило, мега и слично, кои означуваат степени на десет, наместо степени на два, туку нови попрецизни префикси:
  • kibi (Ki), 210 = 1.024, наместо kilo (K), 103 = 1.000;
  • mebi (Mi), 220 = 1.048.576, наместо mega (M), 106 = 1.000.000;
  • gibi (Gi), 230 = 1.073.741.824, наместо giga (G), 109 = 1.000.000.000;
  • tebi (Ti), 240 = 1.099.511.627.776;
  • pebi (Pi), 250 = 1.125.899.906.842.624;
  • exbi (Ei), 260 = 1.152.921.504.606.846.976;
Благодарност до Кире (DreamLog) за информацијава.

10 July 2006

Французите, Блажо... Французите!

За оние на кои им е криво што Зидан се избламира синоќа, препорачувам еден текст од грубиот и безобразен, но секогаш фактички точен Гери Бречер (The French) напишан при кулминацијата на антифранцуската хистерија во САД, по повод одбивањето на Франција да учествува во војната за Ирак.

Мојот дневник во Неделно време

Тековното Неделно време (број 773, 09.07.2006) во рубриката „мојот дневник“ под наслов „Средата целосно ми го измести чувството за време“ објави мала хроника на некои од настаните кои ми се случија изминатата недела. Ја искористив приликата да изнесам една покана...
Вечерта, при излегување на сладолетче, имавме блиска средба со госпоѓа-возач со црвено пунто (SK 038 OK) на семафорите пред Соборниот храм, која наместо напред тргна во рикверц. Беше љубезна, но не почека додека ја испитував малата вдлабнатинка на мојата хауба. Доколку го чита ова, би сакал да ја поканам на заедничка дијагностичка посета на автолимар (тел. 3109-325 во раб. време).
Ова е инаку втор пат да пишувам јавен дневник за во печатен весник. Првиот пат беше за словенечкото културно списание Бал-канис (Balcanis), летото 2001 година. Во обата случаи повеќе се концентрирав на тековната работа од јавен интерес, а помалку на интимата.

06 July 2006

Линукс за почетници

Текстот за шесте работи што не ги знаете за Линукс (Six Things You Didn't Know About Linux: A Beginners' Guide) може да ви овозможи подобро запознавање со овој оперативен систем и неговите 350 (!) дистрибуции...

Ги нема веќе цртачот и цајканот

Уметничкото дело што го нареков „Цртач и цајкан“ веќе не е на своето место.

Снимајте го она што ви се допаѓа. Можеби така ќе ја сочувате од заборав урбаната култура која лесно ја снемува.

Извор на бесплатни, а легални фотографии

Доколку на Вашиот блог користите фотографии, Ви го препорачувам пребарувачот Јотофото (yotophoto.com).

Јотофото индексира снимки лиценцирани под некоја од таканаречените „копилефт“-лиценци, како Криејтив комонс (Creative Commons) или Лиценцата за слободна документација на ГНУ (GNU Free Documentation License).

Прашања и одговори (Q & A)

Како коментари на постов може јавно да поставувате прашања и добивате одговори на теми што не се опфатени со постоечки постови или ви текнале онака.

05 July 2006

Тема: Историја (istorija, history)


Постови на теми поврзани со историјата.

Репринт на „Македонска искра“ (Macedonian Spark) на интернет


Весникот „Македонска искра“ (Macedonian Spark) бил првиот македонски весник во Австралија, а излегувал од 1946 до 1957 година . Според нивната објава, Политекон пабликејшнс има проект преку кој повторно ќе ги објави сите изданија на весникот на интернет (во вид на скенови).

До овој момент се стигнати до 1952 година, а во содржините има директни извештаи за граѓанската војна во Грција и протерувањето на етничките Македонци од таму - вистинско богатство за историчарите.

Прашања за кои ова може да биде примарен извор се и транслитерацијата и употребата на придавката „словенски“ во однос на идентитет од разни страни.

Тема: историја, македонски јазик.

Препорака: HTML Keyboard за букви со цртички

Со новата алатка на Гуд бајтс наречена ХТМЛ киборд (HTML Keyboard) веќе нема да ви требаат поуките за кодови за специјални знаци. Авторот објаснува:
Намената на оваа веб-алатка е да овозможи лесно внесување Јуникод (Unicode) знаци преку соодветен HTML код. Треба само да се избере и кликне знакот (буквата, симболот) и да се ископира добиената вредност. HTML Keyboard најмногу е наменет за блогерите, но генерално може да се користи за било каков HTML документ. HTML Keyboard ги листа сите Unicode знаци од 1 до 30 илјади (во стандардизираната табела има и некои „дупки“) и е еден вид проширена тастатура.

Секоја табела (страница) покажува по 100 (10 х 10) знаци, а движењето низ табелите оди преку навигациските ленти, кои се веднаш над и под табелата: Home, 1, 2, 3...

На пример, кириличното ...подмножество почнува од страницата 10, грчките букви се на страницата 9 и слично.
Тоа би било. Нема утка. ҉

PS
Кој не ги знае, нека ги ѕирне и другите корисни алатки од истиот автор: конверторот за кирилица и Технорати мак топ.

Теми: македонски јазик, блогерски алатки и техники.

04 July 2006

Пофалби за „Разговор со Спиноза“ на Смилевски во странство

Од бесплатниот весник Шпиц дознав дека уредниците на веб-сајтот Реди стеди бук го прогласиле англискиот превод на романот на Гоце Смилевски „Разговор со Спиноза“ за роман на неделата на 26 јуни 2006.

Книгата е достапна преку Амазон.ком (Conversation with Spinoza: A Cobweb Novel). Го немам прочитано англискиот превод на Филип Корженски, па не можам да дадам оценка за тоа издание. Оригиналот ми се допадна, не само поради воведувањето на персонализирана интерактивност во македонската литература, туку и поради добро устроеното раскажување.

Честитки за Гоце за објавувањето на преводот и за високата оценка, критика до Шпиц за продолжување на лошата македонска весникарска традиција во текст чија главна тема е еден веб-сајт да не се спомене веб-адресата на сајтот. Инаку, хартиеното издание на весникот е бесплатно и го има во подобрите трафики, а штета е што му недостасува и издание на веб.

03 July 2006

Блогот на ВесНа додаден во блогрол

За Блогот на ВесНа дознав од мојот сајтмитер. Во моментов нема многу постови, но тие што ги има ми се интересни. Во блогрол ставам линкови до блогови што од време на време ги посетувам, во зависност од тоа колку често ги освежуваат содржините. Се надевам ВесНа ќе почне да пишува почесто.

02 July 2006

Два потенцијално полезни портали

...Полезни од аспект на привлекување посетители, доколку се занимавате со фото-галерии.

За словенечкиот Изклоп и српскиот Ма немој, кои изгледаат и функционираат сосем идентично, дознав од сајт-митерот на Ексблог. Регистрираните корисници на обата сајта може да ги пренасочуваат нивните посетители со поставување линкови кои одговараат на тамошната уредувачка политика.

Спотот од Си-Ен-Ен на интернет

Преку Панта Реи и Блогот на Јован има можност за гледање на една верзија на спотот за Македонија наменет за Си-Ен-Ен.

Немам нов коментар, само потсетуваење.

Разбивање на деникеновштината за босанските пирамиди

Од Археолошкиот дневник дознав за сајтот на списанието Археологија на кој се следи случајот со таканаречените пирамиди од Босна (More on Bosnian "Pyramids"). Препорачувам да го прочитаат сите што се заинтересирани за развој на науката, знаењето и критичкото размислување. Методите со кои ја анализираат ситуацијата и доказите се исклучително поучни.

Товар на докажувањето
(burden of proof) - ако некој тврди нешто, негова должност е да докаже дека е вистина. Додека не добие валидни докази, научната заедница не треба да го прифати тврдењето како точно. Ова исто важи и во правото - тужителот е должен да докаже дека обвинението е точно, а не обвинетиот дека е невин.

Научната репутација
на оној кој што го изнесува тврдењето. Доколку доказите се неоспорни, ова не е важно. Но ако нема докази, тогаш понатамошното вложување во истражувањето зависи и од авторитетот и мотивите на оној кој ја промовира приказната.

Има разлика ако тоа е признаен, а не самонаречен, експерт за даденото поле, локален хотелиер и фалсификатор, или ловец на слава што не отишол подалеку од прераскажување на идеите од стрипчињата со Марти Мистерија. Особено полезно е да се прочита писмото од египтологот д-р Захи Хавас (PDF, 101 KB) кое е дадено како прилог во дебатата.

Тврдењата на швајцарскиот хотелиер Ерих фон Деникен (Erich von Däniken) отсекогаш биле популарни на југословенските простори. Дури имаше и локални имитатори кои во секоја гребната карпа или грмушка „откриваа“ „докази“ за некој мистериозен феномен, обично поврзан со вонземјани. Така, во една книга од тој тип насловена „Посјетили су и нас“ (која ја немам при рака за целосно цитирање) беше изложено дека одредена група неандерталци била спржена од вонземјани со нешто ко бластер. Германски криминолог го реконструирал лицето на еден од нив врз база на черепот, со зачуден израз на лицето. Во книгата буквално стоеше дека ’еве, гледате како се чуди праисторискиов човек... веројатно смртта настапила во моментот кога првпат ги видел вонземјаните“.

01 July 2006

Со свој камен од Розета по своја глава

Читам за презентацијата на проект во МАНУ со кој академик Башевски и проф. Тентов наводно го дешифрирале Каменот од Розета (Rosetta Stone, British Museum). Доколку истражувањето е валидно, ова е епохално откритие на светско ниво.

Во текстот објавен во Утрински не најдов аргумент со кој се опвргнува општоприфатената теза дека средниот текст е напишан на антички египетски јазик. Изнесеното ги дава техничките карактеристики на текстот, но ништо за содржината на „демотскиот“ (= народен) текст. Во извештаите во другите весници имаше уште помалку податоци. Оти не гледам на грав, решив да го побарам интегралниот текст на истражувањето, но веб-сајтот на МАНУ воопшто не работи.

Всушност, не беше наведено дали истражувачите воопшто го публикувале истражувањето некаде на англиски. За да го видат други научници, тоа треба да излезе во некое научно списание, по можност престижно. Само така има шанса да излезе од границите на МАНУ, односно на неколку новински написи, а да се референцира само во некоj од романтичарските памфлети на локалните историчарски аматери... Научна мисла се создава со документирање и објавување, а не со криење.

PS
Освен една вест од македонски сајт што понекогаш преведува текстови од весници, на Гугл њуз нема ништо за откритието...

Тема: историја.

Вуна и Народот на Сонцето

Еее, не се само Македонците народ на Сонцето. Еве Вуна ни дава текст и спот од Рејџ агејст д машин на таа тема - се раскажува за геноцидот врз индијанците, особено оние од Мексико. Целта на спотот била да се влијае на немешање во внатрешните работи на Мексико, колку што се сеќавам во врска со нео-запатистичкото востание.

Секако, како припадник на култура која била буквално колонизирана до 1944 година, моите симпатии се на страната на колонизираните. Индијанците особено. Уште од основно, самоволно и доброволно се имам индоктринирано во полза на нивната кауза, не само преку романтичните Ункас, Чингачгук, Текс Вилер, Кен Паркер и Мистер Но, туку и преку документарни дела како „Погребете ми го срцето кај Рането Колено“ (Burry my heart at Wounded Knee) од Ди Браун.

Арно ама, сепак работите не се црно-бели. Мора да се спомене нешто во врска со Маите и Мексиките (= Ацтеките) кои се споменуваат во песната.

Шпанската колонизација вистина донела економска експлоатација, дури и ропство за дел од населението, геноцид преку нови болести (ненамерен, за разлика со некои северноамерикански племиња), сурова религиозна и културна асимилација. Но причината зошто Шпанците прилично лесно ги победиле и затекнатиот император Монтезума и востанието на внук му Куахтемок (споменат во песната) била тоа што повеќето Мексиканци веќе биле поробени. Поробени од Ацтеките - едно од многуте локални племиња, кои не само што им го правеле многу слични работи, туку тоа го правеле и многу посурово.

На пример, нивната религија (а и на Маите) барала принесување човечки жртви на боговите, меѓу кои и на Сонцето. Сосе она познатото расцепување на градите со нож од кремен на врвот на пирамидата, па подигање на сеуште пулсирачкото срце кон небото. Нишката Ќеле-кула (Skull tower) е обична шупа во однос на нивните храмови. Жртвите ги земале најчесто од редовите на воените заробеници. За да имаат заробеници, постојано или освојувале нови територии, или поттикнувале бунтови или „откривале“ заговори во вазалните држави, само за да имаат изговор за војни. Шпанците ги донеле конквистадорскиот католицизам и инквизицијата. Веројатно за мнозинството Мексиканци тоа било подобрата алтернатива.

Тема: историја.

Препорака: Тест по археологија

Испробајте го своето знаење на тестот по археологија на Археолошкиот дневник. Ама не ги читајте коментарите, има спојлери.