Блекаут

31 август 2006

Патријахална индоктринација

Еден пример за тоа како ги учеле жените да бидат „добри“ во педесеттите години (The good wife's guide) - што треба да прави жената кога мажот се враќа од работа...


30 август 2006

Премиерски, но и филмски благослов

Благодарение на Зомбификација дознав дека Експозето на претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски пред пратениците во Собранието на РМ од 25.08.2006 г. завршува со:
Нека Господ нè благослови сите нас и Република Македонија.
Тоа е многу слично на репликите од филмот на Крис Рок „Претседател на државата“ (Head of State, 2003), во кој „лошиот“ претседателски кандидат изјавуваше „Господ да ја благослови Америка и никого друг“, а „добриот“ одговараше „Господ да ја благослови Америка и сите други!“ (God bless America and everybody else!). Коинциденција: филмот се прикажувал на А1 на ист ден како и експозето.

Инаку, се согласувам со Жарко дека Владата мора да биде прва што ќе го почитува Законот за употреба на македонскиот јазик, чиј член 7 вели:
Службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови од член 5 став 1 на овој закон, што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик.

Лекторирањето може да го врши лице со завршени студии на Филолошкиот факултет - Група македонски јазик и положен испит за лектор, како и лице со високо образование за македонски јазик со програма соодветна по обем и содржина на Програмата за Групата македонски јазик и положен испит за лектор, согласно со овој закон...
Сесрдно препорачувам препрочитување на Законов, за сите.

Видео: Непрепознавање на говор со Мајкрософт

Смешна незгода со препознавање на говор при јавна демонстрација на Виндоуз Виста (Windows Vista Speech Recognition Demo Gone Awry). Згора на тоа, убава и хумористична водителка за десерт. Фала Би.

29 август 2006

Телевизија АлСат и на македонски јазик

Дали знаете дека албанската телевизија АлСат емитува вести и на македонски јазик?

- Епа, сега знаете.

Жетва на адреси за е-пошта

(1) Една другарка ми прати смешка по е-пошта. Смешката е во атачмент, оти ѝ била препратена од некој друг. Решив да видам колку адреси може да се соберат од хедерите на препратените пораки.

Заедно со моето, имаше пет препраќања, од кое само тоа до мене беше со примателите во „BCC“. Од претходните избројав 39 различни адреси. Оние кои одржуваат вакви синџири им прават огромна услуга на спамерите. Не е смешно.

(2) На прв поглед ептен ми се допадна идејата на „наградната игра“ на Он.нет и Магор, преку која доделуваат книги на луѓе што ќе им се пријават преку е-пошта.

Но, ме замисли тоа што во најавата не пишува што прават и што имаат намера да прават со така добиените лични податоци (име, презиме, е-пошта) и кои мерки на заштита на приватноста ги преземаат. Башка, методот на избор на добитници е сосем нетранспарентен. Не им пратив.

Култот на староста во Македонија

Мислам дека е добро да се обрне внимание на дебатата која се разгоре во врска со култот на староста во нашата земја, иако некои од нејзините учесници всушност тргнале со умисла дека не пишуваат за тоа, туку за составот на новата влада.
Според легендата кога Цезар/Кајсар (Gaius Julius Caesar) почнал да липа кога на 31-годишна возраст видел статуа на Александар во храмот на Херкул во Кадиз. Кога го прашале зошто, одговорил:
Зар мислите дека немам причина да плачам, кога Александар на мои години веќе имал освоено толку многу земји, додека јас во текот на целото ова време немам направено ништо вредно за спомен.

28 август 2006

Пофалба на надежта од Урсула ле Гвин

Во книгата „Градот на илузии“ (City of Illusions, 1967), Урсула К. ле Гвин (Ursula K. Le Guin) го пишува следното:
Надежта е и покршлива и пожилава од довербата, си помисли, вртејќи се по собата, а безгласна, нејасна молња повторно блесна над неговата глава. Кога сè оди добро, човекот верува во животот. Кога тргнува на лошо, се надева. Но во суштина тие две работи се исти: тие се неопходната врска на човечкиот дух со другите духови, со светот и со времето. Човекот без верба живее, но не со живот на човечко суштество. Човек без надеж, умира. Без поврзаност меѓу луѓето, рацете не се допираат, чувствата изумираат, а интелигенцијата станува јалова и опседната. И како единствена врска меѓу луѓето останува односот на господар кон роб, односот на убиец кон жртва.
Цитатот е преведен е од српското издание (Ursula Legvin. 1987. Grad opsena. Narodna knjiga, Partizanska knjiga: Beograd. Prevod Sonja Janoski).

За споредба: Пандорината кутија.

Прв роденден на Плагиј.ат - журка во парк

Ми се допаѓаат прелевањата на дигиталното во аналогното, од „виртуелниот“ во тактилниот (tactile) свет. За таков настан ја сметам и журката по повод роденденот на Plagij.at, закажана за 30 август во 16 часот во Градскиот парк во Скопје.

Обид за цензура на видео-игри во Лујзијана, САД

Американската држава Лујзијана донела закон за криминализација на продавањето на видео-игри кои содржат насилство на малолетници.

Арно ама, тоа ја загрозува слободата на изразување, па судот ставил забрана на спроведување додека не се расчисти тоа прашање (Louisiana video game law put on hold).

24 август 2006

Видео: Верверичка-нинџа

Кратка приказна за една мачка и една верверичка...

23 август 2006

Зошто не може да се печати од pravo.org.mk?

Колку јас што сваќам, поентата на веб-сајтот pravo.org.mk е да овозможи поголема достапност на законите и другите правни акти, кога веќе државата не се има погрижено за тоа - односно активно го оневозможува, преку наметнување рестрикции (претплата) на пристапот до нејзиниот „Службен весник“.

Арно ама, авторите на веб-сајтот оневозможуваат печатење на материјалите. Законите се снимени во ПДФ-формат со исклучена опција за печатење. Епа, не е право! Ниту правилно.

„Други падеж“ е и самата исклучива употреба на ПДФ-форматот, во комбинација со ненапредниот интерен пребарувач, кој ѕирка само во наслови, а не и во содржината на текстовите. Во некои случаи може да послужи екстерно пребарување со Гугл, особено ако му се нареди да зема предвид ПДФ-овци во напредните пребарувања, но сепак... не е тоа тоа. Еве неколку препораки од Јакоб Нилсен на темава:

„Дневник“ - написи без датуми и нова лектура

  • При влегување во било кој напис на тековниот веб-сајт на „Дневник“, не се гледа види една од најосновните информации - на кој датум бил издаден. Ако влезете преку директен линк треба да се оди на пребарување со насловот за да добиете список со написи и од тој список да го видите датумот. Чуден пропуст.

    На старата верзија се прикажува и датумот и изданието на истата веб-страница со написот.

  • Во саботното издание забележав дека имиња на англиски јазик ги пишуваат во оригинал, а не како што е според правопис со македонска транслитерација како што се изговараат (со евентуално оригиналот во заграда на прво појавување).

    Примери: Концерт на „Three minutes in the rain“ и „The eye of charm“ снимаа во Галичник (18.08.2006).

    Дали лекторот им е на одмор или унилатерално „свртел/а нов лист“, не знам.

Како да се ослободите од гадните фацки на „Ајсикју“ (ICQ)

Новата верзија на „Ајсикју“ (www.icq.com) доаѓа со едни многу лошо нацртани фацки (смајлиевци). За да ги вратите на старо, со оние убавите жолтки, треба да се отиде во
  • Main/Preferences/Skin/Appearance
по што во делот
  • Change your ICQ Sounds and Emoticons
кај „емотиконс“ да се одбере „чејнџ“ и во дијалог-боксот да се одбере фолдерот „олд смајлис“, односно во патеката да стои нешто како
  • C:\Program Files\ICQLite\Smilies\OldSmilies

Што е „отворен пристап“

Отворен пристап (Open access) означува бесплатна достапност на дигитални содржини преку интернет. Најпозната и најлесно изведлива форма ма отворен пристап е објавување на стручно рецензирани научни трудови од академски списанија без очекување авторите да бидат платени за тоа.
Од написот на тема отворен пристап, што го почнав на македонската википедија, врз база на текстот од англиското издание.

22 август 2006

Видео: Алтернативна медицина со Огулин Чулибрк - Огло

Незборавно клипче од „Топ листа надреалиста“: Огулин Чулибрк - Огло од „једног малог ѓетиќа“ прави голем со помош на алтернативна медицина.

(WMV, 2.71MB)

„Спонзоруше“ може да се купи во Скопје

Како надоврзување на постот за интервјуто со Маша Ребиќ и прашањето што го поставив во него, книгата „Спонзоруше“ на српски јазик може да се купи во Скопје.

Минатата недела ја имаше во „Топер“, и тоа во книжарницата во ГТЦ за 336 денари. Таму ми објаснија дека не добиле големо количество оти изгледа книгата е сеуште актуелна во Србија и тамошниот издавач чека до есенскиот саем за книги, па пота што остане праќа навака.

На фотосот од веб-сајтот на издавачот „Народна књига“ е авторката.

Рецензија следи, само после остварувањето на најавата во врска со „Темно скенирање“ (A Scanner Darkly).

PS
Прашав и во „Три“ и „Табернакул“, таму ја немаше. Што им е на фирмиве, што бираат имиња се на „т“?

21 август 2006

Сексот и хигиената како основа на туризмот

Како што можеше да се насети и од претходни постови, се согласувам со Жарко кој објаснува на Зомбификација:
Вест, во написот „Нудизам и во Македонија“ (од пред две години) навестува дека има: „Меѓу домашните туристи познати се локациите кај Охрид и Струга кои важат за сврталиште на љубителите на нудистичкиот туризам.“

Сепак, такво навестување нема да најдете на националниот туристички портал. Таму се нудат цркви и џамии, селски и „еко“ туризам - каков бе „еко“ туризам у ова ѓубриште на секој чекор?!

Мал совет до идниот раководител на секторот за туризам (Фуфо, или кој и да е): Наместо гробишта и археолошки ископини, под итно да ставите фотографии од некоја дива нудистичка плажа!
И наместо жена да не може на јавно место да се соблече топлес, оти одма ќе грабне некој да ја слика за во весник како куриозитет (фрик!), или водители од радио емисии да ги гњават несоблечените дали би се соблекле, оти кај нас треба храброст за да се соочиш со опасноста од горенаведеното нарушување на приватноста, а и непријатно е ако ти се соберат пазачи да те буљат, оти има луѓе за кои и здогледување на танга е подвиг што се прераскажува у маало... Некои од нив од тоа прават и пари, како Вечер и Алиби минатата година, кои (без претходна дозвола?!) фотографираа луѓе по плажи и бираа „мис“ и „мистер“.

Викендов бев на Љубаништа и Градиште - на првата плажа имаше дури една жена топлес, а на втората буквално купишта ѓубре до луѓето што лежеа како фоки на гола земја, валкајќи се со пешкирчињата во правта. Да лежиш на чакалот од тие помалите плажи е демек, привилегија.

На ниедна од плажите немаше нешто што во земји со развиена понуда е нормално - лежалки и чадори за сонце обезбедени на лице место, дури и таму каде што е уживање да се препелкаш во ситниот, бел и чист песок.

А за на дивите плажи, од локални извори имам чуено дека е добро ако веќе решите да се сунчате голи, буквално да се понесе и огнено оружје да стои на увид на пазачите кои поминуваат со кајчиња и сакаат да се задеваат.

20 август 2006

Застој на патарина: „Гужва, шефе“

На враќање од (викенд во) Охрид пред патарината кај Тетово од правец на Гостивар имаше километарски колони кои се движеа на принцип: застани-повози неколку метри-застани. Кога најпосле стигнав до куќичките кои сите работеа, го прашав типот во што е застојот.
„Гужва, шефе. Не моеш триес иљаде људи да пропуштиш за саат и пол.“
А кај Гостивар, после Тетово и пред Скопје можеше да има колони со должина од максимум десетина возила, со максимално чекање од минута-две...

14 август 2006

50 најкул веб-сајтови, според „Тајм“

Јован ме извести за изборот на „Тајм“ на 50 најкул веб-сајтови (Time.com: 50 Coolest Websites). Чудно како ниеден од нив, особено од рубриката „забава, уметност, медиуми“ не наликува на многубројните „македонски забавни портали“.

Поука за авторите и уредниците на идните македонски веб-изданија.

„Чесни наоѓачи“: рецепт за крадење?!

Според црногорскиот и македонскиот закон, ако најдеш изгубена приватна сопственост и ја пријавиш, ти следува 10% од вредноста. Значи, ако украдеш нешто некому и никој не те види, а потоа тоа го пријавиш како изгубено-најдено, ем немаш правен проблем, ем добиваш и почести и ќар.

Ми личи на дупка во законот.

Иранскиот претседател отворил блог

ББЦ раскажува дека претседателот на Иран Махмуд Ахмединеџад отворил блог (Iran's president launches weblog).

Блогот е лоциран на www.ahmadinejad.ir, но за жал, во моментов не работи (Runtime error).

Странски туристи во Берово - кој го тоа направи?

И на вчерашните вести на А1 го забележав прилогот за добро организираната посета на холандски туристи на планините во источна Македонија. Но и во изданието на интернет не пишува кој е локалниот организатор. Знае некој?

Снипшот - го бива

Горан ја препорачува, а јас се придружувам на препораката за Снипшот (Snipshot.com) - алатката за обработка на слики преку интернет.

За добро утро - три видео клипчиња

Ова со видеово на интернет нема крај. Ќе ти препорача некој нешто од „Ју тјуб“ и после, ни спам чистење те интересира, ни варење кафе-чај-минерал васер со озборување и гласини... Како што вели Јован, внимавајте ако имате ограничен проток.

Спонзоруша како матрица за функционирање на општеството

Маша Ребиќ, авторката на романот „Спонзоруши“ (Sponzoruše) вели во интервјуто за јунскиот „ЦКМ“:
Maša Rebić...Цело друштво и цела земља су једна велика перфидна спонзоруша. Сви желе да се продају, додуше за мале паре, али морално се непрестано ограђују. Било би много лакше и боље да сви кажемо, јасно и гласно, шта хоћемо, колико хоћемо, с ким хоћемо и колико ће то да траје. Данас су сви спонзоруше, и уметници и политичари и новинари и интелектуалци, чак и писци. Али кад јавно говоре, моралнији су и од самог далај-ламе. Зато је код нас све потпуно хаотично и апсурдно.
...

Нама је најпотребније да почнемо да промовишемо прави систем вредности, нарочито кроз медије. Мислим да они могу ту да одиграју највећу улогу, јер како су у тим деведесетим под слоганом "удри бригу на весеље" створили девојчицама идоле као што су силиконске певачице које су се удавале и дружиле са сумњивим, дебеловратим "мачо" типовима, тако би медији данас могли да направе неке нове идоле. Рецимо, лепа, успешна, паметна, вредна научница... Хмм, мислим да ће нам бити потребно много времена да дођемо до тога. Те деведесете су нас толико срозале и деградирале да ће, вероватно, бити потребно још доста времена да се вратимо на свест коју смо имали осамдесетих...
Цитатите не ги преведувам оти не ми текнува македонски еквивалент на „удри бригу на весеље“, а без тоа преводот би бил некомплетен.

Целото интервју е достапно на веб-сајтот блогот на Недим Сејдиновиќ, фотката е од едно друго интервју, а еве и транскрипт од настапот на г-а Ребиќ во едно ток-шоу, како и културолошки есеј на темата од Зоран Ќирјаковиќ.

(Препорака до А1: објавувајте транскрипти на „Чуму“ и „Шпиц“ на веб.)

Дали книгата може да се најде во скопските книжарници?

13 август 2006

Пак за „Мај спејс“

Додека бев на одмор, во „Неделно време“ (30.07.2006) бил објавен

Климатската криза и позеленувањето на капитализмот

Зелените активисти не успеаја да ја придвижат пошироката јавност не поради тоа што не беа во право за проблемите, туку поради тоа што решенијата што ги нудеа не им беа привлечни на повеќето луѓе. Тие бараа стегање на каишите и намалување на апетитите, намалување на термостатот и живот како пониска алка од синџирот на исхрана. Тие ги отфрлија технологијата, бизнисот и просперитетот во замена за враќање кон поедноставен начин на живот. Не е ни чудо што целото движење имаше толку мал ефект. Да се бара од луѓето од најбогатите и најнапредни општества на светото да го свртат грбот токму на оние сили кои им го обезбедиле изобилството во најдобар случај е наивно.
...вели Алекс Николај Стефен во неговиот воведен текст за наредната зелена револуција (The Next Green Revolution) во мајскиот „Вајерд“ (14.05). Како конкретни примери се дадени
- луѓе кои како дел од својот идентитет го имаат инкорпорирано изборот да се купуваат производи и инвестираат во деловни зделки кои се нештетни за околината.

Ал Гор има направено документарен филм за глобалното затоплување насловен „Една незгодна вистина“ (An Inconvenient Truth) за кој трејлери и инсерти може да се најдат на „Ју тјуб“.

12 август 2006

Војсководци за и од кои не учиме

Учениците на балканските историски школи обично патат од етноцентричност, но исто така и од пристрасност во однос на таканаречените „западна“ (денес начелно христијанска) и „ориентална“ (денес начелно исламска) цивилизација, при што прва аксиома е дека тие две се сосем различни, одвоени и непријателски.

Затоа, дури и оние кои се интересираат за историја, кај нас имаат многу можности да дознаат повеќе информации за „западните“ историски личности, како Агаменмнон, Перикле, Филип, Александар, Цезар, Август, Клавдиј, Константин, Јустинијан (и другите римски цареви), Карло, Самоил, Душан, Марко... Наспроти „источните“ Кир, Ксеркс, Дарие, Пор, Чандрагупта, Сун Цу, Лиу Б/Панг, Мухамед, Умаја, Атила, Џингис Кан, Саладин - царевите и војсководците на Персија, Партија, Индија, Кина, Арабија, Монголија и особено Отоманското царство Турците Селџуци и Османлии.

Како посебно интересни ги издвојувам двата султани: Мехмед II Освојувачот (на Константинопол) (1432-1481) и Сулејман Величествениот (1494-1566), кои не само што биле меѓу најзначајните личности на светот во вековите во кои живееле, туку и ја воделе „државната заедница“ во која живееле нашите директни предци.

Како вовед за првиот, го препорачувам написот за меѓусебното љубопитство меѓу Венецијанците и Османлиите (Venetians and Turks: A mutual curiosity) изразено преку културна размена на уметнички дела:
Венецијанците развиле психотичка љубопитност во врска со „другата страна“. На почетокот, знаењето било мало. Недостатокот на информации, секој поасолен политичар ќе ви признае, се надополнува со измислување.
Сликата и медалот се дело на Џентиле Бенили, венецијански сликар кој бил пратен кај Мехмед 1478 година, на негово барање, за да наслика квалитетен портрет, наспроти скоро карикатуралните претставувања кои цирклулирале низ Европа пред тоа.

Кратка историја на топлесот во Македонија

Весникот „Вест“ редовно ги документира појавувањата на жени кои се сунчаат топлес на крајбрежјето на Охридското Езеро:
Во меѓувреме, на естрадата...
Кабинетот на претседателот вчера се јави и со пишан демант, во кој најави дека, во соработка со амбасадата на Македонија во Лондон, презема активности за кривично гонење на магазинот „Максим“ за лагата изнесена во неговиот последен број. Списанието, инаку, во текстот не споменува за кој претседател на Македонија станува збор ниту, пак, кога тоа се случило.
Од добиената оштета од тужбата за навреда и клевета (defamation на српски) можело прилично добро да се пополни буџетот на РМ. Којзнае зошто горенаведениот линк е последен напис на темата во македонските медиуми. Изгледа дека амбасадата презела само мерки на закана, а на нашиве новинари не им текнало да ги прашаат пак на темата до кај е работ’та (no follow up story).

11 август 2006

Волан, Асимов, самоубиство, насилство

Во неговиот пост за самоубиството (дигресија: осврт од аспект на ментално здравје) Волан вели:
Самоубиство по мене е израз на кукавичлук во немоќта да се избориш за своите цели на друг начин...
Не се согласувам дека самоубиството и страшливоста се секогаш поврзани. Иако во голем број случаи тоа може да биде така, сепак има случаи кога тоа може да биде и резултат на храбра одлука, во согласност со моралниот кодекс и совеста на личноста. Горната реченица ја поврзувам со познатиот цитат на Исак Асимов, преку ликот на Салвeр Хардин од книгата „Фондација“ (Foundation):
Насилството е последно прибежиште на неспособните.
(Violence is the last refuge of the incompetent)
На самоубиството може да се гледа како на крајна форма на насилство: непоправливо деструктивно однесување насочено кон себеси, а попат и кон другите. Овде и овде има опширни дискусии во врска со изреката, на англиски јазик. Од првиот и третиот линк, меѓу другото наидов и на два цитати од Ганди, во врска со насилството:
  • Се спротивставувам на насилството оти кога изгледа дека со него се чини добро, доброто е само привремено. Злото што се создава на тој начин е постојано.
  • Која е разликата за мртвите, сираците и бескуќниците, ако безумното уништување кое ги снашло е сторено во името на тоталитаризмот или во светото име на слободата и демократијата?

Духот на Неапол, преку интервју со Спаканаполи

Кармела и ФјуриоСпаканаполи Спачанаполи (Spaccanapoli) е „нео-традиционална“ (нео-етно?) група од Неапол за која се заинтересирав додека ја гледав епизодата на „Сопранови“ под наслов „Тежината“ (The Weight) во која имаше танцување на прекрасна музика - песните „О’Маре“ и „Везувио“ (Vesuvio).

На официјалниот сајт на серијата за секоја епизода има и информација кои песни се користени во неа и кои се изведувачите, па со усрдно користење на P2P може да се најдат.

Преку веб најдов и едно интересно интервју со претставници на групата (Spaccanapoli: Finding the lost souls of a divided city) во кое се зборува не само за старовремските фолклорни корени, туку и за улогата на социјалистичките протестни движења и други елементи на духот на Неапол. Во рамките на интервјуто преку риалаудио може да се слушне и песната „Миецо а феста“ од албумот „Изгубени души“, чие име се однесува на...
„...еден особен култ на мртвите на пониските класи во Неапол. Грижејќи се за напуштени черепи, тие мислат дека душите на тие мртви ќе ги заштитат, оти и самите души се чувствуваат отфрлени. Старовремскиот култ на мртвите им овозможува на овие луѓе да ја интегрираат идејата за смртта во нивните животи и да станат способни да се соочат со неа кога ќе дојде. Од друга страна, буржоаското општество ја отстранува смртта од животот и ја крие. Затоа, кога таа се случува, се случува на вознемирувачки и неподнослив начин.“
Според италијанскиот историчар на фолк-музиката Џовани Вака: „Уметноста треба секогаш да ја искажува борбата против сите видови угнетување и лицемерие. Таа секогаш треба да ги поттикнува луѓето да размислуваат за светот на поинаков начин.“

Рецепт за варено вино (за во зима)

Во тенџере треба да се стави:
  • една чаша вода
  • сецкана кора од два портокала и еден лимон
  • една чаша шеќер
  • две стапчиња канела цимет и
  • четири каранфилчиња
Треба да се вари како шербет (да се згусне), по што се додава
  • 2 литра вино
и сето тоа заедно да зоврие.

Војна против рачниот багаж

На 10 август 2006, Би-би-си објави:

Од рано утринава строги безбедносни мерки се во сила низ британските аеродроми.

Без рачен багаж

Не се дозволува рачен багаж, а патниците смеат со себе да понесат само паричник и препишани лекарства - во проѕирна пластична кесичка.

Дури и родителите кои патуваат со деца мораат да го пробаат бебешкото млеко пред да го понесат во авион.

Тони Даглас, портпарол на Британските аеродроми вели дека во авионите не смеат да се внесат никакви течности.

Уште една компликација во авионскиот сообраќај... Дали тоа значи дека фри-шоповите на аеродромите ќе треба да се затворат? Од нив обично се купуваат течности во шишиња и тоа откако ќе се чекира нерачниот багаж.

Башка што во вешти раце, и самото шише може да се претвори во оружје, како во улична тепачка. На 11 септември 2001 напаѓачите нели биле вооружени само со скалпели, па сега е сигурносен проблем и ако носиш ноктаре или запалка (Do not pack in carry on luggage).

Инаку, во Британија има низа случаи кога „антитерористичките“ закони и прописи веќе се користеле од властите за средување на поинакви проблематични ситуации:
Г. Волфганг бил грабнат за крагната и исфрлен од годишниот собир на Лабуристите во Брајтон заради вознемирувачко прашување на тогашниот Министер за надворешни работи Џек Строу, при што го обвинил за зборување „бесмислици“ во текот на говорот за Ирак.

Тогаш Волфганг бил притворен од полицијата со примена на анти-терористичките надлежности, откако се обидел да се врати на конференцијата.

Подоцна полицијата и премиерот јавно се извиниле. Волтер Волфганг (83) неодамна бил избран во Националниот извршен комитет на Лабуристите (Labour heckler elected to party's ruling body), чин што се толкува како акт на непослушност на незадоволното членство кон лидерот Блер.

Проблемот на самоубиство

Како мој придонес на темата самоубиство, која ја има покренато Волан, го препорачувам текстот „Проблемот на самоубиство“ објавен на Агора (21.09.2002). Во него не се осврнувам на случаи на камикази, ал-каидци, бомбаши самоубијци и други кои се убиваат во контекст на војна, туку на фактори кои влијаат во „цивилство“, како околината, медиумите и слично.

Текстот поопширно ги разгледува главните митови (неточни ставови) за самоубиството:
  1. Луѓето кои зборуваат за самоубиство всушност нема да се обидат да се самоубијат.
  2. Самоубиствата обично се извршуваат ненадејно, без предупредување.
  3. Луѓето кои се обидуваат да се самоубијат имаат цврста решеност да умрат.
  4. Оние кои се обидуваат да се самоубијат остануваат такви засекогаш.
а ги пренесува и препораките на психолози за помош во такви ситуации:
  • Обрнете сериозно внимание на зборувањето за самоубиство.
  • Обезбедете емпатија и поддршка.
  • Расчистете што е клучниот проблем.
  • Предложете алтернативни решенија.
  • Искористете го сомнежот во одлуката да се умре.
  • Поттикнете барање професионална помош.

Сиди Бусаид, Тунис

Сиди Бусаид (Sidi Bou Said, سيدي بو سعيد) во архитектонски поглед е нешто како туниски Охрид, туристичко место со зачувани старовремски куќи во типичен бело-син медитерански стил и прекрасна природа.

Името инаку значи Свети Бусаид, во спомен на еден од мудреците на тунискиот суфизам кој живеел тука. Исламскиот суфизам влече корени од античкиот софизам (sophism), а мудреците обично поминувале голем дел од својот живот патувајќи низ светот и собирајќи знаења, за на старост да се скрасат и да го споделат.

За разлика од главните канонски текови на исламот, во Тунис некои од тие мудреци се прогласени за светци и имаат свои денови и семејни слави. Паралели може да се повлечат со светците од православието, како и со приказната за себеспознавањето изложена во „Алхемичарот“ од Паоло Куељо. Дел од дејствието во таа книга се одвива токму во северна Африка, која пред арапското освојување и прифаќањето на исламот, претежно била дел од Византија.

Камелеончиња се множат, кога имаат простор

Еден Британец кој си чува малечки камелеони како домашни миленичиња успеал од едно парење да одгледа дури 55 живи потомци (Mama Chameleon). Написот дополнително известува дека камелеоните биле многу територијални животни и не се трпат многу меѓу себе, освен кога се ептен малечки или кога се спремни за парење.

Претпоставувам дека камелеончињава што ги фотографирав во Сиди Бусаид им е ептен неудобно. Ги чуваат за да им наплаќаат фотографирање на туристите со некое од нив на рака.

10 август 2006

МАТ-лег, специфична македонска форма на џет-лег

Џет-лег (jet lag) е физиолошко нарушување кое настанува поради пореметување на метаболичкиот ритам кога брзо се минуваат временски зони, особено при интерконтинентални патувања со млазни авиони. Симптоми:
  • дехидрираност,
  • исцрпеност,
  • главоболки,
  • дезориентација,
  • грогираност,
  • нарушување на варењето,
  • несоница и нарушен ритам на спиење,
  • општа нервоза и осетливост на дразби
Авио-патниците од Македонија се изложени и на МАТ-лег, слично физиолошко нарушување кое настанува поради хаотичниот прераспоред со кој de facto монополскиот Македонски авио-транспорт ги врши своите летови. Симптомите на МАТ-легот се исти како погорните, иако се работи за многу пократки летови, од максимум 2 часа, од медитеранските туристички дестинации.

Така на пример, пред некој ден на враќањето од одмор со чартер-лет од аеродромот Монастир (Тунис) за Скопје, летот најавен за 23 часот полета во 3 часот, стигнувајќи во 5 сабајле. Задоцнувањето беше поради тоа што истиот авион требало дента да лета до/од Анталија и/или Цирих. За доцнењето се знаеше од порано, еден од туристите со смс комуницираше со контакт од авио-бизнисот, но одговорните од агенцијата Аурора до последен момент тврдеа дека ќе сме биле на време и не го сменија распоредот на тргнување од хотелот (19 ч.), принудувајќи ги гостите, меѓу кои и многу мали деца, да кмичат на неудобните аеродромски столчиња. За утеха, беа поделени бесплатни сендвич и сокче во аеродромскиот бар. МАТ инаку почнал да наплаќа за храната во нивните авиони, на пр. кроасанче е 1.5 евра.

Иако авионот на МАТ во Тунис стигна околу полноќ, дополнителна компликација настана оти скопскиот аеродром не работи меѓу 24 и 4 часот, па мораше да тргне подоцна за да има кај да слета. (Не можам да замислам што се случува ако во овој период над Македонија настануваат авио-куршлуси и се појавува потреба од итно слетување.)

Последица: целодневна „кома“ и умор на крајот на одморот.

PS
До кај е отворањето на линии на Изи џет (easyJet.com) и Рајан ер (Ryanair) кон Македонија?

Македонија и Тунис: сличности и разлики

Сличности
  • Богато културно наследство како последица на историја исполнета со присуство на разновидни светски цивилизации.
  • Биле дел од Римското и Отоманското царство.
  • Гостопримливост и љубезност.
  • Природни убавини со голем потенцијал за туризам.
  • Одлична храна, сочно овошје и зеленчук.
  • Немаат нафта или други извори на фосилни горива.
  • Сличен животен стандард, економија која трпи од колонијалното минато.
  • Слично ниво на познавање на англискиот јазик кај општата популација.
  • Неоптеретеност со религиски догми во секојдневниот живот*.
  • Разновидно, разнородно и симпатично население: Тунижаните може да бидат од светлооки и црвенокоси Бербери, преку типични Арапи, до црномурни црнци. Многу од нив имаат „медитерански“ црти: високо чело, кукаст нос, големи очи, благи веѓи, маслинеста кожа. Малцинските евреи и христијани се сметаат за интегрален дел од општеството.
Македонци земаат душа при обиколката на урнатините на античка Картагина.
Тунижани чекаат автобус во предградие на главниот град Тунис.


Разлики
  • Тунис сесрдно го остварува својот потенцијал за туризам, при што целиот државен апарат и вработените во сите стопански гранки се трудат туристот да се чувствува убаво, безбедно и да има желба да троши за уживање.
  • Кога чекаат нешто, Тунижаните не клечат: или стојат, или седат на нешто (столче, кутија, камен).
  • Медиумите во Македонија се послободни: Тунис има радио-станица наменета за странците во земјата, која емитува на англиски, француски и италијански јазик. Туниската туристичка индустрија инвестира во образовани водичи кои учат странски јазици во земјите од кои им доаѓаат туристи.
  • Производите од кожа во Тунис се релативно ефтини, особено чевли
  • Во Тунис, по чаршиите има потреба од ценкање, кое е форма на комуникација која се граничи со оддавање почит и укажување внимание
  • Тунис има море, топло и сино, со плажи со бел ситен песок
  • *98% од Тунижаните се муслимани, а влијанието на исламот е во тоа што појакиот алкохол се продава само на одредени места и е релативно поскап. Во петок продавниците или одделите на супермаркетите за алкохол не работат, поради џума (главна молитва во неделата).
  • *Дел од Тунижанките носат марами, но не и мантили, туку раскошни локални фустани. Некои се капат со дополнителна, тенка облека врз костимот за капење. Младите Тунижанки обично ја носат косата фатена со шнола или ластиче, а облекуваат црна блуза на прерамки и фармерки или слични пантолони.

09 август 2006

„Комуникации“ со нова веб-адреса

Комуникации е еден од првите македонски блогови што во пракса ја остварува една од најважните препораки на Јакоб Нилсен - земи си свој домен, па да те види Господ.

Од старата адреса komunikacii.blogspot.com се пресели на komunikacii.net. Аирлија преселба!

PS
Колку што знам, прв македонски блогер што го има применето ова е Букаро, со купување на доменот www.bukarski.com, кој пренасочува кон неговиот блог на блогспот.

Три години „Развигор“

Упс, отидов на одмор без да ја одбележам годишнината од основањето на блогов - англиската верзија на 1 јули 2003, а строго македонската 30 дена подоцна.

:-) Ама се вратив!