Блекаут

28 September 2006

Дванаесетти септември - антитерористичка игра

„Дванаесетти септември“ (September 12th) е поучна видео игра - симулација која се обидува да укаже дека насилството не е лек за тероризмот, па дури и за оној од 11 септември 2001.

Ја имам споменувано неколку пати досега во разни контексти, ама е толку добро направена што вреди и да се повторам.

Играта е со одлична анимација, направена во шоквејв, па ако го немате инсталирано тој систем ќе треба да одвоите неколку минути за инсталирање на плагинот. Играњето е бесплатно и може да се врши само преку интернет.

25 September 2006

Архитектонско-оптички илузии

Збирка фотографии на оптички илузии во просторот населен со луѓе (Arkinetia - Revista Electrónica de Arquitectura - Felice Varini y la misteriosa segunda dimensión de la arquitectura).

24 September 2006

Ставете копче за Технорати МАК Топ

MAK Top BlogГо поддржувам на повикот за ставање копче до Технорати МАК Топ.

Ако вашиот блог е вклучен во листата, редно е да дадете мал придонес за промоција на сервисот - и преку копче, но и преку пост кој ќе линкува до постовите на таа тема. Од тоа токму вие ќе имате директна полза, оти колку повеќе луѓе го посетуваат, толку повеќе луѓе ќе кликаат на вашиот линк таму.

Дополнување на википедија - враќање на инвестицијата

Претходните постови за тврда и мека научна фантастика и deus ex machina ги искористив како основа за никулци на македонската википедија:
Бездруго се послужив со англиската како поддршка, па ова е враќање на заедницата. ;-)
Ако ве интересираат темите, дополнете ги.

23 September 2006

Што е мека научна фантастика (soft science fiction)

Мека научна фантастика (soft science fiction) е поджанр на научната фантастика во која заплетите и темите повеќе се фокусирани на развојот на ликовите и нивните односи и чувства, отколку на деталите на технологијата или законите на физиката.

Кај меката научна фантастика често се обработуваат мотиви кои немаат научна подлога или современата наука ги смета за тешко остварливи, како телепатијата. Покрај тоа, за разлика од тврдата научна фантастика, кај меката предност имаат општествените науки – филозофијата, психологијата, политикологијата, антропологијата и социологијата.

Подемот на овој жанр е делумно поврзан со шеесеттите и седумдесеттите години на дваесеттиот век, а класици на меката научна фантастика се Реј Бредбери, Роберт Хајнлајн, Филип К. Дик, Френк Херберт и Урсула К. ле Гвин.

Deus ex machina

Deus ex machina е латинска фраза која се користи да опише неочекуван, вештачки или неверојатен лик, уред или настан кој ненадејно се појавува во текот на драмското дејствие со цел да се разреши некоја ситуација или да се разреши заплет. На пример, протагонистот се буди и сваќа дека сето тоа било сон, или ангел ненадејно се појавува да ги реши проблемите кои не можат да ги решат ликовите.

Проширеното значење на фразата се однесува на било која разрешница која не е во согласност со интерната логика на приказната и е толку неверојатна што го загрозува прифаќањето на основните нереалистични премиси на делото кај гледачот.

Фразата потекнува од античкиот грчки и римски театар, кога се користела машина (кран) да спушти на сцената актер во улога на бог (или богови) за да се разреши безнадежна ситуација.

Што е тврда научна фантастика? (hard science fiction)

hard science fictionTврдата научна фантастика (hard science fiction) е поджанр на научната фантастика (НФ) во кој авторот строго се држи до познатите научни сознанија, а шпекулира само за оние области за кои нема утврдени научни вистини. Во текстот доминираат теми поврзани со природните науки, како физиката, астрономијата, астрофизиката, биологијата...

На Википедија добро ја сумираат суштината на оваа гранка:
Писателите на тврда научна фантастика обично се трудат нивните стории да бидат во согласност со познатата наука во времето на објавување, што исто така значи дека за подоцнежната публика нивното знаење ќе биде очевидно некомплетно. Така на пример, некои постари дела опишуваат космонаути кои по Венера шетаат во обични алишта. Дури кога дејството на дела од тврдата научна фантастика е лоцирано во алтернативни универзуми во кои важат други закони на физика, авторите се обидуваат да создадат множество физички закони кое ќе биде интерно конзистентно. Ова е во директна спротивност на поджанрот вселенска опера, каде законите на физиката воспоставени со приказната се применуваат неконзистентно, а наизглед нерешливи ситуации често се решаваат со откровенија на претходно непознати особини на воспоставената технологија во стилот deus ex machina. Озлогласен пример на ваква пракса е Ѕвездени патеки. Непишано правило на тврдата НФ е дека нарушувањата на тековно познатите закони на физиката треба да се држат на минимумот неопходен за одржување на нарацијата, доколку авторот пишува конзистентно за нив.
Најпознати автори на тврда научна фантастика се Жил Верн, Херберт Џорџ Велс, Исак Асимов, Артур Кларк, Грег Бер, Дејвид Брин, Мајкл Крајтон, Хери Херисон, Роберт А. Хенлеин, Станислав Лем, Лери Нивен, Ким Стенли Робинсон, Карл Саган, Аркадиј и Борис Стругацки.

Заборавениот Мисирков: Арам македонцки работи

Крсте Петков МисирковИнтегрално го пренесувам коментарот на Жарко Јорданоски од рубриката „Острилка“ во денешниот „Шпиц“ (23-24.09.2006, бр.97).
Нема посветол лик во македонската историја од Крсте Петков Мисирков. Тој го ослободи својот народ со јазик и писмо, кога други не можеа со бомби и патрони. Денес, државата изградена на неговите духовни темели, го заборава. Неговата годишнина ја нема во ниту една програма, никој не побарал ништо да се слави, ниедна институција не издвоила ни денар за годишнината од неговата смрт. Неговиот гроб во Софија е обраснат во пиреј и троскот, а нашите амбасадори не можат да го најдат.

Арам да им е на тие што цел што цел живот го јадат лебот по разни институции и академии, катедри, посветени на македонскиот јазик, култура, книжевност, историја... За да го имаат тие тој леб, за и тие да имаат свој јазик, нација и држава, Мисирков пред 80 години мораше да умре, буквално од глад.
За жал, написите од тој број сеуште не се поставени на веб.

22 September 2006

Самоубиствени реклами

И мене ми падна в очи рекламата со скокање од балкон на Ти-мобајл на која укажува Волан, а и многу други производи од комерцијална провиниенција го користат елементот на самоубиство/скокање од огромна висина.

Такви се „Скокај Ламбе!“ по „Пепси“, до низа музички спотови (= реклами за синглови) како оној на Еванесенс (Bring me to life), или оној на Боби Мек Ферин (Don't Worry, Be Happy).


Дали маркетиншките психолози манипулираат со стравот од смртта како и обично, или се обраќаат до депресивната публика која веќе размислува „да си ги прекрати маките“ и затоа може да ја привлекуваат содржини кои кокетираат со таа тема?

Во Проблемот на самоубиство презентирав научни сознанија дека медиумите можат и влијаат на зголемување на бројот на самоубиства под одредени услови.

Инаку, Боби Мек Ферин не се самоубил по издавањето на неговата песна во 1988 година, тоа беше само злобна финта која се ширеше низ бивша СФРЈ. Го видов со свои очи и чув со свои уши пред околу 6 години на концерт во Канзас Сити - музичар за почит. Од друга страна, мислам дека за почит е и критиката на безразумниот оптимизам која Рамбо Амадеус ја даде со песната „Донт хепи би вори“.

Дополнение: Советот за радиодифузија делумно го цензурирал спотот. Информацијата ми ја пренесе Арвена, која претходно пишувала на темава.

Небото над Берлин


Фотографијата нема врска со истоимениот филм на Вим Вендерс (Der Himmel über Berlin) од 1987 година, туку со претходните постови за покривите и берлинката од 2006 година.

Бил Гејтс за критичната маса

Во предговорот на второтo издание на „Патот напред“ (The Road Ahead, ISBN 0140260404), Бил Гејтс пишува:
Иронично, кога една технологија достигнува критична маса нејзините слабости и ограничувања стануваат јаки страни оти бројни компании, обидувајќи се да заграбат парцели како при златна треска, нудат решенија за недостатоците. Оригиналниот ПЦ на ИБМ е добар пример за овој феномен. ПЦто имаше однапред зададени ограничувања кои лесно се идентификуваа. Инжинерите од многу компании ќе го погледнеа и ќе речеа „Ау, машинава има прoблеми!“. Кога навалија да заработат пари со исправање на несовршеностите, започнаа спирален циклус на инвестиции кој петнаесет години ја движи еволуцијата на архитектурата на персоналните компјутери. Интернетот сега е во слична позиција. Многу од неговите парчиња недостасуваат или не работат како што треба, но бидејќи е предодреден да еволуира во глобалниот информациски автопат за кој сите зборуваме, интернет нуди прекрасна можност за компаниите да понудат начини да се подобри.
Книгата е објавена 1996 година.

21 September 2006

Перформанс: Уметноста на секојдневието

Петок вечер во Музејот на современа уметност ќе биде одржан едновечерен интерактивен перформанс на младата уметничка Верица Ковачевска:
Перформансот е завршен дел од едногодишниот проект „Секојдневна уметност, уметноста на секојдневието“ во кој авторката секој ден дисциплинирано, напати дури и опсесивно, запишува што се случило тој ден и кои се нејзните размислувања околу тоа.
...
Преку овој проект авторката исто така ја истражува поврзаноста помеѓу животот и уметноста и поставува две клучни прашања: Дали секојдневието е континуиран уметнички перформанс? и Дали уметноста може да биде една рутинска и дисциплинирана секојдневна активност?
Перформансот ќе се одвива континуирано меѓу 20 и 22 часот.


Придонесете за блогот „Македонски народни песни“

Се придружувам на повикот на Гуд бајтс (кој го поддржува и Арвена) за збогатување на содржините на блогот Македонски народни песни. Тој вели:
Нормално, објавувам и отворен јавен повик до секој добар човек кој има текст или mp3 од стара македонска народна песна, да ми ги прати на оваа адреса: the.goodbytes@gmail.com. Ќе ги публикувам на блогот со песни, нема да му платам ништо, па уште и ќе му кажам дека сторил добра работа што нанижал уште еден бисер во ѓерданот кој ќе го краси македонскиот Интернет простор. ;-)
На времето на Агора прекуцавме или оцериравме неколку народни приказни забележани од Марко Цепенков и многу убаво се чуствувавме поради тоа.

Мислам дека би било најдобро тие што знаат да пеат да се снимат и да му пратат сопствени интерпретации на народните песни на Гуд бајтс. Оти, ако тие песни не се пејат во друштва, меѓу народот, туку се важат само „професионалните“ интерпретации... веќе не се народни?

Крадење бесплатни весници, на пример „Шпиц“

Дарко известува дека Калифорнија усвоила закон против крадење бесплатни весници, со цел промовирање на слобода на печатот:
Мотиви кои според законот може да водат до кривична пријава се крадење на весниците за да се рециклира хартијата во замена за пари или да со цел да се спречат другите да ги читаат.
Вторник (19.09.2006) приквечер, самрак, улица Македонија. Штом донесоа „Шпиц“, еден старец зема барем дваесетина парчиња од купчето кај колпортерите. Продавачот го опомена да не зема толку, а овој одговори „И за други ми се“ - и на тоа се заврши. Колпортерот викаше малку, обраќајќи се на другите присутни дека еве, не е во ред, но џабе. Потоа старецот од другиот продавач купи „Теа“ и си замина со свитканите „Шпицови“ под рака кон плоштад.

18 September 2006

Како да симнувате видео-клипови од Ју тјуб

Еден начин за симнување видео клипови од „Ју тјуб“ (YouTube.com) е:
  • користете Фајерфокс (Firefox)
  • инсталирајте му ја додавката за симнување видеа (VideoDownloader)
  • на статус барот во разгледувачот ќе ви биде додадено едно копче
  • на страницата со видеото, кликнете на копчето и ќе ви даде опција да го симнете клипот во ФЛВ-формат
  • за гледање на ваквите датотеки потребен е ФЛВ Плеер (FLV Player)

17 September 2006

Товарот на белиот човек (White Man's Burden)

„Товарот на белиот човек“ (White Man's Burden) е американски филм од 1995 година кој попладнево и ноќеска го прикажува ТВ Телма. Навистина ме зачудува што за филмов не се знае повеќе, со оглед на тоа што во него играат Џон Траволта, Хари Белафонте и Кели Линч, а вмешан бил и Квентин Тарантино. А таа година и тој и Траволта беа главни фраери - претходната е објавен „Ефтини приказни“ (Pulp Fiction).

Името на филмот доаѓа од песна на Ридјад Киплинг (White Man's Burden), која мене ми звучи доста саркастично и иронично, но глупаците се имуни на иронија - па фразата воглавно ја користеле како расистичко оправдание за злодела. Демек, белците (англосите) се одговорни да ги шират придобивките на цивилизацијата кај „дивите“ и „нижи“ раси. Песната доживеа повторна популарност пред некоја година, при протестните активности против војната за Ирак.

Филмот е направен непретенциозно, со техника на снимање која баш го прави да изгледа дека е снимен во седумдесеттите или порано. Во него се раскажува за „алтернативна реалност“ во која класните и расните стереотипи се измешани. Премисата е научнофантастична, но имиџот не е. Но, одличен е за согледување на моќта на предрасудите. Некои од примерите од филмот ќе ве потсетат на аргументи изнесени во „Куглање за Колумбајн“ (Bowling for Columbine), документарецот на Мајкл Мор од 2002 година.

Најзначајните спотови од МТВ, според ЦКМ

Септемврискиот ЦКМ (CKM, бр. 37, уште не е дојден кај нас) по повод 25-годишнината на МТВ (MTV) нуди листа на најзначајни спотови по години. Ја презентирам без вицкастите и остроумни коментари, но со линкови до спотовите.

1981 The Buggles: Video Killed the Radio Star
1982 Duran Duran: Hungry Like the Wolf
1983 Michael Jackson: Thriller
1984 The Cars: You Might Think
1985 A-Ha: Take On Me
1986 Run-DMC/Aerosmith: Walk This Way
1987 Peter Gabriel: Sledgehammer
1988 Bobby McFerrin: Don't Worry, Be Happy
1989 Madonna: Like a Prayer
1990 Billy Idol: Cradle of Love
1991 Nirvana: Smells Like Teen Spirit
1992 Guns n' Roses: November Rain
1993 Aerosmith: Crazy
1994 Beastie Boys: Sabotage
1995 Michael & Janet Jackson: Scream
1996 Smashing Pumpkins: Tonight, Tonight
1997 The Prodigy: Smack My Bitch Up
1998 Britney Spears: …Baby, One More Time
1999 Foo Fighters: Learn to Fly
2000 Red Hot Chili Peppers: Californication
2001 Fatboy Slim: Weapon of Choice
2002 The White Stripes: Fell in Love With a Girl
2003 Queens of the Stone Age: Go with the Flow
2004 Eric Prydz: Call on Me
2005 Green Day: Boulevard of Broken Dreams
2006 Franz Ferdinand: Walk Away

(Конекцијата вечерва ми е преспора и не можам сите да ги проверам, ако имате линк до подобри верзии, пишете.)






Стрип за „Скршени цвеќиња“

Кратка содржина на филмот „Скршени цвеќиња“ има во форма на стрип на сајтот „д’Комик критик“ (www.thecomiccritic.com).





Бонус: фото од Шерон Стоун од филмот од некој шведски сајт.

16 September 2006

Скршени цвеќиња (Broken Flowers) и Габриела (Gabrielle)

Не ми е јасно зошто на Скопскиот филмски фестивал морам да се изнамачам за да видам добар филм. Нешто ко во средниот век, ако се интересираш за духовното треба да се откажеш од телесното - затоа во православните цркви нема столици за паствата. Тајмингот од 23 часот е екстремно неудобен и незгоден, а годинава немаше ни репризи ни бутур. Дури и комерцијалниот аспект беше незапазен, со снемувањето одредени типови сокчиња во тој термин.

„Скршени цвеќиња“ (Broken Flowers) многу ми се допадна, а коинцидентно имаше интересна публика.

Макондо има најдено супер илустрација на нејзиното мислење, а мене инаку најголем впечаток ми остави токму таа сцена, кога ликот што го толкува Шерон Стоун мафта од вратата, а ќерката се појавува на прозорецот. Шерон Стоун е одлична!

А и „Габриела“ (Gabrielle) не беше лош, особено она „стриповското“ уфрлање на текст наместо изговорени реченици што ептен ја разбиваше досадата и поттикнуваше вовлекување во дејствието (оти гледачот ги „слуша“ изговорени со својот сопствен глас, во својата глава).

15 September 2006

Моќта на интернет-петициите: денс-ѕвездата Гала

Единствена интернет-петиција за која имам чуено дека предизвикала некаков ефект е онаа со која обожавателите ја повикуваат пејачкатa Гала да се врати на сцена.

Според Википедија (Gala Rizzatto), петицијата повлијаела Гала, чиј најголем хит (Freed from desire, видео) беше од 1996 година, да издаде нов сингл (Faraway, исто) пролетоска.

Дигресија: „Фрид фром дизајер“ е одлична за песна што не излегува од глава (song in your head)...
My love has got no money He's got his strong beliefs
My love has got no power He's got his strong beliefs...

14 September 2006

И уште малку за „Соушал митер“

Како што можеше и да се очекува, Соушал митер стана и веб-сајт на денот (бекап).

Го „пуштив“ да ми пресмета број на поени за моите лични веб-сајтови што сеуште се достапни
Евидентно е дека блоговите, дури и оние неактивираните подолго време, „генерираат“ голем број линкови кон нив.

ЦД „Заврши си работа!“ за одбележување на Денот на слободниот софтвер

Метаморфозис известува дека по повод Денот на слободниот софтвер - 16 септември (Software Freedom Day), подготви ЦД со слободен софтвер под наслов „Заврши си работа!“.
ЦДто содржи слободен софтвер на македонски и англиски јазик наменет за:
  • канцелариско работење: обработка на текст, табеларни пресметки, презентации, бази на податоци – ОпенОфис.орг, со упатство за употреба на македонски јазик
  • користење на интернет: сурфање и е-пошта – Фајерфокс, Тандербрд
  • обработка на слики, фотографии и документи во разни формати – Гимп, ПДФ креатор...
  • како и 11 игри.
...
Од 16 септември 2006 година, ЦДто ќе биде достапно преку дистрибутивната мрежа на дневниот весник „Време“ по симболична цена од 50 денари.

You know what to do! ;-)

Споменици на Александар во Прилеп и Солун

Фотографии од два споменика на Александар Македонски Велики

од Прилеп

и Солун.

Историски гледано, иако најпозната сила на античката македонска армија била фалангата (пешаци со долги копја кои одат во формација), Александар „служел“ во коњаница, која била исто така важен род, оти овозможувала брзи и ненадејни удари, особено кон раководството на противниците.

12 September 2006

Мерење на општествената поврзаност

Преку блогот на Горан дознав за постот на Гудбајтс во кој го претставува одличниот мерач на поврзаност наречен Соушал митер (SocialMeter).

Уфрлате сајт и ви кажува колку линкови водат кон него од неколку главни фраерски сервиси. Одлично за споредби.

Го препорачувам сесрдно!

11 September 2006

Каде бевте на 11 септември 2001 година? (9/11)

Денес е петгодишнината од нападите од 11 септември 2001 година.
  • Датумот веројатно ќе се смета за историски, па интересно би било и Вие да кажете (преку пост или коментар) како го имате поминато.
Јас дента бркав нешто работа и попладнето во една компјутерска фирма ми кажаа што се случува - но многу, многу нејасно. Во првиот момент кога ми кажаа дека авион удрил во зграда помислив дека е некое мало авионче, како она на Матијас Руст (Mathias Rust), и се чудев зошто тоа би било толкава сензација.

Сајтот на CNN беше блокиран, не можеше да се добијат нови вести. Вечерта бев дома, се обидував сурфајќи да примам и обработам што повеќе информации...

Инаку, таа зима се вратив од студии во САД и сеуште бев прилично во тек со ситуацијата таму, постојано следев и нивни вести, комуницирав со познаници и слично, па чуствував емпатија за тамошниот народ. Особено што тоа беше периодот на воената криза кај нас, кој ни донесе многу маки и страдања, па можевме да се поистоветиме со жртвите на овој терористички чин.

Многу брзо почнаа да излегуваат лични сведочења, особено на блоговите што ги следев - како оној на Том Тумороу, од кои не се добиваше јасна слика за што всушност се случило, но се градеше мозаик на чувства и емоции, како и лични приказни поврзани со „најн илевен“.

08 September 2006

Неконзистентна публика: два примери


ВББ се жали дека публиката на концертот на Пет Шоп Бојс не одговарала на сензибилитетот на бендот, а еве уште еден пример.

Завчера пред натпреварот Македонија-Англија, група навивачи се загреваа во кафеаните кај Идадија со песната „Абре Македонче“, ама наместо „клетите фашисти“ извикуваа „клетите Шиптари“. Барајќи веб-издание на оригиналот, се изненадив дека такви националистички верзии стојат на официјални навивачки сајтови, како оној на Кометал.

Нешто потоа, во текот на натпреварот, бев на кеј. Таму настапи општо воодушевување кога очигледно неклетиот Албанец Артим Шакири влезе во игра, со аплаузи и извици. Не знам дали меѓу нив беа гореспоменатите и како точно се однесувале, но еве, генерализирам!

Конфликтот на филмски фестивали во Скопје

Во Скопје деновиве се одржуваат Скопскиот филмски фестивал и Фестивалот на нов германски филм. Првиот во Милениум, Култура и Манаки (8-16.09), а вториот во Фросина (7-13.09). Би било поарно да се здружат. Баш би им било супер.

Првиот има сајт кој ги нема поправено мааните со употребливоста за кои на времето пишував во „веб-сајт на денот“ (а за да видиш кога кој филм игра, те тераат да симнеш ПДФ-документ), а вториот нема никакво активно присуство на веб.

Ја објавувам фотографијава на дел од нивниот плакат како доброволен прилог за сите оние кои ги интересира преостанатата програма, без барање да ме наведат како медиумски спонзор.

Честит празник + роденден на Стар трек

Денес, покрај Денот на независноста, го славиме и четириесеттиот роденден на Стар трек. Екипата од Мак трек организираат и журка во ГТЦ.

Инаку, местото кај што се одржува главната прослава, Музејот на СФ во Сиетл (Science Fiction Museum and Hall of Fame), е супер институција и локација. Алал да им е на изборот.

Химна на компјутерџиите од бивша Југославија

Компјутерџиите од просторите на бивша Југославија уживаат една голема привилегија: за разлика од „запад“, а богами и „исток“, на нашиве простори нема предрасуда дека компјутерџиите не се секси. Напротив!

Сметам дека за тоа голема заслуга има една девојка: Марина Перазиќ од бившата група „Денис и Денис“. Песната „Програм твог компјутера“ (mp3) во старт, уште од 1984 година на компјутерџиите им даде одличен шмек, полезен во понатамошните контакти со жените.

Марина, фала ти!

Претседателот на РМ - спонзор на Кока-кола?!

Користењето на институцијата претседател на РМ за покровителството на фестивалот Кока-кола саунд вејв (Coca-Cola Sound Wave Festival Vol. 2 powered by Cosmofon) можеби може да се смета за уште еден пример на јавно-приватно партнерство (public private partnership).

Се работи за комерцијален настан, кој освен рекламна има и функција на прибирање директен профит. Според Вест (8.9.2006.):
На вчерашниот прес организаторите освен слободен влез и излез откако еднаш ќе се влезе, најавија безбедност на високо ниво, евтини пијачки и простор со храна. Влезниците за настанот се 900 [денари], а на врата ќе бидат 1000 д[енари].
Во најновата Теа (6.9.2006, без веб) Иван Беќковиќ има интервју со организаторот на фестивалот, Владимир Крстевски - Франц, во кое се истакнува дека настанот е „во чест на Денот на независноста на Македонија, а под покровителство на претседателот Бранко Црвенковски“. Карактеристичен е поприлично долгометражниот и максимално безсодржински одговор на многу конкретно прашање:
Теа: „Годинава фестивалот го помагаат многу спонзори, па дури и претседателот Црвенковски. Во што, всушност, ќе помага претседателот?“

Крстевски: На огромно задоволство на организацискиот тим на фестивалот беше дочекана одлуката од страна на претседателот на Република Македонија г. Бранко Црвенковски, да го поддржи овој музички настан. Посебно важно е дека највисоките државни институции се отворени за соработка со млади луѓе и решаваат да поддржуваат културни и музички настани. Верувам дека ова претставува голем чекор напред за самиот фестивал! (мој болд/италик)
Значи, млади луѓе, не корпорации. Млади луѓе! You know what to do - ако организирате нешто од областа на културата и музиката.

Друг пример за јавно-приватно партнерство е Стратешкиот договор меѓу Мајкрософт и Владата на РМ (2003).

07 September 2006

Германски вицови од времето на нацизмот

Српскиот весник Данас (3.09.2006) известува за излегувањето на книгата и филмот „Хајл Хитлер, свињата е мртва“ на Рудолф Херцог.

На истата страница, неколку написи подолу, се поместени и неколку вицови од самата книга. Тој со свињата го имам чуено пред неколку години, со Милошевиќ во главната улога.

Една берлинка (ein Berlinerin)

Типкава сама си го бараше. Јас си го сликав пејсажот во позадина, а таа реши баш тогаш да помине. Инаку на тротоарот имаше место и зад мене.



Референца од поп-културата, познатиот говор на Џон Кенеди ("Ich bin ein Berliner").

05 September 2006

Видео: Филмчиња направени од автопортрети

Би пишува за типот што шест години се сликал па направил филм (Noah takes a photo of himself everyday for 6 years.) .

Пред некоја недела една девојка издаде слично трогодишно дело (Me: Girl takes pic of herself every day for three years), кое предизвика многу смешна реакција на 24-годишна база (Guy takes pic of himself every 12 years for 24 years).

Преспанска Венеција? Не, ние не сме центар на светот!

Еден од првите македонски блогери (кој пишува на англиски) се нарекува Дејвид Еденден. Од неодамна пак има почнато со блогирање, а особено вицкаст му е постот (Venice of Macedonia? I doubt It.) со кој реагира на написот „Чамци од камено доба закотвени на Преспа“:
Бомбастичниот наслов затскрива интересен напис за старовремски чамци во Наколец, Република Македонија. Наколец, старовремска Венеција... како не бе, важи! Значи, Долно Дупени мора да било Париз на стариот Балкан! А тек Подмочани!
...оригинално објавен во Време, кој на веб-сајтот на Обединетата македонска дијаспора е преведен како „Заборавената македонска Венеција открива предисториски артефакти“ (Forgotten Macedonian Venice Reveals Pre-Historic Artifacts).

Инаку, за оние што не знаат, карактеристиките што ја направиле Венеција - Венеција не било само тоа што биле на вода, туку и стратешката положба, претприемачкиот дух, трговијата и способноста за воени потфати.

А наколни живеалишта имало и во Охрид. Фоткава е снимена кај Градиште - „Миќов град“, каде во водата има и одбележени остатоци од колци, а и скршена грнчарија...

Покривите над Берлин

Ова е фотографија на едни берлински покриви. Како што може да видите, на нив има едноставни уреди наменети за поуспешно топење на снегот кој би се натрупал во зима, односно негово задржување додека не се истопи низ решетките.


Препорачувам слични да се инсталираат и во Македонија. Во Скопје, сведок сум на неколку случаи кога огромни парчиња набиен снег паѓале баш таму кај што минуваат луѓе, притиснати до ѕидовите од автомобилите паркирани на тротоарите.

Визно гето за Македонија: спасот да ни падне од небо

Најновиот напис на темата визно гето од А1 вели:
Вкупно 148 земји во светот бараат визи за македонските граѓани. 117 од нив немаат амбасади во Скопје, па македонските државјани за добивање виза мораат да патуваат во Белград, Рим, Виена, Париз, Осло, Букурешт, Прага и други градови, за каде исто така им се потребни визи.

Странските дипломати оценуваат дека Македонија поагресивно треба да инсистира на укинувањето на визите, а не само да чека некој тоа да и го понуди.

Видео: Ване Таковски од „Беласица“ за СИДАта

На „Ју тјуб“ има видео-изјава на Ване Таковски од ФК „Беласица“ во која тој зборува за СИДАта, новинар(к)ите и слично.

На блогов, овој лик се појави во постот Расисти, јуриш! (Во Македонија инаку нема СИДА), каде што ја цитирав неговата изјава дека немало веќе да ангажира црномурни фудбалери, која ја оценив како расистичка.

Случајот со Адамс го споменав и во Писма од читатели: Х.Е.Р.А. реагира на веста за нашиот фудбалер со нигериско потекло.

01 September 2006

Тактики за зголемување на сообраќајот на вашиот блог

За разлика од негативните и непрепорачливи активности за лажење на бројачот на посети, ги препорачувам тактиките кои ферски привлекуваат читатели (21 Tactics to Increase Blog Traffic).