Блекаут

31 January 2007

Навраќање на „Соушал митер“

Како и минатиот пат, го „пуштив“ „Соушал митер“ да ми пресмета број на поени за моите лични веб-сајтови што сеуште се достапни

30 January 2007

Не сме биле ептен вики-дунстери

Гуд бајтс го одржа зборот даден во коментар на постот „Википедија на македонски - последна на Балканот“ и понуди статистичка споредба поврзана со бројот на жители на одделна земја, која укажува дека ние не сме на крајот, туку на средината на долгата опашка на балканските вики-нации.

Некакви слични споредби правев и јас на времето, ама не земајќи го бројот на жителите на одделна земја, туку бројот на говорители на даден јазик. Википедиите на разни јазици се транснационални производи, во кои учествуваат и припадници на дијаспорите и слично. Особен пример е википедија на англиски, во која учествуваат луѓе од многу земји, не само оние во кои англискиот е официјален.

Како исполнување и на мојата најава, еве го и фајлот со податоците (зип, 6К) кои во два наврати ги собрав за бројот на написи на различни википедии.

29 January 2007

Потребно е да се стандардизираат владините домени

Во написот „Владин интернет-хаос“ Владо Апостолов ја покренува многу интересната тема за стандардизација на имињата на домените на владините веб-сајтови:
Експертите по македонски јазик не се против имињата на интернет-страниците да бидат напишани на англиски, но децидни се дека мора да има и адреса напишана на македонски јазик.
- Од каде знаете дека сите наши граѓани го познаваат англискиот јазик? Се што ќе излезе јавно мора да биде лекторирано, па дури и имињата на веб-страниците. Државата мора да даде пример. Ако тој што го донел Законот за заштита на македонскиот јазик [pdf] не го почитува, тогаш како ќе бараме другите да го спроведуваат законот - вели професорката од Филолошкиот факултет Славица Велева.
Во текстот не е споменат, но најзначаен пример од овој вид е тоа што имаме веб-сајт www.president.gov.mk, а немаме www.pretsedatel.gov.mk.

На сајтот на Метаморфозис може да најдете куса анализа за македонските домени во 2006 година.

28 January 2007

Штафета на исповедта

Си седам јас така мадро, промовирам социјално вмрежување, кога гледам на блогов нешто му се зголемила посетеноста поради линкови кај Рибаро, Археолошки дневник и Макондо. Тоа да ти било една направија научена од Хрватска, наречена штафета. Како што вели Лорин:
Првиот блогер пишува 5 работи за него кои до сега не ги кажал на блог. Значи нешто што никој не знае за него, или тој мисли дека не знаат. :)
Потоа наведува во неговата листа 5 други блогери на кои им ја пренесува штафетата. И така секој кој ќе се најде на листата пишува пост со 5 работи за него, наведува 5 други блогери...
Дарко ко и обично го најде оригиналот, но нема врска. Спам не е, секој си пишува кај себе, а поканетите дознаваат за ова преку трекбек или како кој стигне. Не е обврзно ни нападно. А поттикнува меѓусебно линкување, што е прогресивно и наспроти плимата. Е а јас тоа го поддржувам! Еве ги моите пет по пет:
  1. Во кујна: сакам сецкање, освен кога се во прашање марула и зелка. Рендање на било која состојка за рецепт не ми прави кеиф.
  2. Не апстинирам од алкохол, сакам флуиди и флуидности, но еднаш намерно немав испиено ни капка со исклучок на едно бонбонче со ликер скоро цела година. Или повеќе...
  3. Колку помалце доцнам на состаноци, толку сум порасеан за други работи.
  4. Мразам дури и на филм да гледам како некој се посрамотува, особено во ситуација кога знам дека ќе каже или направи нешто што ќе „го закопа“.
  5. Да! ми е омилен одговор. :-)
Ги поканувам: Јован, .аНТИ, Ројалгрл, Букаро и Луцидна.

Теорија на заговор за партиципативните медиуми

27 January 2007

Доцнења на Сајт-митерот и што со нив

Во дискусијата на постот „Како до над 10.000 посети на ваша веб-страница во еден ден (студија на случај)“, авторот на блогот „Бет едвајс“ укажа дека од време на време неговиот бројач се однесува чудно, односно доцни со приказот. Во меѓувреме има објавено пост за проблемите со Сајт-митерот, во кој ја пренесува преписката со претставници на сервисот.

Сајт-митер користи повеќе сервери, што се гледа и од структурата на логинот. На пример, на Развигор е s14razvigormk, а на Бет едвајс s27betadvice. Едниот го користи четиринаесеттиот, а другиот дваесет и седмиот.

Причината за „лагот“ било тоа што некои од сајтовите од истиот сервер ја преоптеретувале машината. Предложено решение - отворање нов акаунт, на некој од понеоптеретените сервери.

25 January 2007

Книгата за ОпенОфис.орг е достапна во книжарниците

Како надоврзување на издавањето на ЦД-то со слободен софтвер „Заврши си работа“, и книгата за ОпенОфис.орг е достапна во книжарниците:
Цената на печатеното издание е 170 денари (200 со ЦД).

Книгата е исто така достапна и во електронска форма на сајтот на Метаморфозис, бесплатно.

24 January 2007

Википедија на македонски - последна на Балканот

Википедија на македонски е зад википедиите на околните јазици/култури и според степенот на раст, а и според апсолутната големина, . Ова го заклучив според податоците кои ги собрав од насловните страници на википедиите на 31.05.2006 г. и 24.01.2007.

Македонската и српската википедија, со 25 и 26% повеќе написи, пораснале најспоро. Тие се зад бугарската и словенечката (32 и 33%), босанската (43%), хрватската (59%), албанската (73%), грчката (75%) и турската (87%). За романската во мај сум пропуштил да земам мерка, па не беше вклучена во таа пресметка. Еве ги податоците:


31.05.2006 24.01.2007 Пораст
Македонски 6971 8693 25%
Српски 32732 41380 26%
Бугарски 26168 34454 32%
Словенечки 28817 38300 33%
Босански 8980 12833 43%
Хрватски 16985 26951 59%
Албански 7469 12926 73%
Грчки 10323 18110 75%
Турски 23482 43944 87%
Романски
53450

22 January 2007

„Дневник“ ја прогласи бозата за пиво

Еден фрапантен пример на преведувачка недоветност е написот во „Дневник“ (20.01.2007) Од бугарското пиво „боза“ растат градите?:
Поради влезот во ЕУ се укинати царините и даноците за алкохол, па затоа мажите од Унијата побрзаа кон Бугарија да купат од познатото пиво „боза“, од кое наводно растат градите.
Имено, некоја странска агенција известува за бозата (Breast-boosting beer) и „Дневник“ го презел написот. Веројатно оригиналниот автор, пијалалоците што се добиваат со ферментација ги смета за пиво, па така ја опишал и бозата.

Арно ама, секој балканец кој не паднал од Марс и не е недоделкан македонски преведувач или преведувачка, знае дека бозата не е пиво. Но, зошто здравиот разум да застане на патот на буквалистичкото преведување, нели?

Макар што тоа значи скрнавење на сите наши идеали. Ех Цезо, Цезо, за што се боревме, за што BozDay славевме... А на цела редакција на „Дневник“ им препорачувам забрзан курс на тема „Што е боза“ во слаткарницата Апче, карши Универзална сала.

Исповед: тоа за градите го сметам за жива вистина. Од моето ограничено искуство, сите жени што сум ги сретнал досега и што сакале боза биле со прекрасни гради!

Упатство за пишување добри постови

На блогот Бунт има едно добро упатство за пишување добри постови.

Казнивиот упад на сајтот на претседателот на РМ

На насловната на денешен „Дневник“ (21.01.2007) е компјутерџиска вест: Бугарски хакер упадна кај Бранко Црвенковски.

Како и обично, во нашите медиуми вести поврзани со интернет обично добиваат приоритет ако се лоши. :-(

Од ТВ Сител ми побараа изјава во врска со тоа дали вакво нешто е казниво. Според член 251 од Кривичниот законик, за упад во компјутерски систем од државна институција минималната казна е 1 година затвор, а може да се доделат и до 5.

Кривичниот законик може да го најдете на сајтот Право.орг.мк, но тој веб-сајт за жал нема пермалинкови до законите, ниту пак дозволува печатење или копирање на текст од заклучените ПДФ-документи - што е контрадикторно на неговата намена, да ги прави текстовите достапни. Во полето за пребарување внесете кривичен и земете го пречистениот текст од 30.03.2004 година.

Дополнение: веста на веб-сајтот на Сител.

16 January 2007

„Време“ - прв македонски интернет-весник

Од денес дневните весници „Време“ и „Шпиц“ ќе излегуваат само на интернет.

Ова нема врска со европскиот тренд за премин од хартија на интернет, туку според редакцијата на „Време“, причината е сомнителното откажување на печатниците:
Навистина жалиме за оваа непријатна ситуација до која се доведени читателите
на „Време“. Во овој преоден период тие ќе имаат можност да ги читаат содржините на весникот на интернет-страницата www.vreme.com.mk, а во најкраток можен рок весникот ќе биде и во печатена форма повторно достапен за нашите читатели на сите продажни места низ земјава.
Но и откако ќе најдат друга печатница, тие сепак ќе влезат останат во историјата како прв македонски весник кој барем во еден период преминал од хартија на интернет.

Граѓаните имаат право на избор

Сметајќи дека најавените обуки за компјутерска писменост за населението се во основа позитивен потег за развојот на информатичкото општество, Фондацијата Метаморфозис и НВО Слободен софтвер Македонија ја поттикнуваат Владата на РМ да овозможи право на избор за граѓаните, преку обуки за користење и на слободен софтвер.
Се работи за извадок од официјалното соопштение. Доколку се согласувате, изразете ја својата поддршка со пренесување на веста преку постови на вашиот блог, или со дигување и стамблирање.

Новица го има објавено текстот на владиниот оглас за обуки, заедно со негови коментари, а на Панта реи има дополнителни критички размисли на темата.

15 January 2007

Климатските промени ги сотреле Танг и Мајите

Наводно, климатските промени се виновни (Дневник, 5.1.2007):
Пропаѓањето на династијата Танг, една од најзначајните во кинеската историја, како и пропаѓањето на високоразвиената цивилизација на Маите во Средна Америка може да се објаснат со големиот број климатски промени што ја зафатиле нашата планета. Научниците сметаат дека промените биле предизвикани од силните монсунски ветрови. Меѓународниот собир на научници го предводел Џералд Хог од Центарот за истражување на Земјата од Потсдам. Тој го поврзува исчезнувањето на двете големи култури и цивилизации со големите промени на климатските циклуси што се случиле меѓу 700 и 900 година. Ова тврдење е објавено во стручниот весник „Природа“ [Nature].
Еден од најголемите недостатоци на филмот „Апокалипто“ од Мел Гибсон, според критичарите-археолози, е што крајот на урбаната цивилизација на Мајите го става во времето кога Шпанците навлегуваат во Америка (16 век). Всушност, Мајите престанале да живеат во градови пет-шест века пред тоа.

Според Лери Гоник („Картун хистори 3“, стр. 115-123) проблемите на мултикултурната династија Танг биле финансиски. Во 780 почнале да бараат данок во пари наместо во натура од селаните. Тоа водело до осиромашување, па селански буни, итн. Ваков сличен потег во Византија довело до поддршка на востанијата на Ѓорѓи Војтех и Петар Делјан, ако добро се сеќавам...

Шведска: Укинато печатењето на најстариот весник во светот

Дневник од 5.1.2007 г.:
Најстариот весник во светот „Пост-ок инрикес тиднигар“ со одлука на парламентот во Шведска веќе нема да излегува во печатена форма и од Нова година е достапен само на Интернет.
Се работи за службениот весник на Шведска. Европски тренд.

Како до над 10.000 посети на ваша веб-страница во еден ден (студија на случај)

Во текот на ноќта меѓу 4 и 5 декември, меѓу 19 и 7 часот, еден напис на блогот „СФ Обзервер“, кој е „made in Macedonia“, во рок од 12 часа прими над десет илјади посети. Поуките како дојде до овој успех се полезни за сите заинтересирани за маркетинг и промоција на информативни содржини во светот.

Овој блог беше отворен токму заради испробување на новиот софтвер на Блогер, учење низ работа со социјално вмрежување како алатка за промоција, како и за презентирање на вести, ставови и мислења на членовите на блогот за научната фантастика и сродни теми.

1. Веб-сајтот треба да биде соодветен за намената

Блоговите се добра алатка за експериментирање во областа на веб-маркетинг и е-издаваштво поради тоа што почетните финансиски трошоци се минимални, а самата природа на медиумот обезбедува брзо поврзување меѓу сајтовите, кои се веќе оптимизирани за машините за пребарување. Нивната публика во голема мерка се други блогери, кои по дефиниција сурфаат повеќе од обично, па и резултати може да се добијат во далеку покус рок во споредба со целокупниот интернет-простор.

2. Презентирајте релевантни информации

Во текот на викендот сурфајќи наидов на вест која сметав дека се вклопува во концепцијата на блогот, надоврзувајќи се на некои претходни постови, а која во онаа форма која ја имаше по сајтови не ја даваше комплетната информација. Се работи за дополнувања на законската рамка за авторски права во САД во специјални случаи, со кои се овозможува пристап до софтвер кој веќе не се дистрибуира комерцијално (abandonware) – меѓу кои некои стари игри за DOS. Освен линк до веста, го пронајдов и оригиналниот текст на новиот пропис и ставив линк до него и цитат од најважниот член. Со тоа обезбедив информацијата да е комплетна, но и да овозможи понатамошно истражување за заинтересираните.

3. Вложете во промоција преку интернет

Основната адреса на веб-сајтот веќе ја имав промовирано преку сервисот „Стамбл апон“ благодарение на што блогот доби околу 1000 посети неколку дена пред тоа. За оваа вест се одлучив да го искористам сервисот „Диг“ и тоа неговиот „канал“ за компјутерски игри, чии читатели сметав би биле најзаинтересирани. Обата сервиси нудат вмрежување преку создавање на мрежи на пријатели кои меѓусебе на разни начини си препорачуваат линкови. Предноста на „Диг“ е што е целосно базиран на веб, додека „Стамб апон“ бара да се инсталира лента со алатки (toolbar). На „Диг“, доколку еден линк добие доволно гласови, тој се појавува на првата страница која е исклучително многу посетувана.

Тоа беше случајот и со нашиот напис. Откако доби иницијална поддршка од неколку десетици гласа, посетеноста се вивна на неколку стотици. Престојот на насловната го „заврши“ со 1440 „дигови“, а блогот во текот на наредните неколку дена оствари над 14.000 посети од целиот свет, оти некои од посетителите самоиницијативно имаа ставено линкови до написот и на своите блогови и веб-сајтови. Најголем дел од посетите беа од локации каде што живеат потенцијални странски инвеститори (САД, Западна Европа, Австралија, Источна Азија).

4. Следете ја ситуацијата и реагирајте соодветно

Во текот на вечерта, на самата страница за гласање одговарав на коментари од гласачите, што исто така помогна во промоцијата, оти нивните пријатели имаат можност да видат дали се активни во таа област и може да станат љубопитни зошто. Исто така, ги известив и пријателите што во моментот беа на интернет да се вклучат во журката. Во овој случај, вложувањето на финансиски средства беше минимално, но беше вложено искуство и знаење за начините на функционирање на системите.

5. Анализирајте и правете простор за понатамошен развој

Според анализите на агрегаторот Дигимак, кој се потпира на податоците од јавните бројачи на околу 88 македонски блогови, еден македонски блог во просек има нешто под 40 посети на ден. Оние најпопуларните ретко ја преминуваат границата од 200, со исклучок се порнографските, кои се сепак свет за себе. Голем број деловни македонски веб-сајтови веројатно имаат сличен обем на посети, ако може да се суди според оние кои имаат поставено јавни бројачи.

Значењето на овој случај е во тоа што не само што придонесе за светска промоција на конкретниот производ (сторијата и блогот), туку придонесе и во подигање на просекот на посетеност на целата македонска блогосфера. Доколку на македонските фирми или институции им треба деловна промоција преку интернет, неминовно е да ја земат предвид потребата од проактивен веб-маркетинг и потребата од стручна помош.

Филантропија: Унапредување на човештвото како составен дел од нашето живеење

Никица КусениковаНикица Кусеникова има објавено текст за филантропијата, прво во „360 степени“ а потоа и на „Агора“. Особено е важно тоа што:
Покрај глобалните трендови, филантропијата е сè поприсутна и во локални рамки. Многу невладини организации и институции на филантропијата гледаат како на значаен ресурс за реализирање на своите цели и задачи.
...а мене вниманието ми го привлекоа емпириските податоци (од втората страница, мои болдови):
Неодамнешното истражување кое го спроведовме во рамки на Проектот за зајакнување на граѓанското општество покажа дека и во Македонија постои потенцијал за развој на филантропијата. Поголемиот број граѓани и претпријатија имаат позитивен став кон донирањето и сакаат да помогнат во рамки на своите можности. Истражувањето откри дека 70 проценти од испитаниците изјавиле дека досега имаат донирано. Кај оние што не донираат, недостигот на материјални средства е само една од причините. Останатите причини се недостатокот на доверба во правилно искористување на донацијата и немање информација за тоа како да се донира.

14 January 2007

Нема веќе „кој втор почна“

Предноста на отвореноста на Хронологијата на македонската блогосфера е што се јавија многу луѓе со дополнителни информации и исправки. Една од најважните е фактот дека Ројалгрл блогираше уште од 2002 година.

Тоа мене, како претставник на „генерацијата 2003“ хронолошки од второ ме носи на трето место, ама како што рекол Аристотел: „Мил ми е Платон, ама помила ми е вистината“. ;-)

Хајка против црнец во Полска

Ана од Полска известува за кампањата против африканецот Симон М. Човекот е обвинет дека „намерно“ заразил со ХИВ/СИДА локални девојки.

Атмосферата изгледа многу слична, само подрастична, на онаа во врска со еден фудбалер кај нас пред некое време. Ѕирнете ги постовите од категоријата „расизам“.

13 January 2007

Преселба на новиот блогер (+ Молоко)

Блогер.ком конечно ми овозможи преселба и на старите блогови (Развигор на англиски, овој и Сајт на денот) на новата верзија. Претходно таа можност беше одложувана од некакви технички причини. Јее! :-)

Прослава со убавиот спот од Молоко: „Фамилијар филинг“.

09 January 2007

Бензините поевтинуваат за денар, дизелот за два денари

Еи, таман се спремав да одам на бензиска, кога веста од А1 ми ќари извесна количина пари:
Од ноќеска на полноќ бензините поевтинуваат за денар, а дизелот и екстра лесното за два денари.
Кога не е неопходно, може чоек и да се стрпи.

Паркур, пример од филмот Б13

Паркур (parkour) е физичка дисциплина со француско потекло во која учесникот, наречен трас’р (traceur), се обидува да помине преку пречки на најбрзиот и најдиректен можен начин, со користење на вештини како скокање, прескокнување и качување, како и специфични движења карактеристични за паркурот.



Пример од филмот Б13, за кој дознав благодарение на блогот на Џ.Р. Тод.

Фала за поддршката за Хронологијата

Би сакал да се заблагодарам на сите што придонесуваат за развој на Хронологијата на македонската блогосфера, преку дополнување податоци, коментари и преку ставање постови со линкот.

Дополнително, фала до Трендо и за комплиментот со кој ја има дополнето промоцијата на Хронологијата на Блогерај, моментално поставена на насловната страница.

„Најди!“ поново јаше

Некое време македонскиот пребарувач „Најди!“ беше недостапен, поради проблеми со серверот. Од вчера тој повторно функционира.

Се очекува редовното индексирање на новите информации од сајтовите да почне до крајот на неделава.

Оваа година за Водици место телевизор - компјутер

Го повторувам повикот од минатата година:
Предлагам од оваа година за христијанскиот празник Водици, главна награда за човекот што ќе го извади крстот од водата, наместо телевизор да биде компјутер.

Не ми е познато каков модел на „традиционален“ телевизор се доделуваше досега. И да има разлика во цената, мислам дека ќе биде оправдана со силината на позитивната порака што МПЦ ќе ја прати до верниците, домашната и светската јавност - дека се работи за црква што го цени знаењето, демократијата и припаѓа на 21 век.

Нема потреба дополнително да се аргументира, но добро е да се наброи дека ТВ-приемникот е средство за
  • еднонасочна комуникација,
  • контролирана од центри на моќ
  • поттикнува пасивност, униформност и конформизам,
наспроти компјутерот, кој нуди и
  • моќ за креирање,
  • размена и споделување на информации,
  • поттикнувајќи интерАктивност и самостојното размислување.
За жал, чув дека новина годинава е дека тие што скокаат треба да купат „Вечер“ за да исечат купон за учество од него.

03 January 2007

Видео: Интервју со Сабрина Салерно

Да, онаа Сабрина - од „Бојс“. Дваесет години потоа. Па вие - видете.

Вашите права при контакт со полицијата

Жарко Трајаноски го пренесува своето најново искуство во постот „Полициско самоволие: „Алфите“ ме легитимираа и понижуваа без да ми кажат причина“.

Изнесените податоци се многу полезни во однос на заштитата на граѓански и човекови права, особено дополнението во прикачените коментари.

01 January 2007

Хронологија на македонската блогосфера

Интерактивната Хронологија на македонската блогосфера ги документира најважните настани во врска со блоговите поврзани со Македонија.


Хронологијата (временска лента?) е достапна на македонски и англиски јазик.