Блекаут

29 May 2007

Кога жените не ги сметале за луѓе... (продолжение)

Во претходниот пост на темава, ги повикав читателите да придонесат со пронаоѓање на тоа како е решен преводот на тоа дело на Толкин кај нас. Арно ама, со оглед на тоа што на волкот му е дебел врато оти сам си коле овца, штом наидов на „Господарот на прстените, Д.3, Враќањето на кралот“ издаден од АЕА и Мисла во 2002 година, на 115 страница најдов како Офелија Ковиловска и Ромео Ширилов го превеле дотичниот дел („Битка на Пеленоровите полиња“):
Му одговори еден студен глас: „Не стој меѓу Назгулот и неговиот плен! Или тој ќе те убие и тебе кога ќе ти дојде редот. Ќе те однесе далеку, во куќите на тажењето, од другата страна на темнината, каде што ќе го изедат твоето месо, а твојот свенат ум ќе биде оставен гол пред Окото без клепки!"

Се слушна ѕвекот на меч што излегува од канијата. „Прави што сакаш, но јас ќе те спречам ако можам!"

„Ќе ме спречиш мене! Глупаку! Ниеден жив Човек не може да ме спречи мене!"

Тогаш Веселко ги чу најчудните од сите звуци во тој миг. Се чинеше дека Дернхелм се смее, а неговиот јасен глас беше како ѕвонење на челик. „Но јас не сум жив човек! Пред тебе стои жена. Јас сум Еовина, ќерката на Еомунд. Ти стоиш меѓу мене и мојот владетел и сродник. Бегај ако не си бесмртен! Зошто, сеедно дали си жив или дојден од гроб, ќе те уништам само ако го допреш!"
За жал, преведувачите тргнале по најбуквалниот пат, а решението не е ефективно. На македонски „јас не сум човек, јас сум жена“, звучи апсурдно. Според мене, подобро ќе било целата шема да ја заменат со „нема маж од мајка роден“ (со второто се одвратува вниманието од „маж“, малку се обопштува) или пак „нема јунак“, за да се добие контраст со изјавата на жената која го прокламира својот идентитет.

28 May 2007

Битката кај Мегидо (Армагедон)

На Ју тјуб почнаа да се појавуваат копии на документарци расцепкани на делчиња (оти сајтот не дозволува клипови подолги од 10 минути). Овој е за битката кај Мегидо во денешен Израел, кога на 9 мај 1457 г.п.н.е. војската на египетскиот фараон Тутмос(ес) III ја победила сириската војска под водство на господарот на Кадеш.











Градот Мегидо се наоѓа во долината Тал Мегидо, по нашки позната како Армагедон - место каде што според бибилијата треба да се одигра последната битка меѓу силите на доброто и злото, на судниот ден.

27 May 2007

Кога жените не ги сметале за луѓе...

Некои јазици се родово-слепи, но некои во самата своја структура имаат вткаено родови димензии. Го сметам за одраз на патријахатот тоа што некои јазици имаат ист зборот за „маж“ и „човек“ (човечко суштество, еднина од „луѓе“) , при што имаат посебен збор за „жена“. На пример, англискиот - man, woman. Ова е слично на некои македонски дијалекти, во кој зборот „дете“ се однесува на „машко дете“, а женските се бројат одделно:
Колку деца имате? - Имам две деца и едно чупе.
Особено интересен проблем е како да се преведе на делот во „Господар на прстените: Враќање на кралот“ поврзан со легендата за кралот-вештер од Ангмар за кој се знае дека „no man can kill him“. Јунаците првобитно го интерпретираат тоа како „не може да биде убиен од човек“ или „никој не може да го убие“, но всушност со дејствието се открива дека значењето на пророштвото е дека „не може да биде убиен од маж“ - оти го убива жена, принцезата Еовин. Вицот е нели, во тоа што во оригиналот читателот прво несвесно го прифаќа едното значење, па потоа другото.



Ако го имате преводот при рака, пишете како е решено, мислам дека АЕА објавија официјално издание на книгата.

Сцената е омаж на Шекспировиот „Магбет“ (Macbeth), за којшто е прорекнато дека не може да биде убиен од човек роден од жена (no man of woman born...). Него го суредува Мекдаф, кој наводно не бил роден по „природен“ пат, туку преку еден вид насилен царски рез - утробата на неговата трудна мајка била распорена да го извадат.
Macb. Thou loosest labour
As easie may'st thou the intrenchant Ayre
With thy keene Sword impresse, as make me bleed:
Let fall thy blade on vulnerable Crests,
I beare a charmed Life, which must not yeeld
To one of woman borne

Macd. Dispaire thy Charme,
And let the Angell whom thou still hast seru'd
Tell thee, Macduffe was from his Mothers womb
Untimely ript
Дигресивна фуснота: Mrs. Wang goes to Minas Tirith - одлична пародија на горенаведениот филм

25 May 2007

Критичка анализа на преувеличена изјава за Кирил и Методиј

Во еден прилично позитивистички пост на блогот Зорив наидов на следнава квалификација
...најголемите македонски просветители Кирил и Методиј, на кои почива целата современа писменост на овие пошироки балкански простори.
Сметам дека треба да внимаваме да не преувеличуваме, оти со тоа само си ја храниме нашата (етничка) суета, наспроти реалното значење и перцепциите за нас во светот.

Освен Македонците, Бугарите и дел од Србите, на овие балкански простори сите други не користат кирилица, туку или латиница (Словенци, Хрвати, Бошњаци, Црногорци, поголем дел од Србите, Албанци, Турци, Роми, Власи) или грчко писмо (Грци) - „азбуки“* кои немаат врска со Кирил и Методиј. Горната изјава не е точна.
Use of various scripts--Latin, Cyrillic and Greek--in the Balkans
Груб преглед на застапеноста на разни писма на Балканот,
направен според проценката на број на жители на земјите.


Дури и ако не се земаат предвид луѓето што живеат во балканскиот дел на Турција (само Истанбул има над 10 милиони жители, a наводно 10% од жителите на Турција живеат во европскиот дел), очевидно е дека за разлика од територијата на Република Македонија, корисниците на кирилица се малцинство на „просториве“. Дополнително, официјалниот став на две членки на ЕУ е дека Кирил и Методиј не се „македонски просветители“, што дополнително ја комплицира ситуацијата.

Немањето осет за реалноста ја намалува и нашата способност да ја подобриме.

* Самиот термин азбука означува употреба на кирилицата, а името доаѓа од имињата на првите букви „аз, буки“ (...„веди“ = јас букви гледам) . Аналогно доаѓа и терминот „алфабет“ (алфа, бета...) од имињата на буквите на феничански/хебрејски пренесени на грчки (алеф = бик, бет = шатор, гимел = камила). Употребата на зборот азбука за било кое друго писмо што не е кирилично е оксиморон, на пример „грчка азбука“ или „албанска азбука“ (која е латиница).

18 May 2007

Спамот е забранет во Македонија!

Здосадено ви е од спам и спамери, или други форми на нарушување на Вашата приватност? Не сте единствени. Арно ама, Законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации 07.02.2007 година, како и измените и дополнувањата од април, (види: Регулатива/Закони на веб-сајтот на Министерството за транспорт и врски) во пречистена форма велат:
Член 117
Небарани комуникации

(1) Користењето на автоматски системи за повикување на телефонски броеви на претплатници без човечка интервенција, како што се факс апарати или електронска пошта, заради вршење на директен маркетинг, може да биде дозволено само доколку претплатниците претходно се согласиле со истото.

(2) Физички и правни лица кои имаат електронски е-меил адреси од потрошувачите на нивните проиводи или услуги, можат да ги користат тие адреси за директен маркетинг на нивни слични производи или услуги, но имаат обврска на потрошувачите да им овозможат во секое време, бесплатно и со користење на едноставни средства, да го спречат користењето на тие адреси.

(3) Се забранува испраќање на електронска пошта со цел за непосреден маркетинг со сокривање или прикривање на идентитетот на испраќачот на пораката, или пак без валидна адреса на која примателот на пораката може да испрати барање за прекин на таквите комуникации.
Интересни членови во однос на приватноста се и 111 и особено член 112, но за тоа подоцна. Важно е да знаеме дека според член 134, за надзор над спроведувањето на овој закон вршат Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за електронски комуникации, која треба да врши инспекциски надзор. А што им следува на прекршителите на законот, може да дознаеме од:
Член 139

(1) Со парична казна во висина Глоба во износ од 4 до 7% од вкупниот годишен приход остварен во деловната година што í претходи на годината кога е сторен прекршокот или од вкупниот приход остварен за пократок период од годината што му претходи на прекршокот доколку во таа година правното лице започнало да работи, ќе се казни за прекршок правно лице ќе му се изрече за прекршок на правно лице, ако:
...
39) ги користи електронските комуникации за директен маркетинг без согласност на претплатникот (член 117 став (1));

40) ја користи електронската адреса на потрошувачите за директен маркетинг без да им овозможи на потрошувачите да го спречат користењето на тие адреси (член 117 став (2));

41) го прикрива идентитетот или дава невалидна адреса заради непосреден маркетинг со користење на електронските комуникации (член 117 став (3));
...
(2) Со парична казна од 20.000 до 25.000 денари ќе се казни за прекршок од ставот (1) на овој член трговец поединец и одговорното лице во правното лице. За прекршок од став (1) на овој член, глоба во износ од 1500 до 8000 евра, во денарска противредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице и на трговец поединец.
Како што би рекол Дјук Њукем, цитирајќи го ликот што го игра Курт Расел Роди Пајпер (фала Боби за исправката) во познатиот СФ-хорор-црна комедија „Тие живеат“ (They Live):
It's time to kick ass and chew bubble gum. And I'm all out of gum!

17 May 2007

Македонија има само 23 копачи (дигери)

Ми се чини дека пародичниот напис за спорот меѓу Шведска и „ПРП“ Финска околу наследството на Дедо Мраз досега има добиено најголема поддршка на Диг и благодарен сум им на сите копачи за поддршката. Ама ме чуди што вкупниот број не е многу голем. За поуспешна промоција на Македонија преку овој сервис, треба ем да се приклучат повеќе жители, ем да се координираме да го дадеме својот глас во релативно краток временски рок по објавувањето.

написот | digg story

Да пишеме до „Ју тјуб“ да не нè фиромизира

Информацијата од Дарко дека списанието еСпорт има канал на „Ју тјуб“ ме потсети на тоа дека на тој сајт нашата земја фигурира како „Macedonia - The Former Yugoslav Republic of“.

Јас пред неколку месеци им пишав за ова, ама не добив одговор. Веројатно ако добијат повеќе забелешки, ќе го сватат проблемот сериозно.

Особено ако љубезно и пристојно, но цврсто, им се напомене дека таквото означување е
  • навредливо (offensive),
  • одраз на расизам (racism) и
  • нефер (ниедна друга југословенска република не означуваат така).
Плус, да им се каже дека нивната земја (САД) и нивната компанија мајка (Гугл) не ја прават оваа грешка, туку нè нарекуваат како што треба - Македонија. Пишете им!

Инфо за трибината за е-содржини вечер во 21 ч. на Телма

Сите заинтересирани кои не можеа да учествуваат на трибината „Промоција на Македонија во светот преку е-содржини“ имаат можност да добијат дел од информациите преку емисијата за култура „Соѕвездија“ која вечерва во 21 часот ќе се емитува на ТВ Телма.

Трибината беше одржана во рамките на активностите за Наградата на Светскиот самит.

15 May 2007

Предлог за статуа на Александар на коњ

Општина Центар објавиле конкурс за идејно решение за статуа на Александар на коњ (!). Еве еден предлог што ќе ги обедини културните наследства од разни страни на светот како симбол на тоа дека тој треба да се разбира како поле за надградба на старите идеи и нервирање на комшиите.


Се бара: Инвеститор/ка што ќе вложи 50 евра за влогот што го бара Општина Центар за пријавување на конкурсот. Добивката ќе ја делиме рамномерно - 50%-50%. Фондот за награди е 23.000 евра од кои најмалата е 2.000, а најголемата 10.000 евра. Интересно би било да се дознае како течел процесот со кој оваа активност станала буџетски приоритет... Ој новинари, кај сте?

Извори: јавачот, обединетиот.

Интернет не е приоритет за новите мак. списанија

Со нетрпение го очекував да ги видам веб-сајтовите на новите списанија - месечникот „Авангарда“ и неделникот „Глобус“. За жал, ни после 1 месец од излегувањето на првото, односно 3 броја од второто, на веб-адресите објавени во импресумот, односно насловната страница, нема сајтови.


Исто така, го забележав првиот број на месечникот „Ред“ (Red), наслов на англиски, текст на македонски, а во импресумот не само што немаше веб-адреса, немаше ниту е-пошта како можност за контакт. За разлика од првите два, решив да не го купам.

3 дена подоцна: А1 ја потврди веста од Развигор

На денешните вести за А1 во прилогот за новите грчки закани да го смениме името или нема да нè пуштат во ЕУ и НАТО (патот до нив ни водел преку Атина) беше споменат и скандалот за кој овој блог извести пред неколку дена.

Потребата за применета политика за слободен софтвер во Македонија

На конференцијата за слободен софтвер организирано од УНДП денес имав чест во името на фондацијата Метаморфозис да одржам презентација на тема „Потребата за политика за слободен софтвер во Македонија“.



Досегашното искуство укажува дека без визија преточена во документ за применета политика, кој би дал насоки за промена на законската рамка, има многу мали шанси дека државните функционери и службеници и на централно и на локално ниво ќе се придвижат во насока на запознавање и користење на придобивките од ИКТ, меѓу кои и слободниот софтвер.

14 May 2007

Како помина трибината за промоција на Македонија во светот преку е-содржини

tribina_wsa.jpgТимот на Метаморфозис го објави извештајот за трибината „Промоција на Македонија во светот преку е-содржини“ која се одржа минатиот петок.

Иако во функција на идните можности, како учеството натпреварот за Наградата на Светскиот самит, дискусијата воглавно се насочи кон минатите конкретни искуства на издавачите на дигитални изданија.

Она што ми беше особено интересно е нешто што го споменав и во долгиот напис за употребливост - на издавачите често им недостасуваат информации за сите аспекти на технологиите, па во голем број случаи ги прифаќаат решенијата понудени од техничките лица што ги најмуваат. Како резултат на тоа, репрезентативните изданија на ЦД-РОМ се непогодни за употреба на други оперативни системи освен Виндоуз, со што се намалува потенцијалната публика.
Дамјан Георгиевски забележа дека ако припадниците на византиската цивилизација и другите автори за кои дела зборуваат ЦД-ромовите ги користеле системи за заштита од „пиратство“ како денешниве, меѓу кои и ДРМ, современиве издавачи, вклучително и присутните, не би можеле да ги направат претставените ЦД-ромови.
Ова е исто така важен аспект. Како што Лоренс Лесиг наведува во неговото познато предавање за вовед во слободната култура (фала Би), денешните рестриктивни закони за авторски права обезбедуваат никој да не може на Дизни да му го направи она што Дизни им го направил на браќата Грим.

Од друга страна, македонските издавачи мораат да вложуваат големи иницијални суми во продукција или откуп на фотографии, а државните институции чија намена е заштита на културното наследство немаат архиви со такви материјали. Би додал, таквата архивска дејност не само што мора да се возобнови и систематизира, туку и материјалите мора да ги направат јавно достапни (оти работат со пари на граѓаните), под слободни лиценци. Тоа би бил најдобар придонес за сите идни проекти поврзани со претставување на нашето културно наследство.

Издавачите не покажаа спремност за користење на Википедија за промоција, без разлика на тоа што ако придонесат енциклопедиски единици тие страници потоа ќе мора да референцираат кон нивните сајтови, носејќи им свежа публика и потенцијални муштерии.

Трибината беше многу полезна за мапирање на точките на разидување во начинот на размислување на издавачите и компјутерџиите, оние кои живеат од продажба на авторски дела и оние кои се залагаат за слободна култура. Оти, тоа истовремено може да бидат и точки на поврзување, односно основа за наоѓање излез.

Да генерализирам и малку поопшто од трибината, барем во јавни истапи, пиратството сеуште се претставува како баук, а не како симптом на посуштински проблеми во системот. Има потреба од јакнење на јавната свест и ширење знаења за последиците и алтернативите од областа на авторските права и интелектуалната сопственост. Особено ми се чини дека има потреба за дополнително ширење знаења за поимот слободен софтвер во универзитетските средини, како и конкретни решенија од оваа област што би ги задоволиле потребите на сите заинтересирани за создавање и ширење знаење преку е-содржини.

Дигање свест кај странците - лек за фијаското со името

Иако изгледаше дека добро почна со грчкиот автогол на свој терен, овогодишната Евровизија испадна фијаско во врска со името на Македонија. Како што забележа Струмјан:
„Другарчињата“ оваа година нé изневерија со бодовите, а уште повеќе со Фиромизирањето! Само Црна Гора имаше доблест да нé ослови со Македонија без да им се плаши на Грците. Браво и за Црна Гора!

По тој повод напишав една кратка пародична вест (UN and EU to impose new name on Finland) која ја покажува апсурдноста на нашата ситуација. Погодна е за препраќање до странци и за дигување.

Ако не го шириме гласот дека ваквата пракса е понижувачки расизам, таа нема да престане.

12 May 2007

Општеството е информатичко кога ги вклучува сите

Пристапноста на веб како светски стандард: Градењето информатичко општество подразбира инклузивност, особено овозможување на маргинализираните групи да ги користат неговите придобивки. Владите на земјите што го ценат технолошкиот развој истовремено вложуваат и реални средства и политичка волја во овозможување пристап до новите технологии за споделување знаења на луѓето со хендикеп.

Филип Стојановски

Човечноста и цивилизираноста на едно општество се мерат според тоа како се однесува кон неговите членови што имаат хендикеп. Праисториските неандерталци биле класифицирани како луѓе (Homo Sapiens Neanderthalensis) врз основа на доказите дека се грижеле за своите стари и болни, кои не би можеле да преживеат сами, без помош на другите. Во текот на историјата, големите пророци и основачи на светските религии проповедале помагање на ближните. Еден од основните идеали на просветителството и рационализмот од 18 век, чиј резултат се и научниот поглед на свет и политичките промени кон поголеми граѓански права и слободи, е дека сите луѓе се раѓаат со неотуѓиво право на еднаквост, живот и потрага по среќата.

Од друга страна, милитаристичките општества, како античка Спарта и нацистичка Германија, систематски ги истребувале сите што не одговарале на прокламираните идеали за „совршенство“. Ваквиот пристап водел кон стагнација и пропаст на таквите држави, не само поради задушувањето на креативноста на преживеаните, туку и поради очигледното губење на моралната основа што е во срцето на секоја голема цивилизација. Практичната полза и капацитетот што се добива со постоењето на кое било човечко суштество се незаменливи, но уште поважно е остварувањето на начелото дека секое човечко суштество, без разлика на неговиот капацитет, има право на човечки живот.

Вклучување во информатичкото општество, или е-инклузија

Новите технологии, особено од сферата на информатиката, драматично ги зголемуваат потенцијалот и можностите за сите луѓе. Индиректно, овозможувањето знаењата да се шират и развиваат поефикасно и побрзо, со надминување на границите и другите ограничувања, доведува до брз развој на биониката, генетиката, фармацијата и други научни гранки што овозможуваат луѓето со хендикеп да имаат подобар живот. Директно, преку овозможување пристап до информациите и знаењата, за нив се отвораат нови можности во образованието, остручувањето, интелектуалната и духовната надградба.

Да земеме предвид една обична секојдневна работа како читање весник на хартија. Во минатото, за слепо лице да може да го стори тоа, текстот треба прво да биде препишан на Брајово писмо. Цената на оваа технологија е огромна, дури и печатење со Брајов печатач чини 1 евро и по страница, а самиот уред има цена од 7.200 евра. Во Македонија има само една таква машина.

Од друга страна, за слепо лице да има пристап до текст објавен во дигитална форма е потребна обична компјутерска опрема со неколку додавки. Брајовиот терминал чини околу 3.500-4.000 евра (во зависност од бројот на карактери во Брајовиот ред, уред без кој слепото лице може да работи на компјутер), а дури и комерцијалниот софтвер за пренос од текст во звук не ја надминува цената од 270 евра. Доколку веб-сајтот на весникот е направен според стандардите за пристапност, кои овозможуваат негово читање од соодветниот софтвер, слепото лице нема дополнителни трошоци за преведување на секоја страница во формат соодветен за негова употреба, а истата опрема може да се користи од повеќе луѓе.

Тони Пајдаков од Здружението на слепи лица на општината Велес напоменува дека за да се користи софтверот (синтеза на глас) претходно е потребно да се набави комерцијален софтвер (JAWS for WIN), кој чини околу 1.800 долари. Постојат и алтернативи од областа на слободниот софтвер, базирани на хрватската верзија на Линукс, но тие се уште не се приспособени за македонскиот јазик оти таквиот потфат бара поголема финансиска помош и програмерска експертиза.

Дури и во најлош случај, кога е потребна поголема иницијална инвестиција за опремата, со примена на дигиталната технологија на долгорочна основа, се овозможуваат огромни заштеди и континуирана употреба и пристап до сите можни дигитализирани содржини што може да се најдат во текстуална форма.

Македонскиот веб е главно непристапен

Пајдаков објаснува дека Интернет за слепите лица е често единствениот начин на добивање благовремена информација на начин достапен за нив. Дури и кога ќе се реши проблемот на хардверска и софтверска поддршка, за слепите лица останува проблемот на пристапноста на апликациите што ги прикажуваат содржините.

Според него, „повеќето изработувачи на софтвер и веб-апликации, не обрнуваат големо внимание на некои, за слепите најважни, детали во нивниот производ. Така, и покрај можноста, поради ова невнимание, слепите лица остануваат повторно да не можат самостојно да добиваат и разменуваат информации. Односно, веб-страниците што се без алтернативен текст за сликите, особено ако тие се користат како линкови, користењето структурални елементи за изглед на страницата, неопишани мултимедиумски елементи (без алтернативен текст за звук и видео), неможноста за алтернативен преглед на страниците, за слепите лица предизвикуваат проблеми.“

Анализите изведени од Здружението на слепи лица на општината Велес укажуваат дека македонскиот веб-простор во однос на пристапноста не е на високо ниво, оти владините сајтови, сајтовите на електронските и печатените медиуми, сајтовите на некои институции итн., „се уште се половично или воопшто недостапни за слепите лица“. Основен начин за надминување на оваа незавидна состојба е почитување на стандардите на Конзорциумот за вебот (W3C) при изработката на апликациите.

Закони за пристапност низ светот

Најнапредните технолошки општества се и најнапредни во однос на овозможување пристап до технологиите. Во САД, Делот 508 од Актот за рехабилитација ги обврзува сите сојузни агенции и нивните подизведувачи да им овозможат на вработените во државната администрација и сите други граѓани со хендикеп пристап до информациите (вклучително и веб-сајтовите) во иста или слична мера како пристапот овозможен за сите други.
Законот Акт за Американците со хендикеп од 1990 година забранува дискриминација врз основа на хендикеп, а делот 255 од Актот за телекомуникации од 1996 година ги обврзува производителите да ги прават телекомуникациските продукти и услуги достапни во сите случаи, освен кога тоа бара надминување значителни тешкотии или значително ги зголемува трошоците.

Во 1999 година, еден слеп Австралиец го тужел Организацискиот комитет на Олимписките игри во Сиднеј со примена на Актот против дискриминација на луѓето со хендикеп од 1992 година, бидејќи нивниот веб-сајт не бил пристапен за слепи лица. Брус Мегвајер барал да може да пристапи на сајтот преку Брајов терминал и ја добил тужбата една година подоцна. Олимпискиот комитет одбил да ја спроведе и бил казнет со глоба од 20.000 австралиски долари.

Во Ирска, како додаток на Актот за хендикеп од 2005 година, во јули 2006 година Националната управа за хендикеп објавила Код на практика за пристапни јавни сервиси. Се работи за практичен водич со кој им се помага на владините служби и над 500 јавни тела да ги исполнат своите законски обврски.

Никој не смее да биде изоставен

Градењето информатичко општество подразбира инклузивност, особено овозможување на маргинализираните групи да ги користат неговите придобивки. Владите на земјите што го ценат технолошкиот развој истовремено вложуваат и реални средства и политичка волја во овозможување пристап до новите технологии за споделување знаења на луѓето со хендикеп.

Доколку Македонија сака да го постигне нивното ниво на развој, сите релевантни фактори од нашата земја, како и самите граѓани, треба да обезбедат поддршка за ваквите напори.

Текстов беше објавен во Неделно време на 6.5.2007.

Грција: Евровизиски скандал за името Македонија

Од извори на теренот дознаваме дека во текот на евровизискиот пренос на коментаторката на грчката телевизија ѝ се испуштило, па наместо „бивша југословенска република Македонија“ при настапот на Каролина посакала среќа на „Македонија“.

Веднаш следеле бројни реакции по СМС, а коментаторката остатокот од преносот на полуфиналето на Евросонгот го поминала во извинувања за ненамерниот пропуст.

Exclusive! You've read it here first. :-)

Да видиме за колку време ќе се појави веста во македонските статични медиуми.

10 May 2007

26-Мај-2007: Македонска блог-конференција

Центарот за нови медиуми, во кој членуваат авторите на блоговите Комуникации, Вуна и Баждарџијата, кани на првата македонска блогерска конференција на 26 мај во „Точка“:

MK BLOG CONFERENCEWeb 2.0 (семантички, социјален интернет) не ја заобиколува Македонија. Денес на бесплатната онлајн енциклопедија Википедија постојат над 9.500 написи на македонски јазик, постојат повеќе од 6.000 блогови, и над 2.000 корисници на мрежите за социјално вмрежување.

Со цел да иницираме отворен дијалог помеѓу корисниците, истражувачите, креаторите и промотерите на овој нов бран, одлучивме да организираме настан каде ќе можат да се запознаат разни луѓе, да се разменат искуства, да се научи нешто ново и да се сподели уште некој линк.

Учествувајте во конференцијата и проширете го гласот за неа преку постови и поставување банерчиња (по тој редослед) ;-).

08 May 2007

Трибина за промоција на Македонија преку е-содржини во петок

Фондацијата Метаморфозис ве поканува:
„Промоција на Македонија во светот преку е-содржини“ е тема на трибината која ќе се одржи на 11 мај (петок) 2007 година во 11 часот во културниот центар Точка, со цел споделување информации за минати искуства и идни можности во оваа област, особено во рамките на натпреварот за Наградата на Светскиот самит за информатичко општество за Македонија, наменет за промовирање на најдобрите македонски дигитални содржини во светот.

На трибината ќе бидат изложени искуства од познати проекти со е-содржини наменети за странскиот пазар, како преку интернет така и преку ЦД-РОМ.
Како што веќе реков, Натпреваров нуди голема шанса за промоција на Македонија. Благодарност до сите кои го поддржуваат преку размена на линкови.

07 May 2007

Стрипот „Шпијун“ со Кен Паркер (работничка историја)

Епизодата „Шпијун“ од серијалот за Кен Паркер за мене е една од највпечатливите и најнетипичните за италијанските вестерн-романчиња. (До душа, целиот серијал е атипичен.) Приказната не се одвива на „дивиот запад“, туку на индустријализираниот исток, односно север и зборува за животот на работниците и напорите на корпорациите да ги ограничат нивните права.

Минатиот Први мај ја препорачав меѓу другите уметнички интерпетации на класната борба во САД кон крајот на деветнаесеттиот век.

Текстот на Вуна „Мачениците од Хејмаркет сквер“ ме потсети на тоа и ме поттикна да ја побарам поупорно епизодата и да го објавам линкот на блогов.

Хрватските хакери на работ на науката

Вечер во 23:20 на ХТВ1 во емисијата „На работ на науката“ (Na rubu znanosti) ќе учествува екипа од Мултимедијалниот институт од Загреб:
alan pavicic aka aka, nenad romic aka marcell mars, dobrica pavlinusic aka dobrica i tomislav medak aka tomi govore o hakerima i hakerdomu veceras u emisiji "na rubu znanosti"

04 May 2007

Конкурс за есеј со награда од 2000 долари на тема економија

Според конкурсов за есеј, треба да се спореди ситуацијата во две земји и да се укаже дали има врска меѓу економската слобода и подобрениот животен стандард. Ова е добра прилика да се промовира Македонија, ем преку анализите ем преку победување.

Покрај изворите на информации препорачани со конкурсот, може да ви се најде и предавањето на Ханс Рослинг за митовите за третиот свет, преку кое може да најдете доста важни клучни зборови и линкови за понатамошно пребарување.

Конкурс за блогери на Транзишнс онлајн

Транзишнс онлајн има објавено конкурс за блогери од регионов. Нудат промоција, не пари.

03 May 2007

Немој што на ум то на блог

Ана објавила одлично видео-клипче со кое се илустрира потребата да се промисли пред да се објави било што на нет:



Ова е во согласност со препораките на Јакоб Нилсен, кој вели:
Секогаш кога објавувате нешто на интернет, било на блог, во дискусиона група, или дури и преку е-пошта, помислете за тоа како тоа што сте го напишале ќе му изгледа на директор што би ве вработувал за десет години. Штом напишаното излезе од вашиот компјутер, тоа се архивира, кешира и индексира на многу сервиси за кои вие веројатно и не сте свесни.
...како и со предупредувањата на Ребека Блад:
А правилото е: ако не сакаш некој да дознае што пишуваш, тој најверојатно и ќе дознае. Па, така, мисли пред да постираш и запомни што си објавил. Запомни дека има разлика помеѓу личните и приватните работи.
...дадени во интервју направено од Владо Апостолов.

„Повелете во нашите простории...“ технофоби низаедни

Се согласувам со Гуд бајтс во препораката на текстот на Јаков за контактирањето по е-пошта, во кој укажува на неспособноста и недостатокот на волја на македонските фирми да ги користат системите за контакт со посетителите на нивните веб-сајтови. И јас имам слични искуства, многу ретко добивам одговори на прашања што ги поставувам до сајтови, кога не ги поставувам од некоја официјална позиција туку како обичен граѓанин. А навистина има разлика, како што вели Јаков:
Единствената банка која своевремено ми одговори беше онаа која ја избрав за тоа за што ми требаше. И да за нивните силни милиони евра моите неколку илјади се „ситна боранија“ но тоа е веќе нивен проблем не мој.
Единствените кои ми одговорија малку посериозно на мојот меил, на крај беа оние со кои склучив договор за купување возило. Единствената брокерска куќа која се „дрзна“ да ми одговори сега има партнерски однос со мене.
Лошата пракса на игнорантска неконтактибилност не само што е спротивна на напорите за поголема употребливост, не само што е една од најчестите и најтешките грешки во оваа област, туку е и одраз на закоравена технофобија.

02 May 2007

Македонската радио и телевизија на Ју тјуб

Го поздравувам отворањето на канал на МРТ на Ју тјуб. Ем се штеди простор за нивниот сајт, ем ми е мило што содржините за кои граѓаните одамна платиле да се направат се прават подостапни. Впрочем, кога може ББЦ да си отворат канал, што да не можат и нашиве, макар и самоиницијативно.

Додаток: за ова пишале и Дарко и Рибаро.

Употребливоста на веб-сајтовите на некои весници

Во коментар на текстот „Употребливоста обезбедува поуспешни веб-сајтови“, Лавот рекол...

Ашколсун за муабетов, само би сакал да знам што ќе кажеш за сајтот од Време и од Шпиц.

Ова е добро прашање. Мислам дека веб-сајтовите на обата овие весници, како и повеќето други од Македонија, може дополнително да се развијат да обезбедат подобра употребливост. За тоа им имам обрнато внимание и на сопствениците и на фирмата што ја има направено техничката изведба. За некои работи ме послушале, а за некои - не, или не стигнале сеуште да си ги спроведат намерите за поправки.

Особено тежок проблем за горенаведените (споменат и во текстот) е што моментално не им работи пребарувањето. Лесно и брзо решение за тоа е да постапат како Вест, Утрински весник, Он.нет и уште еден куп пофрекфентни сајтови кои се соочуваа со слични предизвици - за пребарување да го користат Најди!.
(Следат одговори и на другите прашања.)

Трибина за информациска сигурност во понеделник

Чујте и почујте!
Фондацијата Метаморфозис ја организира трибината „Насоки за подобрување на информациската сигурност во Република Македонија“ која ќе се одржи во просториите на Стопанската комора на Македонија во Скопје на 7 мај 2007 г. (понеделник) со почеток во 11 часот.
На трибината воведно излагање ќе даде и познатиот блогер Јован Петров!