Блекаут

25 September 2007

Црниот (канадски) сомот и каубојство

Кога Алана Мајлс во 1989 година ни се појави на малите екрани, ретко кој можеше да претпостави дека не е од Југот на САД туку од нешто посеверната Канада!




А логично е: обете територии имаат одлична храна, гостопримливи луѓе, етничка разновидност. Башка, по каубојство не се знае која е пофраерска! Еве и Шинаја Твејн да ти била Канаѓанка. Јаки спотови прави и таа.

24 September 2007

Сара Мек Лахлан: Градење мистерија (О, Канада!)

Канадската тактика на подготвување убави работи во тајност ја илустрира и баладата „Градење мистерија“ (Building a Mystery) од емотивно балансираната Сара Мек Лахлан од 1997.


Весела канадска филозофија со Аланис Морисет



Безгрижната песна за „раката у џеб“ не се однесува на онанија, туку убаво го одразува позитивниот ставот кон душманите (вклучително и оние кои не ти признаваат сешто):
I'm broke but I'm happy
I'm poor but I'm kind
I'm short but I'm healthy, yeah
I'm high but I'm grounded
I'm sane but I'm overwhelmed
I'm lost but I'm hopeful baby
What it all comes down to
Is that everything's gonna be fine fine fine
I've got one hand in my pocket
And the other one is giving a high five
Опеан од канадската егзистенцијалистичка интелектуалка и спортистка Аланис Морисет, светската (!) поетеса на пост-тинејџерската анксиозност, во песната „Hand in my pocket“ како дел од одличниот албум „Мала незнамкаква пилула“ (Jagged little pill).

Еее, сонародничката Аврил Левињ, добро почна по стапките на Аланис, ама упадна во лошо друштво и застрани.

23 September 2007

„Појадок кај Тифани“, еп за спонзорушите

  • Имаше пред некое време реклама за некоја емисија „Стилисимо“ на А1 во која беше вклучена реплика од „Појадок кај Тифани“ – како симбол на модна елеганција од високо ниво.
  • Потоа посетив една студентска изложба на ликовна уметност и дизајн и слики со Одри Хепберн од истиот филм беа употребени како предложок за парфеми.
  • Сега гледам на насловната страница од Википедија на македонски како избрана слика оди кадар од сцена од филмот...
На страна што на написот за филмот на нашата Википедија е буквалистички превод од англиски:
Појадок кај Тифани е филм-оскаровец 1961 година, во кој Одри Хепберн и Џорџ Пепард се појавуваат во главните улоги. Режиран е од Блејк Едвардс. Портретот на Холи Голајтли како наивен, ексцентричен социјалит најчесто се смета дека е најпознатата и најнезаборавната улога на Одри Хепберн.
Што по ѓаволите значи тоа „социјалит“ на македонски? На англиски „socialite“ (сошалајт) е лице од високата класа кое се занимава со организирање и учество во забави, на пример пребогатата Парис Хилтон. Мислев функција на една енциклопедија не е да измислува и воведува нови термини, туку да го систематизира, класифицира и презентира постоечкото знаење.

Според содржината на филмот, испаѓа дека тоа „социјалит“ е превод на српскиот збор „спонзоруша“, оти ликот на Одри Хепберн е токму тоа – сиромашна млада жена што обезбедува сексуални и други услуги на постари богати мажи што ја издржуваат. Башка што и ликот на момчето е има иста функција (како и „пицајзла“, зборот „спонзоруша“ е само во женски род граматички, но може да се однесува на лица од било кој пол). Тоа што да се биде спонзоруша во Македонија се поистоветува со да се биде модерна жена е јака илустрација за состојбата на духот кај нас.

Наспроти големиот интерес за филмот, во нашата јавност имаше многу мал интерес за книгата која поискрено зборува токму за таа раширена појава: „Спонзоруше“ од Маша Ребиќ, која не е ни преведена на македонски. Едвај чекам написот за неа да биде избран за насловната на Википедија.

Брајан Адамс: Летото на 69-та (О, Канада!)



Во рамките на деновите на канадска култура и цивилизација го претставуваме Брајан Адамс, рок музичар, со песната со повеќезначно име „The Summer of 69“:
Standin on your mama's porch
You told me that you'd wait forever
Oh and when you held my hand
I knew that it was now or never
Those were the best days of my life
Друг познат канадски рокер е политички активниот Нил Јанг.

22 September 2007

Канадска хеви-метал носталгија

Себастијан Бах е канадски металец познат во Македонија од доцните осумдесети и рани деведесети како згодниот пејач на Скид роу. Една од најпопуларните песни на тој бенд е „Се сеќавам на тебе“ (I Remember You),
Remember yesterday - walking hand in hand
Love letters in the sand - I remember you
Through the sleepless nights and every endless day
I'd wanna hear you say - I remember you
балада која по степен на носталгија може да се мери со „Летото на 69-та“ од Брајан Адамс.


Леонард Коен: Прво го освојуваме Менхетен (О, Канада!)



Еден од најголемите хитови на еден од најпознатите канадски музичари и поети на дваесетиот век. Најпознатиот стих од песнава, објавена во 1988 година
First we take Manhattan, then we take Berlin
(Прво го освојуваме Мехнетен, потоа го преземаме Берлин)
само како коинциденција има врска со стратегијата Македонија прво да се добие признание од членовите на НАТО на американскиот контитент, па потоа и од оние од европскиот.

Леонард Коен е роден во 1934 година и е постар дури и од една друга канадска легенда, Пол Енка.

Фајст: 1, 2, 3, 4 (весела канадска музика)



Фајст (Лесли Фајст) е музичарка од Торонто, Онтарио. Нејзиниот ептен весел видео спот „1, 2, 3, 4“ убаво ги покажува канадските квалитети на координираност, осет за тајминг и темпо.

Oh, you're changing your heart
Oh, you know who you are

Инаку, друга позната Канаѓанка, поп-пејачка е Нели Фуртадо, ама таа откако „ја сторија риба“ изгуби на оригиналност.

20 September 2007

Денови на канадска култура на Развигор

Одбележувајќи го признавањето на Македонија под уставното име од страна на Канада, блогот Развигор и блоговите поврзани со него објавуваат Денови на канадската култура и цивилизација. Активностите на оваа непрофитна и волонтерска акција опфаќаат:
  • Од архивата на Веб-сајт на денот ќе бидат извадени и презентирани рецензии на канадски сајтови, како овој.
  • Презентирање на канадски културни вредности преку приказни, клипчиња и линкови овде.
  • Ако има можност за викендот ќе излезат и некои информации за канадската научна фантастика на СФ обзервер.
Приклучете се и вие во акцијата - пронајдете ја тајната Канаѓанка во вас! :-)

19 September 2007

Штафетата и смртта на албумот

Sećam se Pamtim to kao da je bilo danas, еден пријател ми зборуваше за совршеноста на компакт дискот, покажувајќи ми го „Апетит“ што го имаше изнајмено од цедетека. Тврдеше дека е снимката е неуништива, за разлика од тоа што снименото на лента од касета се губи со време. Бевме во средно, спремавме журка кај него таа сабота...

Од кај Рибаро дознав дека тече блогерска штафета за кои пет музички албуми ти се најомилени. Добра е таа форма, оти се создаваат линкови. Иронично, вон блогосферава, обата нејзини делови дела - и штафетата и албумот, се веќе надминати. Едната со одминување на социјалистичкиот култ на личноста и влегување во мода на други видови обожувања. Другата со губењето на значење на поимот на „носач на звук“ кој наметнува потреба од пакување на музиката во тој формат. Слично како што и поимот книга веќе не е синоним за содржател и преносник на информации-знаење-литература.

Како што вели Дејвид Браун во „Смртта на албумот“ во Вајерд 15.03:
Врвниот период на форматот на албумот беше во шеесеттите и седумдесеттите. Компакт-дискот наводно требаше да го означи почетокот на нова ера за албумот. Наместо тоа, долгорочно се покажа како поттик за негова пропаст: ЦД-то олесни прескокнување на послабите песни, кои ги имаше многу, оти компаниите напикуваа и до 22 песни на едно парче пластика. Подоцна, МП3-ките понатаму ги исечкаа албумите во расфрлани парченца.
Арно ама, останува и носталгијата за младоста и детството - и веројатно е лесно да се падне на искушението да се набројат оние посебни албуми што ги имаш купено, преснимено, па дури и изрежано со трпеливо прибирање емпетројки по торенти. Особено оние за кои ги имаш сторено сите тие работи. И веројатно се повеќе од пет. Како што се повеќе од пет и луѓето за кои може би ти било кеиф да дознаеш што им е омилено. Но ако и тие го сакаат истото, ќе си објават и без да бидат прозвани. Или нема?

18 September 2007

Повеќе меѓусебно линкување за повеќе посетители

Благодарност до Горан Андреев за линкот до постот за копањето фосилчиња.

Ми се чини дека добрата пракса на меѓусебно линкување преку постови сеуште не е присутна кај повеќето македонски блогови, иако оние водечките ја имаат надминато фазата на форумизација, за која пишував пред повеќе од година и пол.

Активното линкување е потребно и за да се премости јазот меѓу разните македонски блог-платформи, кои се организирани и како агрегатори, ама само на блоговите кои се хостирани кај нив.

Колку што можам да видам од разни сајт-митери, користењето на независните агрегатори (Маседониа срч, Најди! и Дигимак) не е на некое високо ниво и има многу блогери и „обични“ сурфери кои не се свесни за нив и предностите кои им ги нудат и како издавачи и како читатели.

15 September 2007

„Прво су настале амебе, па Јевреји...“

Зомбификација укажува на тоа дека народни пари се трошат на манифестации кои само по недостатокот на иронија заостануваат зад легендарната „Шовинистичка фарса“ со Предраг Ејдус и Јосиф Татиќ. Би бил благодарен ако некој ме упати каде може да се најде најпознатиот цитат од таа претстава во видео форма:
Прво су настале амебе, па Јевреји.
Па су Срби дошли из свемира.
Па тек су ондак Хрвати дошли из Перзије!
Она што ми пречи кај ваквите проекти е:
  • тоталната произволност на „фактите“ - како можело да знаат дека зборот Македонија се користел пред 7000 години кога тие луѓе немале технологија за запишување на зборови?
  • дополнета со благ плагијаризам - кој денес живее како во камено време? „Бушманите“ (поточно, народите Сан) од Јужна Африка. Значи, дел од фустаните на праисториските „Македонки“ треба да бидат „реконструирани“ по сеќавање на народните носии од серијата „Шака Зулу“, без да кажеме од кај ни се.
  • а највеќе неоригиналноста во пристапот на „национализирање“ на преисторијата, обидувањето да се имитираат „успесите“ на „поголемите“ националистички заедници од соседството.

Летоска ја посетив пештерата Петралона (Камени гумна) на Халкидики во Грција. Таму се најдени остатоци од хоминиди, т.н. архаичен Homo sapiens, на места наречен и Homo heidelbergensis. Околу пештерата е изграден музеј, просторот е уреден и наменет за посети на туристи, на кои им се укажува дека тоа се „првите Европејци“, дека Гркот Аристотел ја „открил“ еволуцијата (а не неспоменатиот Дарвин), салите во огромната пештера се наречени според разни видни личности - повеќето Грци, се со цел да се имплицира дека не само западната наука и цивилизација, Европа како таква, туку и самиот човечки вид, е со грчко потекло - што може да се насети и од нивниот официјален сајт.


Во музејот и влезот во пештерата Петралона. Прокопан е посебен тунел за таа намена.

Апсурдноста на „елинизацијата“ (како и на „македонизацијата“) на ваквите праисториски наоди е повеќекратна:
  • Низ Европа, од Грузија до Шпанија се најдени остатоци и од далеку постари хоминиди, „Првите Егејци“, без разлика на тоа која денешна етничка и национална припадност би им се препишала, не се и првите Европјани.
  • Постојбината на сите хоминиди е Југоисточна Африка, од каде повремено и постепено мигрирале на други континенти, одејќи пешки. Чунови и бродови се релативно нова технологија. Освен ако нивото на Средоземно Море не било ептен спуштено, Европа најверојатно полека се населувала од Блискиот Исток преку Кавказ, одејќи околу Црно Море, а не преку Балканот.
  • Петралонциве во најдобар случај биле предци на неандерталците (Homo sapiens neanderthalensis), претпоследните Европејци. Нашите предци, односно предците на сите денешни живи луѓе (Homo sapiens sapiens), дошле од Африка пред неколку десетици илјади години и веројатно им ја пресекле лозата со истребување.

10 September 2007

Робокап препорачува: изучувајте го Стариот Рим

Во најновиот Вајерд има напис за д-р Питер Велер, кој е познат како носител на главната улога во Робокап. Освен како актер, тој работи и како професор по историја на уметноста, кој вели:
Римјаните биле неверојатно комплексни луѓе, а и ние сме неверојатно комплексни луѓе. Може да научиме многу за тоа зошто работите се такви какви што се преку гледање на она што тие го правеле.
Во еден од предметите на Велер студентите споредуваат модерни дела за Стариот Рим (холивудски филмови) со дела напишани во рамките на таа цивилизација (оригинални книги).

Безвезните дропки за идентитети

Ми пречи тоа што кај нас и на официјално ниво се мешаат термините националност и етничка припадност. Тоа е уште еден остаток од комунистичката терминологија на СФРЈ, во која беа поистоветени. Во западниот свет кон кој се стремиме, терминот националност (nationality) се однесува на државјанство, а не на припадност кон определена етничка заедница. Граѓаните на Македонија немаат различни националности, а може да имаат различно етничко потекло, да припаѓаат кон различни етнички заедници, итн.

Го препорачувам постот од Зомбификација во кој се покренува прашањето за повеќеслојноста и плуралноста на етничките идентитети:
Нели е малку апсурдно да се признава правото на двојно државјанство, а да не се признава правото на двоен или троен етнички идентитет?

Зошто да не можам во исто време да се чувствувам, на пример, како етнички Албанец и како етнички Македонец, ако татко ми е Албанец а мајка ми Македонка? Со какво право ме перципираат како „пола Албанец“ и „пола Македонец“, а не како цел Албанец и цел Македонец - кога ги зборувам и двата јазика и подеднакво ми се блиски и двете култури?
Понекогаш се прашувам колку некои работи кои ги земаме здраво за готово всушност имаат основа во некои бирократски одлуки донесени некогаш одамна, од типот формулари со само еден избор, или бази во кои „не може“ да се додаде поле. Тесно поврзани со ова се и за фашизоидите тенденции, за кои имавме свеж пример пред некој месец, кога наш висок политичар изјави дека личност со „нечисто“ потекло нема право да говори за дадена етничка група, во која припаѓа „парцијално“.

Знам за луѓе што биле и металци и турбофолкери. Или технаџии и рокери. Истовремено.

07 September 2007

Како да најдете фосили од малечки диносауруси



Упатство од Вајерд-хау-ту за тоа како се наоѓаат остатоци од малечки диносауруси, перфектно за проширување на научната и туристичка понуда во Македонија. Па и „ние“ сме биле дел од Пангеа!

04 September 2007

Првата македонска рецензија на стрипот „Macedonia“

Пред некоја недела „Форум плус“ објави рецензија на стрипот „Македонија“ под наслов „Стрип за една спречена војна“, споменат пред едно два месеци на англиската верзија на блогов. Авторката Кристина Хаџи-Василева со право нагласува дека:
Оваа книга е значајна затоа што конечно се објавува книга за Македонија на англиски јазик што ќе биде широко достапна. Форматот сам по себе ќе помогне да се допре поширок опсег публика, особено и луѓе кои не се заинтересирани да читаат класични научни анализи и историски осврти.
Тема на стрипот е анализа на спречување на конфликтот, раскажано во вид на патепис. Како што веќе најавив, планирам да се произнесам и јас за делово. Инаку, како што е ред во современието, отворен е и блог за книгата.

Најава за два скопски уметнички настани

  • На 7 септември (петок) во Точка ќе биде отворена изложба на цртежи од познатата скопска уметница Билјана Клекачкоска. Кликнете на сликата за повеќе инфо.