Блекаут

27 February 2008

Сексот и Шекспирот - два нови преводи на драми од Бардот

Клаудио и ИзабелаПродолжувајќи го објавувањето драми од Вилијам Шекспир во превод на Драги Михајловски, на порталот за авторски содржини под Криејтив комонс
достапни се и:

  • „Танте за кукуригу“ (Measure for Measure) - сосредоточена на „сексот, движејќи се од раскалашеноста на борделите до екстремната чесност на калуѓерството. Сексот служи за испитување на базата за воспоставување на здраво општество покажано низ односот помеѓу законот и моралноста и за искушување на човечкото поведение во услови на емоционален стрес.“

  • „Со сила убавина не бидува“ (Love's Labour Lost) - „Пријатно срочена комедија... што беше прикажана пред нејзиното величество овој Божик“ (1598).

25 February 2008

Акција - размислување = пораз + фашизам

Во често цитираниот есеј „Вечен фашизам“, Умберто Еко посочува 14 особини кои доведуваат дадено општество да стане фашистичко, а со тоа и да се осуди на пропаст. Меѓу карактеристиките на ур-фашизмот (ур = оригинален, примитивен, првобитен) или прафашизмот, е и:
Ирационализмот исто така зависи од култот на акција поради акција. Бидејќи акцијата се смета за убава сама по себе, таа мора да се презема пред, или без, да се размисли за неа. Размислувањето се смета за нешто што ја одзема машкоста. Затоа, културноста е сомнителна, бидејќи се идентификува со критичките ставови...
Топло препорачувам читање на целиот есеј (стр. 1 и 2), со одвојување време да се размисли за тоа дека во овие тешки времиња, под притисок на огромни фрустрации и маки, секој од нас индивидуален има удел при изборот не само на тоа каква ќе биде нашата земја, туку и личната иднина на нашите најблиски.

Примерот со „патриотките“ од Србија, каде што двете девојки велат дека едноставно, „триста илјади луѓе крадеа, па и ние се придруживме и крадевме“ е многу типичен (social proof). Дали ве амнестира од лична одговорност ако се придружите на „триста илјади луѓе“ што ете, меѓу другото почнат и да убиваат?

Два неодамнешни јавни настани во Скопје за реална последица имаа повреди, материјална штета на граѓаните на Македонија, подигање на нивото на страв и депресивност кај повеќето наши жители, како и понатамошно рушење на угледот на земјата како безбедно и цивилизирано место за живот.

Колку години еден обичен граѓанин на Скопје треба да штеди за да си купи кола која може за миг да се уништи со заскитан куршум или камен? Замислите што би било во наредна таква оргија на уништување да падне крв, односно некој да загине?

Oбата горенаведени случаи, не се работеше за вклучување на сите граѓани, туку имаа јасна етноцентрична димензија - систем на обраќање со исклучивото „браќа и сестри“, наспроти инклузивното „браќа, земјаци и мили комшии“.

Читав некој повик за иден „мирен“ протест, во кој граѓаните на РМ кои не се етнички Македонци прво се именуваат со погрдни називи, а потоа демек како знак на великодушност се користат и соодветните. Тоа не е начин да се постигне обединување, туку разединување дури и по прашањето за името, за кое како за ништо друго барем до неодамна имаше консензус бездруго кај сите жители на државава.

Критериум за некого да признаам за лидер не е само добронамерност, туку и способност - да се предвиди, комуницира, постигне. А тоа се гледа од резултатите, односно последиците на нивните дејствија. За вакви ситуации има и предупредување во Библијата (Нов завет, Матеј 7.15-16): „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи. По нивните плодови ќе ги познаете.“

Добро е пред било кое дејствие да се размисли за плодовите. Каква корист ќе има Македонија од твојот нареден чекор?

24 February 2008

Законот на еволуција

Уредникот на Вајерд Клајв Томпсон предлага наместо терминот „теорија на еволуција“ да се користи „закон на еволуција“, аналогно на другите научни гранки во кои врз основа на слично количество сознанија и факти се дефинираат природни закони.
Креационистите и поддржувачите на „интелигентниот-дизајн“ користат герилска тактитка за поткопување на учебниците кои не одговараат на нивните верувања. На насловните страници лепат налепници со текст „Еволуцијата е теорија, не факт, во однос на постанокот на животот“.

Ова е централното тврдење на противниците на еволуцијата: Еволуцијата е недокажана „теорија“. За луѓето упатени во науката, ова е ептен вознемирувачки маневар. Иако научниците кога зборуваат за еволуцијата го користат зборот теорија, во научните кругови тој збор значи објаснување за тоа како функционира светот кое издржало повторено и систематско тестирање. Не се работи за нешто околу кое постои несогласување.
Со оглед на тоа што вон научните кругови зборот теорија повеќе се поврзува со измислување и погодување, а употребата на јазикот е клучна за ширење на идеите, Томпсон смета дека и научниците треба да користат термини кои се поразбирливи за пошироката јавност. Аналогно на Њутновите закони на движењето.

21 February 2008

Двојната формула и ЕУ

Се согласувам со Гуд бајтс во врска со ултимату... новиот предлог за името:
Имено, Нимиц наводно нуди да прифатиме едно име и тоа да важи за сите меѓународни институции, за Грција и за сите земји кои не нè признале досега. Исто така, ова е нешто ненајавено досега, тоа ново име да стои во нашите пасоши.
Наредното е клучно. Сè додека сме надвор, во чекална, ние немаме глас при донесувањето одлуки, а членот на тие сојузи секогаш ќе има предност наспроти „соседот“.
Евентуално, полесно или потешко, Македонија ќе влезе во НАТО и ЕУ, било тоа според волјата на Грција или не. Но кога тоа еднаш ќе се случи, тогаш веќе од позиција на еднакви нема да дозволиме да не понижуваат повеќе и ќе го решиме проблемот трајно и на начин на кој нам ни одговара.
Имам чуено дека користење двојна формула нема да биде преседан во рамките на ЕУ. Кога Република Ирска и Велика Британија потпишуваат меѓусебни договори, Ирците имаат своја копија а Британците своја. На британската стои нивното уставно име Обединето кралство на Велика Британија и Северна Ирска, а на ирската оној последниот дел е изоставен. Можно е г. Фуере да знае повеќе за ова, не е лошо некој новинар да го потпраша.

20 February 2008

Шекспир, на македонски, на интернет

Баравте, читајте! :-)

Благодарение на проф. д-р Драги Михајловски, на Порталот за македонски содржини објавени под Криејтив комонс во наредниот период (ќе) се објавуваат некои од неговите најпознати авторски дела, како и преводи на десетина драми од Шекспир.

КориоланВо моментов, достапни се драмите:

Од двете, Кориолан мене ми е поомилена, оти се базира на римската легенда за војсководецот Gaius Marcius Coriolanus кој наводно сменил страна, па имал патријахално-семејни проблеми. Легендата е еден од примерите за селективна интерпретација на историјата преку раскажување, една од темите на „Прашина“ од Манчевски. Драмата се базира на биографијата напишана од Плутарх.

А и темата на втората драма е поучна, особено во овие бурни времиња.

(слика: Проџект Гутемберг)

Доколку ви се допаѓа веста, промовирајте ја преку линк на вашите блогови или со гласање на Кајмакот.

16 February 2008

Земјоморје на А1 ТВ

Прикажувањето на мини-серијата „Земјоморје“, викендов на А1 ТВ ме изненади. Еве неколку информации за оние кои првпат се среќаваат со концептот (Earthsea):
  • Не се работи за средновековна и малку „повозрасна“ верзија на Хари Потер. Првото дело чие дејствие се одвива во овој „универзум“ е напишано 1964 г. од Урсула К. ле Гвин. Светска слава доживува меѓу 1969 и 1974 година, кога се објавени првите три романи „Волшебникот од Земјоморје“, „Гробовите на Атуан“ и „Најдалечниот брег“. Првиот Хари Потер е објавен 1997.

  • Како и при „адаптирање“ на други литературни дела за филм или телевизија, и во овој случај се изменети многу од клучните елементи - особено демографските и политичките. Главниот лик Гед во оригиналот не е русокос белец, туку има расни карактеристики на индијанците. Девојката Тенар е предодредена уште од мала за главна свештеничка, кога на 6 години ја „јадат“ Безимените. Сплетките во манастирот и освојувањето на Рок од Каргаѓаните - немаат врска со книгите.

  • Препорачувам читање. Некои од нив се наоѓаат по нашите библиотеки, во превод на српски (Земљоморје).

Турскиот Командант Марк

Трејлер за турскиот филм направен според италијанскиот стрип Командант Марк - сосе Блаф, Жалосна Сова, Бети и црвени мундири. Дури го покажуваат и Чукундеда Врач. Само Флок не го видов...



Турците инаку направиле десетици локализирани верзии на филмови со стрип-јунаци: Супермен, Бетмен, Кетвумен, Тарзан, Загор... Оние со суперхерои обично се одвиваат во Истанбул. Не ми личи како да биле лиценцирани од сопствениците на авторските права. Сега се раритети.

14 February 2008

Џејсон - вистинска приказна од Полска

Ана ја пренесува приказната за Џејсон, која дава исклучително добра илустрација за тоа како интернет може да ги поврзе луѓето и да им помогне да си ги подобрат животите.

12 February 2008

Едното изгледа познато, другото само изгледа

Ако ги следите муабетиве што се отвораат околу немањето стандард за државниот грб (на пр. „Дневник“ од 11.02.2008) и податоците ви се чинат познати, тоа е затоа што пред скоро две години сте ги прочитале на блогот Зомбификација (18.04.2006) .

Уште еден блогер кој дава импресивен пример на истражувачко новинарство до ниво на детективска истрага е ВББ, кој до гола кожа ја разоткри медиумската манипулација на Канал 5 (12.02.2008).

Обата се за поздравување!

11 February 2008

Каде сè има македонски е-книги за симнување?

Огромниот интерес за симнување на е-книгите

од порталот за македонски содржини објавени под Криејтив комонс ме поттикна да го потегнам старото прашање:

- Од каде сè може да се симнат бесплатни и легални македонски е-книги?

Јас знам за уште само два значајни извори на литература на македонски јазик:

Свесен сум дека информациите на оваа тема се дефицитарни. Затоа, ако знаете уште некој линк, ставете го во коментар или на вашиот блог со линк до овој пост, да поработиме заедно на градење збирка со линкови.

10 February 2008

Уште една можност за промоција на блогови

Доколку имате блог лиценциран под Криејтив комонс, нема потреба да чекате некој од тековните корисници да ви го пријави во соодветната категорија на македонскиот портал за содржини кои ги користат овие лиценци.

Како што веќе реков кај Дуле Варваринот, секој таков автор може едноставно и бесплатно да се регистрира и потоа да пријавува линкови до свои дела.

09 February 2008

Кој се плаши од Опен ај-ди лош?

Сеад потегнува важно прашање во постот за Опен ај-ди (Open ID) на Комуникации - дали стандард за унифициран систем за еднозначно логирање на што повеќе сајтови може да претставува закана за приватноста.

Тој исто така споменува дека дел од проблемот што сака да го реши оваа иницијатива е решен технички во Фајерфокс, со менаџерот за лозинки. Но ова решение го покрива само репетитивниот дел на повторни посети откако ќе се регистрираш.

И тој, а и оној првиот со предавање на личните податоци при регистрација, го решава Баг ми нот (BugMeNot) или во превод „Не ме гњави“. Во форма на додаток за Фајерфокс или букмарклет, овозможува логирање на разни популарни сајтови преку неговата база на бесплатни кориснички имиња и лозинки.

Препорака: Црвенкапчо

Прекрасна бајка за доживувањата на Црвенкапчо во главните текови на македонскиот медиумски простор. Роберт Хајнлајн во неговата највлијателна книга „Странец во стран(с)ка/чудна земја“ (Stranger in a Strange Land) укажува дека хуморот е одбранбен механизам наспроти апсурдната баналност на баксузното секојдневие...

Горенаведената бајка не е само за возрасни, препорачливо е да ја прочитаат и деца.

08 February 2008

Да ги спасиме дрвјата, ама и македонската култура

Еве доказ дека Владата не треба да исече дрвја за 24 милиони денари, туку да ги искористи дигиталните технологии за развој на македонската култура:

Првата книга на Алекс Букарски „Луѓе на кои не им се отвора падобранот“ досега преку интернет--за само два месеци--постигна скоро три пати поголем „тираж“ од (примероци испечатени) на хартија, мерено според број на симнувања.

Воедно, му посакувам успех и на Дуле Варваринот кој тукушто ја објави неговата дебитантска книга „Писателот Варски и други раскази“ под лиценца од Криејтив комонс.

Арно ама, не се работи за конфликт млади и надежни контра советот на старците, што убаво го покажува примерот на Букарски кој неодамна го презема уредувањето на блогот за Петре М. Андреевски, колега од кој хронолошки го делат барем две генерации.

Продолжува...

07 February 2008

ТВ-серијата „Космос“ со Карл Саган - цела на интернет

Една од најпопуларните документарни серии на светот, „Космос“ со Карл Саган, е достапна за гледање и симнување преку германскиот веб-сајт Ол ју си. Наменет е за линкови до видео-содржини хостирани на други сајтови.

Би било супер некоја наша национална телевизија да ја репризира серијава.

Дополнително, книгата „Космос“ е преведена на македонски и може да се купи во Табернакул, а се надевам и во други книжарници во нашата блиска околина.

04 February 2008

Галичица меѓу најубавите европски пејсажи за возење

„Дневник“ (2.2.2008) објави дека „Форбс“ го вброил и патот од Преспа до Охрид преку Галичица меѓу највпечатливите патеки за возење во Европа. Тоа по заслуга на познатиот скопски патеписец Кристофер Делисо, директорот на Балканализис.

Во прилог: фотогалерија на Емилија Андреевска од таа област.

02 February 2008

Астрологија и хороскоп: три антологиски видео-клипа

„Има два начини на гледање на ѕвездите: онакви какви што тие навистина се, или онакви какви што ние би сакале тие да бидат,“ вели астрономот Карл Саган во видео-клип од култната ТВ-серија „Космос“. Одлична појдовна точка за сваќање на односот помеѓу астрономијата и астрологијата, односно науката и празноверието кое се користи за политичко и економско профитерство.



Применете го следното тврдење на Саган врз примерот на загинатиот претседател на РМ, Борис Трајковски, кој има брат близнак Александар:
Астрологијата може да се тестира преку животите на близнаци. Има многу случаи како овој: еден близнак умира во детството, или е погоден од гром... додека другиот доживува удобна старост. Да претпоставиме дека тоа ми се случило мене. Мојот близнак и јас би биле родени на сосем исто место, со разлика од неколку минутки. Сосем истите планети би „изгревале“ во моментот на нашите раѓања. Ако астрологијата е валидна, како може да имаме толку суштински различни судбини?
Колку е лесно да се излажат многу луѓе укажува британецот Џејмс Ранди, истражувач на на натприродни појави:



Дали би му верувале и плаќале услуги на лице кое тврди дека е стручњак за одредена област, а истовремено покажува дека абер нема од основите на таа област. Дали би сакале да ве лечи лекар што не знае што се тоа вируси, или да ве советува адвокат што не знае ниеден закон? Дури и да има врска меѓу ѕвездите и личната судбина, тврдењата на денешните астролози се погрешни, оти поради ротацијата на земјата распоредот на соѕвездијата е променет и тие работат со застарена „мапа“. Од прилика на ниво на лекарите кои пред 2000 години верувале дека кога сте болни има нерамнотежа на течностите во вашето тело, па најдобра терапија е да ви исцедат дел од крвта.



Благодарност до minimoog кој во својот перциптивен коментар на темата празноверна инвазија во главните текови на македонските медиуми вклучи едно од видеата, со што ме поттикна да ги најдам и другите. За жал, инвазијата продолжува - денешниот број на додатокот „Викенд“ на „Дневник“ е целосно посветен на астролошка пропаганда. Мене лично помило ми е во животот да се угледам на луѓе како Карл Саган, отколку на луѓе како Видовити Милан. А вам?