Блекаут

25 December 2008

Спотот за Македонија на ЦНН, објавен под Криејтив комонс

За мене е исклучително важно што дигиталните верзии од новиот видео-спот за промоција на Македонија се објавени под лиценца од Криејтив комонс.

Мислам (исправете ме ако грешам) дека е тоа прв пат во светот една ваква работа на државно ниво да се објавува на интернет на ваков начин. А веројатно е и првпат еден режисер на такво ниво, со портфолио во кое стои и номинација за Оскар, да даде свое дело вака.

Овој аспект беше споменат и на Археолошки дневник, а на Комуникации се зборува за аспектите на социјално вмрежување и оптимизација за машини за пребарување.

22 December 2008

Претставување на македонските кандидати за Наградата на Светскиот самит за 2009

Награда на Светскиот самит за Македонија 2009На 23 декември 2008 година (вторник) помеѓу 10 и 14:30 часот во просториите на Стопанска комора на РМ во Скопје (ул. Димитрие Чуповски бр. 13, до Мекдоналдс во Центар) ќе се одржи претставување на кандидатите за претставници на Македонија за Наградата на Светскиот самит за информатичко општество за 2009 година, во организација на Фондацијата Метаморфозис.

Наградата на Светскиот самит е глобална иницијатива за избор и промоција на најдобра е-содржина којашто започна да се доделува во 2003 година во рамките на Светскиот самит за информатичко општество на Обединетите Нации. Процесот се одвива преку национални избори и еден глобален избор, кои се одржуваат на секои две години и претставуваат одлична прилика за светска промоција.

Цел на Наградата на Светскиот самит е поттикнување на креативните потенцијали низ целиот свет да дадат придонес за надминување на дигиталниот и содржинскиот јаз кои го спречуваат сеопфатниот и рамномерен развој на информатичкото општество. Кандидатите од Македонија ќе конкурираат во следните категории:
  • е-култура и наследство
  • е-бизнис и трговија
  • е-учење и образование
  • е-наука и технологија
  • e-владеење и институции
  • е-здравство и животна средина
  • е-забава и игри
  • е-вклучување и учество
Подетални информации за изборот и кандидатите се достапни на официјалниот веб-сајт на Наградата на Светскиот самит за Македонија.

Жирито одлуката нема да ја донесе на настанот, туку ќе се повлече за дополнително детално да ги разгледа претставените проекти, по што ќе бидат соопштени избраните кандидати.

Советот за радиодифузија и воспитувањето на децата

Штета што на веб-сајтот на Советот на радиодифузија не може да се најдат нивните спотови кои деновиве се вртат по македонските телевизии, а не можев да ги најдам ниту на Ју тјуб.

Интересно е да се спореди рекламата со мало девојче што игра на шипка со редовната програма на македонските телевизии, на пример со спотот на Лана Јурчевиќ кој можеше да се види веднаш по вестите на Сител во недела навечер.

Дали ова значи дека ќе почнат да ставаат ознаки на сите емисии во кои има турбофолк или „Балкан експрес“ музика дека се „само за над 18 години“ и ќе наметнат забрана за нивно емитување само во доцните ноќни часови?

21 December 2008

Утнати кајрони

Уште два примери на преведувачки фушерај, овојпат од да речеме, аматери во тој бизнис, кој од некоја причина решиле да го користат своето недоволно знаење на англискиот во нивната секојдневна работа, можеби заради колонијален менталитет.


На првата сликичка е кадар со кајронот од емисијата „Опуштено“ на ТВ Сител, во која Туна најави дека ќе пее песна од Дафи со наслов „Степинг стоун“ (анг. stepping stone - камен за стапнување, на пр. што служи како мост во поточе, пренесено некој што му служи на некој друг да го искористи само за една употреба). Резултатот на кајронот е „steping storm“ - ем печатна грешка со првиот збор, ем тотална утка (бура) со вториот.

Втората сликичка е кадар од емисијата „Ексклузив“ на ТВ А1 на која е претставен член на некојси „Ју бенд“. Кајронот го претставува како името на групата како „Yu bend“ - вториот збор на англиски не означува група, туку свијок, или на српски кривина. Ако веќе се користи англиски збор за име на нешто, нека оди комплетно на англиски (Yu band), а не дел да оди со фонетски „кому иде“.

20 December 2008

Еден сензуален италијански танц

За песната „Везувио“ од Спаканаполи веќе зборував, како и општо за Сопранови. Во посакуваниот дух на викендот, следи една од најкеифските сцени од серијата, со танцот на куќната забава на Фурио.


17 December 2008

Познат лик и непозната историја

Го читав критичкиот текст за нередите во Грција на Егзајл и посакав да ги видам нередите во Јужна Африка, Јапонија и други места кои што се споменуваат. Со пребарување за South Africa riots на Ју тјуб дојдов до еден американски филмски журнал од 1960 година. Не ги најдов баш тие нереди од текстот, но околу 2:41 минута може да се види една и нам позната фаца од тоа време.



На гореспоменатиот сајт има и уште еден актуелен текст за интервенционизам на лична база, во кој се споменуваат Американци кои оделе да помогнат на Грците во борбата за независност од Османлиската империја во 1824 г. од романтичарски, „крстоносни“ побуди.

Што е малку иронично за тие што знаат дека оригиналните крстоносци пред да стигнат до Светата Земја попат го опустошиле православниот свет, меѓу кои и териториите на денешните Албанија, Грција и Македонија, па и самиот Константинопол. Но интересно е да се види дека грчката дијаспора уште во тоа време имала комитети за собирање доброволци за нивната борба низ САД. И да се спореди со учеството на странци во движењето за ослободување на Македонија, кое барем колку што ние сме учеле, било многу по мултикултурно ориентирано од грчкото осумдесетина години потоа.

Хумор и сатира од блогосферата и околината

Еден начин за соочување со апсурдот кој владее во светов е преку хумор.

Веќе неколку дена на сите пријатели и роднини што ќе ги сретнам им препорачувам да го погледнат видео-прилогот за „исцелителот" Брацо од А1, за да сватат каде и со кого живеат. Недостатокот на реакции од државните тела, политичарите и особено од религиозните институции кои инаку имаат потреба да искажат јавно мислење за с'е и сешто не можам да си го објаснам само со поговорката „врана врани очи не вади".

Најсмешен пост за оваа недела ми беше оној од Сеад за медиумската Илијада, а за минатата оној од Баждарџијата со речникот што ми овозможи поголемо разбирање на хип-хоп културата за која порано покажав дека сум премногу „олд-скул". Штета што повеќето коментари се далку под нивото на постот, не ги ни читав после првите 3-4.

Од странство, огромен впечаток ми остави сатиричниот видео-коментар за реакциите на хрватскиот премиер Санадер на последиците од аферата со апсење на основач на група на Фејсбук.

16 December 2008

Каде е македонскиот Мајкл Мур?

Ми се чини дека е вистинско време во Македонија да се појави режисер кој ќе снима документарни филмови за нашата реалност. Со сите интересни и апсурдни приказни кои се родија од транзицијата, ептен ми е чудно што младите режисери не почнуваат прво со документарци. Особено затоа што голем дел од филмовите снимени во последните дваесетина години се однесуваат токму на социјални теми, пропаднати семејства, самоуништувања, маки и страдања. Штета што во многу случаи тие приказни ги раскажуваат луѓе што потекнуваат од повисоката класа, па затоа и испаѓаат извештачено и празно - „како мали Ѓокица замишља сиромаштију“.



Исправете ме ако грешам, но „Дае“ од Столе Попов (1979) е меѓу најновите македонски документарци кој стекнал поголема видливост. „Шампионите од Шутка“ и „Чија е оваа песна“ во кои се обработуваат теми повеќе или помалку поврзани со Македонија се од странци. Филмот за човекот што ги бара другарите од војска низ цела СФРЈ е направен од иселеник...

А зар не би било и забавно да се појави некој македонски Мајкл Мур. Не во смисол на лева политичка ориентација, туку во смисла на режисер со смисла за хумор кој кога обработува некоја тема не се откажува додека не добие одговори од одговорните - снимајќи ги и кога бегаат од одговорност. Замислувам филм за смртта на работникот во Макстил и истрагата, за големиот шестотонски транспорт и паднатите мостови, куршлусот со ракометното првенство, патувањата за Пекинг со количка и точак, скриените археолошки артефакти, за мистериозната 2001... за злоупотребата на ваучери од страна на апсолвенти со вклучено јавување на нивните огласи, неспособните функционери поставени само да дигаат два прста по директива кои немаат поим од дејноста на телата кои ги управуваат, суеверието и десекуларизацијата...

Нели би било поинтересно од рециклираните вести за тоа што манџа ќе јаде Мадона за Божиќ, или „вестите“ (недекларирани реклами) како тие што организираат журки сами себе се фалат? Па и нашата естрада нуди супер теми, од позерството до разоткривање на мотивите на „бунтовниците“ што го бранат status quo. Било која актуелна тема нуди скапоцен материјал, сам по себе апсурден до степен на трагикомедија.

15 December 2008

Анкета на Криејтив комонс за некомерцијалното

Криејтив комонсКриејтив комонс истражува како луѓето го разбираат терминот „некомерцијална употреба“ и за таа цел заинтересираните може да пополнат прашалник.

Оваа студија е од големо значење за мисијата на Криејтив комонс за обезбедување на бесплатни, флексибилни и лесно разбирливи лиценци за авторски права коишто се едноставни за користење,“ изјави извршниот директор на Криејтив комонс Џои Ито.

Пораката со повеќе детали ја пренесува Метаморфозис.

Ликови од историјата на древна Македонија според Плутарх

За најавата дека ќе биде објавена книга со дел од житијата на Плутарх кои директно се поврзани со Македонија прво дознав од веб-сајтот на ФИООМ, а ме потсети и Археоблог.

За жал не можев да присуствувам на промоцијата, но со нетрпение очекувам да го прочитам првиот македонски превод на дел од биографиите на видни луѓе од антиката од оригинал. Би било супер ако излезат изданија и со другите Плутархови дела, оти животописите на Ромул, Кориолан, Мариј, Сула и Цезар на пример се исто така ептен добро четиво.

Мило ми е што на чекањето за кое пишав пред едно година и пол му се гледа крајот:

Плутарх - линк до хронологијата на неговите јунациМногу класици на светската литература сеуште „чекаат“ да бидат преведени на македонски јазик. Меѓу нив се и „Житијата“ или „Паралелните животи“ на античкиот автор, граѓанин на Рим и етнички Грк - Плутарх.

Плутарховите биографии „на благородните Грци и Римјани“ се меѓу највлијателните историски дела во историјата - на пример Наполеон Бонапарта си носел копија со себе на сите походи.

Особено важни се преводите на француски и англиски, направени во текот на ренесансата и ревидирани неколку века подоцна - достапни на веб (Paralel Lives). За жал, колку што јас знам, на македонски е преведена само биографијата на Александар, во издание на Нова Македонија некаде на почетокот на деведесеттите - една мала жолта книшка.

Како алатка за љубителите на историјата имам направено хронологија на животите на јунаците на Плутарховите житија, според написот на англиската Википедија.

Најавата линкувана погоре го потврдува моето мислење дека имало само еден превод од дело на Плутарх на нашиот јазик:

Ова е прв превод на македонски јазик на десетте биографии од опусот на Плутарх (ако се исклучи лошиот и неупотреблив превод од српски на македонски јазик на биографијата на Александар направен од конјуктурни причини во време на еуфоријата во врска со историјата на античка Македонија).

Од општествен аспект, нели е интересно дека за вакви, вистински ефективни потези кои придонесуваат за унапредување на македонската култура и наука, како и помагаат во зачувувањето на идентитетот се одговорни луѓе и организации кои некои самопрогласени патриоти ги обвинуваат за предавништво.

13 December 2008

Приватизирано археолошко наследство

На постот на тема непубликување на наодите - болна точка на македонската археологија, кој го содржи следниот цитат од филмот Нападот на клоновите:

За едно нешто може да бидете апсолутно сигурни - ако некој предмет го нема во нашите записи, значи дека не постои.

...би одговорил со цитат од Приказните од Земјоморје од Урсула ле Гвин, од приказна која зборува за здружување за збирање знаења со цел да се помогне на луѓето, во мрачно време:

Не можеме да сториме ништо едни без други... Но, токму алчните и суровите се држат заедно и се зајакнуваат едни со други. А оние што не сакаат да им се придружат стојат секој сам по сам.

(We can't do anything without each other... But it's the greedy ones, the cruel ones who hold together and strenghten each other. And those who won't join them stand each alone.)

Постот се однесува на тоа дека македонските археолози кои не објавуваат трудови во научни списанија често и не ја исполнуваат законската должност да дозволат пристап до ископаните артефакти за некој друг да може да публикува за нив.

Лагите водат кон неуспех во промоција на Македонија

Вистината за Македонија никогаш нема да се прошири со помош на лаги. Дури и кога тие лаги се кажани со добра намера, или од глупост, а особено со очигледно незнаење.

Им благодарам на читателите на постот за ракометниот дебакл кои укажаа дека сепак постои официјален сајт на првенството. Сајт со целосен македонски интерфејс, и со неколку написи на англиски скриени зад линкови на македонски јазик. Како случајните странски посетители кои ако некој директно им посочи ќе налетаат на сајтов и не знаат македонски ќе сватат дека линкот „градови“ им е наменет нив, воопшто не ми е јасно. Но, нема потреба да се повторува, дека катастрофалното ниво на маркетинг воопшто применето на целиот настан се одразува и на е-маркетингот.

Зборот ми беше нешто друго. На сајтов Охрид е посочен како најстар град на светот. Ова епохално тврдење е поткрепено само со еден податок: дека местото првпат е споменто во „грчки документи“ од четврти век пред нашата ера. Нешто слично како што некој Бугарин малку поскромно, но исто толку наивно тврди дека „Пловдив е еден од најстарите градови во светот, никој не знае колку е стар, ама многу научници истражуваат...“

Од општа култура, било кој поинформиран човек би се зачудил на вакво тврдење, а би ги посочил Чатал Хојук, или сеуште населените Дамаск или Ерихон како најстар град на светот. Нивната потврдена старост е над десет илјади години, што е четири пати постаро од Охрид. Дури и Карал, наводно најстариот град во „новиот свет“, е две илјади години постар.

Ваква самобендисаност може да успее само кај некој што нема поим од наука + има конфликт на интереси со емоционална инвестиција = кај очајните македонски народни маси. Повторно испаѓа дека се работи за пропаганда за домашна употреба, додека најдобро што може да добиеме од странците е учтиво криење на потсмешливото сожалување.

12 December 2008

Ракометниот дебакл во дигиталниот свет

Поради зафатеност со некои лични обврски, не навлегував многу во скандалот со пропуштената прилика Европското првенство во ракомет да се искористи за промоција на Македонија или за средување на некои инфраструктурни проблеми низ државава.

Ги поднесував и шпиците на МРТ направени на аматерско ниво. Многу нешта недостасуваа, па меѓу нив не забележав дека недостасува нешто навистина клучно.

Арно ама, еден ден сватив - организаторите дури не се ни потрудиле да направат посебен веб-сајт за настанот, како што е ред, обичај и потреба во последните десетина години.

Како и во случајот со извиканиот спот за ЦНН, повторно странската публика нема шанса да види ниту една македонска веб-адреса, да биде поттикната да погледне сајт уредуван од луѓе од Република Македонија.

Тоа што билети може да се купат преку Експлоринг Маседониа или што МТ направил свој потсајт со вести за Првенството (само на македонски) не ми е утеха.

11 December 2008

Смртта на работникот Јован Андонов - греота и срамота

Работник загина во „Макстил“, несреќата како да не се случила

пријавена од Vnuce популарна пред 8 минути. (utrinski.com.mk)

Никој не ја известил полицијата, Трудовата инспекција дознала по три дена, а за случајот молк и од Клинички.

1 коментар (до моментот на постирање)

Промоција на книга од Алис Халф

Промоција

пријавена од ribaro пред 18 часа, 22 минути. (allishalf.blog.com.mk)

"Добро утро, Кафе!" Катица Димовска. Мала Станица, Книжарница ИЛИ-ИЛИ на 11 декември (четврток) 2008 во 20.00 часот. За книгата, перформанс, јас :)

0 коментари | проблем? | категорија: Култура

07 December 2008

Сакаме достојна македонска археологија

Ако повеќето етаблирани македонски археолози се задоволни да играат улога на артефакти од 19 век, ние, граѓаните од чии даноци доаѓаат парите со кои државата ги финансира нивните кариери и истражувања, не сме.

Сакаме археологија на високо научно ниво и од светски глас, оти ни треба и за внатрешна и за надворешна употреба.

За спротивставување на сите ненаучни и националистички пропаганди насочени кон уништување на Македонија на било кое ниво основа е продукција на научни содржини во дигитална форма, објавени прво во научни списанија, особено на англиски јазик. Инаку џабе се напорите на ентузијасти-лаици како Википедијанците или автори на аматерски сајтови за култура.

ТВ МТМ: Најава за учество во емисија

Во понеделник, 8 декември 2008 г. од 10 часот изутрина, како претставник на Фондацијата Метаморфозис планирано е да земам учество во емисијата за бизнис на телевизија МТМ при што

06 December 2008

Каква црна „просидба“, Точки низаедни :-)

Со веста „Ја запросил на карпа, ја повлекол бран“ веб-сајтот Точка нуди уште еден пример на преведувачки фушерај:
Романтичната просидба на крајбрежје завршила трагично кога идната Младенка ја повлекол бран и ја одвлекол во морето.
Нема потреба да се рошка по оригиналната вест (која не е линкувана) за да се види дека текстов е нестручно преведен од хрватски. Зборот „младенка“ на хрватски е „невеста“ на македонски, а невестата од веста всушност се викала Лифил Афрок.

Нестручноста се гледа и во тоа што е задржано хрватското правописно правило имињата да се пишуваат во оригинал со англиска латиница. За текст на македонски би требало да стојат на кирилица и тоа како што се изговараат. Оригиналната транскрипција на имињата евентуално може да стојат во заграда на првото појавување како референца, но оставање референци очевидно не е намерата на лицето кое го спремало текстов.

Дали има потреба да се споменува дека и зборовите „запросил“ и „просидба“ се директно увезени од хрватскиот, додека тие на македонски (би требало да) се преведуваат со „ја побарал за жена“ или „ѝ предложил брак“ и нивни варијанти.

04 December 2008

Црна овца

Црна овца
Црна овца :-)
Вреди да се ѕирне.

Ние сме мајмуни (apes)

Реагирам на постирањето линк за симнување на филмот „Планетата на мајмуните“ на насловна на Блогерај. Премисата на тој постапокалиптичен филм е дека нели, „мајмуните“ ги заменуваат луѓето како господари на Земјата.

Арно ама, и луѓето во било која смисла освен религиозна самобендисаност се интегрален дел од големите мајмуни (apes). Ние сме дел од таа подгрупа на приматите и како што нагласува биологот Ричард Докинс, нема ниеден научен критериум според кој ние би биле издвоени од блиските роднини шимпанзи, горили и орангутани со кои делиме огромен процент на генетски материјал.

И кога тие прават нешто „човечко“, тоа не е затоа што нè имитираат, туку затоа што им е својствено исто колку и нам. И обратно - планетава и сега е планета на мајмуните - затоа што ние сме главни.

03 December 2008

Награда на Светскиот самит за информатичко општество за 2009.

Награда на Светскиот самит за информатичко општество за Македонија Доколку вашата фирма, организација, институција или тим, во периодот 2007-2008 година, има објавено проект за е-содржини во некоја од следните области


• e-владеење и институции
• е-здравство и животна средина
• е-учење и образование
• е-забава и игри
• е-култура и наследство
• е-наука и технологија
• е-бизнис и трговија
• е-вклучување и учество

Краен рок за пријавување: 12 декември 2008

01 December 2008

Даноци за беќари, ергени и моми немажени!?

На блоговите на Баждарџијата и Сеад 93 прочитав две многу смешни карикирања на пробниот балон за даноци за невенчани лица, како дел од сосем неоригиналното кроење на популациона политика во Македонија. Сите овие финти што се новини кај нас се веќе видени во околниве држави, особено оние кои длабоко и уште понесреќно од нас заглавија во текот на транзицијата. Коментари на темава има и на Кајмакот.

Горното антиданочно клипче е од Дизниевиот Робин Худ (1973). Истата фирма има правено и проданочни цртани (1943).