Блекаут

29 May 2009

„Антиквизација“ на венецуелски начин

Слика на Симон Боливар (1783-1830) од Википедија.И во Венецуела имаат „антиквизација“, во смисла отворање на историски контроверзи од страна на државната власт, наместо решавање современи проблеми. Ама поскромно! Наместо до времето на античките предци на домородните индијанци, одат „само“ 200 години наназад, до Симон Боливар.

(Гласајте го линкот на Кајмакот)

А за првобитното значење на поимот „антиквизација“ може да видите на Археолошки дневник: „...термин со кој историчарите на архитектурата укажуваат на практиката од времето на ренесансата на градовите да им се дава изглед на Стариот Рим или Атина со поставување структури во класичен стил...“.

28 May 2009

Голи вести - препорака

Вуна има нов текст на Окно во кој го разгледува парадоксот како може „најпобожната“ телевизија да има најпорнографска програма. И не се само „Голите вести“ - тие неконзистентни конзервативци традиционално прикажуваат и еротски серии - мислам во петок, а на нивниот втор канал и чиста порнографија преку едносаатен колаж од исецкани клипчиња секоја полноќ... Таа појава е дел од поширок феномен:

Ваквиот пристап не е погрешен зашто е православно-центричен, ниту пак затоа што доаѓа од страна на една десничарска националистичка и конзервативна политичка фракција. Погрешен е зашто е арбитрарен и некритички, и затоа што тоа нужно ќе го одведе општеството во ситуација полоша од сегашната.

27 May 2009

Резултати од анкетата за корисници на Фејсбук во врска со тамошните огласи

Благодарам на сите 456 луѓе (450 од Македонија + 6 од дијаспората) што одговорија на анкетата за корисници на Фејсбук! :-)

Резултатите од одговорот на прашањето „ што правите со огласите од македонски фирми на Фејсбук?“, врз основа на прочистени одговори од 435 испитаници се:
  • Воопшто не ги забележувам тие огласи - 27,4%
  • Намерно не ги кликам - 6,0%
  • Ги кликам ретко или никогаш - 37,0%
  • Ги кликам понекогаш - 25,3%
  • Често ги кликам - 4,4%
Вака одговорија 294 лица што изјавиле дека кликале, на прашањето: „Ако сте кликнале на ваквите огласи, тогаш...“
  • Рекламираните сајтови најчесто ги имам посетено само еднаш (тогаш и никогаш повеќе) - 67,7%.
  • Неколку пати се имам вратено на рекламиран веб-сајт - 16,0%.
  • Рекламираниот веб-сајт го имам ставено во букмарк/фејворитс - 3,1%.
  • Имам купено производ или услуга директно од таков сајт - 1,4%.
  • Го имам купено тоа што се рекламира на таков сајт по телефон - 0,3%.
  • Го имам купено тоа што се рекламира на таков сајт од продавница - 2,7%.
Поопширна дискусија во врска со анкетата и нејзините увидени маани ѕирнете на англиската верзија на блогов (What do Macedonian Facebook users do with the ads by Macedonian companies?).

25 May 2009

Актуелни политички, општествени и анкетни линкови

Политика и општество
Анкетирање и слично

Новиот вирус на Фејсбук и како да се заштитите

Деновиве повеќе корисници на Фејсбук, меѓу кои и јас, почнаа да добиваат пораки од пријатели кои се всушност пратени од вирус.

Таквите пораки имаат линк што води до страница што изгледа исто како од Фејсбук и ви бара повторно да се логирате - со тоа ви го краде логинот и пасвордот на ФБ и потоа препраќа пораки со такви реклами.

Затоа, ако преку некој линк сте стигнале до страница што личи на Фејсбук, а веќе се имате логирано на Фејсбукот од претходно - не го впишувајте логинот и лозинката.

Јас на пример добив вакви пораки со покани за сајтови со белгиска адреса, ама напишани така што да се посетат треба рачно да се впишат, без точки и хттп напред, на пример wwww ime be.

Ако се сомневате дека сте го фатиле вирусов, веднаш исклучете го целосно разгледувачот и сите прозорци, потоа логирајте се на основната страница на Фејсбук (www.facebook.com) и променете си ја лозинката.

Напис за вирусов на хрватски Индекс:

24 May 2009


In The Know: Kim Jong-Il's Approval Rating Plummets to 120%
Сатирично клипче на англиски јазик од „Д Анјон“ во форма на дебатна емисија на тема рејтинг на политичарите на кои тоа им е важно, под наслов „Рејтингот на Ким Јонг Ил паднал на 120%“

22 May 2009

Анкета за корисниците на Фејсбук

Ако го користите Фејсбук и имате 3 минути време, ве молам повелете да одговорите на прашањето

Ако досега не сте го користеле Фејсбук, немојте да се закачувате само заради анкетава. Резултатите за некој ден ќе бидат објавени и на блогов.

20 May 2009

Во живо: важен настан за невладиниот и владиниот сектор

Од Кајмакот дознав дека МЦМС нè поканува да ја проследиме во живо промоцијата на Извештајот за спроведувањето на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор. На присутните ќе им се обрати Ивица Боцевски, потпретседател на Влада на РМ и Ерван Фуере, Шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје. 20.05.2009 14:00-16:00.

Го поздравувам секое користење на новите технологии за директно приближување на сите извори информации до граѓаните.

18 May 2009

Пак за транспарентноста

Во врска со

кој ми се чини повеќе како ad hominem аргумент, оти повеќе зборува за луѓе отколку за дела. Корисен линк во контекстот е и:

извештајот на МЦЕО од ноември 2008 година „Осумте + еден репер на Европската комисија, ден потоа“ (ПДФ) во кој баш се споменуваат партиските вработувања како фактор.

17 May 2009

Транспарентност не е само име на НВО

Било да го користиме увезениот термин транспарентност, или буквалниот „чисто македонски“ превод проѕирност или прозрачност, излегува дека треба да повторуваме што тие значат додека и последниот жител на Македонија не почне да бара примена на овој политички принцип. Бранко Ѓорѓевски од Дневник убаво објаснува во текстот „Недоволен еден“:

Кога институциите не ги објавуваат информациите што директно ги засегаат тие од чии пари живеат, тоа бирократски се нарекува нетранспарентност. Кога тоа станува правило во едно општество, тоа општество станува затворено, недемократско општество. Ни се случува ли тоа и нам? Очигледно, да, бидејќи во спротивно искуството би било поинакво и воопшто не би имало потреба јавно да се прашуваме зошто некој сака да го скрие тоа од сопствените граѓани. Како да е некаде и во нечии глави е всадено чувство, став или, едноставно, страв од тоа јавноста да знае што се случува во земјава.

Зошто е тоа така? Дали за да се одбегне „непотребната“ расправа за тоа што властодржецот наумил да прави или смета дека добиениот мандат му дава право да го прави и тоа? Може да се најдат десетици објаснувања, но сите тие ќе се соочат и ќе паднат пред она што е елементарна работа во секое демократско општество - правото на граѓаните да знаат што се прави во нивно име и со нивни пари. Ако го нема тој елементарен отчет, ќе ја снема и демократијата и сè што таа значи.

Муабетов се надоврзува и на коментарот на Ненад Јовановиќ во постот со линкови за тековни состојби, кој објаснува што всушност е „Европа“.

На пример, во Велика Британија, која е дел од таквата Европа, политичарите се во паника откако народот дознал на какви глупости, луксузи и лични каприци извесни пратеници и други функционери користеле пари од буџетот. Дури и оние кои не се посочени како виновни се загрижени, оти се сопартијци со апашите. Целиот политички систем е разнишан, угледот на сите што имаат врска со пратениците е уништен, со конкретни форми на личен притисок против оние што злоупотребувале и нивните семејства од страна на разбеснетите граѓани. Дури се зборува за страв од општонароден бунт и улични нереди.

Светски рекорд во куглање

Од Игор Михајловски дознав дека членот на македонскиот репрезентативец Борис Бенедек поставил нов светски рекорд во куглање.

Честитки! :-)

Евровизија на К-15

Класично клипче од 1998 година, по враќањето на македонскиот претставник на изборот за песна на Евровизија во Бирмингем, Велика Британија. За линкот дознав од Ф.В.

16 May 2009

Нетолеранција, одговорност, појдовни основи - акција за линкување

Со цел зголемување на поврзаноста во македонската блогосфера, ги поканувам сите блогери барем еднаш дневно да подзастанат и да препорачаат по неколку линкови за читање. Тоа може да биде по области, проследено со ваш текст и видувања или сосем неформатирано. Еве јас тоа го правам врз основа на јазичињата кои ми се отворени моментално.

PS
Ако сакате, пред да почнете да учествувате во акцијава забележувајте си колку ви е просекот на Сајт митер (Visits: Average per day), за да може да споредите дали ќе има ефект и на вашата посетеност после да речеме недела дена. Мене во моментов ми е 129.

14 May 2009

Со еден ваш пост помогнете Глобал војсис адвокаси да добие 3000 долари

Ако ви се допаѓа работата на Глобал војсис онлајн (Global Voices Online), меѓу другите и неговата верзија на македонски, имате можност да придонесете во развојот на целата таа мрежа.

Мене ГВО на македонски ми прави кеиф оти нуди информации за кои нашите медиуми не ни сакаат да знаат, овозможува да направам паралели со настани кај нас и во други земји и овозможува промоција на мислења на нашите блогери и информации за случки во Македонија за кои пак странските медиуми не пренесуваат ништо или пренесуваат искривени слики. Особено затоа што со преводите на разни светски јазици создава можност за што поширока промоција на Македонија и македонски автори.

Лично многу ми се направи кеиф што некои мои написи освен на англиски беа преведени и на бангла, португалски, кинески, јапонски, француски, унгарски, италијански, шпански, холандски... Мислам дека ретко кој автор од Македонија досега имал прилика за такво искуство, а ГВО им го нуди на сите што би сакале да придонесат со свои содржини.

Едно логоИскажете го своето мислење во ваш пост кој доколку ги содржи соодветните елементи „ќе се брои“ во тековниот натпревар за награда од 3000 долари во кој учествува Глобал војсис адвокаси (Global Voices Advocacy). Парите од наградата ГВА ќе ги вложи во подигање на свеста за нападите на слободата на говор на интернет и на споделување алатки и тактики за активистите и блогерите кои се соочуваат со цензура во различни делови од светот.

Активноста може да ја поддржите и преку гласање на Кајмакот.

Накратко, вашиот пост треба да биде објавен пред 6 јуни и да го содржи следниов текст и линкови, најдобро и на англиски:

Овој блог пост е дел од кампањата на Земанта „Блогирање за кауза“(http://www.zemanta.com/bloggingforacause/) за да се подигне свест и соберат финансии за значајни каузи за кои се залагаат блогерите.

This blog post is part of Zemanta's “Blogging For a Cause” (http://www.zemanta.com/bloggingforacause/) campaign to raise awareness and funds for worthy causes that bloggers care about.

13 May 2009

Племенскиот пристап при ширење на идеи - видео вовед

Говор на Сет Годин на ТЕД во кој објаснува дека новите технологии овозможуваат организирање на принцип на племиња - групи собрани поради заеднички вредности и предводени од лидери. И таквото организирање е поефективно од скапиот традиционалнен маркетинг насочен кон широките народни маси.

При тоа, членството во племињата е доброволно, не се мисли на националистичкиот поим на племе како поширока семејна група на генетски поврзани луѓе (кои сметаат дека имаат со ист заеднички предок).

Фала на Јован за линкот.

12 May 2009

Жртви на предрасудите - препорака

Слика од Каролин ХвангВо право е Ирена Цветковиќ во нејзиниот текст „Жртви на предрасудите“, кога ја раскажува позадината за последниот хуманитарно-здравствен скандал во Македонија:

Додека ние дебатираме дали државата треба да гради црква на плоштадот, меѓународниот Глобален фонд ги повлече парите за изградба на центри за лекување од зависност. Имавме отворено дилема дали да градиме болници со подарени пари или цркви со наши пари - и решивме. Решивме дека ќе ја браниме изградбата на црква со сите сили, а уште еднаш ќе ги заборавиме зависниците од дроги. Пресудивме конечно кои луѓе ни се важни, чии потреби ни се приоритет, чии животи се вредни за спасение. Останатите комотно може да ги снема, само затоа што некому тие не се допаѓаат. Сега слободно можам да кажам дека нашите власти, сите комплет, се убијци.

Во контекст на разбирање на животот на луѓето кои имале искуства со дроги препорачувам да ги погледнете видео-клиповите од работилницата за дигитални приказни „Сите имаме минато“.

Автоцензура во македонската блогосфера?

Question?Од повеќе извори имам слушано дека бројот на написи и бројот на посетители на македонските блогови опаѓа, што е чудно ако се земе предвид дека бројот на луѓе со пристап до интернет во Македонија расте. Би било логично зголемувањето на бројот на потенцијални читатели и автори да има обратен ефект.

Прилично е јасно дека користењето различни форми на притисок против неистомислениците има доведено до определена доза на автоцензура во традиционалните медиуми во Македонија. Имаме класичен пример за примена на морковот и стапот, со широк спектар на мерки од тепање, преку заканување и вознемирување, преку одбивање соработка и неможност да се добијат информации, до легално подмитување во форма на закупување огласен простор.

Ми се чини дека и во блогосферата имаме сличен ефект на автоцензура, односно губење на волја да се пишува и општо, да се разговара, особено на општествени теми. Поларизацијата на политичката сцена влијае на голем дел од луѓето кои не се радикални застапници на некоја опција да одбираат да молчат за разни прашања, од страв некој партиски војник да не ги етикетира или стави на „црна листа“ во неговата организација.

Иако неколку блогери се спротивставија на етикетирањето, сепак за мнозинството, особено околу изборите, влијаеја делата на партиски активисти или симпатизери. Некои од тие активности, како отворање нови блогови за кандидати, беа сосем легитимни, но придонесоа кон чувството за сеприсутна политизација. Уште полошо, беа применувани нелегитимни форми на притисок, особено често успешни обиди троловски да се задуши дискусијата на дадена тема со пренатрупување коментари кои немаат врска со постот, преку спамирање надвор од темата, со навреди и закани.

Од она што може да го видам од сервиси што споредуваат посетеност како Дигимак блог ми се чини дека бројот на посети некако не се зголемува - во моментов не може да кажам дека посетеноста опаѓа оти овој сервис покрива само мал процент од македонските блогови. Има начини да се провери и дали продукцијата стагнира, на пример преку броење на написите што ги бележи Најди блог, но во моментов немам можност за такво истражување. Ако имате податоци на темава, пишете...

Неколкупати имам читано написи во кои блогери велат дека се откажуваат, не можат да го издржат притисокот и/или се жалат на опаднатиот квалитет. Дали и вие мислите дека сето тоа обесхрабрување доведува до автоцензура - одбивање да не се блогира на одредени теми, или одбивање да се блогира воопшто?

11 May 2009

Што е донација?

Волан се спротивставува на погрешното користење на терминот донација, покренувајќи многу логични прашања:

Вака како што се прави сега, имаме чиста манипулација со јавноста - со цел некакво рејтингување... Каква е таа донација на контејнери за смет за потребите на општините, со истовремено сликање на сите телевизии, претварајки го настанот во медиумска еко атракција? А кој треба да ги купи контејнерите, нели за тоа плаќаме ѓубретарина - погледнете ги комуналните сметки ке видите колку плаќате на комуналните служби ...

Зошто редовната работа на трошење (буџетски!) пари заради решавање на било каков проблем на граѓаните се нарекува донација?

(Малку лексички интервенирав во цитатот. Ако ве интересира дебата на темава, веројатно коментари ќе има и на другата верзијата на истиот пост.)

08 May 2009

Пецко: (у)кажувања

На веб-сајтот Граѓани за Европска Македонија во вид на фотогалерија и слајд-шоу е поставена целата содржина на книгичката со стрипови со Пецко „(У)кажувања“ од Дар Мар.

Големите патриоти

07 May 2009

(Само)залажување на Македонија

Self deceptionВо нејзиниот напис „Постојат лаги, проклети лаги и мрзливи новинари“ Ана Ангелова го покренува прашањето на зачинување и автоцензурирање на вестите во Македонија и неговите последици.

Го препорачувам за читање, особено затоа што често се осврнував на овој проблем и во минатото, од навидум бенигни случаи на фалење на нашата „уникатност“, до сензационалистичко експлоатирање на патриотски подобни мотиви.

Последен пример е веста за клип на Јутјуб во која изјава даде Волан: додека новинарката „од терен“ ја кажува точната бројка од околу 6.000 гледања за пет дена, претходната најава зборува за „незапамтен интерес“ и „десетици илјади посети“. А ако некој од гледачите поттикнат од најавата дека „Македонци ја добиваат интернет-војната за името“ реши да го погледне и самиот клип „I am Macedonian“, може да забележи дека сроден (related) му е и еден со наслов „Macedonia is Greece“ кој има над 3.000.000 гледања!

Исто така интересна е и неодамнешната вест за македонските хакери што демек возвратиле удар (со тоа што хакирале сајт што нема врска со виновниците што „први почнале“). Крајната реченица на веста е:

Во март минатата година руски хакери извршија напад на компјутерите на американската централна команда на Пентагон, а минатиот месец хакерска шпионска мрежа презеде контрола во 103 држави.

И? Што било после? Имало некое решение за проблемот што 103 држави (!) се контролирани (!!) од неколку хакери и шпиуни. Ако немало разрешница, значи дека таа ситуација сеуште трае. Ми се чини како прилично значаен податок што бара дополнителна истрага и информации, а не како попатна занимливост.

Сликата ја надополнува и медиумската експлоатација на стравот, за која пишува Сеад Џигал.

05 May 2009

Американскиот „Стоунхенџ“ - медиумски траги

ГајдстоунсМинатата сабота Дневник објави текст, наводно преземен од Ројтерс, за комплексот „Гајдстоунс“ („Карпи-водилки“) во американската држава Џорџија. Го забележувам затоа што текстот ми личи на прераскажување на (воведот на) текст од тековниот број на Вајерд, на иста тема (American Stonehenge: Monumental Instructions for the Post-Apocalypse), објавен пред некоја недела.

Ќе беше убаво да го навеле изворот, ако не заради моралните авторски права, тогаш макар поради тоа што во оригиналниот напис на интернет го има целиот текст од камењата, дополнителни фотографии, па дури и книга-водич во ПДФ за симнување.

Инаку, комплексот е изграден од приватни пари, ама е доделен во сопственост на општината како јавно добро - градителите сметале дека така ќе остане заштитен за навек поради „граѓанска гордост“ (civic pride).

03 May 2009

Најава: Предавање „Молекуларен дарвинизам“

На 8 мај, петок, во 14:00 часот, во биолошки амфитеатар на Природно-математичкиот факултет во Скопје Горан Кунгуловски ќе одржи предавање со наслов „Молекуларен дарвинизам“.

Предавањето е дел од светското прославување на јубилеите 200 години од раѓањето на Чарлс Дарвин и 150 години од објавувањето на книгата „Потеклото на видовите“.

Darwin NowПо истиот повод, во Природонаучниот музеј на Македонија, Британскиот совет има организирано изложба „Дарвин сега“ која ќе биде поставена до 10 јуни 2009. На веб-сајтот на изложбата може да се симне и брошурата спомената во поканата за предавањето.

Главното дело на Дарвин било објавено во 1859 година и предизвикало широка расправа во Западна Европа. Интересно е да се спореди нивото на развој на науката во Македонија во тоа време...

Достапните информации укажуваат дека врв на интелектуалното творештво кај нас било во областите на филологијата и етнологијата, на пр. збирката народни песни на Миладиновци била објавена две години подоцна. Речникот од три јазика (ПДФ) на Ѓорѓија Пулевски бил објавен 17 години потоа, додека--колку што се сеќавам, исправете ме ако грешам--во неговата „Славјанско-маќедонска општа историја“ (1892) тој се потпира на библиски објаснувања за потеклото на човекот. По сè изгледа дека зачетникот на биологијата во Македонија е д-р Станко Л. Караман, кој својата работа кај нас ја почнал околу 1922 година, седумдесетина години подоцна...

01 May 2009

Јутјуб ја признал Македонија

ЈутјубОд Моби дознав дека Јутјуб престанал да ја употребува привремената референца и официјално го користи името Македонија за нашата земја.

Честитки до сите на кои им е гајле, особено до оние кои се придружија на иницијативата што ја покренав пред скоро две години со повик да пишеме до „Ју тјуб“ да не нè фиромизира, или пишале без воопшто да знаат за мојов блог и повик.

Терминолошка забелешка: името Јутјуб го пишувам заедно а не Ју тјуб, ем затоа што е споено во оригиналното име на фирмата (YouTube), а и по аналогија на тоа што името Њујорк во македонскиот јазик не се пишува одвоено (Њу Јорк - неправилно), без разлика што во оригинал е (New York). Аналогно, правилен македонски збор е фотогалерија, а не фото галерија или фото-галерија...

Познати плоштади

Squares
Актуелна тема: колку ги познавате плоштадите по познатите градови низ светот? (Квиз со фотографии)