Блекаут

19 October 2009

Моќта на медиумите преку Душко Долгоушко

Душко Долгоушко како медиумВо цртаниот филм од 1948 година „Зајачки удар“ (Rabbit Punch) некаде по 3:20 минута има една многу интересна ситуација.

Душко Долгоушко боксира со Шампионот и во еден момент го зема микрофонот од најавувачот и „известува“ за работи кои не се случуваат. Шампионот го слуша тоа и почнува да реагира според она што го дознава од медиумот, а не според реалната состојба. Навистина бесценето!


16 October 2009

ЕУ: Политика за информатичко општество во наредните години

Во рамките на сеопштата радост за позитивна препорака за преговори, да видиме кои се приоритетите што си ги имаат поставено постојните членки на ЕУ и заедницата како целина.

Изложени се директно од Европскиот комесар за информатичко општество и медиуми, Вивиен Рединг.

Ако мислите дека темава е важна, помогнете со промоција преку Кајмакот.

15 October 2009

Хаклаб во Скопје

НВО Слободен софтвер Македонија во сабота отвора еден многу интересен простор во Скопје: Хаклаб наречен КИКА. Повелете, сите сме поканети!

Миша Поповиќ споделува дополнителни информации во неговиот пост „За хакерцките работи“.

13 October 2009

За енциклопедиските работи

Во овој пост се раскажува за дигиталната достапност, првиот впечаток за обемот и содржината на Македонската енциклопедија на МАНУ, популарно наречена манупедија, како и за односот на државите кон угледните енциклопедии на светско ниво.

Дигитална достапност

Прво, благодарност до читателите на блогов кои во коментари на верзијата на Блогспот доставија неколку адреси од кои може да се симне енциклопедијата на МАНУ, меѓу кои и еден торент. Се работи за фајл со големина од 1,6 ГБ, очигледно направен од фајлот со графичка обработка за печатење кој содржи слики со голема резолуција. Постои и верзија спремена од е-Варез.ком.мк во која сликите се компресирани за приказ само на екран па е далеку помала 68 МБ, а на рапидшер има и друга со слична големина.

Со оглед на тоа што електронската верзија со денови беше достапна преку локалните улични шиткачи по цена од 100 денари, тоа што МАНУ не ја објави фактички испаѓа дека го поттикнаа одлевањето на дополнителни средства на граѓаните во џебовите на пиратите. Башка што--во духот на постмодернизмот--не можеме да бидеме сигурни дали содржината добиена од неофицијален извор е вистинската или некој во меѓувреме нешто чепнал, додал или одзел од оригиналот...

Појавувањето на интернет овозможува укинување на монополот на знаење кој го искористуваа и пиратите на ситно, ама и разните други фактори како политичари и медиуми кои се јавуваа во улога на интерпретатори на содржината недостапна до припадниците на обичниот народ меѓу кои и авторот на блогов.

Обем

Во прилог се фотографии кои ги снимив пред некоја недела во библиотеката на Универзитетот во Барселона, каде што учествував на работилница од европската мрежа Комунија. Упаднав баш во делот за енциклопедии и сликав некои од нив. Алал да им е, ама ми падна жал што провинции како Мурција или Валенсија, кои зафаќаат само по неколку проценти од територијата на Шпанија со децении пред Македонија имаат пообемни енциклопедии од нашава, која претендира дека не ја покрива само нашата држава, туку целиот поширок географски регион...

Содржини

Како што посочи и Жарко, греота е етничките Македонци Низинци кон своите соседи и сограѓани од други етнички заедници да се однесуваат навредливо, особено ако се христијани и треба да го почитуваат Св. евангелие според Лука (6.31) „Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!“ Зошто да не им дадеме пример на сите јужнососедски „душмани“ дека како Македонци Котлинци сме етички над нив: зар не успеале така и првобитните христијани да се издигнат од минорна еврејска секта до светска религија?

При прелистувањето на книжуриниве ми падна в очи недостатокот на географски поими (освен за поголемите градови), област во која има многу повеќе на македонската Википедија за која не е дадена ни трошка од наводните 300.000 евра народни пари, како и тоа што мапите не се стандардизирани, а некои мапи очигледно се симнати од интернет и вметнати непреведени.


Беглиот преглед ми ги потврди и тврдењата за полтронско истакнување на современи личности со сеуште недокажана историска важност, за чии детални работни биографии е отстапен повеќе простор од одредницата за Питу Гули. Некои написи во најмала рака се чудни, на пример еден за пловидбата во РМ во кој наместо за фактичката состојба, поголем дел му е отстапен на замислен проект со кој требало да се поврзе Дунав со Егејско море.

Исто така нејасен е критериумот за избор на други личности, при што има многу лица поврзани со УКИМ, а многу важни личности ги нема (иако има некоја турбофолк пејачка). Особено ме погоди што е испуштен Ѓорѓи Колозов. По тој повод ја пренесувам изјавата од ќерка му на страницата на Фејсбук од пред три дена:
...задутре се навршуваат 6 години од неговата смрт. само на оваа страница, во мигов, колозов има речиси 25 000 фанови. сепак, приредувачите на фамозната енциклопедија не нашле место да го спомнат. иако ќе најдете таму куп анонимни глумци, чии имиња никогаш не сте ги слушнале. па ни јас. ако една енциклопедија е одраз на колективното паметење на нацијата, овој обид од енциклопедија сигурно не е тоа.
Гордон Браун не ја промовирал Британика!

И една работа која отсуствува во јавниот дискурс (муабетите) околу енциклопедијава: освен во пост-тоталитарни балкански држави, пракса во светот е дека енциклопедии не објавуваат јавни институции со државни пари, туку ги прават приватни издавачи и се изборуваат за свое место на пазарот со квалитет, а не со декрет. Ако може да наброите некои енциклопедии со светски углед, ќе увидите дека се работи за приватни, а не национални изданија:
Од сите овие, само за италијанската најдов податок за мешање на државата во неа, демек написот за фашизам го пишувал Мусолини лично или некој негов близок. Башка што првобитната Енциклопедија на просветителските енциклопедисти Дидро и компанија била во суштина анти-естаблишментско дело против апсолутизмот кое се стреми кон објективност, не кон поддршка на култови на личноста на властодршците.

09 October 2009

Каде е електронската верзија на енциклопедијата на МАНУ?

По народов кружи муабет дека „процурила“ електронска верзија (ПДФ) на енциклопедијата на МАНУ, па дури и дека може да се купи од пирати на „бувљак“. Во еден пост бугарската пропагандистка Еми пренесе изјава од Љубчо Георгиевски дека ја нашол, а на Фејсбук прочитав и дека наводно Мируше Хоџа споменала нешто на Алфа ТВ во емисијата „Вин-вин“.

Токму заради сомнежите во нејзиниот слаб квалитет исклучително е важно енциклопедијата да се даде на увид на јавноста, а во електронска форма е најефтино и најефикасно. Би било нефер само политичката врхушка во земјава да има пристап до нешто што е платено со парите на сите граѓани. Ако веќе има некои грешки во книгата, тие полесно ќе се пронајдат и исправат ако сите граѓани имаат можност да ја разгледаат, а особено стручните лица од соодветните области.

Ако имате некое дополнително сознание или линк, споделете ги во коментар или пост на вашиот блог.

07 October 2009

Светот во иднина

За добро утро, еден аналитички пристап на иднината на извесни делови од светот од Параг Кана (на англиски)

еден емоционален од романската група Тодомондо (на разни јазици)

и една вест за Дрогба и Тито (пак на англиски, via Woona).

05 October 2009

Исламофобијата наспроти реалноста

Пред некој ден Фајненш’л тајмс објави многу интересен напис за животот и интегрирањето на муслиманите во Франција (Immigrant Muslims in Belleville). На оние што знаат англиски би им препорачал да го прочитаат, а се надевам дека наскоро ќе го пренесе некој од весниците што објавува избор од странскиот печат или Окно, каде често има преводи на странски написи.

Во написот се презентирани факти и согледувања со кои директно се оспоруваат теории на заговор како онаа за Еурабија, кои во локални верско-етнички варијанти се присутни и кај нас, заедно со евроскептицизмот. Особено поучни се деловите за демографијата, на пример:

Париските демографи Јусуф Курбаж и Емануел Тод во нивната книга Рандеву на цивилизациите (Le Rendez-vous des Civilisations, 2007) покажуваат дека откако повеќето мажи во една земја се описменат, со време и мнозинството од жените се описменуваат, а тогаш драстично опаѓа стапката на раѓање. Оваа демографска транзиција веќе се има случено во сите муслимански земји. Според последните податоци Алжирките што живеат во Франција во просек имале по 2,57 деца, што е само малку повисоко од францускиот просек [кој е ептен близок до точно 2]. Исто така, стапката на раѓање кај жените од Северна Африка што живеат во Франција опаѓа уште од 1981 година.

Пред неколку години имав прилика лично да ја прашам тогашната директорка на нашиот Државен завод за статистика дали прават споредби на податоците за слични прашања кои се основа на разни предрасуди кај нас. Добив одговор дека тоа не го прават, но дека и до тогаш не им текнало да пробаат. А јас пак сеуште сметам дека само со релевантни и точни статистички податоци воопшто вреди да се прави муабет на тие теми...

Во некои земји (од ЕУ) не само што се прават детални анализи од самата држава, туку и самите основни податоци од пописите се достапни бесплатно за сите, за да можат да се користат за научни и други цели по желба или потреба на сите граѓани. Видете само какви најразлични вкрстувања може да се прави на европско ниво со статистиките на Еуростат.

PS
Името на гореспоменатата книга е одговор на Судирот на цивилизациите и преуредувањето на Светскиот поредок (The Clash of Civilizations and the Remaking of World Order , 1996) од Семјуел Хантингтон.