Блекаут

27 October 2010

Смешен бугарски оглас: Ненамерна безобразност

Следниов оглас го видов на еден македонски сајт, сервиран преку Гугл адсенс. Ми изгледа дека некои бугарски бизниси решиле да се рекламираат кај нас, арно ама нивното непознавање на македонскиот јазик доведува до многу смешен резултат.



Огласот има наслов „’Реденка‘ до Банско“ при што првиот збор се однесува на некоја област во Бугарија каде што може да се изнајми сместување.

Можеби понесени од националистичките предрасуди за „истите народи и исти јазици“ помислиле дека напишаното на бугарски ќе биде разбирливо за говорителите на македонскиот. Иако како јазици од иста--словенска--група, македонскиот и бугарскиот имаат заеднички особини, како различни јазици имаат и - разлики.

Така, зборот „вреди“ (за Бугарите што не знаат македонски превод на англиски has value) на бугарски значи „прави штета“.

Зборот „реденка“ кој на бугарски не значи ништо, на македонски значи „сексуален однос во кој поголема група мажи еден по еден полово општат со една жена“, односно оргија во која бројот на активните сексуални партнери е многу поголем од бројот на пасивните, при што таа оргија може и да не биде доброволна (англиски gang bang).

Не верувам дека огласувачите имале намера да се рекламираат преку ова значење, иако веројатно ќе добијат многу повеќе кликови од посетителите на интернет заинтересирани за порно содржини отколку што би добиле ако најмеле преведувач и лектор по македонски.

19 October 2010

Како да кратите линкови со Пинг.мк (и зошто)

pingmk-kratok-linkАко сте твитерџија или твитерџика, или и без тоа често имате желба или потреба да препраќате скратени линкови, може за тоа да го користите Пинг.мк и да обезбедите дополнителна промоција на линкот меѓу неговите корисници со кои не се познавате.

Најчесто за кратење кај нас се користи bit.ly или слични странски сервиси, како и домашниот 0.mk. Тие имаат свои предности, ама јас го препорачувам Пинг.мк бидејќи со кратењето линкови преку него ем овозможувате дополнителна промоција, ем на читателите на линкот што го препорачувате им се појавува лента со алатки преку која може директно да гласаат за него или да го коментираат. Ова е особено полезно во случаи кога линковите се од сајтови што не дозволуваат коментирање или имаат некакво филтрирање/априори цензура, на пр. сајтови од македонски традиционални медиуми.

Упатството е:

  1. Гледаш кул линк. Го копираш.
  2. Наместо на bit.ly, одиш на Поднеси на Пинг.мк (http://r.ping.mk/submit)
  3. Го внесуваш линкот со наслов и опционо со кус опис во соодветна група (категорија) или во општо ако не ти текнува каде.
  4. Пинг.мк креира и ти прикажува посебна веб-страница за линкот, на пр. ваква.
  5. Во десната колона малце подоле имаш „бокс“ со сина позадина во кој првиот ред пишува нешто како
    линк од алатникот http://r.ping.mk/tb/150u
  6. Ете го краткиот линк, кој може уште повеќе да се скрати со бришење на тоа „tb/“ и да гласи
    http://r.ping.mk/150u
    ако сакаш да заштедиш +3 карактери за во твитот
  7. Таквиот краток го користиш исто како од bit.ly, го копираш во твит и другде
  8. Тие што ќе го кликаат го добиваат оригиналниот напис плус лента со алатник да може да гласаат и коментираат директно на Пинг.мк…

Сите штедат на време, добиваат на интерактивност и видливост, оти така внесениот линк се појавува и во избраната категорија на Пинг.мк, а и на насловната страница во делот „нови“ (поточно, „нови: гласани“ – оти со самото внесување од човек има добиено еден почетен глас).

PS
Ако сакате да скратите линк до страница од Пинг.мк, тогаш е доволно од целата адреса која има форма
r.ping.mk/r/име_на_група/comments/код/име_на_линкот
да ги задржите само
r.ping.mk/comments/код
што во горниот пример би било http://r.ping.mk/comments/150u.

18 October 2010

Огромен интерес за ТЕД-икс Скопје (TEDxSkopje)

Деновиве многу твитерџии искажаа незадоволство од првичниот избор на учесници на ТЕД икс Скопје, кој според правилата на лиценцата (англиски) е ограничен на 100 лица. Со цел да ја структурираат дебатата, волонтерите кои го организираат настанот се согласија да направат групно интервју преку Пинг.мк во стилот на Аск Редит (анг.).

Со оглед на тоа што за многу („поважни“) општествени прашања нема воопшто дискусија на Интернет, интересот што го генерерираше оваа тема за многумина изгледа непропорционален. Арно ама, јас мислам дека е сосем соодветно, оти луѓето што се незадоволни од некои други појави (особено оние во кои се вмешани државни пари) веројатно сметаат дека бунењето им е џабе, додека во случајот гледаат дека на носителите на одлуки им е гајле што мислат граѓаните.

16 October 2010

Интернетска хипербола: дали преувеличувате кога пишувате?

Бисерка Велковска објави напис во Нова Македонија насловен „На Фејсбук, мувата станува слон“ во кој вели дека:

Драматичноста, пренагласеноста и емотиконите стануваат неизоставен дел од пишаната интернет-комуникација, веројатно како замена за елементите што недостигаат во отсуство на жив контакт – интонација, гестови, говор на телото…

Моето мислење е дека кога влегуваме во некој вид комуникација, со нас носиме и очекувања за тоа што сè треба да добиеме од комуницирањето, па ако нешто не го добиваме се обидуваме да го надокнадиме со дополнителни изразни средства. На пример, хиперболизирање со цел да се предизвика емотивна реакција.

Гледам дека на темава имало муабет на форумот Кајгана. Поврзана појава е и изборот на стил, на пр. луѓе кои при комуницирање лице в лице ретко би се осудиле да викаат и навредуваат, кога пишуваат на интернет се многу побезобразни и покавгаџии.

13 October 2010

Најава: Предавање за приватност на Институт за информатика

Денес од 12 часот како претставник на Фондацијата Метаморфозис ќе одржам кратко предавање на тема приватноста во Македонија во рамките на час по предметот „Професионална етика“ на Институтот за информатика при ПМФ во Скопје.

Една од целите на предавањето е да се поттикне и дискусија со студентите и проф. д-р Катерина Здравкова, која го организира настанот. Го објавувам постов за да ставам линкови до некои изданија што ќе ги споменам во предавањето, со што на учесниците би им било полесно да ги најдат.

Идејата е муабетот да продолжи и на Твитер, на хаштаг #privatnost.

11 October 2010

Ајвародроми – решение за многу проблеми

Многубројните проблеми кои произлегуваат од прохибицијата за правење ајвар пред зграда може да се решат со инвестирање во инфраструктурни проекти под заштита на државата – ајвародроми.

Илегално правење ајвар во СкопјеНа народот му треба ајвар, а не сите може или сакаат да си купат „купечки“. За сега има прохибиција на децениската традиција за правење ајвар пред зграда, која во некои случаи како овој во Карпош II се продолжува на свој ризик и незадоволство на комшиите — кои за чудо, досега и по неколку викенди ги немаат накодошено осомничените.

Историјата на прохибициите покажува дека ако државата нешто им забранува на граѓаните, треба да им понуди компензација за можностите што ги пропуштаат и во најмала рака да им ги задоволи основните потреби. Во спротивно граѓаните ќе се обидуваат да го добијат тоа што им треба без оглед на законот. При тоа, слабеат институциите на системот, се овозможува вршење на други видови криминал. Класичен пример за оваа појава е забраната прохибицијата на алкохол во дваесеттите години на XX век и криминализацијата на лесните дроги во САД. Од друга страна, Талибанците во Авганистан успешно воведувале разни забрани оти нивниот режим обезбедувал поголемо ниво на физичка безбедност од алтернативите (потребите на граѓаните од претходно биле сведени на минимум).

Моментално, испаѓа дека директна полза од забраната за правење ајвари пред зградите имаат само фирмите што продаваат фабрички ајвар. Истовремено, меѓу обичните граѓаните расне незадоволството без разлика на тоа што новите прописи можеби се донесени според стандарди наменети за нивна заштита, од загадување со чад и пожари.

Незадоволството е дополнето и од тоа што државата вложува во многу градежни проекти кои остануваат недовршени или не се од директна полза за поголемиот дел од населението. Ако веќе треба да се гради нешто и со народни пари да се обезбеди работа за приватните градежни фирми, наместо тениски терени веројатно би било пополезно да се направат ајвародроми.

Ајвародром е простор кој треба да го има во секоја урбана месна заедница каде што се живее во згради, без куќни дворови. Тој се состои од поплочена бетонска или бекатонска површина со инфраструктура за заштита од пожар и уреди со што би им се овозможило законско правење ајвар на граѓаните. Граѓаните би требало да имаат можност да си донесат свое ќумбе и дрвја, или пак да ги изнајмат, односно купат, на самиот ајвародром. Така, освен задоволството на населението, секој ајвародром може да биде и извор на приход за локалната самоуправа, како и место за вработување на партиските војници и фирми – оти тој ќе треба да има рецепционер, лица одговорни за чување на клозетот, чистачи, како и да се најми подобна агенција за обезбедување…