Блекаут

19 January 2011

Борбата со ракот да не се сведува на кампањи

Оригинално објавено на развигор.блог.мк на 17.01.2011.

Самопреглед на дојкитеПред некоја недела ме зачуди веста дека е запрена бесплатната мамографија (Дневник, 8.1.2011 г., мои болдови во цитатот):
Нема веќе бесплатни мамографски прегледи на дојки, иако ракот на дојката е првата причина за смртност кај женската популација во земјата. Од оваа злокобна болест годишно се разболуваат најмалку по 900 жени, а умираат околу 400 кои не ја откриле болеста навреме. Ракот на дојката се открива со рендгенско снимање на дојки (мамографија) кај постарите од 40 години, а токму овој и ехо-прегледот беа бесплатни за пациентките на оваа возраст во изминатите три години.
Но, од 1 јануари годинава, Министерството за здравство ја прекина практиката да обезбедува бесплатни прегледи, со која во изминатите шест години десетпати се зголеми бројот на прегледани – од 3.500 во 2004 година на 35.000 жени што во 2009 се снимале преку превентивната програма. Од Министерството повторно ветуваат бесплатни мамографски прегледи, но дури од 1 јуни.
Веднаш по Нова година, на 3 јануари, и на скопската Клиника за радиологија почнале да ги наплаќаат снимањата на дојките.
- Непријатно се изненадив кога на шалтер ми побараа да платам 350 денари за снимањето на дојките. Не дека немав пари да го платам, но знам дека на сите ѕвона разгласија дека овие прегледи се бесплатни. Таман јас стасав на ред, на шалтерот кусо ми ја објаснија причината со зборовите: „Кампањата заврши!“. Зарем државата кампањски, а не системски се бори со ракот? И како може други кампањи и проекти непречено да продолжат, а на ова да се штеди – реагира 43-годишна скопјанка.
Основно за борбата со било кој вид рак, особено рак на дојка, е раното откривање.
Ако нешто треба да направи Владата, тоа е системски да субвенционира ваков тип прегледи за сите жители на земјава. Неброени пари ќе се заштедат со тоа што тие луѓе ќе останат здрави и продуктивни.
Денес преку Пинг.мк видов напис за вршење самопреглед на дојките. Го препорачувам на сите жени.

13 January 2011

Цените на храна и ние

Преку Пинг дознав за написот на Зорив за растењето на цените на храна на светско ниво. Тој за сега не ме убеди дека дигањето на цените во Македонија е резултат на рипнувањето на цените на светско ниво.

Имено податоците што ги цитира Зорив се последица, а не причина на дигањето на цените во разни земји – меѓу кои и Македонија. И самиот кажува дека на светско ниво се намалила цена на млечни производи – како е кај нас?

Она што е клучно е
  • дали Македонија (како аграрна земја) увезува храна која може поефтино да се одгледува тука,
  • каква е политиката на Владата за земјоделие по тоа прашање?
На пр. ако пченката (од Аргентина) или житото (од Русија) е фактор, зошто се даваат субвенции за тутун, а не за овие култури?
  • Кои други услови треба да се исполнат за да се исполни приоритетот: поефтина и квалитетна исхрана?

04 January 2011

Наполеон во Скопје?!

Овој пост е достапен и на:
македонски на Блогерај · Наполеон во Скопје?!
English @ Razvigor · Napoleon Bonaparte in Skopje?!


Списанието на Кроација ерлајнз (што го делат во нивните авиони бесплатно) има статија за Скопје. Некои од податоците за историјата на градот во неа се прилично зачудувачки.

Статијата за Скопје, како една од дестинациите што ги покрива хрватскиот државен авиопревозник, може да се најде во есенскиот број за 2010 г. на стр. 106-116. Најголем дел од неа е посветен на Мајка Тереза и последиците од земјотресот од 1963 г. Фотките не изгледаат премногу тазе, иако во текстот се споменуваат понови градби.




Остатокот е посветен на историјата на градот, ама добив впечаток дека авторката како да ја избрифирал некој трчила... преголем ентузијаст, што имал желба да ја истакне важноста на Скопје низ вековите, а со малку интерес за вистината. На пример...
  • ...До 1453 година бил престолнина на турските султани...
  • ...Низ таа немирна крстосница на трговски патишта, култури и религии, минувал и Наполеон на патот за Средниот Исток...
Наполеон навистина во 1798 г. водел поход кон Средниот Исток, ама патот го водел по море до Египет, по копно до Сирија и потоа назад до Египет со враќање по море кон Франција. Историјата би била прилично поинаква ако во било која насока поминал низ Скопје, оти тоа би повлекло уништување на Османлиското царство.

Сепак, најголема забелешка имам на следното тврдење од написот:
„Од минарето над Чаршијата и денес се слушаат повици на молитва, живо потсетувајќи на мултикултурното минато“.
Како сегашноста да не ни е мултикултурна, или да нема џамии со минариња кои функционираат и на други места низ градот.

PS
Илустрацијата во постот е направена врз основа на две дела што се во јавен домен (со истечени авторски права) и иако не сум обврзан да го наведам тоа, мислам дека е добро да кажам дека се работи за сликата на Жан-Антоан Грос „Наполеон Бонапарта, првиот конзул, врши смотра на трупите по битката кај Маренго“, настан кој се случил во 1800 година па сметав дека таа претстава би била блиска на времето кога војсководецот наводно поминал низ Скопје. Позадината е направена врз основа на стара фотографија.