Блекаут

09 May 2011

Грција: Документарецот „Долгократија“ достапен на англиски


„Долгократија“ (анг. Debtocracy), документарен филм на Катерина Китиди и Арис Хаџистефану за причините и можните решенија на грчката должничка криза, од 6 мај може да се гледа со англиски превод.

Филмот, кој до тогаш наводно имал над 1 милион гледања, е дистрибуиран под лиценцата Криејтив комонс наведи извор-сподели под исти услови 3.0. Овој „документарец чиј продуцент е публиката“ е направен со 8.000 евра надокнадени преку мали донации (грчки) од индивидуални граѓани и синдикати. Содржи споредби со случаите на Аргентина и Еквадор.

04 May 2011

Предизвиците на современото новинарство во дигиталната ера

Денес и утре Амбасадата на САД во Скопје организира конференција на тема „Предизвиците на современото новинарство во дигиталната ера“ (вести).

Хаштаг на твитер за настанот е #goingD - виџетот во Јаваскрипт за пренос на твитови во живо не функционира во рамки на пост и на Блогерај и на Блогспот. Плус, Зоран Ричлиев обезбедува и лајв-стрим во моментов.

Утре заедно со Сеад Џигал ќе презентираме на сесија посветена на блогирањето и анимирањето на јавноста преку веб.

03 May 2011

Нова шема за крадење лозинки од Фејсбук по е-пошта

Пример како да се постапи во врска со нова шема за измами преку интернет, а во врска со Фејсубук.
Пред некој ден ми се јави една пријателка која ме праша:
Добив утрово мејл од Фејсбук со предупредување дека од мојот акаунт е пуштен спам и ми ја менуваат лозинката, а новата ми ја праќаат во истиот мејл како атачмент. Сè уште ништо не сум презела, ниту го отворив атачментот, зашто се секирам да не е некоја ујдурма.
Како да постапам, совет? До сега не сум имала вакво искуство со Фејсбук.
Бидејќи ова навистина изгледа сомнително, за да провериме дали лажат прво ја прашав да се логира со директно впишување на адресата www.facebook.com во разгледувачот да провери дали нејзината „стара“ лозинка функционира. Значи, да не клика линкови во пораката и да не го отвора атачментот.
Испадна дека лозинката функционира. Со оглед на тоа што се покажа дека содржината е лажна, ја посоветував да не ја послуша. Претпоставувам дека
  • кога се отвори атачментот тој наведува да се отиде на страница кај што ќе ја побара „старата“ (т.е. важечката) лозинка, по што автоматски се логира на Фејсбук со неа во позадина и прави некои лоши работи
  • или пак со кликањето на атачментот корисникот без да знае дава дозвола да се активира скриено програмче што ќе му украде некои податоци од компјутерот или ќе му инсталира нешто лошо.
Ваквите пораки се форма на фишинг и најдобро е одма да се бришат.