Блекаут

18 July 2011

Дина без дијалог на Боинг Боинг

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Дина без дијалог на Боинг Боинг

- English via Science Fiction Observer: Dune with no dialog via Boing Boing


Роб Бесчица од Боинг боинг се прашува (на англиски) дали ако се извадат сцените со дијалог од филмот Дина на Дејвид Линч ќе се добие подобра верзија од онаа скратената која ни ја имаат сервирано продуцентите. Како експеримент, тој има објавено кратко клипче од воведните сцени направено по тој принцип на Јутјуб и Вимео.

Дина без дијалог
Дина без дијалог

Според него, комплицираните дијалози ја збунуваат публиката која во главно не се состои од луѓе што ја прочитале оригиналната книга и ги помнат сите односи во неа доволно добро да се потсетат што беше што во даден момент. Плус верзиите според волјата на режисерите (Director’s cut) по правило излегуваат далеку подолги.

Пристапот на Бесчица потсетува на препораката од една друга книга која се занимава со меѓучовечки односи  - 48 закони на моќта (The 48 Laws of Power) од Роберт Грини, кој вели: „Секогаш кажувај помалку одошто е неопходно“.

15 July 2011

Црна пропаганда: Пример за градење омраза кон Сорос

На 11 јули, луѓето кои следат медиуми и социјални мрежи беа сведоци на дискусија поттикната од мини-кампањата за оцрнување на американскиот бизнисмен и филантроп Џорџ Сорос, спроведена преку неколку македонски медиуми. Беше пуштена вест базирана на две лаги:
  1. дека угледниот весник Вол Стрит Џурнал објавил вест за Сорос
  2. во пренесената содржина на „веста“ се тврдеше дека Сорос ја спонзорирал војната за Косово, бил поврзан со УЧК и сега за награда ќе добиел рудници да инвестира во нив.
Повторно први во разобличувањето на лагите беа твитерџиите. ЈанкоЛ објави твит со споредба меѓу написот во Дневник и оригиналниот текст кој е цитиран, за кој јасно се гледа дека не е објавен од весникот Вол Стрит Џурнал, туку е некој вид коментар од читателка (анг.) со српско име и презиме на нивниот форум.

Самите скандалозни тврдења од написите исто така не ми се веројатни, оти самиот Сорос не инвестира во земји во кои функционираат негови фондации кои се залагаат за принципите на отворено општество, наспроти насилство и воено профитерство. А ако човек од таков калибар бил на било кој начин вмешан во финансирање воени операции пред десетина години и повеќе, тоа ќе беше скандал од светски рамки и бруката одамна ќе беше пукната на повисоки нивоа.

Нејсе, јасно е дека се работи за дезинформација за домашна употреба во Македонија. Интересно е да се проследи како се ширела, оти луѓето обично кога ќе чујат нешто во медиум го земаат здраво за готово и ако ја видат генезата на ширење може да им биде појасно што помага да им се оформат нивните мислења. После некое време во јавни дискусии ќе се споменува дека да, тој и тој медиум објави тоа, како аргумент/референца.

Дезинформацијата прва ја објавила владината новинска агенција МИА. Новинските агенции функционираат како сервиси за дистрибуција на вести до други медиуми – нивни претплатници, како весници, телевизии и радија, и најчесто би требало да пренесуваат кратки известувања базирани на факти за настани покриени од нивни репортери. Ако немало зла намера, во случајов се работи за вест која нема поминато ни основна новинарска проверка на веродостојноста, бидејќи изедначува напис во весник (злоупотребувајќи го  кредибилитетот на тој бренд) со коментар од читател на форум.
diagram

Потоа, во текот на попладето на 11.07.2011 г., дезинформацијата ја пренеле неколку медиуми – дали по директива или затоа што дошла од агенција на која сметале дека треба да и веруваат, не можам да проценам, сами си знаат:
  • 13:35 МИА
  • 13.54 СИТЕЛ
  • 14.10 Курир
  • 15:06 Дневник он-лајн
  • 15:49 МТВ
  • ~ 17:00 Плус инфо – набрзо ја избришале, веројатно по второ читање или твитерџиските реакции виделе не ја бива
  • МТВ истото го презентира и во вечерните вести, а неколку телевизии ја имаат во кајрон за време на вестите – можеби сфатиле дека не ја бива или дека може да одговараат за клевета
  • 12 јули 2011 (утредента) веста не се појавува во печатените изданија на дневните весници
  • 11.30 МК фондови продолжува со пренесување на веста, а како автор е наведен Сител.
За секој медиум би морало да важи правилото секоја информација што ќе ја добијат да ја проверат со консултирање на два независни извори, да направат сè што е можно во рамките на нивните можности да се уверат во нејзината точност, пред да ја објават. Замислете новинарите да објавуваат како вести било што што ќе прочитаат и чујат, без проверка – на пример по блогови се вртат муабети дека високи партиски функционери се прикриени хомосексуалци кои пред јавноста настапуваат хомофобно за да се закамуфлираат, дека има големи провизии за некои споменици кои се перат преку нечии братучетки, дека се злоупотребуваат државни функции за лична корист… За некој да се нарече новинар и професионален медиум мора да исполнува одредени стандарди, поврзани со општествена улога за зачувување на демократијата.

Да претпоставиме дека немало зла намера. Е сега, не само што овие медиуми не ја провериле информацијата, ниту пак се обратиле до друг извор (освен МИА), не провериле на сајтот на Вол Стрит Џурнал (да видат дека не е напис туку коментар од корисник), ниту пак ја исполниле основната новинарската обврска да побараат одговор од лицата и институциите споменати во написот. Згора на тоа, во написите не е наведено дека МИА им била извор, туку останале непотпишани, со што всушност редакциите кажуваат дека тие се автори и одговорни за вестите.

Колку што знам, до сега ниту една од овие гореспоменатите фирми нема објавено извинување за споменатите лица и институции чиј углед го имаат (можеби несакајќи) нарушено, ниту пак извинување до читателите што им пренеле лаги.

И не се работи за тоа дали ќе се активира или не правна заштита од клевета и навреда, туку за односот кој медиумите го градат кон читателите. Клучни зборови: почит или потценување, вистина или недоверба.

07 July 2011

Одговор од Шакира за ѓоа македонското потекло

Дезинформацијата дека Шакира имала македонско потекло пред неколку дена навидум координирано ја имаат објавено два-три провладини медиуми, меѓу кои Сител и Курир, а ја прошириле и многу копи-пејт портали. Денес „крваво“ ја потврдува и Утрински весник. Не знам дали се работи за елемент од нова кампања за подигање на расположението на населението (можеби ќе излезат и спотови со слоганот „Многу сме важни“ или „Ај уште да се лажеме“), но со две пребарувања на интернет може да се утврди дека прашањево било решено уште во 2007 година.

Vest_2007_Shakira

Во петок, 2.2.2007 Вест објавил текст за тоа како македонска делегација на некој рекламен настан ја прашала Шакира за ова и таа многу шармантно ’им се насмеала у фаца‘ (иако воведот на насловната е спинуван да ги подгрее надежите кај заинтересираните за „коренување“).
На прес-конференцијата во Берлин на кој присуствувале над петстотини новинари од целиот свет, на Шакира, како најтиражна колумбиска пејачка на сите времиња со продадени околу 50 милиони копии од албумите, организаторот дозволил да и се постават само четири прашања. Живкица Ѓурчиновска, како што ни изјави, и го поставила најпровокативното: „Дали има македонско потекло?“ откако на познатиот веб портал www.imdb.com било наведено дека таа е од колумбиско, либанско и македонско потекло.
- Шакира ми одговори со смеење дека е пра, пра, пра внука на пра, правнукот на Александар Велики… за потоа да ми објасни дека за жал, тоа не е точно, но би сакала да има македонски корени, ни изјави Живкица која ексклузивното интервју со Шакира ќе го емитира во нејзината нова емисија „Но лимитс“ на телевизија Сител.
Далеку полесно се наоѓа друг текст за истиот настан (всушност, еден вид комерцијален оглас) во кој–многу интересно–е споменато прашањето, но не и одговорот. Фама!
Дали авторите на новите текстови на темава ја утнале работава ненамерно, оти не знаат да пронаоѓаат информации достапни преку интернет, или пак намерно испуштиле или заборавиле нешто што било во напис од насловната страница на еден од најчитаните весници во тоа време?

Јас им се ставам на располагање на сите новинари да ги научам за вештината и уметноста на пребарување, па можеби тоа ќе биде лек и за еден аспект на проблемот на „кратко памтење“ на македонската јавност.

Всушност „оригиналната“ вест од Сител и Курир изгледа како изговор чија цел е да се спомене политичар од власта и може да им послужи на луѓето заинтересирани за деконструкција на пропаганда за пример на монтажа и „реконтекстуализација“. На пример земена е снимка на Шакира што го споменува татко и на англиски, а демек-преводот што оди на македонски кажува дека бил со македонско потекло…

Самонаречени патриоти, не губете надеж! Ако сакате да продолжат да ве лажат ретрокомунистите, земете предвид: Либан бил дел од рутата на Александар! И дел од неговото царство. Може сепак некој војник од нашиве краишта бил предок на таткото. („Кај што поминува војска, трева не расне, но раснат деца“ – Иво Андриќ.) До душа, поголема е веројатноста и дека некои од современите Македонци имаат либанско потекло, преку далеку поприсутните Османлии, но подобро да се врти муабетот кон Шакира отколку да се дига паника заради новиот бран поскапувања, како она на маслото за јадење. Нели?