Блекаут

31 May 2012

Фалквинге за роевите наспроти традиционални хиерархии. Видео од ре:публика

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Фалквинге за роевите наспроти традиционални хиерархии. Видео од ре:публика
- English: Falkvinge on swarms vs traditional hierarchies. A re:publica video

 
Добри вести! Организаторите на конференцијата ре:публика (re:publica, #rp12) пред неколку дена ги објавиле снимките од дел од сесиите. Некои од нив се скапоцени, па планирам да ги препорачувам или да се повикувам на нив во соодветни контексти.

За почеток, погледнете ја презентацијата (на англиски) од Рик Фалквинге, основачот на Шведската пиратска партија, за нивните искуства при креирање активистичко движење засновано на структура на „рој“ (анг. swarm), поврзано со примена на принципите на слободен софтвер. Некои од неговите поуки се сосем спротивни на логиката користена од традиционалните хиерархиски организации, како класичните политички партии.



На пример, Фалквинге го спомена „правилото Три пирати“ - ако три члена се согласат дека треба нешто да се направи, не им треба дозвола од раководството на партијата да го сторат тоа, или да зборуваат во име на организацијата. Досега тоа правило не било злоупотребено ниту еднаш.

Всушност, партиските водачи на секое ниво служат повеќе како организатори на заедниците или „домари“, кои се грижат за логистиката, додека самите членови решаваат што да се прави врз основа на своите способности, во однапред договорените рамки. „Луѓето нема да се придружат на ројот ако не ја знаат неговата цел!“ Ројот мора да има неприкосновена цел, која аксиоматски ограничува и ја дефинира причината за постоењето. Така, се избегнуваат детските болести на другите движења кои мора да се справуваат со новите членови кои имаат нови идеи што треба другите да прават.

Рик Фалквинге ја објаснува важноста на забавувањето на ре:публика 2012 во Берлин
Рик Фалквинге ја објаснува важноста на забавувањето при градење заедници
на конференцијата ре:публика во Берлин, 4 мај 2012. Фото: Филип Стојановски

Пиратската партија има развиено софтвер за интерна и екстерна комуникација (комплет со соопштенија за печат, оти традиционалните медиуми се се уште важни). Планираат да го објават како слободен софтвер летово, со цел да помогнат и други активистички движења.

Го прашав Фалквинге дали таквиот софтвер, кој може да послужи и за следење на однесувањето на членовите и многу други работи, има некаква додадена вредност преку која помага организациите да станат подемократски, или пак може да биде злоупотребен од недемократски структури (за подобрување на нивната ефикасност). Тој одговори дека софтверот помага во израмнувањето на организациската хиерархија, односно во отстранувањето на растојанието меѓу избраните водачи, активистите, односно гласачите. Со тоа се создава страшен „демократизирачки ефект“ односно се гради меѓусебна доверба. Некој би можел да ги користи менаџерските функции на ваков систем „да поддржува диктатура“, но „тој не е изграден за тоа. Изграден е да им овозможи глас на сите, а диктатурите обично не го сакаат тоа, па нема ни многу да им биде од полза...“


25 May 2012

Дали телевизиските оператори бележат што гледаме?

Секогаш кога некој ќе спомене гледаност на ТВ канали и емисии во Македонија на ум ми паѓаат неколку прашања поврзани со оваа област, оти од оние податоци што ми се достапни ми се чини како да не ја добиваме целосната слика, особено низ филтерот на медиумското покривање. Конечно да ги запишам.

„Приемник“ на МаксТВ со телевизор, прикажува цртан филм со Дак Доџерс
додека се бира друг канал на кој се прикажува „Донт вори би хепи“ од Боби Мекферин

Во Македонија, податоци за гледаност објавува фирмата АГБ Нилсен, која користи пиплметри, наводно во 400 домаќинства со 1300 испитаници. На сајтот не е објаснето дали и како одбраниот примерок е репрезентативен.

Во јавно достапните списоци за гледаност воопшто не фигурираат странски програми, а процентите се претставени како да се однесуваат на севкупната популација. Наспроти тоа, многу луѓе ми тврдат дека ретко гледаат домашни канали, туку претежно гледаат странски документарни или филмски програми, како НГ, Дискавери, Бумеранг или ХБО.

Дел од луѓето кои гледаат телевизија следат програма тотално независно од кабелските оператори и од приемот преку локални репетитори. Имаат поставено сателитски антени и „дримбокс“ - пиратски апарат за декодирање што се „храни“ со нови шифри преку Интернет.

  • Дали ваквите корисници воопшто влегуваат во статистиките за „рејтинзи“ или се комплетно „занемарени“? 
  • Дали ако се добие некој список во кој има проценка дека дадена емисија ја гледале Х%, тој процент се однесува на севкупното население или на многу помал дел од него? 
  • Дали процентите се вадат само во однос на другите програми емитувани од домашните телевизии, без да се земе предвид бројот на гледачи на странските?

Кабелски, ИП и други ТВ во Македонија

 Од друга страна, во Македонија има низа „дигитални телевизии“, а и некои други „кабелски“ оператори користат дигитална технологија. Според АЕК, на крајот на 2011 МаксТВ (IP TV) имала околу 40 илјади, а БумТВ (DVBT) 50 илјади претплатници, кабелските оператори 160 илјади и плус илјада и кусур легални сателитски приемници. Оние оператери што користат дигитални технологии сигурно може прецизно да ја мерат гледаноста кај нивните корисници, бидејќи целиот процес оди преку компјутери. Без оглед што претплатниците на било кој од овие сервиси сами по себе може не се репрезентативни за целото население, тие веројатно ги претставуваат побогатите слоеви (корелација со цените), па секако сознанијата што може да се извлечат за гледаноста би биле доста корисни.
  • Дали дигиталните оператори бележат кој што гледа и прават профили по корисник?
  • Дали се достапни анонимизирани статистичи податоци за гледаност на каналите, програмите, емисиите што ги пренесуваат?