Блекаут

19 June 2012

Парадоксални свадбарски песни

Свадбите се поврзани со радост, градење заедница, меѓусебна доверба, плодност, среќна иднина... Парадоксално е што содржината на песните одбрана од врвните свадбарски бендови како дел од нивниот репертоар е на сосем спротивни теми.

На пример, дел од изборот на песни од „забавниот“ дел што го имам слушано по свадби во Македонија последниве неколку години... свирени во весел аранжман:
  • Suspicious Minds (Elvis Presley) - закана од раскинување поради параноична сомничавост
  • I will Survive (Gloria Gaynor) - тешење сама себеси по раскинување
  • Billy Jean (Michael Jackson) - типот нејќе да признае дека бебето на трудната Били Џин е негово
  • Hit the road, Jack (во стил на Ray Charles) - жената го брка мажот/дечкото што не го бива
  • (I can't get no) Satisfaction (Rolling Stones) - незадоволство поради комерцијализмот и сексуалните фрустрации
  • Đurđevdan (Bijelo Dugme) - жалење за изгубена љубов: „а ја нисам с оном коју волим“ (оваа се свири во „народниот“ дел, со ора)
  • A i ti me iznevjeri (Bijelo Dugme) - прељуба, па депресија
  • Kafana je moja istina (Toma Zdravkovic) - мажот алкохоличар се правда, бара прошка
  • Dajte vina hocu lom (Harid Džinović) - лечење депресија со алкохолизам: „nek' sviraju nek' me razbole, kad me njene oci ne vole“.
Среќа, не се сите такви, на пример застапена е и Celebration (Kool and the Gang), која е ем забавна ем весела во сите свои аспекти. Но би било интересно да се испита кој е критериумот за избор на песни од страна на бендовите - веројатно мелодијата и ритамот. Веројатно важен фактор е дали публиката го разбира или мисли на текстот.

Не дека во рамки на секој ритуал нема простор и за невеселите аспекти на животот, на пример, порано свадбите почнуваа и со народната „Черешна се од корен корнеше“, која во стил на словенска антитеза се обраќа на тажните чувства на невестата која се разделува од мајка си, ама во контекст на најава на понатамошната веселба поради новиот стил на живот. Но тоа е веројатно премногу експлицитно на оваа денешница.