Блекаут

18 March 2013

Скопје 2014, споменикот на Цар Самуил: Печатни грешки излеани во бронза

Еден од примерите за фушерај во проектот Скопје 2014 е и плочата со објаснување пред споменикот на Цар Самуил. Плочата е излеана во бронза, на македонски и англиски јазик.

 
Преводот е прилично буквален, со конструкции на реченици целосно пресликани од македонскиот и како такви прилично несмасни ако се споредат со вообичаените на англиски.


Очигледно е дека пред да се излее во бронза текстот никој не го погледнал два пати, дури ни самиот преведувач. Кај делот за автокефалноста има и апла печатна грешка кај што им останало и некое претходно „autoce-“ пред „autocephalous“. Во нормални околности ваков запис, наменет да остане трајно и вечно да комуницира со странските гости, би требало да го погледне и локален стручњак (лектор-коректор) и можеби роден говорител на целниот јазик. А овде не бил вклучен ни автоматски спелчекер.

Под претпоставка дека поставувањето вакви споменици е оправдано, одговорните би морале да одговараат и за самата презентација на содржината и изборот на јазици. Дискутабилно на пример зошто баш се фалиме со пљачкашкиот поход и уништувањето на Задар, а не е спомнат грабежот на Лариса. Покрај основниот македонски е избран само неслужбениот англиски, наспроти на пример албанскиот со кој би помогнало да се индоктр... образуваат голем дел од локалните жители и е службен на ниво на Скопје. Контекстот на Самуил го прави интересен и за туристите од соседните балкански земји, па би било логично и ним на нивниот јазик да им се промовира официјална верзија на историјата, што е суштинската причина за дигањето на тој споменик, меѓу другите.

Башка што има тука и фактички „недоследности“, за разлика од Саудиска Арабија која е наречена според владеачкото семејство, државата не се викала Самуилова - референца која се користи во современото македонско творештво по 1945 година, ниту Гаврило-Радомирова според син му и наследникот после смртта на основачот... Но тоа е друг муабет.

17 March 2013

Квазиисторија: Аристотел демек го учел Александар за демократија

Во градот Скопје, на брегот на реката Вардар, под лавот од типот „Грингер“ најблизок до Кале, има релјеф на кој навидум се прикажани филозофот Аристотел и младиот принц Александар на час. Аристотел држи свиток на кој пишува „ΔEMO КРАТИYАТА Е ОСНОVA НА СΛОBOΔATA“ што би можело да се прочита „Демократијата е основа на слободата“. 

Антички ученик кој наликува на идниот крал Александар III и
антички учител кој наликува на филозофот Аристотел на релјеф од Скопје 2014.


Нема податоци за тоа кој е Накнадно дознав дека Коки Јанев е авторот на ова пропагандистичко дело од проектот Скопје 2014, но поуките што ги пренесува се тотално спротивни на историските податоци. Од општа култура ми изгледаше нелогично да се прилепува учење за слобода и демократија на кралот Александар, чија цела кариера се базирала на воспоставување и одржување апсолутна власт. Тој не само што се сметал за апсолутен земски владетел, туку се сметал и за бог, или барем во поскромните моменти, син на бог.

За повеќе информации за Аристотел се обратив и до проф. д-р Катерина Колозова од Институтот за општествени и хуманистички науки, оти знаев дека нејзиниот научен опус опфаќа и анализи на тој историски период. На пример, едно од нејзините дела е книгата „Хелените и смртта“. Таа ми пиша:
„Ако учителот на овој релјеф навистина треба да го претставува Аристотел, би му препорачала на авторот да прочита нешто од Аристотел или, барем, да истражи на интернет. Аристотел ја темели својата политичка мисла на критика на демократијата и ја брани идејата на аристократскиот/монархистички поредок.“
 Македонските кралеви кои подоцна станале и персиски шахови власта ја практикувале тотално недемократски. Александар, а и татко му, отворено се однесувале деспотски и тирански, а нивното кралство и немало некаква робовладетелска демократска традиција како некои грчки градови-држави или Рим. На пример, додека слободата на говор била една од основите и на античките демократии, Александар во една прилика со своја рака го убил еден од најблиските пријатели, Клит, затоа што му пререкол. 

Треба да поверуваме дека во античко време луѓето зборувале на денешен македонски јазик само користеле комбинација на писма од тоа време и од иднината? Кирилицате е измислена повеќе од 1000 години подоцна.


Дополнително нелогичен е и начинот на претставување на „поучниот“ натпис со измешани 3 писма: латиница, кирилица и грчко. На релјефот е прикажано и сонце кое личи на античко македонскиот симбол кој би требало да има 16 краци, но ова има само 8.

Релјефот на предната страна на истото подножје на статуата на лав.

Релјефот на спротивната страна, свртена кон коловозот на бул. Гоце Делчев.



12 March 2013

Македонија е ранлива на климатските промени, според ДАРА

Меѓународната невладина организација ДАРА објави ново издание на нивниот Монитор на ранливост на климатските промени

Според анализата на ДАРА за Македонија [en], до 2030 година како резултат на климатските промени и однесувањето на луѓето во неа, се очекува да доминираат:
  • суши
  • свлечишта
  • уништен жив свет (тоа е она biodiversity)
  • загадување за кое нема шанса да се исчисти
  • болести поврзани со жештина и студ
  • колапс на земјоделие и шумарство
  • катастрофална состојба на сè поврзано со вода и за пиење и за хидроцентрали
На оваа тема пишував и порано, кога излезе анализата од УНДП за влијанието на климатските промени врз македонската економија.

Фала ви на сите што сте на позиции да одлучат за тоа што е приоритетно што се грижите за работите што навистина влијаат на животот на луѓето што (ќе) живеат во Македонија.

08 March 2013

Со кои хероини пораснав? - денес на Вечерите на женски права


Вечерва, на 8 март 2013 година во 20 часот во Кинотека на Македонија ќе се одржи првиот дел од Вечерите на женски права во организација на агенцијата на ООН за жени „UN Women“ (Фејсбук настан).
Темата на четвртото издание на „Вечерите на женски права“ е претставувањето на сликата за/на жената во медиумите, во кое ќе се проектираат три документарни филма од поновата светска продукција, проследени со тематски дискусии, изложба, и поетски перформанс.
Вечерва ќе биде прикажан документарниот филм  „Чудесни жени“ (Wonder Women!, САД, 2012, 62 мин.) во режија на Кристи Гевара-Фланаган во кој се зборува за „Нераскажаната приказна за американските хероини ја следи фасцинантната еволуција и наследство на Супер-жената [sic] (Wonder Woman).“ По прикажувањето на филмот ќе има и дискусија на тема: „Со кои хероини пораснав?“ во која ќе учествувам и јас како еден од панелистите.



WONDER WOMEN! The Untold Story of American Superheroines from Vaquera Films on Vimeo.


Идејата ми е да споделам дел од моите познавања на популарната култура од Македонија од времето на СФРЈ, особено од осумдесеттите години на 20 век, на пример:
  • Во СФРЈ немаше посебни стрип изданија со Вондер вуман, но беше споменувана во контекст на Супермен и можеби Бетмен (лиценцирани изданија популарни ликови од истиот издавач). Мнозинството стрипови беа со машки ликови, особено најпопуларните шпагети вестерни.
  • Од друга страна, жените како главни или рамноправни ликови беа присутни во развиената стрип-индустрија. Во дел од нив главните ликови беа во тимови/групи/семејства во кои понекогаш имаше и женски членови или противници претставени како еднакво способни. 
  • Како носечки ликови. Во стриповите за деца Мини и Пата имаа сопствени стории (и често испаѓаа попаметни и поспособни од Мики и Пајо), а за поголемите редовни беа авантуристичките и научнофантастични стрипови како Модести Блејз, Акса, Црвена Соња, Свеа, Друна...
  • Постоеше и југословенка суперхеројка, Кет Клоу (Cat Claw) која беше полупародија на американските суперхеројски стрипови со поексплицитна визуелна презентација.
  • Го преведувам името како Чудесна Жена по аналогија на преседанот со преведот на името на нејзината помлада сестра Чудесната девојка (Wonder Girl) која беше присутна кај нас како дел од Нови Титани (Teen Titans) кои излегуваа во рамки на „Стрип Забавник“.