Блекаут

22 August 2014

Романци во Библијата?

Читањето на анализата на Жарко Трајаноски „(Не)почитување на сексуалните различности“ ме поттикна да ја прочитам и во неа споменатата колумна „Бајден, Господ и хомосексуалните бракови“ од Христо Ивановски.

Снимка на анг. верзија на „Римјаните“. Фото: The Christian Post
Особен впечаток во анализираната колумна „Бајден, Господ и хомосексуалните бракови“ ми остави моментот кога авторот-новинар се повикува на Библијата и цитира некои од нејзините делови. При тоа, наместо „Послание на св. апостол Павле до Римјаните“, тој напишал „Во Романците (1:27)...“. Веројатно се работи на буквален превод на името на тој дел од библијата на англиски, кој во скратена форма гласи „Romans“ (Римјани).

Романците (анг. Romanians) не постоеле во времето на Св. Петар и иако нивното име ги поврзува со Стариот Рим, во римско време на територијата на денешна Романија живееле Дакијци, а потоа Римјани и разни други народи. Нивните потомци со тек на вековите станале Романци. A имињата на посланијата на Св. Петар ионака не се однесуваат на етничката припадност на луѓето на кои им се обраќал, туку на градовите во кои проповедал. Така, има и послание до солуњаните (анг. Thessalonians), а цитираното послание било баш до луѓето кои живееле во градот Рим. Оти впрочем, целата публика на библијата биле Римјани, жители на Римското Царство.

 Употребата на терминот Романци можеби укажува дека како извор на цитатите во колумната не е користена директно Библијата (особено не Библијата на македонски јазик за која постои официјален превод одобрен од МПЦ и во која секако нема Романци), туку можеби некој текст на англиски јазик достапен на интернет.