Блекаут

02 January 2015

Човекот што го измамил Нерон...

Од „Аналите“ на Такит (лат. Tacitus) книга XVI, напишана 109 г.н.е. (анг. The Annals), за случувањата во 65-66 година:

Судбината наскоро направи будала од Нерон, благодарение на неговата суета и ветувањата што му ги даде некојси Цезелиј Бас, по потекло Картагинец. Тој човек со луда фантазија поверувал во еден свој сон како да е жива вистина, и го самоуверено го претставил како остварлива визија. Потоа отпловил за Рим и со помош на пари обезбедил царот да го прими и раскажал како на својот имот открил една пештера со огромна длабочина во која имало купишта злато, и тоа нековано, туку безоблични маси излиени во старо време. Всушност, тој рекол дека таму лежат тешки златни шипки, а на другата страна на пештерата се подигнати столбови од злато; големо азно, скриено со векови, кое ќе го зголеми денешното богатство. Зборувал дека благото мора да го имала скриено Феничанката Дидона, откако избегала од Тир и ја основала Картагина, од страв новиот град да не потоне во неморал од преголемото изобилство пари, или дека кралевите на Нумидија, кои веќе беа непријателски расположени од други причини, би можеле да ги поттикне на војна алчноста за злато.

Слушајќи го ова, Нерон, без да провери дали авторот или приказната воопшто заслужуваат доверба, ниту пак да прати некого да испита дали е точно тоа што го дознал, и самиот уште повеќе ја надувал приказната, па пратил луѓе да му го донесат богатството, како тоа само да стои и да го чека. Им даде триреми и екипаж посебно одбран да обезбеди брзина.  Во тие денови, само за тоа се зборувало меѓу народот, кој поверувал, додека паметните луѓе зборувале поинаку. Во исто време по втор пат беа прославувани и петгодишните игри, па ораторите од оваа приказна направија главна рема на своите говори во слава на царот. „Не само што...“ - велеа тие - „под неговата власт растат обичните насади со плодни жетви, се добива злато од рудниците, туку земјата сега ни отвора нов бериќет и боговите нему му отвораат нови ризници со готово богатство.“ На измислување такви и слични ласкања тие ги трошеа својата речитост и своето подлизурство, сигурни дека Нерон ќе им поверува.“
Паричка што го прикажува Нерон како дели донации.
Извор: CNG/Википедија
„Расипништвото во меѓувреме се зголемуваше, засилено од  нереалната надеж, па императорот ги трошеше старите богатства кои инаку ќе потраеја повеќе години. Тој дури и даваше и премногу од овој извор, додека очекувањето на тие нови богатства беше една од причините за осиромашување на државата. А Бас навистина си го имаше прекопано имотот и сакаше да копа и во соседоството, упорно тврдејќи дека на ова или на она место е ветената пештера. По него не одеа само војниците, туку и маса селани кои служеа како работна сила. Најпосле тој и самиот стана свесен за својата залуденост, па почна да се чуди бидејќи наводно до тогаш сите соништа му се остварувале, па ова било прв пат да биде излажан. За да избегне срамота и мачење, тој се самоубил. Некои писатели велат дека бил фрлен во зандана, а потоа пуштен откако му бил одземен сиот имот наместо привидното царско благо.“

На цитатов наидов благодарение на стрипот со Марти Мистерија „Дидонино благо“ (Моралес, Кардинале, Орланди).