Блекаут

17 February 2015

Корумпираното судство во приказна од Марко Цепенков

Чоекот што имал од царот ферман да тепа луѓе

Во некој град отвориле муабет во некое каве неколцина чорбаџии помеѓу себе за кадијата во тој град дали зема рушвет. Поецината велеле оти не било возможно тој кадија да земат рушвет, а еден велел оти чоек да отепат стред чаршија и апс да не влези, ако даит рушвет на кадијата. Ѝ накренале зборојте, што дури најпосле ја донесле работата за да се степаат тој што велел оти кадијата зема рушвет со еден друг чоек што велел оти не зема кадијата рушвет. Првио бил многу јак и многу побогат од другиот и беше го тепал многу лошо со нозе, беше го газил до газење, пред целото каве. Откоа му се натепал богатиот, беше си ватил напреку, а тепаниот отишол на кадија и сторил давија. На часот кадијата беше пуштил музурот по тепачот да го викат за да го судит.

 - Оди кажи му на кадијата - му рекол тепачот на музурот - оти јас имам ферман од царот, со четириесе бентои, да тепам луѓе стред чаршија, така абер да имат. Да за утре можам да дојдам, и сега си имам работа, така поздрави го!

 Отрчал музурот кај кадијата и му кажал оти чоеко имал ферман да тепа луѓе стред чаршија. Коа чу кадијата тие зборои од музурат што му ѝ кажал, малку како да се уверил, ама и како да му притекнало оти рушвет ќе му давал чоеко, чунки разбрал оти бил многу богат.

 Утрото собрал кадијата мезличот и пуштил пак музурот да го викат тепачот, чунки тепаниот не му се истаал од вратата. Дошол тепачот и влегол кај кадијата, та застанал од десната страна, а тепаниот од левата страна.

 - Ти, чорбаџи, треба да застаниш од левата страна - му рекол на тепачот - а другиот чорбаџија што чинит давија да застанит оддесно, чунки таков ет усулот.

 - Вистина така је, кади ефенди - му рекол тепачот - иљаќим јас сум ферманлија, да затоа ќе стојам оддесно.

 - Ја дај да го видам ферманот - му рекол кадијата - што го имаш како ти пишуат.

 Веднаш беше извадил тепачот едно тевтерче од пазуа, завиткано во три мушами еднонадруго и му го подал на кадијата. Го зел кадијата тевтерчето в раце, гледат - многу му дотежнало, се сетил има нешто пари внатре, со усул му ѝ одвиткал трите мушами и отворил првио лис, кога гледат - една мека мамудија залепена, тогај се сетил оти рушвет му давал чорбаџијата со маривет, арно ама кадијата и тој не бил подолен во таквие маривети од чорбаџијата. Ватил кадијата ѓоа да пеит во фермано, од бентоите што биле внатре, молчејќи ѓоа го пеал, само со рилките мрдал и со глаата покажуал ѓоам пеел од бентоите и се чудел; така сите лисја од тевтерчето беше ѝ превртел и беше ѝ препеал ѓоа. Коа ’и преброил алт’ните, токмо четириесет беа биле. Го затворил тевтерчето и го бакна кадијата, та го кладе на глаа за голема чес да му стори и го завитка во трите мушами, та си го кладе в пазуа.

 - Еќикат, чорбаџи, си имал ферман од царот - му рекол на тепачот - ем тамам се четириесет бентои; Види вамо, чорбаџи - се свртел од кај тепаниот - шуќур што не те отепал наместо овој чорбаџија, чунки со овој ферман што го имал овој чорбаџија и мене да ме тепа, нема што да чинам, толку сет салам бентоите што сет пишани внатре, со турата од царот. Ем слушајте вамо и вие, мезлич-алаари - му рекол на мезличот - еве елли јашана сторив и он јаша кадија кај сум, нелер фермани сум видел, иља ваков ферман до рака не ми дошло. Фермано, чорбаџи - му рекол на тепачот - ќе остани вечерва кај мене за да му сторам кати во големиот тевтер и да му удрам муурот. Ај ој си и ти, чорбаџи, лекуј се со кромид и сол, кај што имаш модриње и чини доа оти те остаил жив овој чорбаџија. И уште еднаш со него со инат да не се заваќаш.

 Коа чу тие зборои тепаниот од кадијата, си свил опашката в газ и си излегол од мевќемето надвор. Тепаниот тепан, страменио страмен отишол и никому ништо, само на тепанио му отекол газо и му се зацрвил вратот.
Османлиски лири. Фото: Википедија.


Марко К. Цепенков. Македонски народни умотворби во десет книги, второ издание. Книга петта: Народни приказни - реалистични приказни. 378, Чоекот што имал од царот ферман да тепа луѓе. стр. 356-366. Македонска книга, Институт за фолклор. Скопје (1980).