Блекаут

12 December 2010

Претставување на аферата со Хунзите пред светот

Овој пост е достапен и на:
македонски на Блогерај · Претставување на аферата со Хунзите пред светот
English @ Razvigor · Introducing the Hunza Affair Abroad

English at Global Voices (short version) · Macedonia: Introducing the Hunza Affair

Анастас Вангели, познат како Вуна, на блогот Националности од перспектива на ориентализам ја анализира (анг.) тековната македонска политичка афера на побратимувањето со „народот Хунзи“ од пакистанските планини, кои тврдат дека потекнуваат од војниците на Александар Велики.

Насловна страница на книгата „Ориентализам“ од Едвард Саид (1978)

Веќе имам пишувано на оваа тема * и ќе повторам дека ми е баш жал што наместо реално запознавање со културата на тие луѓе и научно, лингвистичко и историско истражување со примена на модерна генетика, кај нас имаме само некакво профитерско политикантство.

Сте забележале дека досега во владините медиуми немало ниедна снимка на која Хунзите зборуваат на својот мајчин јазик, или за тоа како живеат реално? Само се вртат некои стари фотки и тврдења од нивните промотори.

Она што го забележав е продолжувањето на стереотипизирањето не само од критичарите, туку и од промоторите на реунификацијата со Хунзите. Почнувајќи од Јанко Илковски кој на времето во „Јади бурек“ ги „оправдуваше“ дека практикувале некоја „лајт верзија на исламот“.

Последниот пример звучи баш како пренесување на рекла-казала директно од Хиндукуш, како кога во филмот „Човекот што сакаше да биде крал“ селата меѓу себе се кудат дека комшиите им се валкани гадови кои намерно им мочаат во потокот за да им го загадат. Извадок од веста на Канал 5 (мое задебелување):

Хунзите живеат во северен Пакистан, административно се дел од пакистанската држава од 1974 година, но го задржале кралот. Освен Хунзите кои бројат околу 50.000 за потомци на војската на Александар Македонски се сметаат и племето Калаши. За разлика од Хунзите кои се исламизирани и образовани, Калашите се неуко племе.

Токму тој факт го користи и соседна Грција која отвори културен центар кај Калашите, а донира и значајни финансиски средства, за наобразба на лозата на Александар Велики.

Ѓоа „нашиве“ Хунзи бликаат од образованост, човек ќе помисли кујзнае колку универзитети и други научно-образовни институции имаат… Исто така истакната е супериорноста на верската ориентација на едните наспроти другите, што е класично ширење меѓуверска омраза.

No comments: