Блекаут

13 August 2010

Внимавајте кои лични податоци ги давате кога барате донации

Сабајлево преку Фејсбук и Пинг.мк дознав за потребата на едно семејство да соберат пари за операција на тумор на мозокот на нивната двегодишна ќерка, вест која многу добронамерни луѓе, меѓу кои и Надежна, ја имаат пренесено како линк или целосно ископирано во пост на блог.

За мене најпогоден начин за донирање е преку СМС оти претпоставувам дека мобилните компании ги проверуваат ваквите барања пред да дадат број. Тоа е овозможено во случајов и ве поканувам да се придружите.

Родителите исто така навеле и банкарски сметки за оние донатори кои можат да бидат поширокогради. При тоа го навеле и матичниот број (ЕМБГ) и некои адреси (можеби се од банките, можеби од кај нив дома). Обете работи нема потреба да бидат објавени за некој да им уплати. Кога се уплатува доволно е да го знаете бројот на трансакциска сметка и податоците за банката, а не и ваквите осетливи лични податоци.

За ова се консултирав и со правен експерт од Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Препорачувам да ја симнете многу полезната е-книга „Коментари на Законот за заштита на лични податоци“ кое од неодамна е бесплатно достапна, а содржи детални објаснувања напишани така и неправник како мене да ги разбере…

16 July 2010

Хрватска: Полицијата разби мирен протест против урбаната мафија

Утрото на 15 јули 2010 г. хрватската полиција разби мирен протест против узурпирањето на јавен простор во центарот на Загреб, при што уапси најмалку 11 граѓански активисти. Твитер фидот со името на улицата #Varsavska послужи како главен извор на информации и фотографии од лице место.

Граѓанските асоцијации Право на град и Зелена акција ја блокираат Варшавска улица со месеци (англиски) со цел да го спречат уништувањето на јавниот простор во пешачката зона во строгиот центар на Загреб со цел да се изгради рампа за подземната гаража на приватен трговски центар (хрватски). Нивните напори ги поддржуваа илјадници граѓани кои доаѓаа на бројните протести и културни настани организирани во бранетиот јавен простор.

Изутринава полицијата уапси дел од организаторите на протестите со цел да овозможат градежни работници да исечат „непожелни“ стебла. Учесникот на протестот tmedak твитна (хрв.):

Вести од марица: 11 луѓе се уапсени поради пасивен отпор #Varsavska

Тој исто така објави и фотографија на полицајците неколку моменти пред почетокот на „спроведувањето“. Други учесници и сведоци користеа телефонски повици, Твитер, Твитпик и јФрог за да споделат итни информации и фотографии од настанот.

Хрватската полиција „се справува“ со луѓето што протестираат. Фото на Марко Микиќ.

Корисникот на Твитер topssy го документираше настанот преку фотографии:

Infopunkt објави видео клипче од местото на Јутјуб

Корисникот на Твитер krunovidic обрна внимание (хрв.) на селективната употреба на сила во случајот:

Очекувам полицијата да го стори истото наредниот пат кога селаните ќе блокираат пат и дека ќе ги користи истите методи како со екипата од #Varsavska

Македонскиот блогер Андреј исто така ја прошири веста и линк до видео во живо, користејќи ги како пример за тоа како граѓаните треба да се борат за своите права.

Постов е достапен и на англиски јазик: Croatia: Police Breaks Up Peaceful Protest in Zagreb

14 July 2010

Освојте стрип-албум за приватноста

Дистрибуција на стрип-албумот за приватноста „Под надзор“ (на   англиски јазик) Членовите на Пинг.мк имаат прилика да се пријават да добијат бесплатен примерок од стрип-албумот за приватноста „Под надзор“ (на англиски јазик) издаден од асоцијацијата ЕДРИ – Европски дигитални права чиј член е Фондацијата Метаморфозис.

За да си обезбедите примерок од стрипот доволно е да оставите коментар на написот на Пинг и да изберете една од понудените локации од каде би сакале да го подигнете. Вашиот бесплатен примерок ќе биде однесен до избраната локација и ќе ве чека да го подигнете.

Дистрибуцијата ќе ја овозможат невладини организации, културни институции и фирми од Скопје, Велес, Дебар, Кичево и Кратово.

Досега веста ја пренесоа

Помогнете во ширењето на знаење на приватноста и/или овозможете им на вашите пријатели што се љубители на стрип уште едно уживање со тоа што ќе ја објавите веста на Вашиот блог или ќе им го препратите линкот по е-пошта, Фејсбук или на други начини кои Ви одговараат…

11 July 2010

Мафијата е туристичка атракција?!

Има една реклама што се врти по некои радија и на Наша ТВ:

Плажи, вулкани, маслинки, плантажи со портокали, полиња, лозја, Коза Ностра – споени во најголемиот остров на Медитеранот – Сицилија.

[Скопска туристичка агенција] ви нуди десетдневен аранжман со вклучен директен чартер аранжман со [странска авиокомпанија] по цена од [некоја сума] евра. Патувајте со стил, уживајте во откривањето нови места...

Ете зошто не ни доаѓаат туристи во Македонија. Не го истакнуваме најлошото покрај природните убавини и другите знаменитости во настапот во странство, наспроти софистицираниот настап кон домашната публика. Замислете само:

  • „Дојдете во Охрид – езеро, историја, архитектура, бродоломи, непотизам…“ или
  • „Попова Шапка и тетовско – одлични скијачки терени, традиција, добра кујна, етнички тензии, трговија со луѓе…“ или
  • „Посетете го Скопје и најголемата стара чаршија на Балканот, архитектонски акробации, корупција, грабежи на банки…“

Баш би било интересно да се дознае што авионската компанија од ЕУ која е спомената во рекламата мисли за кобрендирањето со сицилијанската Мафија. Ако ве интересира како работат таквите криминални организации, ви ја препорачувам книгата „Гомора“ од Роберто Савијано.

17 June 2010

Амандман 1984 на Уставот на Република Македонија

Собранието на РМ вчера ги усвои измените на Законот за електронски комуникации со кои спротивно на Уставот се овозможува постојано и неконтролирано прислушкување на сите кои користат телекомуникациски услуги на територијата на Република Македонија.

За потсетување, Член 17 од Уставот:

Се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење.

Само врз основа на одлука на суд може да се отстапи од начелото на неповредливост на тајноста на писмата, ако е тоа неопходно за водење на кривична постапка или тоа го бараат интересите на одбраната на Републиката.

Негативните последици од овој потег на власта се огромни: по луѓето во неа кои сега и „легално“ може да бидат прислушкувани без судски налог и без никаква можност да ги спречат веројатните злоупотреби, но и по меѓународниот углед на Македонија.

Носењето на ова „решение“ веќе имаше одек и во странство: на Боинг боинг осамна пост со дискусија на темава, кој го линкува и Повикот за заштита на приватноста од 16 НВО кој го поддржаа скоро 400 граѓани.

Боинг боинг е меѓу најпопуларните блогови на светот (седми во моментов, според Технорати), а постот e напишан од Кори Доктороу, влијателен новинар и писател на научна фантастика.

Некои домашни медиуми (Алфа, Сител, Кирилица) објавија вести за настанов, ако наидете и други линкови споделете ги во коментар, каузата на ФБ или по е-пошта.

Неопходно е домашната јавност да ги согледа последиците од овој чин и да го искаже своето мислење. Доколку ви е гајле за вашата приватност и приватноста на вашите блиски, поттикнете ги да се активираат на темава. Споделувајте информации и придружете се на претстојните активности за заштита на личните податоци.

Во историјата на Македонија добро е позната штетноста на шпијунирањето и кодошлакот, применувани од разни окулаторски и ненародни режими. Од забраните и во домот да се зборува на мајчин јазик, до прогон и терор врз нашите предци кои се осудиле да мислат со своја глава. Зар ќе дозволиме нашата сопствена држава да ги применува истите методи?!

Дали има начин да се дознае кој пратеник гласал за или против овие измени? Би било супер ако им пишете по е-пошта или на нивните профили на Фејсбук што мислите за овој чин. И секако потсетете ги оние меѓу нив што знаат да читаат да го прочитаат уставот, барем еднаш. Иако требале кога ја прифатиле работата за која добро ги плаќаме од нашите заеднички пари. Копија на неговиот текст има на веб-сајтот на Уставен суд, во менито „Основни правни акти“.

05 June 2010

Законски рамки за слобода на изразување во РМ

Во прилог се неколку извадоци од правни акти со кои се промовира/регулира слободата на изразување во Македонија.

  • Европска конвенција за заштита на човековите права и основните слободи
  • Устав на Република Македонија
  • Кривичен законик на Република Македонија: Кривични дела против честа и угледот

Нешто слично имаше објавено и Анти пред неколку години. Со цел подобро информирање на јавноста, се обидов да „прочистам“ тековна верзија на соодветниот дел од Кривичен законик на Република Македонија со измените кои се донесоа во меѓувреме, врз основа на документацијата од pravo.org.mk. Овој документ не го земајте здраво за готово, туку чисто информативно – за практична примена проверете прво со стручно лице.


Европска конвенција за заштита на човековите права и основните слободи

(Совет на Европа, во Рим, 1950. Извор на документот: Европски суд за човекови права)

Член 10
Слобода на изразување

1. Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.

2. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.


Устав на Република Македонија

(Извор: Уставен суд на РМ)

Член 16

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.


Кривичен законик на Република Македонија

Кривични дела против честа и угледот

Клевета
Член 172

(1)Тој што за друг изнесува или пронесува нешто невистинито што е штетно за неговата чест и углед, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.

(2)Ако она што невистинито се изнесува или се пронесува е од такво значење што довело до тешки последици по животот и здравјето на оштетениот или нему блиско лице, сторителот ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

(3)Нема да се казни за клевета обвинетиот ако ја докаже вистинитоста на своето тврдење или ако докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на она што го изнесувал или пронесувал.

(4)Тој што за друг лажно изнесува или пронесува дека сторил кривично дело за кое се гони по службена должност ќе се казни за клевета иако имал основана причина да поверува во вистинитоста на она што го изнесувал или го пронесувал, доколку изнесувањето или пронесувањето не е сторено под условите од член 176 став 2[3]. Вистинитоста на фактот дека некој сторил кривично дело за кое се гони по службена должност може да се докажува само со правосилна пресуда, а со други доказни средства само ако гонењето или судењето не е можно или не е дозволено.

Навреда
Член 173

(1)Тој што ќе навреди друг, ќе се казни со парична казна.

(2) Тој што друг јавно ќе изложи на подбив по пат на компјутерски систем поради неговата припадност на група која се разликува според расата, бојата на кожата, национална припадност или етничко потекло, или ќе ја изложи на подбив групата на лица која се одликува со некоја од тие oсобености, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Изнесување лични и семејни прилики
Член 174

(1)Тој што изнесува или пронесува нешто од личниот или семејниот живот на некое лице што е штетно за неговиот углед, ќе се казни со парична казна.

(2)Ако она што се изнесува или се пронесува е од такво значење што довело или можело да доведе до тешки последици по животот и здравјето на оштетениот или нему блиско лице, сторителот ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

(3)Вистинитоста или невистинитоста на она што се изнесува или пронесува во поглед на личниот или семејниот живот на некое лице не може да се докажува, освен во случај од член 176 став 3.

Омаловажување со префрлање за кривично дело
Член 175

Тој што со намера да омаловажи друг, ќе му префрли дека сторил некакво кривично дело или дека е осудуван поради некакво кривично дело или тоа со иста намера ќе му го соопшти некому, ќе се казни со парична казна или со затвор до три месеци.

Неказнување за кривичните дела од членовите 172 до 175
Член 176

(1) Нема да се казни тој што навредливо ќе се изрази за друг во научно, книжевно или уметничко дело, во сериозна критика, во вршење на службена должност, новинарска професија, политичка или друга општествена дејност, во одбрана на слободата на јавно изразување на мислата или на други права или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, ако од начинот на изразувањето или од другите околности на делото произлегува дека тоа нема значење на навреда или не предизвикало значителна повреда на честа и угледот на личноста.

(2) Во случаите од ставот 1 на овој член нема да се казни за клевета тој што известува за нешто што е јавно соопштено од друг, како и тој на кого му е оневозможено остварувањето на правото на пристап до информации од јавен карактер спротивно на прописите за слободен пристап до информациите, на кое се повикува во својата одбрана.

(3)Во случаите од став 1 нема да се казни тој што за друг изнесува или пронесува дека сторил кривично дело за кое се гони по службена должност иако не постои правосилна пресуда (член 172 став 4), ако докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на она што го изнесувал или го пронесувал.

(4) За изнесување или пронесување на лични и семејни прилики што е сторено во случаите од став 1, сторителот нема да се казни ако ја докаже вистинитоста на своето тврдење или ако докаже дака имал основана причина да поверува во вистинитоста на она што го изнесувал или пронесувал.

(5) Нема да се казни за омаловажување со префрлање за кривично дело тој што на друг ќе му префрли дека сторил кривично дело или дека е осудуван поради кривично дело во одбрана на некое право или при заштита на јавен интерес.

Изрекување судска опомена или ослободување од казна за кривичните дела од членовите 172 до 175
Член 177

(1)Судот може на сторителот на кривично дело од членовите 172 до 175 да му изрече судска опомена, ако бил предизвикан со непристојно или грубо постапување на оштетениот.

(2) Ако сторителот пред судот му се извинил на оштетениот во случаите на делата од членовите 172 ставови 1 и 2, 173 ставови 1 и 2, 174 ставови 1 и 2 и 175 ставови 1 и 2, а во случаите на кривичните дела од членовите 172 ставови 1 и 2 и 174 ставови 1 и 2 и ако пред судот го отповикал она што го изнесувал или пронесувал, ќе се ослободи од казна.

(3) Ако сторителот пред судот му се извинил на оштетениот во случаите на делата од членовите 172 став (1), 173 став (1), 174 став (1) и 175, а во случаите на кривичните дела од членовите 172 став (1) и 174 став (1) и ако пред судот го отповикал она што го изнесувал или пренесувал, ќе се ослободи од казна.

Повреда на угледот на Република Македонија
Член 178

Тој што со намера за исмејување јавно ќе ја изложи на подбив Република Македонија, нејзиното знаме, грб или химна, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците
Член 179

Тој што со намера за исмејување јавно ќе ги изложи на подбив македонскиот народ и припадниците на заедниците кои живеат во Република Македонија, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

Повреда на угледот на судот
Член 180

Тој што во постапка пред судот ќе го изложи на подбив судот, судијата или судијата поротник или тој што истото дело ќе го изврши со писмен поднесок до судот, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Повреда на угледот на странска држава
Член 181

Тој што со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив странска држава, нејзиното знаме, грб или химна или шеф на странска држава или дипломатски претставник на странска држава во Република Македонија, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

Повреда на угледот на меѓународна организација
Член 182

Тој што со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив меѓународна организација или нејзини претставници, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

Гонење за кривични дела против угледот на странска држава и меѓународна организација
Член 183

Гонењето за кривичните дела од членовите 181 и 182 се презема на барање на странската држава, односно меѓународна организација и по одобрение од министерот за правда.

Гонење за кривичните дела против честа и угледот
Член 184

(1)Гонењето за кривичните дела од членовите 172 до 175, се презема по приватна тужба.

(2)Ако делата од членовите 172, 173 и 174 се сторени спрема умрено лице, гонењето се презема по приватна тужба од брачниот другар, децата, родителите, браќата или сестрите, посвоител, посвоеник или друго лице со кое умреното лице живеело во заедничко домаќинство.

Објавување на судска пресуда
Член 185

При осудата за кривично дело сторено преку средствата за јавно информирање, судот по барање на тужителот ќе одлучи на сметка на осудениот да се објави судската пресуда или извод од неа, преку истото средство или на друг соодветен начин ако објавувањето преку тоа средство не е можно.

15 May 2010

Стипендии за блогери: конференција во Амстердам

Џастминс објави конкурс на кој два победници ќе добијат тродневна пропусница за конференцијата на ГРИ и покривање на патни трошоци и трошоци за сместување во износ до 1000 евра.

Се работи за глобалната конференција за одржливост и транспарентност која ќе се одржи во Амстердам од 26 до 28 мај.

Повеќе информации и пријавување на англиски:

13 May 2010

Ставот на Гоце Делчев за јавањето коњи

Во врска со дискусијата околу коњаничките статуи во центарот на Скопје, направени по урнек на претходните од српско време, наидов на интересен цитат од монодрама со Томе Витанов од 1993 година за која претпоставувам дека е направена според записите на Гоце Делчев:

„…им реков дека ќе станам учител, а не генерал, оти кој може најлесно да му се приближи на обичниот човек: Дали тој што е качен на коњ и носи сабја на колкот, или пак тој што ќе им [ги] учи неграмотните деца?“

06 May 2010

Чиле, први впечатоци

Дојдов во Чиле по повод Самитот на Глобал војсис за граѓански медиуми 2010 (#GV2010) со колешката Елена Игнатова. Како дел од официјалната програма нешто подоцна ќе држам презентација за македонската блогосфера (под уставно име, разбира се - како и другите активности на Метаморфозис).

Како обичен човек од Македонија што прв пат доаѓа во Латинска Америка веројатно имам доста предрасуди, со предзаења од стриповите за Мистер Но и „Откриче света у стрипу“ и неколку светски познати литературни дела. Може ќе биде интересно да изнесам некои забележувања...

Поглед на Сантијаго. Фото: Елена Игнатова

Сантијаго остава впечаток на добро организиран град со многу високу градби, зеленило и планини во далечината.

Има многу опции за превоз од аеродром до центароот, од минибуси за 10 долари по човек до цело ВИП-такси за 26 долари. Пари не мора да се сменат одма, во градот се добива поповолен курс. Банките се со чувари и често со дупли врати.

До градот води модерен автопат, а самиот Сантијаго има одлична сообраќајна мрежа, навистина широки улици (неколку пати пошироки од оние од фразата за Скопје) без дупки и јавен превоз (модерни автобуси, метро). На средина од коловозот од главниот булевар се протега паркче. Кога има гужва на семафорите застануваат полицајци кои не ги гасат, туку само поттикнуват и пазат да тече сообраќајот - можеби малце полека, ама без застои.

Улиците се целосно поплочени и сосем чисти. Градот остава „европски“ впечаток, некако како да си во северна Италија. Од прилика е десет пати поголем од Скопје и за сега го видов само центарот, кој личи „американски“ поради многуте деловни згради, но без зависноста од автомобилски превоз - има и широки тротоари и многу луѓе по улиците скоро во секое време. Впечатокот на деловна среденост остава и тоа што кога има потреба како пред шалтери или влез во метро, луѓето не се буткаат туку си чекаат стрпливо во ред.

Поглед од малото ритче на кое на времето конквистадорите
имале прво упориште во Чиле, а сега е парк во центарот
со споменици, опкружено со облакодери. фото: Елена Игнатова.


Жителите по улиците изгледаат елегантно и модерно. Често може да се видат млади луѓе во костуми или униформи како костуми, можеби вработени во околината на пауза или средношколци. Населението е мешавина од разни потекла, голем дел со „европско“ и доста светол тен, а има и многу што личат „индијански“ кои се исто со посветол тен или со комбинација на црти. Наводно има и доста емигранти од посиромашното Перу кои се поцрномурни.

Низ улиците има доста кучиња-скитници кои изгледаат доста здраво и ухрането. Се галат со луѓето и никој не се возбудува околу нив. Преку ден претежно си спијат, а навечер имам видено некои да трчаат по коли. Бев сведок и на една борба меѓу вакви кучиња, кога едно имаше фатено друго за нога и не го пушташе. Некои луѓе се обидоа да ги разделат без успех, кога меѓу застанатите се втурна едно момче и прецизно го шутна кучето во глава. Потоа кучето-гризач избега.

Катовите се бројат исто како во САД: приземје е „прв кат“. За разлика од таму, повеќето згради на приземје имаат продавници. Продавачите и се многу љубезни и најчесто не знаат англиски. На пр. барав адаптер за струја и откако една тетка не успеа да ми објасни како да дојдам до соодветната продавница за електрична опрема излезе надвор од својата да ме насочи директно. (Струјата ни е иста - „европска“ - ама дупчињата за штекери им се малце потесни од нашите и за некои треба „шуко“ додавка.)

Храната е прва лига, претежно со месо, иако имаат и доста зеленчуци и овошје. Салатите ги јадат посебно, а секаде има опција за свежо цедени сокови - од манго до диња. Едно национално јадење им е пастел де чокло (pastel de choclo) - затворено грне со слоеви мелена пченка, сецкано пилешко, мелено телешко месо и зеленчуци.

Ноќниот живот е активен и изгледа дека се базира на кафиќи слично како кај нас. Чиле е познато по своите вина, има и ендемични лози, но при излегување без јадење се пие пиво или писко, еден вид блага ракија. Основна форма на мезе е лепче и салса.

Иако викаат дека сеуште има мали потреси последователни на големиот земјотрес од пред некој месец, не ги осетив. Главното погодено подрачје е далеку појужно, во Сантијаго не видов никакви последици.

Како и се друго, образовниот систем изгледа на многу високо ниво. Поради големите растојанија меѓу престолнината и градовите на север и југ, во помалите градови обврзно има универзитети, да не мора да се мачат луѓето од таму да патуваат. Библиотеката во која се одржува самитот изгледа ептен модерно и одржувано, составена од неколку згради, подземна сала, поврзани со премини и мостчиња.

Чиле е пример за развој на нови медиуми во регионот и тоа една од причините зошто Самитот се држи тука. Чилеанците и на лично ниво и на институицонално ниво се многу комуникативни и отворени за соработка. На пример, организаторите се договорија со властите за учесниците од земји во кои нема чилеански амбасади да може да добијат визи на граница, што помина без проблем. Луѓето од некои земји како САД, Канада и Албанија (!) плаќаат „пропорционална“ такса за влез од 50-100 долари, веројатно затоа што нивните држави ставаат такви ограничувања за Чилеанците.

23 April 2010

Филмот „Јас, Дон Џовани“ на Скопски филмски фестивал

Го препорачувам филмот „Јас, Дон Џовани“ на Карлос Саура, кој имав прилика да го изгледам на првата вечер на Скопскиот филмски фестивал.

Вреди да се види макар само како лекција од ликовна уметност, особено мајсторски се „прелевањата“ меѓу пејсажите и театарскиот декор, комбинирањето на живи снимки и анимации направени врз база на старовремски слики. Стајлингот и фотографијата ги прикажуваа ликовите како да се излезени од некој од барокните стрипови на Мило Манара, а костимографијата е беспрекорна.

Приказна сместена во XVIII век со многу љубовни интриги и заведување на млада мома од постар опасник во зенитот на машката моќ потсетува на „Опасни врски“, а вклучувањето на Моцарт асоцира на Формановиот „Амадеус“. Арно ама, како што Моцарт и Лоренцо де Понте успеале веќе многупати раскажаната приказна за Дон Жуан/Хуан/Џовани да ја раскажат на нов начин, така и филмов дава нова интерпретација на разните веќе видени теми. Дополнително, јасно ги обработува и мотивите за слободата и моќниците, гревот и покајанието, оригиналното просветителство.

Токму ставањето на приказната за обичниот, семеен живот на измрцварениот генијалец Моцарт во втор план наспроти епските љубовни драми на Де Понте ја прави многу почовечна, потопла, во очекување на студениот факт дека композиторот го чека смрт на млади години – наскоро. Изведбата на Лино Гуинчиале, надополнета со шминката, одлично ја пренесува атмосферата на времето кога и највидните немале пристап до денес вообичаените „погодности“ како аспирин, а стоматологијата не постоела како поим.*

Случајно деновиве го препрочитував и расказот „Моцарт во рефлектирачки очила за сонце“ на Брус Стерлинг и Луис Шинер и баш некако ми легна и ликот и темата. Извинете за несмасниот превод, оригиналот е „Mozart in Mirrorshades“, првпат објавена во „Mirrorshades: The Cyberpunk Anthology“ од 1986 г., а и на пример и во „The Best Alternate History Stories of the 20th Century“ од 2001.

За жал и оваа година, ем снегот нè изненади, ем пак Скопскиот фестивал има ист концепт на веб-сајт, во вид на пресликана хартиена брошурка. Повторно описите на филмовите не се поврзани со времето и местото на прикажување (оти на хартија немало место). Повторно мора да се симнуваат ПДФ-ови за да се види најобична табела… Кај описите на филмовите се додадени и линкови до трејлери на Јутјуб, ама лицето што ги додавало не било баш предано на работата. Кај „Јас, Дон Џовани“, поврзан е трејлер – реклама за една современа продукција на операта „Дон Џовани“, а не за филмот (како во постов).

* За буквалистите: поимот стоматологија во англискиот јазик (dentistry) навистина прв пат се споменува во XX век, но забар (dentist) прв пат се појавил 1752 година, четири години пред да се роди Моцарт.

За смешните реклами и пропаганда преку песни

Од неделникот Глобус ме поканија да дадам изјава во врска со мојот текст за рекламните песни на ГВО (Macedonia: Ridiculous Advertising Songs) за наредниот број што излегува во вторник. Еве што им пишав синоќа:

Кратките видео клипови се многу податливи за „вирално“ ширење преку интернет, преку препраќање на линк од човек на човек. Економско-пропагандните пораки по дефиниција се вклопуваат во рамките на непишаните правила за вакви содржини, првенствено затоа што се работи за кратки снимки.

Поради повторливоста и здодевноста, најголем дел од гледачите отрпнуваат на ЕПП во други медиуми, развиваат толеранција (tolerance) слична на онаа на хероин. Но на интернет, каде што гледачите во секој момент може да изберат што да (не) гледаат, клиповите кои нудат сеир добиваат нов живот.

Можеби потсвесна причина зошто луѓето се спремни толку да им се ситат на рекламите „со фабричка грешка“, како дел од мотивацијата да ги споделуваат преку интернет, е фундаментално разочарување поради неостварливите ветувања од рекламите во целина. Козметички препарат ветува – младост, газиран пијалок – луда журка или екстаза, алкохолен пијалок – дружење или секс… нешта кои во реалноста доаѓаат многу ретко „во пакет“ со производот. А кога мора да слушате неостварливи ветувања, ве фаќа с’клет, дури и кога сакате да верувате во нив. Дури и ако не си признавате, чувствувате дека некој ви го троши времето, ви ја цица енергијата, за свој профит – што наталожува фрустрација.

Дополнителен фактор е што на македонскиот пазар имаме реклами направени од приучени луѓе со површни познавања на социјалната психологија, економијата и уметноста. Таквите автори и нарачатели покажуваат неспособност да ја погледнат својата идеја со туѓи очи. Фактор за неуспех е и „групното размислување“ (анг. groupthink) при носењето одлуки – рефлексното согласување со вкусот на водечката личност, или забраната да се искаже критички став.

Вложувањето во квалитетот на еден производ (а и рекламите се производ) е индикатор на перцепцијата на авторот за неговата публика. Исмејуваните реклами се само врв на ледениот брег на индустријата за забава/информирање која почива на потценување на интелигенцијата на гледачите, на спуштањето на стандардите со цел да се „покријат“ ама баш сите со неков НЗС. ’Ај да го асоцираме производов со нешто омилено: Музика, песна! Друго? Познати личности! Мешај! Додај и згодни жени!‘ Се добива концептуална клин-чорба некарактеристична за пазарно стопанство.

На интернет, преку исмејување на оние кои се обидуваат да ги замајат, обичните луѓе го возвраќаат ударот. Текстот на веб-сајтот Глобал војсис онлајн за смешните рекламни песни и спотови како македонски маркетиншки феномен освен на англиски до сега е преведен и на шпански, француски и бангла(дешки), што укажува дека темата и примерите може да се интересни и за поблиски, но и географски далечни публики.

26 March 2010

Грција: Статуа на Александар „од 7 милиони евра“

Пред десетина дена грчката полиција кај Кавала фатила двајца нивни државјани кои се обидувале да продадат на црно еден куп археолошки артефакти, меѓу кои и досега невидена бронзена статуа на Александар Македонски (англиски) за која се шпекулира дека е дело на прочуениот Лисип (српски).

Криумчарите наводно барале 7 милиони евра за статуата, а се обиделе да ја продадат цели година дена. Ако се потврди веродостојноста на претпоставките, случајов може да биде многу интересен, оти сите зачувани претстави на ликот на оваа историска личност се направени по неговата смрт.

Секако, тешко е да се очекува дека може да се добие конечна „најточна“ претстава за ликот, оти и самиот Александар бил свесен за пропагандата вредност на креирање имиџ преку статуи со идеални пропорции. Дури и Римјаните, кои биле многу по реализмот при прикажување ликови на претците, за статуите на царевите отстапувале од традицијата и ги претставувале поубави, позгодни, помажествени, помлади, повити…

Како и да е, веројатно ова овде го читате за првпат, оти колку што може да видам ниеден македонски медиум ја нема пренесено оваа вест, во екот на муабети за истории, статуи, Грции, Македонии итн. Нејќат или не можат?

10 March 2010

Како интернетот ти го сменил животот?

Можеби ќе ви биде забавно да се придружите кон одговарањето на прашањето од насловов, поставено од ББЦ како дел од одбележувањето на 20-годишнината на интернет како Суперсила.

Свои одговори веќе понудија:

Би било супер ако и вие објавите пост со вашето видување за тоа како интернет ви го сменил животот.

Планирам извадоци од таквите постови да презентирам преку скорешен напис на Глобал војсис онлајн, па известете ме преку коментар или приватна порака за линкот.

09 March 2010

Античко оро

„Античко оро“ во изведба на некое КУД „Никола Карев“ од Австралија се шири како чума на потсмевот по Фејсбук.

Зар не гледаат дека ваквите очигледни, новокомпонирани „народни“ „обичаи“ директно влијаат на нарушување на имиџот за исконското потекло на етничкото македонско наследство.

Барем пластичните костими и реквизити им изгледаат подобро од оние на роднокрајната фушерајска фаланга што ги пречека Хунзите.

01 March 2010

Пинг за промоција на блогерски содржини

ping-baner-za-okno2Драги колеги блогери и блогерки,

Веројатно веќе знаете за агрегаторот на македонски е-содржини Пинг, чија цел е да помогне што повеќе луѓе да имаат можност да ги прочитаат интересни и корисни написи од најразлични области.

1. За да се овозможи блогерите што подобро да го искористат Пинг, во Метаморфозис планираме да организираме средби со цел презентација и куса обука за користење. Ако има заинтересирани ве молам пишете ми директно, да може направиме распоред за најпогодни термини.

2. Пинг овозможува поврзувања на принцип на Web 2.0, преку поставување копчиња и виџети на вашите сајтови. Тие може да се подесат така што посетителите без да го напуштаат вашот блог да може да видат дали се гласани вашите постови и да на лице место да гласаат за нив (ако се логирани претходно или во друг таб).

Доколку го користите Блогспот или Вордпрес на независна платформа, овие линкови со поконкретни упатства кје ви бидат од полза. Се надевам дека наскоро ќе може да се уреди и вклучување виџет за Пинг во листата на одобрени плагини на Блогерај.

3. Пинг ги користи фидовите од категориите на Блогерај за да презентира што има ново во дадени области (групи), како и фидови од неколку десетици блогови што не се на Блогерај, особено оние што се на одредена тема па лесно е да се насочат во посебна група/заедница. Во моментов има над 250 активни фидови.

Идејата е да се овозможи што поточна категоризација, оти и самите посетители на Пинг откако ќе се логираат имаат право да одберат кои групи да не ги гледаат, па затоа во интерес на промоцијата на нови линкови е тие да бидат што подобро категоризирани.

Арно ама, ако не користите категории или ваиот фид не е вклучен, пишете ми или пријавете го самите (таб/јазиче: извор).

Сите линкови што се автоматски собрани од фидовите се појавуваат во делот НОВИ: СИТЕ, но за да се избегне спамирање само ако некој гласа за нив – значи побудиле интерес на некој член – одат во другите листи, па се појавуваат на насловна.

28 February 2010

Земјотресот во Чиле: повеќе информации

Доколку сакате да проверите дали ваши познати од Чиле се во ред, може да ви користи написов

или преку Твитер на

од каде волонтери ги проверуваат информациите на терен телефонски и сл. и потоа враќаат одговори ако можат.

Повеќе информации за настанот на Глобал војсис онлајн

За споредба, Скопскиот земјотрес од 1963 година имал силина од 6,1.

За разлика од Хаити, Чиле е функционална држава и институциите веднаш по несреќата почнале да си ја работат работата, почнувајќи од претседателката во заминување, која е политичарка со ретка храброст да објави дека е агностик.

Сега низ цел Пацифик има стравувања од цунами, како ова пренесено од Велеснет, за кое дознав преку Пинг.

27 February 2010

Скопје 2014 и компјутерските игри

Анимацијата „Скопје 2014“ на два пати беше поврзувана со компјутерски игри, ама пред сè од визуелен аспект. Носечката идеја на постов е поврзување со начинот на размислување.

Секогаш е интересно за некој што може да посочи дека бил во право со некое предвидување да потсети на тоа. За жал, кога предвидувањето е песимистичко, нема многу кеиф од задоволството дека си испаднал во право.

Пред точно три години, во обемниот текст објавен во Време и на мојот блог насловен „Во потрага по совршена стратешка игра“, се обидов да ги изложам разликите меѓу симулирањето и искуствата од стварноста:

Уште еден особено нереален елемент кај некои стратегиски игри како „Ерата на империите” е изградбата на светско чудо (build wonder) – најчесто огромни градби како пирамидите или вавилонската кула, што доведува до брза победа. Во реалноста, ваквите проекти се прескапи и со премал ефект наспроти изградбата и јакнењето на капацитетот на целиот економско-општествен систем: земјоделство, стопанство, наука, образование и одбрана.

Следи пример како изгледаат архитектонските чуда во гореспоменатата игра (Age of Empires).

Во играта, при стандардни услови, ако чудото го изградиш и не дозволиш да ти го уништат извесен период, победуваш. Историски гледано, без разлика дали во земјата имало светски чуда или не, подобро организирани непријатели успевале да ги победат градителите или нивните потомци и по потреба да си ги присвојат или уништат зградите. Луѓето, а не градбите се фактор за победа. Жал ми е што е така, но: нели ви реков.

21 February 2010

Најсубверзивниот наслов годинава

Заглавието на текстов од насловната страница на Дневник од пред некој ден има толку многу нивоа на значење што поттикнуваат на размислување што ми е страв да почнам да ги читам сите:

Ми текна на ова пред малку, кога преку Пинг дознав дека денешната емисија Ние ќе ја обработува темава.

За општа култура, запознајте се со еден поим од областа на христијанството: симонија. Ќе ви треба ако се интересирате за јавните муабети во Македонија.

(Провери да не има коментари на верзијата на написов на Блогерај.)

08 February 2010

Скопје 2014: Што е ова?

Фоткава ја земав од приказот на Мастер планот Скопје 2014 кај Зорив, па го истакнав делот за кој никој досега ништо не спомена, а си стои. Знае ли некој што е ова?

skopje-brandenburg

Мене ме асоцира на скулптурата на врвот на Брандербуршката порта. Штета што планов не е објавен и во 3Д-формат па со некој енџин да може да се шетаме низ него и да ги осознаеме сите детали кои скапо ќе не чинат и во потсмев и во пари.

Иако изгледа сеедно, оти нашиве властодршци ја имитираат Грција и во однос на јавните дебати на принципот „ни се може“. Како граѓани сме ставени пред свршен чин може само да си лаеме, додека оние што имаат моќ (власт) може да прават што сакаат без разлика на права или обврски. Имитирањето е највисок облик на обожување, меѓу другите има запишано и Ди Браун.

Многу „се изненадив“ (!) кога од некои уметници блиски до власта чув дека по сепак решиле храбро да го поддржат планот на режимот. Некои од нив никој не ги прашал, нити сакале да отвораат такви жешки теми од порано. Од маркетиншки аспект многу е интересен успехот во регрутацијата на секакви профили поддржувачи.

Попатно, со што заслужил приватниот бренд JVC да се рекламира преку клипови платени со јавни пари?

Неколку мислења на темава:

Чув дека доказ за уметничката издржаност на „Куќата на Мајка Тереза“ било што ја посетиле неколку десетици илјади луѓе (бројноста како критериум?). Ако ставиме ролеркоустер или банџи на плоштад, сигурно ќе бидат уште попосетени. И додека Луна-паркот во парк скапува, неколку корисни линкови за споредба

07 February 2010

Биографија на Никола Тесла (документарен филм на хрватски)

Документарниов филм за Никола Тесла поставен на Јутјуб потекнува од Хрватската радио телевизија. За цитатите, гласот на Тесла го позајмува Раде Шербеџија, кој го глумеше херојскиот гик и во биографската играна серија, една од најдобрите во бивша Југославија.