Блекаут

13 March 2026

„Ју Ту“ (U2), Ед Ширан и Тарас Тополиа објавија песна посветена на украинските бранители

 Кадар од спотот на „Ју ту“ - „Вечно твој/а“


 Ирската рок-група „Ју Ту“ (U2) и украинскиот режисер Иља Михајлус објавија краток документарен филм инспириран од песната „Вечно твој/а“ (Yours Eternally) на 24 февруари, по повод четвртата годишнина од почетокот целосната руска инвазија на Украина.

Едновремено филмот служи како официјален видео спот за песната која ја исполнуваат со Ед Ширан и украинскиот музичар и војник Тарас Тополија.

Мини-документарецот трае од 4,5 минути и ги прикажува секојдневните приказни на украинските војници од корпусот на територијална одбрана „Хартија“ (Khartia). Снимен во декември 2025 година на фронтот близу до Харкив во текот на контраофанзивата со која ослободиле неколку села во близина на Купјанск.

Според режисерот Михајлус, краткиот документарец е дел од подолг филм што планира да излезе до крајот на 2026 година и има за цел „да прикаже како бијат срцата“ на луѓето што се борат за слобода.

Песната „Вечно твој/а“ е последна песна на албумот „Денови на пепел“ (Days of Ash) објавен на интернет на 18 февруари 2026 година.

Боно ја објасни генезата на песната во интервју за нивниот дигитален магазин „У2 Пропаганда“. Текстот во форма на писмо од војник на фронтот во Украина го инспирирал Тарас Тополија, пејач на бендот „Антитила“ со кого се сретнале кога со Еџ ја посетиле Украина на покана на претседателот Зеленски, набргу по целосната руска инвазија во 2022 година.

„Ед Ширан ми го имаше дадено бројот на Тарас и кога му се јавив не беше баш приемчив... Всушност ми спушти слушалка... Испадна дека баш тогаш бил на маневри со Украинските сили на територијална одбрана и не баш во состојба да дискутира за музика!

„Извинете кој се јавува... Боно? Не не можам да зборувам сега... ќе ви се јавам подоцна... се надевам... ништо лично... малку сум зафатен.“

И навистина бил зафатен, бидејќи буквално се борел за живот, а секако и за животот на својата земја. Кога конечно се чувме, се најдовме на иста бранова должина...“

Потоа Тарас и бендот се виделе со Боно и Еџ додека свиреле метрото во Киив во обид да ги привлечат вниманието на светските медиуми, за да ги потсетат европејците дека Украинците „се борат и за нашата слобода, како и за својата“.

„Прашајте било кого од Источна Германија или Полска или Летонија дали мислат дека Путин ќе запре ако му се дозволи да ја заземе Украина? Тој ќе најде изговор да ја нападне и Ирска ако мисли дека е во негов интерес...“ предупредува Боно.

Тој заклучи дека со песната се обиделе да го пренесат духот на Тарас и неговите пријатели кои наспроти секојдневните ужаси кои ги трпат Украинците, сепак имаат позитивен став кон животот и „тој темен смисол за хумор и пркосен дух е она што го сакаме во врска со најдобрата рокенрол музика, онаа сила на личноста која се спротиставува на тешкотиите што ги носи времето во кое живееме...“