Блекаут

23 April 2010

Филмот „Јас, Дон Џовани“ на Скопски филмски фестивал

Го препорачувам филмот „Јас, Дон Џовани“ на Карлос Саура, кој имав прилика да го изгледам на првата вечер на Скопскиот филмски фестивал.

Вреди да се види макар само како лекција од ликовна уметност, особено мајсторски се „прелевањата“ меѓу пејсажите и театарскиот декор, комбинирањето на живи снимки и анимации направени врз база на старовремски слики. Стајлингот и фотографијата ги прикажуваа ликовите како да се излезени од некој од барокните стрипови на Мило Манара, а костимографијата е беспрекорна.

Приказна сместена во XVIII век со многу љубовни интриги и заведување на млада мома од постар опасник во зенитот на машката моќ потсетува на „Опасни врски“, а вклучувањето на Моцарт асоцира на Формановиот „Амадеус“. Арно ама, како што Моцарт и Лоренцо де Понте успеале веќе многупати раскажаната приказна за Дон Жуан/Хуан/Џовани да ја раскажат на нов начин, така и филмов дава нова интерпретација на разните веќе видени теми. Дополнително, јасно ги обработува и мотивите за слободата и моќниците, гревот и покајанието, оригиналното просветителство.

Токму ставањето на приказната за обичниот, семеен живот на измрцварениот генијалец Моцарт во втор план наспроти епските љубовни драми на Де Понте ја прави многу почовечна, потопла, во очекување на студениот факт дека композиторот го чека смрт на млади години – наскоро. Изведбата на Лино Гуинчиале, надополнета со шминката, одлично ја пренесува атмосферата на времето кога и највидните немале пристап до денес вообичаените „погодности“ како аспирин, а стоматологијата не постоела како поим.*

Случајно деновиве го препрочитував и расказот „Моцарт во рефлектирачки очила за сонце“ на Брус Стерлинг и Луис Шинер и баш некако ми легна и ликот и темата. Извинете за несмасниот превод, оригиналот е „Mozart in Mirrorshades“, првпат објавена во „Mirrorshades: The Cyberpunk Anthology“ од 1986 г., а и на пример и во „The Best Alternate History Stories of the 20th Century“ од 2001.

За жал и оваа година, ем снегот нè изненади, ем пак Скопскиот фестивал има ист концепт на веб-сајт, во вид на пресликана хартиена брошурка. Повторно описите на филмовите не се поврзани со времето и местото на прикажување (оти на хартија немало место). Повторно мора да се симнуваат ПДФ-ови за да се види најобична табела… Кај описите на филмовите се додадени и линкови до трејлери на Јутјуб, ама лицето што ги додавало не било баш предано на работата. Кај „Јас, Дон Џовани“, поврзан е трејлер – реклама за една современа продукција на операта „Дон Џовани“, а не за филмот (како во постов).

* За буквалистите: поимот стоматологија во англискиот јазик (dentistry) навистина прв пат се споменува во XX век, но забар (dentist) прв пат се појавил 1752 година, четири години пред да се роди Моцарт.

No comments: