Блекаут

25 August 2011

Александар Македонски и Калигула

Во чест на промоцијата на книгата Античка сегашност од Анастас Вангели закажана за вечерва од 21 час во ГЕМ клубот, пренесувам цитат од оригинален антички извор за тоа како еден политичар го користел митот за Александар за сопствено воздигнување пред народот.

Извадоци од книгата може да прочитате на Окно (1, 2), а владетелот кој се споменува во првиот е Калигула. Еве што за него има пишано Севтониј во неговите Дванаесетте римски цареви (2001, Култура, Скопје, стр. 257):
52 (lat, eng)

Во облеката и обувките не само што не го следел ниту стариот, ниту граѓанскиот обичај, туку не личел на машко, па, најпосле, ниту на човечко суштество. Во јавноста често се појавувал облечен во извезени наметки, украсени со скапоцени камења, во долги ракави и со белезици на рацете. Понекогаш облекувал свила11 и женска облека. Час носел влечки и високи потпетици, час војнички чизми, а му се случило да облече и женски ниски чевли. Често излегувал со златна брада, држејќи во раката божествени знамења – молња, тризабец или кадукеј, а го виделе дури и во облеката на Венера. Постојано, дури и пред воопшто да тргне на поход, носел триумфална одежда, а понекогаш го ставал и панцирот* на Александар Велики, што го пронашол во кралевиот саркофаг.
11. На мажите им било забрането да носат свилена облека (сп. Такит, Анали, II 33).
* Во македонскиот превод е употребен зборот панцир, синоним за оклоп кој во историски контекст најчесто се однесува на оклоп изработен од жица или метални прстени (анг. chain mail), додека во англискиот е попрецизно одразено дека се работи за градниот оклоп на Александар (анг. breastplate of Alexander the Great, лат. Magni Alexandri thorax) изработен од метални плочи со каков е и прикажуван во разни уметнички интерпретации. Панцир во современ контекст повторно означува баш таков тип оклоп – од плочи, што се носи како еден вид елек.

Бонус инфо во врска со и нашиот цар Калигула (цела географска и Република Македонија била дел од неговата држава) – имал навики слични на Бајо Паторот и е еден од главните ликови во одличната британска серија „Јас, Клавдиј“. Еве инсерт во кој царот држи говор по неуспешниот воен поход, во кој наместо да ја освои Британија ги натерал војниците да собираат школки по денешниот француски брег.


Верзија на постов е достапна и на

No comments: