Блекаут

08 March 2013

Со кои хероини пораснав? - денес на Вечерите на женски права


Вечерва, на 8 март 2013 година во 20 часот во Кинотека на Македонија ќе се одржи првиот дел од Вечерите на женски права во организација на агенцијата на ООН за жени „UN Women“ (Фејсбук настан).
Темата на четвртото издание на „Вечерите на женски права“ е претставувањето на сликата за/на жената во медиумите, во кое ќе се проектираат три документарни филма од поновата светска продукција, проследени со тематски дискусии, изложба, и поетски перформанс.
Вечерва ќе биде прикажан документарниот филм  „Чудесни жени“ (Wonder Women!, САД, 2012, 62 мин.) во режија на Кристи Гевара-Фланаган во кој се зборува за „Нераскажаната приказна за американските хероини ја следи фасцинантната еволуција и наследство на Супер-жената [sic] (Wonder Woman).“ По прикажувањето на филмот ќе има и дискусија на тема: „Со кои хероини пораснав?“ во која ќе учествувам и јас како еден од панелистите.



WONDER WOMEN! The Untold Story of American Superheroines from Vaquera Films on Vimeo.


Идејата ми е да споделам дел од моите познавања на популарната култура од Македонија од времето на СФРЈ, особено од осумдесеттите години на 20 век, на пример:
  • Во СФРЈ немаше посебни стрип изданија со Вондер вуман, но беше споменувана во контекст на Супермен и можеби Бетмен (лиценцирани изданија популарни ликови од истиот издавач). Мнозинството стрипови беа со машки ликови, особено најпопуларните шпагети вестерни.
  • Од друга страна, жените како главни или рамноправни ликови беа присутни во развиената стрип-индустрија. Во дел од нив главните ликови беа во тимови/групи/семејства во кои понекогаш имаше и женски членови или противници претставени како еднакво способни. 
  • Како носечки ликови. Во стриповите за деца Мини и Пата имаа сопствени стории (и често испаѓаа попаметни и поспособни од Мики и Пајо), а за поголемите редовни беа авантуристичките и научнофантастични стрипови како Модести Блејз, Акса, Црвена Соња, Свеа, Друна...
  • Постоеше и југословенка суперхеројка, Кет Клоу (Cat Claw) која беше полупародија на американските суперхеројски стрипови со поексплицитна визуелна презентација.
  • Го преведувам името како Чудесна Жена по аналогија на преседанот со преведот на името на нејзината помлада сестра Чудесната девојка (Wonder Girl) која беше присутна кај нас како дел од Нови Титани (Teen Titans) кои излегуваа во рамки на „Стрип Забавник“.

 


 

No comments: