Блекаут

12 January 2023

Мал мултимедијален водич за референците од стрипот „Стармен: Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“

Насловната страница на  стрипот
„Стармен: Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“

На 8 јануари, по повод роденденот на Дејвид Боуви (1946-2016) напишав една нишка на Твитер so неколку впечатоци за едно од најновите македонски стрип-изданија, „Стармен: Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“ од гермaнскиот автор Рајнард Клајст (објавен од Бункер во декември 2022). 

Идејата ми беше и да споделам линкови до неколку мултимедијални содржини кои ги најдов на нет, додека го читав стрипот, па нишката испадна и своевиден водич за референците за делата на Боуви и други уметници споменати во стрипот што ми беше новогодишен подаро и го читав во текот на празниците. Решив да го објавам и во форма на блог-пост, кој на љубопитните читатели ќе им овозможи полесно ширење на искуствата и видиците.

Техничики стрипот е многу квалитетно изработен, тврд повез и дебела хартија, а преводот од германски на Симона Мирчевска е беспрекорен. Накратко книгата е одличен за подарок за добитници што не се малограѓани (бидејќи содржи и многу работи што кај нас не се општопознати или се заборавени).

„На малограѓаните им се допаѓа само она што веќе им е познато.“
Кадри од стрипот „Старман...“ на Рајнхард Клајст.

Стрипот е полн со музички и културни референци, а многу од нив се достапни на нет и читањето може да инспирира прекрасно истражување. На пример на официјалниот Јутјуб канал на Боуви го има цел албум „The Rise and Fall of Ziggy Stardust and the Spiders from Mars“. Насловот на стрипот е наслов и на една од песните. 

Стрипот не е само за периодот кога Боуви го игра ликот на рок-пророкот Зиги Стардаст (Ziggie Stardust) во текот на 1972-73 година, во него има „флешбекови“ за претходниот период, визуелно одвоени со поинаква палета. 

Дознаваме за интелектуалните влијанија врз младиот Дејвид Џоунс, од џезот на Џон Колтрејн и рокенролот на Литл Ричард, до битниците, од писателот Џек Кеурак до поетот Ален Гинсберг (кој имал врска со Македонија, како лауреат на Струшки вечери на поезијата во 1986 година). 

Културните влијанија на Дејвид и неговиот постар брат
во стрипот „Старман...“ на Рајнхард Клајст.

На стр. 25-26 Дејвид како дете гледа ТВ-серија за Флаш Гордон, според легендарниот стрип на Алекс Рејмонд. Овој стрип подоцна игра голема улога во рок историјата со „Квин“, кои ја направија музиката за истоимениот филм.

Насловни страници од стрипови со Флаш Гордон од оригиналниот
автор Алекс Рејмонд и еден од неговите наследници, Ден Бери.

 Серијата е од 1954 година и ја има цела на Јутјуб.


На стр. 38-40 e oпишан настапот на „Топ оф д попс“ на ББЦ на 6 јули 1972 г. за кој се смета дека Дејвид Боуви го направил ѕвезда, а влијаел на еден куп британски рок-музичари кои станале ѕвезди во осумдесеттитe. 

 

Во описот на снимката на каналот на Боуви на Јутјуб е наведен список на британски музичари што станале ѕвезди во осумдесеттите кои изјавиле дека гледањето токму на овој настап пресудно влијаел на нивната кариера.

"The performance launched Bowie to stardom. Thursday 6th July, 1972, is said to be 'the day that invented the 80’s’ as so many musicians who went on to be household names saw the performance and it changed their lives. Those watching that night included U2’s Bono, The Cure’s Robert Smith, Boy George, Adam Ant, Mick Jones of the Clash, Gary Kemp of Spandau Ballet, Morrissey and Johnny Marr of the Smiths, Siouxsie Sioux, Toyah Willcox, John Taylor and Nick Rhodes of Duran Duran, Dave Gahan of Depeche Mode and many more."

  Овој период од кариерата на Боуви влијаел и на развојот на рок музиката и кај нас, пр. една од најголемите (пред да се расипат со национализам) југословенски групи Рибља Чорба имаше песна од жанрот „жал за младост“ насловена „Свирао је Дејвид Бови“.  

„Svirao je Dejvid Bovi
I Pauci s Marsa
Tad smo bili kao novi
A sada smo farsa“

Инаку, „Пајаците од Марс“ го добиле името според еден инцидент од  1954 г.  кога публика на фудбалски стадион во Фиренца видела „неидентификувани летечки објекти“ за кои потоа било објаснето дека биле пајакови мрежи кои ги носел ветрот. Се случува до ден денес...

На стр. 48 во флешбекот од '64 е опишана средбата на Дејвид со Марк Болан, уште една легенда на глам-рокот, кога менаџерот Лесли Кон ги мести да му ја варосаат канцеларијата. Најпозната или „највртената“ песна на Болан и групата „Ти Рекс“ кај нас е „Children of the Revolution“ од 1972 г.

На стр. 49-50 Дејвид го одбира презимето Боуви. Менаџерот Кенет Пит го прашува дали е според нож, а Дејвид одговара дека е според Џим Боуви од филмот „Аламо“ (The  Alamo, 1960). Во тој период популарноста на вестерн-филмовите била на ниво слично како денес суперхеројските филмови на Марвел/ДЦ или Војна ѕвездите.

Инаку типот на нож боуви (Bowie knife) има врска со Џим Боуви. Бил измислен од неговиот брат Рејзин, а Џим како „селебрити“ и подоцна „народен херој“ на Тексас го популаризирал по Дивиот Запад како комбинација на бодеж за борба и работен „траперски“ нож.

Практично сите песни што се споменати во стрипот читателите може да ги најдат или на каналот на Боуви на Јутјуб или да ги изгуглаат ако се од други изведувачи (Лу Рид и Велвет Андеграунд, Иги Поп итн.). 

На каналот од НАСА исто може да се најдат и снимките од летот на Аполо 8 (стр. 59).

Дел од општа култура е дека „оној филм на Кјубрик“ што Дејвид и идната сопруга Анџела Барнет го гледаат во кино е „2001: Одисеја во вселената“ . Прикажана е сцената со дијалогот на астронаутот Дејв и компјутерот ХАЛ 9000.

Тоа е воведот кон делот посветен на песната „Space Oddity“ (стр. 60-67) кој ептен ми се допадна. 

Боуви како Мајорот Том, слика од задната корица.

Во стрипот избраните стихови од песните се предадени изворно, на англиски. Се прашував дали има смисла да се преведат во фусноти, ама штом авторот нема оставено графички место за нив заклучив дека вака било и во оригиналниот стрип на германски.


Театарската претстава од стр. 94-95 на која Дејвид и Анџела ги запознаваат идните соработници Тони Занета и Чери Ванила се вика „Andy Warhol's Pork“.

Потоа на стр. 98-99 Дејвид и Анџела одат во Њујорк каде во Фектори се запознаваат со Енди Ворхол, за кој Дејвид има напишано песна. Стрипот е верен на описот на настанот од Занета и  снимката што ја има направено самиот Ворхол.


Неколку децении подоцна, во биографскиот филм за Баскијат, токму Дејвид Боуви ќе ја игра улогата на Енди Ворхол.

Од стр. 146 може да се добие впечаток дека откако заедничкиот менаџер го „отпуштил“, Иги Поп бил огорчен во однос на Боуви. Арно ама по десетина години во интервју со Дејвид Летерман, а и подоцна низ животот, Иги искажувал топли чувства и уметничка разбирачка.


Последниот, проштален последниот концерт на Зиги Стардаст и Пајаците од Марс во Хамерсмит Одеон во Лондон, исто така може да се најде на Јутјуб, како плејлиста од неколку видеа. 


На крај Клајст најавува и продолжение на биографијата :-), со „берлинскиот период“ кога Боуви патувал и низ источна Европа и со Брајан Ено има направено песна насловена „Варшава“.

No comments: