Интервју за веронауката со д-р Зоран Матевски, професор по социологија на религиите:
Вест: Уставниот суд ниту ја прифати ниту ја одби веронауката во школите. Владата побрза и го искористи вакуум просторот додека Уставниот суд не се комплетира. Вие бевте поканет како експерт да дадете ваше мислење. Дилемата на Уставниот суд беше дали верската настава во школите ќе претставува и верско дејствување?
Матевски: Јас мислам дека нема да биде верско дејствување, под услов ако не се вршат верски ритуали во училниците. Не смее да се дозволи наизуст да се учат молитви.
Вест: Ако наставата почнува со Оче наш или молитва кон Мухамед [sic], дали тоа значи верско дејствување? Која е границата на дејствување и настава?
Матевски: Ако свештеникот наместо да ја објаснува молитвата, ја практицира, тогаш тоа е ритуал. Или, пак, да ги тераат децата да се клањаат или наизуст да кажуваат молитви. Тоа никако не смее да се дозволи. Тоа може да се прави само во верски објект. Но ако професорот објаснува што значи Оче наш, тоа не е дејствување. Мора да има граница.
Жарко Трајаноски на Зомбификација известува за формите на верско дејствување присутни во планот за настава по веронаука. Меѓу другото:
...„Часовите започнуваат со молитвата „Оче наш...“ (за почеток учителот ја кажува молитвата, а во следните часови учениците читаат заедно со него).
...
„да ја научи формата на клањање намаз“
...
Тоа што се испостави дека анкетите биле местени е скандалозно, но ретко кого може да зачуди дека разбројувањето поттикнало верска нетрпеливост меѓу децата. Било кое од претходните нешта може да послужи како основа за укинување на оваа разидинувачка иницијатива која ја поткопува секуларноста на државата.
Дека народот не е баш толку наивен може да се види и од приказната Мачорот, аџија и после калуѓер, оригинално запишана од Марко Цепенков и пренесена на сајтот Македонскиот народен гениј, при што некои термини се лекторирани во постандардна форма (на пр. место кауѓер, калуѓер).
Во приказната, оној кој ја има моќта (мачорот) со цел да ги прелаже своите жртви (глувците) се преправа дека е многу религиозен.
Откога беше се научил мачорот оти стаорите ги научиле глувците да не излегуваат од дупка надвор, и откога гладувал многу дни, измислил еден марифет да им прави на глувците.
Нашол една калуѓерска шапка и една долга раса; зел едни црни броеници подолзи од него, та отишол в црква кај амбарот што ја збираат црковната пченица, и застанал спроти дупките од кај што излегуваа многу глувци и фатил да се крсти и метании да чини и да ги трга броениците зрно по зрно и да вика што може и не може: „Господи помилуј, Господи помилуј, Господи помилуј; прости ме мене, Господи, прости ме мене, Господи, оти многу сум грешен!“
За љубителите на аналогии може да биде забавен и делот со стариот стаорец кој им дава на помладите совет да почекаат додека не дојде поповолно време, но тоа е веќе друга, неверонаучна тема.
No comments:
Post a Comment