Блекаут

07 July 2011

Одговор од Шакира за ѓоа македонското потекло

Дезинформацијата дека Шакира имала македонско потекло пред неколку дена навидум координирано ја имаат објавено два-три провладини медиуми, меѓу кои Сител и Курир, а ја прошириле и многу копи-пејт портали. Денес „крваво“ ја потврдува и Утрински весник. Не знам дали се работи за елемент од нова кампања за подигање на расположението на населението (можеби ќе излезат и спотови со слоганот „Многу сме важни“ или „Ај уште да се лажеме“), но со две пребарувања на интернет може да се утврди дека прашањево било решено уште во 2007 година.

Vest_2007_Shakira

Во петок, 2.2.2007 Вест објавил текст за тоа како македонска делегација на некој рекламен настан ја прашала Шакира за ова и таа многу шармантно ’им се насмеала у фаца‘ (иако воведот на насловната е спинуван да ги подгрее надежите кај заинтересираните за „коренување“).
На прес-конференцијата во Берлин на кој присуствувале над петстотини новинари од целиот свет, на Шакира, како најтиражна колумбиска пејачка на сите времиња со продадени околу 50 милиони копии од албумите, организаторот дозволил да и се постават само четири прашања. Живкица Ѓурчиновска, како што ни изјави, и го поставила најпровокативното: „Дали има македонско потекло?“ откако на познатиот веб портал www.imdb.com било наведено дека таа е од колумбиско, либанско и македонско потекло.
- Шакира ми одговори со смеење дека е пра, пра, пра внука на пра, правнукот на Александар Велики… за потоа да ми објасни дека за жал, тоа не е точно, но би сакала да има македонски корени, ни изјави Живкица која ексклузивното интервју со Шакира ќе го емитира во нејзината нова емисија „Но лимитс“ на телевизија Сител.
Далеку полесно се наоѓа друг текст за истиот настан (всушност, еден вид комерцијален оглас) во кој–многу интересно–е споменато прашањето, но не и одговорот. Фама!
Дали авторите на новите текстови на темава ја утнале работава ненамерно, оти не знаат да пронаоѓаат информации достапни преку интернет, или пак намерно испуштиле или заборавиле нешто што било во напис од насловната страница на еден од најчитаните весници во тоа време?

Јас им се ставам на располагање на сите новинари да ги научам за вештината и уметноста на пребарување, па можеби тоа ќе биде лек и за еден аспект на проблемот на „кратко памтење“ на македонската јавност.

Всушност „оригиналната“ вест од Сител и Курир изгледа како изговор чија цел е да се спомене политичар од власта и може да им послужи на луѓето заинтересирани за деконструкција на пропаганда за пример на монтажа и „реконтекстуализација“. На пример земена е снимка на Шакира што го споменува татко и на англиски, а демек-преводот што оди на македонски кажува дека бил со македонско потекло…

Самонаречени патриоти, не губете надеж! Ако сакате да продолжат да ве лажат ретрокомунистите, земете предвид: Либан бил дел од рутата на Александар! И дел од неговото царство. Може сепак некој војник од нашиве краишта бил предок на таткото. („Кај што поминува војска, трева не расне, но раснат деца“ – Иво Андриќ.) До душа, поголема е веројатноста и дека некои од современите Македонци имаат либанско потекло, преку далеку поприсутните Османлии, но подобро да се врти муабетот кон Шакира отколку да се дига паника заради новиот бран поскапувања, како она на маслото за јадење. Нели?

No comments: