Блекаут

18 March 2013

Скопје 2014, споменикот на Цар Самуил: Печатни грешки излеани во бронза

Еден од примерите за фушерај во проектот Скопје 2014 е и плочата со објаснување пред споменикот на Цар Самуил. Плочата е излеана во бронза, на македонски и англиски јазик.

 
Преводот е прилично буквален, со конструкции на реченици целосно пресликани од македонскиот и како такви прилично несмасни ако се споредат со вообичаените на англиски.


Очигледно е дека пред да се излее во бронза текстот никој не го погледнал два пати, дури ни самиот преведувач. Кај делот за автокефалноста има и апла печатна грешка кај што им останало и некое претходно „autoce-“ пред „autocephalous“. Во нормални околности ваков запис, наменет да остане трајно и вечно да комуницира со странските гости, би требало да го погледне и локален стручњак (лектор-коректор) и можеби роден говорител на целниот јазик. А овде не бил вклучен ни автоматски спелчекер.

Под претпоставка дека поставувањето вакви споменици е оправдано, одговорните би морале да одговараат и за самата презентација на содржината и изборот на јазици. Дискутабилно на пример зошто баш се фалиме со пљачкашкиот поход и уништувањето на Задар, а не е спомнат грабежот на Лариса. Покрај основниот македонски е избран само неслужбениот англиски, наспроти на пример албанскиот со кој би помогнало да се индоктр... образуваат голем дел од локалните жители и е службен на ниво на Скопје. Контекстот на Самуил го прави интересен и за туристите од соседните балкански земји, па би било логично и ним на нивниот јазик да им се промовира официјална верзија на историјата, што е суштинската причина за дигањето на тој споменик, меѓу другите.

Башка што има тука и фактички „недоследности“, за разлика од Саудиска Арабија која е наречена според владеачкото семејство, државата не се викала Самуилова - референца која се користи во современото македонско творештво по 1945 година, ниту Гаврило-Радомирова според син му и наследникот после смртта на основачот... Но тоа е друг муабет.

1 comment:

pedagog said...

И помагав (преведував) на ќерка ми за писмена работа. Ова ми се виде помудро од се она што можам да ги искажам со свои зборови на оваа тема, а го кажале пред векови.

Од „Предисловието“ на Теодосиј Синаитски кон книгата на Кирил Пејчиновиќ: „Мнозина на старо време сакаха да остават некое вечно по своја смерт, ради да се спомни нихно име вечно, по свој народ: едни царови, други благородни мажи, но не сподобиха се. Оти: все что сотвориха, или направиха, сето тлено и суетно на кое што беше радение нихно, да создадат некој град многонародни, или некој образ идолски, или некој столб велики, или некоја мудрост мирскаја и ради сије не сподобиха се да се спомни нихно име вечно; всето изгуби се и името нихно со мудроста нихна, оти беше радението нихно все на мирољубие и не имаха смисла нихна ради душевное спасение, како да спасат некој человек от растурен ум, сиреч: от гордост да го приведат на смирение, от среброљубие на милостиња, от завист на љубов“.