Иако Загор не ми е омилен јунак, го купив првиот број од новиот стрип на македонски со него, со епизодата „Речни волци“. Го сторив тоа во знак на поддршка на новата издавачка куќа
М-комикс, кои ветуваат дека ова е само почеток и дека ќе понудат и други изданија со време.
Првиот впечаток од изданието ми е дека е солидно направено, квалитенто испечатено и склопено. Од М-комикс ги најавуваат и Дилан Дог и Магичен Ветер, кои се стрипови наменети за повозрасна публика, што е добро. Иако на многумина кои читале стрипови на времето прво што им паѓа на ум е Загор, тој не е прв избор на повеќето посветени љубители на стрипови и колекционери. Но јас верувам дека како и во другите области на човековиот живот, и кај индустријата на стрипови треба да се има на ум пирамидата на Маслов - не може да се развива висока уметност без продукција за широка потрошувачка која служи како основа за регрутирање нови уживатели на медиумот.
Од опусот со Загор има и неколку приказни што ми се допаднаа и на
времето и неодамна, кога српски
Дарквуд „Весели четвртак“ ги реиздаде собрани во посебни
книги. Тоа се претежно приказните со научно-фантастична и
епско-фантастична тематика, како Фанта Чико, со Хелинген и со
паралелниот свет Голнор, од кој највпечатлива како на дете ми беше
„Na krilima noći“.
Ако веќе работат со Бонели, би препорачал на М-комикс да го прошират асортиманот со другите понови изданија, на пример со La Storia.
Како читател, многу ми е важно преводот на странски дела да биде квалитетен. На пример
погрешниот превод од српски ми беше толку одбивен што не сакав да ги купувам македонските верзии на Марти Мистерија и Дилан Дог што ги издаваше некоја друга издавачка куќа пред неколку години. Преводов на првиот нов „Загор“ е од италијански и ми се гледа сосем океј, со една мала грешка дека не го превеле името на еден од индијанците од англиски, стои Sunset Crow наместо на пр. Врана на зајдисонце, а има еден друг што го викаат Сива Пума (наместо што знам, Grey Cougar). Ете, кога ова би било рецензија, тоа би било единствената маана.
1 comment:
По грешка како издавач на новата серија на „Загор“ на српски го наведов „Дарквуд“, ама по интервенција на читател го исправив во „Весели четвртак“.
Post a Comment