Блекаут

17 July 2014

Како да заработите од надрилекари и слични продавачи на „магични“ лекови?

На сликава е оглас во кој се користи лик на позната личност (писателка и ТВ-водителка која нема ниту студирано медицина) да ве убедат да купите некој производ кој наводно ќе ви ги реши здравствените проблеми.

Оглас на Фејсбук за магичен лек ставен во контекст.
 
А самиот минерал зоолит не е баш нешто наивен, иако има медиумска кампања за негова промоција, чиј дел е обработен и во оваа рецензија (дискусија на Фејсбук) од Сервис за проверка на факти од медиумите. Некои медиуми и несвесно, беа проверка на фактите, учествуваат во такви промоции.

Еве што треба да направите ако веќе сте се решиле да купите било каков производ за кој ви ветуваат дека ќе ви ги реши здравствените проблеми.

  1. Пред да го купите, направите преглед кај лекар да ви даде потврда дека навистина го имате здравствениот проблем што сакате да ви биде решен.
  2. Кога ќе го купувате производот, зачувајте што повеќе документација. Освен фискални сметки и слично, пробајте да го документирате и разговорот со продавачот. На пример, пратете им е-пошта со прашање од типот „имам ваков и ваков проблем, дали ако го купам вашиот производ ќе оздравам?“. Зачувајте ги нивните одговори снимени. Ако разговарате усно, направете го тоа пред што повеќе сведоци.
     
  3. По изминување на одредениот период во кој ви ветиле дека ќе бидете чудесно излекувани отидете на доктор и направете го истиот преглед од точка (1).

    3.1 Ако сте излекувани - супер, браво!

    3.2 Ако не сте излекувани, имате основ да ги тужите измамниците што ви дале лажна надеж, ви го потрошиле вашето време и ви ги зеле вашите пари за измама. 
Според македонските закони за измама може да се тужи само ако имало размена на пари меѓу странките. Вие освен да ви ги вратат парите, може да ги тужите и за душевна болка и можеби и за нарушување на вашето здравје, за штетата што сте ја претрпеле од нивниот „лек“, но и за штетата што сте ја претрпеле заради тоа што наместо да се лечите како што треба, во медицинска установа и со медицински методи, ве лечеле со надрилекарство. За ова може да земете многу повеќе пари од самата цена на лекот.

Најдобро е да не се ујдисувате со надрилекари, бајачи, исцелители и било кој друг што е надвор од научниот медицински систем, па дури и да ви ги препорачува некој како Том Круз, Буковски, Жељко или Тозовац. Техниката да се користи некој на позиција на авторитет (славна личност, дури и некој со академска титула) за да се пласира некој производ е честа појава во маркетингот. Особено неетичкиот маркетинг, кога рекламирањето не е засновано на вистинити податоци, а научни истражувања не го потврдуваат она што се тврди за производот.




Пример на ваква практика е „ефектот на д-р Оз“, кој промовира разни „чуда“ и „магични“ решенија за здравствени проблеми од позиција на авторитет, со користење на титулата „доктор“ што укажува на медицинска научна потврденост, а не како приватно лице кое нешто си верува т.е. „некој тип што се вика Мехмед“, што би рекол Џон Оливер. Затоа и бил на испитување пред комисија Сенатот на САД за заштита на потрошувачите и безбедност на производи, каде што посрамено признал дека нема научна основа за некои од неговите тврдења дека некои додатоци во исхраната се „магични“ или „чудесни“.

1 comment:

Anonymous said...

Da de, doktor sto ke ti prepise lek cuda prai, od mrtvi stanuva... zatoa od hemoterapijata poveke umiraat nego sto se lekuvaat....posto e vo naucniot medicinski sistem...