Блекаут

21 December 2014

Прв приоритет на нацистичката пропаганда бил да го претстави Хитлер како економски гениј

Раширена заблуда е дека Хитлер „ја оправил“ економијата во Германија. Тоа е траен резултат на тоа што прв приоритет на нацистичката пропаганда во која биле впрегнати сите ресурси на заробената држава била да го претстават фирероот како економски гениј.

Вистината е дека нацистичка Германија живеела „на кредит“, а почетниот прилив на пари не бил од создадена нова вредност, туку од заеми, а потоа, од грабежи - прво од сопствените граѓани, како Евреите и политичките противници (конфискација на имотот), потоа преку освојувачки војни и воведување буквално ропство, при што државата била најголемиот робовладетел. Робовската работна сила се користела и директно од неа и била делегирана на капиталисти кои користеле логораши и воени заробеници во своите фабрики, фарми и други стопански објекти. На окупираните територии воведувале и нови парични единици без покритие, а ги краделе златните резерви. Затоа постојано им требало да освојат нови територии.

Германија кога Хитлер дошол на власт имала невработеност од околу 33%. Нацистите се фалеле дека за неколку години ја намалиле драстично. Некои од мерките биле:
  1. Бришење на жените од евиденција на невработени. Бидејќи според нивната доктрина, „природно“ место за жените е да седи дома и да раѓа повеќе деца. Овие „семејни вредности“ имале одраз и во нивната уметност.
  2. Бришење на „непожелните“ етнички малцинства, како Евреите и Ромите, од евиденцијата на невработени. Тие биле отпуштани од работа, им биле земани бизнисите, ама како граѓани од понизок ред немале право да се пријавуваат во Агенција за вработување. Како „непожелни“ во логорите на смртта биле праќани и луѓето со попреченост.
  3. Бришење од евиденција на сите што биле посочени како „неподобни“, односно „предавници“ - луѓето пратени по логори и затвори по било кој основ, на пример членство или симпатизерство на „погрешна“ политичка партија, вербален деликт, сомнение за хомосексуалност, роднински врски или пријателски односи со членови од (2)... 
  4. Бришење од евиденција на „лојалните граѓани“ кои биле мобилизирани во војска, потребна за освојувачките војни, аншлуси итн. 

Графикон „Невработеноста
кај другите“ (1938)
 Графикон „Социјална помош за
семејствата на војниците“ (1939).

Еве два линка со примери на нацистичка пропаганда во врска со економијата. Од вториот се извадени графиконите со споредби од типот „колку во странство е полошо од кај нас“.
Го препорачувам и написот „Заводливата економија на нацизмот“ од Ѓурѓа Кнежевиќ, објавен на Окно:
„Експропријацијата и продажбата на имотите на Евреите биле фискално-политички цели, и тоа не само за Германија и во 1938 година. Оваа постапка се претворила во модел кој преку окупацијата на другите земји и со воспоствувањето на сателитските држави се извезувал и систематски се користел и во тие земји.“
Да посочам дека на овој аспект од историјата на пропагандата прва ми има укажано Билјана Бејкова.

No comments: