Блекаут

04 April 2006

Еволуцијата и генетиката се лек за расизмот

Сметам дека познавањето на законот теоријата на еволуција и механизмите на генетиката се неопходни за сите кои имаат намера да се спротивстават на ширењето на расизмот и другите облици на нетолеранција.

Ова е особено важно поради тоа што свесното и несвесното прифаќање на теоријата на еволуција е една од основните карактеристики на современото општество. Влијанието на делото чиј зачетник бил Дарвин се огледа и во бурните реакции против него од страна на:
  • „креационистите“ (creationists) - најчесто религиозни фундаменталисти – и христијански и муслимански, како и од
  • злоупотребата на искривоколчени верзии на теоријата за „докажување“ на сопствената супериорност, вградени во идеологијата. Најгрозен пример за ова се германските нацисти од првата половина на XX век, но истото се среќава кај сите форми на ксенофобичен национализам.
Разбирањето дека сите луѓе на светот имаат блиски заеднички предци, и дека расите, а особено народите се релативно нова појава, е нешто што на долги патеки ги елиминира изговорите со кои се заговараат злокобни поделби.

Во научната јавност, еден од последните изблици на расизам поврзан со антропологијата и палеонтологијата е забележан во 1953 година, кога Рејмонд Дарт (Raymond Dart) ја објавил својата сеуште контроверзна теорија дека аустралопитекусите користеле оружја за лов. Популаризаторот на науката Роберт Aрдри (Robert Ardrey) пишува во неговата исклучително влијателна книга „Африканска генеза“ (African Genesis):
„Месојадната транзиција од мајмун кон човек“ (The Predatory Transition from Ape to Man) бил труд што ниедно вообичаено научно списание би го пипнало, па се појавил во „Интернационалниот антрополошки и лингивстички преглед“ (The International Anthropological and Linguistic Review) од Мајами. Потресениот уредник на ова исклучително списание сепак напишал вовед на делото на Дарт со кој се откажал од одговорноста за заклучоците на авторот, па дури и за однесувањето на самите аустралопитекуси. Воведот завршува со бедна воздишка: „Секако тие биле предци само на модерните Бушмани и црнци, и ничиви други“ (италикот е на уредникот).
Aрдри понатаму не навлегува во објаснување на расизмот на уредникот, туку се концентрира на тоа дека главната контроверзност во делото на Дарт е идејата дека аустралопитекусот еволуирал „затоа што бил убиец“ (Killer Ape Theory). Aнатомските промени како исправен òд и потреба од трчање, губење на муцката како непотребна, како и користењето оружја наместо за непостоечките канџи и заби, довеле до очовечување. Но историскиот момент е јасен. Иако тоа се случува по победата над нацизмот и целосното стигматизирање на таа идеологија, во 1953 година црнците во Америка сеуште биле сегрегирани, а големите европски сили сеуште поседувале колонии по Африка...

No comments: