Најидикативно во врска со неодамнешниот црковен напад против правото на жените да располагаат со своето тело олицетворен во текстот „Беседа против абортусот“ е отсуството на реакција од државата, која ако е секуларна треба да ги брани ваквите фундаментални права на граѓаните.
Имаше реакции од експерти и од невладините организации, при што особен впечаток ми оставија прашањата на Жарко Трајаноски:
...на православните борци за правата на ембрионите би им поставил неколку прашања. Ако се толку убедени дека животот на човекот почнува по зачнувањето, зошто тогаш го слават како Рождеството Христово денот кога Исус излегол од утробата на мајка му? Зошто не ги слават своите родендени на денот на зачнувањето, туку на денот кога „дошле на свет“? Ако и ембрионот е дете со право на живот, зошто тогаш нема ниту право на крштевка ниту право на црковен закоп?
но како што посочи Мирјана Најчевска во коментар кај Фемгерила (кмкт):
Ниту една пратеничка не стана и не реагираше на ова. Не се возбуди женското лоби во Собранието на РМ. Не се возбуди ниту една од комисиите за родова еднаквост формирани во општините. Не се возбуди ниту посебниот сектор за родова еднаквост во МТСП. И не се притисна црвеното копче кај народниот правобранител кој наводно има посебна задача да внимава на можна дискриминација.
Сличното го забележа и Горан Михајловски од Вест (кмкт):
Се потепаа жените да имаат квота во Парламентот. Не слушнав дека некоја од нив излезе да ги брани женските права. Утре можеби истиот владика ќе побара забрана на абортусот. А тие ќе го поддржат затоа што така ќе им каже партијата.
Не е ни чудо што во последните три години Светскиот економски форум бележи константен пад на индексот на рамноправност меѓу жените и мажите во Македонија (кмкт).
No comments:
Post a Comment