Блекаут

22 December 2011

Каде се Бо Мекејлеб, Мухамед Али Јашари и Мартин Нешковски во изборите на личности на годината?

Македонските медиуми ја отпочнаа сезоната на доделување титули за личност на годината. И лево и десно се пропуштаат луѓето кои на овој или оној начин суштински ја одбележаа 2011 година. Е оти така?
За ова претходно пишав на Пинг.мк.

Лестер Бо Мекејлеб. Како може да се пропушти најдобриот играч на кошаркарската репрезентација кој беше избран и за еден од петте најдобри на целото европско првенство? Можеби затоа што не е припадник на „Гоцевата раса“?!

Мухамед Али Јашари и Мартин Нешковски. Другите двајца, млади момчиња, секој на свој начин беа невини жртви на нашето општество, чија смрт укажа на најлошото и најдоброто меѓу нас, а многумина поттикна да се замислат и можеби да си го променат животот на подобро. Нивните случаи беа претворени во табу теми и изигнорирани од послушниците за моќниците да ја избегнат одговорноста, особено командната.

На Фејсбук исто така ја искоментирав веста дека претседателот Иванов доделил одликувања за храброст.

При тоа, не ги оспорувам заслугите на одликуваните луѓе, но мислам дека ќе беше доблесно постхумно да се признае храброста на Мухамед Али Јашари, ученикот кој беше убиен додека го бранел другар му од насилници пролетоска во ГУЦ во Скопје.

Исто така, мислам дека сведоците на убиството на Мартин Нешковски кои не дозволија случајот да се заташка и го покренаа револуционерното движење против полициска бруталност преку социјалните мрежи исто така заслужуваат признание.

No comments: