Блекаут

30 December 2011

Цензура: Весник само со позитивни вести

Како честитка за Нова година, Никола Бојков од блогот Интернет маркетинг.мк споделил еден…
„…позитивен концепт со кој хрватскиот дневен весник 24sata веќе втора година им се обраќа на читатeлите во очи пред Нова Година.
Така, 24sata во денешното издание ќе содржи само весели вести без трагедии, корумпирани политичари, злосторства, црни хроники итн, со цел позитивно да влијаат на своите читатели, допринесувајќи кон повесела новогодишна атмосфера.“
Такви медиуми, базирани на „позитивност“, веќе постојат. Се викаат провладини медиуми и во нив не се споменуваат одговорните за трагедии, корумпирани политичари, виновниците за злосторства и нивните наредбодавци, соучесници итн, „со цел позитивно да влијаат на своите читатели“ во директна полза на претходно споменатите.

Не случајно „позитивната вест“ од насмеаната насловна на 24 сата е промоција на приватниот живот на корумпираниот политичар/бизнисмен Керум  (градоначалник и сопственик на супермаркети - секоја сличност е ненамерна). Ко што кажа еден пријател „Кога гледам МРТВ се прашувам дали живеам во Македонија или Калифорнија“. Како што некои верни гледачи на СИТЕЛ мислат дека во Кратово нема социјални случаи.

Општествената улога на медиумите е да помагаат во откривањето на вистината, не во козметичкото создавање виртуелни реалности. Ако еден весник сака уредувачката политика да му биде забавни содржини за деца, треба да се прекрсти во „Другарче“, „Росица“ или „Микијев забавник“. Зборуваме за сериозни медиуми или за претпријатија кои ги водат морони?! Или само опортунистички подлизурковци кои сметаат и дека читателите се морони и овци.

Photo: Ben Hopper via I see three


Интересно како некои медиуми постојано наоѓаат изговори да не си ја вршат општествената функција. Те не било убаво да се пишува за малверзациите и заташканиот обид за тероризам од навивачите во авионот во текот на Европското кошаркашко првенство, да не се расипувала општонародната веселба. Потоа, никому ништо. Повторно во интерес на доброто расположение, сеа за празнициве не било убаво да се кажуваат „лоши работи“ за тие што ги прават да не ги пецне совеста (кога веќе законот ништо не им може – ама шшш, и за тоа не треба да се пишува). Што е важно што народот едвај врзува крај со крај, важно на гладните да им се сервираат „добри вести“ за најбогатиот слој население.

Одбивам да ми го перат мозокот, макар и ненамерно како блогеров. А вие?

No comments: