Блекаут

04 December 2012

Пак без панихида за жртвите на „магарешките атентати“?

На денешен ден (не) се одбележува еден од најцрните денови во поновата историја на Штип, кога на 4 декември 1911 година, како последица на таканаречените магарешки атентати животот го изгубиле десетици граѓани, а стотици биле ранети.

Со денешен речник, целта на овие атентати (кои ги опфатиле и Кочани и Дојран) било распирување меѓуетничка и меѓуверска омраза и колеж меѓу населението на Македонија, при што тероризираните муслимани би им се одмаздувале на христијаните, па во настанатиот хаос да интервенираат соседните држави, со краен резултат целосна поделба на Македонија. При тоа, оние што предизвикуваат раздор би станале феудални сопственици кои ќе го приватизираат и „независно“ ќе го владеат тоа што ќе го заграбат од Македонија.

Штип кон крајот на XIX век. Фото: Википедија.

Написот „Магарешки атентати“ на Википедија се повикува на книгата „Предавствата и атентатите во македонската историја“ (2004) од државните историчари Виолета Ачковска и Никола Жежов. Тие укажуваат дека првичен мотив за атентатите бил рекет. Извадок од написот, во книгата видете околу стр. 143:
Како резултат од ваквата терористичка дејност на 4 декември 1911 година во Штип за помалку од еден час биле убиени над 20 христијани, а стотици биле ранети. Во првичните извештаи на кајмакамот на Штип до валијата на Косово актот на насилство на муслиманите врз христијаните го оправдувал со наводно поставената бомба наспроти ѕидот од џамијата при што биле повредени тројца муслимани од кои едниот починал.

[...]
Во целиот настан најповеќе настрадале жителите на Штип кои биле целосно невини за какво било учество или согласност со злосторството, туку тоа било инспирирано многу повеќе од желбата да бидат казнети како и да доведе до инцидент. Лем наведува дека по шокантното убиство на шест муслимани близу Килисели, и правните последици и други процеси во Штип, ... минатата година, видните лица од овој град решиле целосно да ги прекинат врските со организацијата на Тодор Александров, одбивајќи дури да даваат придонеси, како порано, во неговите фондови или да ги примаат и разнесуваат неговите емисари кога тие го посетуваат градот. После тоа, Александров ја објавил својата намера да им го доведе умот.
Пред неколку месеци Владата на РМ и политички партии со неколку панихиди му оддадоа почит на организаторот на тие атентати, Тодор Александров. Дури му подигнаа и споменик во Скопје. За жртвите, ни збор. Во ситуација кога толку се нагласува традицијата, помнењето на премрежјата на обичниот народ е парадоксално кусо. Каде сте, штипјани?


PS
Пред некоја година истото прашање го постави Жарко Трајаноски. За жал, во последно време сведоци сме на низа инциденти со слични методи се поттикнува меѓуетничка и меѓуверска омраза и 101 година по овој историски настан. Историјата треба да се учи не како модел за повторување, туку со цел да ги одбегнеме катастрофите од минатото...

No comments: