Вон Хаген претставува и интерпретира археолошки и историски докази во споредба со други старовремски и модерни култури на многу пристапен и непретенциозен начин. На пример, извадок од страниците бр. 64-66:
Земјоделството било душата на Царството на Инките, тоа одредувало сè. Годината за селанецот од Андите била поделена на две годишни времиња: влажно и суво. Влажното годишно време почнува во октомври и трае до мај. Сувото годишно време почнува во мај и може да биде многу променливо (затоа Инките биле преокупирани со поклонување на невидливи сили) може да потрае до ноември.
Во есен земјиштето на заедницата се делело рамномерно помеѓу членовите на месната заедница наречена ајљи, односно територијалната единица што го контролирала сопственоста на недвижнините. Прво заеднички ја обработувале земјата доделена на Инката, односно државното земјиште (дел од данокот во натура, односно работа за владетелот, наречен мита), a потоа земјата на Сонцето, државната религија. Пожнеаните плодови се складирале да бидат на располагање на овие две тела. Според сведоштвата на првите шпански освојувачи, ваквите државни амбари биле преполни со пченка, куиноа, чуњу, чаркуи (сушено месо од лама), риба, јажиња, коноп, волна, памук, сандали и оружје, наредени во корпи, распоредени по посебни складишта според видот на стоката. Така ги видел Франциско де Херез, првиот војник-хроничар на освојувањето од 1533 година. Тој запомнил дека овие складишта биле „наполнети до покривот, како што прават трговците од Фландрија и Медина“.
По завршувањето на работата на овие полиња, селанецот наречен пурик можел да се сврти на сопствените.
Август бил време на орање, а работата во полињата на селаните била, како и сè друго, заедничка. Почнувала со фестивал. Благородниците го сфаќале сериозно и секогаш учествувале. Језуитскиот калуѓер и историчар Падре Кобо запишал:
„Ако самиот Инка или неговиот гувернер или друг високодостоинственик биле присутни, ќе ја почнел работата со златен кол за копање што ќе му го донеле на Инката. Следејќи го неговиот пример сите други функционери и благородници кои го придружувале ќе го стореле истото“.
(Овој концепт не се разликува од денешниот обичај државен функционер да фрли малку земја со позлатена лопата или да постави камен-темелник со златна мистрија.*)
Мажите и жените ораат заедно во поле. Мажите користат ножен плуг, наречен такља. Жените ги гмечат грутките земја. Уште една жена им носи чича за пиење. Илустрација од „Првата нова хроника и добро владеење“ (шпан. "El Primer Nueva Corónica Y Buen Gobierno") на Фелипе Гајман Пома де Ајала (анг. Felipe Guamán Poma de Ayala). |
Тие немале плуг како таков, ниту товарни животни. Мажите користеле, а и сè уште користат, такља (кеч. taclla) или ножен плуг, што бил еден дебел кол долг околу 180 cm со врв зацврстен со оган. Понекогаш врвот бил од бронза. Со притисок со рамото и со стапалото на потпирач за нога поставен близу до врвот, такљата се забивала длабоко во почвата. Овој стап за копање, како и сè друго во земјата, бил групна алатка и ретко се користел од само еден човек. Неговите роднини од ајљуто формирале долга линија преку полето што требало да се ора. Со ритмичко пеење „Јаиљи“ (кеч. Jailli, што значи „победа“), „...тие триумфирале врз почвата,“ пишува Гарсијасо „Инките ја орале и ја ваделе нејзината утроба надвор“.
Вон Хаген објаснува дека династијата на Инките ја засновала својата апсолутистичка моќ врз исклучителните организациски вештини и надградба на големите постигнувања на културите кои ги освојувале, како и создавање на религиозен култ на личноста и контрола врз културата преку потхранување на мит дека тие биле единствената сила која носи цивилизација на луѓето кои без нив би биле дивјаци. Нивната империја била социјална држава со ниско ниво на технолошки развој чија официјална идеологија се базирала на догма, групно размислување (страв да му се каже вистината на главниот) и изолационизам (мислеле дека се центар на светот и дека тоа што не е официјална вистина е неважно). Бидејќи биле ултра-конзервативни тие не можеле да се соочат со нови концепти како што е на пример идејата дека може да постојат други цивилизации преку морето.Мажите работеле назачки, а жените ги следеле свртени кон нив, разбивајќи ги грутките земја со еден вид мотика наречена лампа. Сара (пченка) саделе во септември, а компири кога дождовите почнувале да паѓаат, т.е. меѓу октомври и ноември. По орањето на полињата на Инките, на Сонцето, како и сопствените, потоа ги обработувале полињата на отсутните роднини кои служеле војска, а најпосле на оние кои биле болни или немоќни. Нивниот основен придонес (кој бил дел од нивниот данок) објасник Гарсијасо, бил „работење и култивирање и жнеење на земјиштето на Сонцето и Инката“.
QHARICUNA:
Ayau jailli, ayau jailli
Kayqa thajilla, kayqa suka!
Kayqa maki; Kayqa jumpi!
WARMICUNA;
Ajailli, qhari, ajailli
Слободен превод
МАЖИТЕ:
Оо! Победа, оо! Победуваме,
Еве го стапот за копање, еве ја браздата!
Еве ја потта, еве ја работата!
ЖЕНИТЕ (одговараат):
Ура, мажи, ура!
* Современ пример, од Македонија: Претставници на врховната религиозна власт продаваат златна лопата на аукција при поставување камен-темелник на нова градба. Додека државата е номинално секуларна, политичарите и водачите на верските институции често стекнуваат полза од комбинирање на нивните надлежности. Сите градежни работи финансирани од државата вклучуваат ритуали со давање верски благослов и обврзна фото-сесија за политичарите кои ја фрлаат првата лопата со земја и/или сечат црвена лента.
No comments:
Post a Comment