Блекаут

22 January 2006

Кабелските телевизии стануваат самостојни интернет-провајдери

Примерот од блогот е-Бизнис, за тоа како Телекабел ја раскинал соработката со Он.нет и решил „сите корисници да ги префрли кај себе“ не е осамен. Од прва рака (монтерот) дознав и дека охридска ТВ Зора, која во Скопје го покрива Карпош, веќе не нуди кабелски интернет преку МОЛ, како досега, туку „свој“.

Според МАРНет, регистриран сопственик на поддоменот www.zora.com.mk е Зора ДOO Oхрид, но адресата во моментов директно пренасочува кон веб-сајтот на МОЛ. Претпоставувам дека МОЛ го хостирал како дел од соработката. На каналот на Зора за информации одат реклами за кабелски интернет под слоган „Најдобри! Единствени!“ (второво е доста индикативно) и ВОИП, но не е наведен нивен веб-сајт.

Стратеџик маркетинг (СММРИ) по нарачка на Центарот за развој на медиуми има извршено квантитативно истражување, финансирано од ФИООМ и ОБСЕ, на тема „Технички услови и потенцијал во радиодифузната дејност во Р. Македонија“ според кое околу 50% од домаќинствата во замјава изјавиле дека имаат приклучок на кабелска телевизија.

Наредната година за Водици место телевизор - компјутер

Предлагам од наредната година за христијанскиот празник Водици, главна награда за човекот што ќе го извади крстот од водата, наместо телевизор да биде компјутер.

Не ми е познато каков модел на „традиционален“ телевизор се доделуваше досега. И да има разлика во цената, мислам дека ќе биде оправдана со силината на позитивната порака што МПЦ ќе ја прати до верниците, домашната и светската јавност - дека се работи за црква што го цени знаењето, демократијата и припаѓа на 21 век.

Нема потреба дополнително да се аргументира, но добро е да се наброи дека ТВ-приемникот е средство за
  • еднонасочна комуникација,
  • контролирана од центри на моќ
  • поттикнува пасивност, униформност и конформизам,
наспроти компјутерот, кој нуди и
  • моќ за креирање,
  • размена и споделување на информации,
  • поттикнувајќи интерАктивност и самостојното размислување.

20 January 2006

Споредба на посетеност на најпосетените македонски блогови

Споредба на јавно достапните податоци за посетеност на најпосетуваните македонски блогови. Во конкуренција влегоа само блоговите кои, според за мене достапните сознанија, во некој од изминатите месеци имале над 3000 посети: Анти, Букаро, Јован, Моби и НБА Маседониа.



Споредбата се однесува на број на посети (visits) и е направена со користење на податоците од Сајт митер кои се однесуваат на последните 12 месеци, состојба од 20.01.2006. околу 17:30 часот. За комбинирање и обработка на сликите беше користен Фотошоп ЦС.

Споменување на информатички развој во Буџетот на РМ за 2006

Извадок од Предлог-буџетот на РМ за 2006 година поднесен во ноември 2005 г. од страна на нашата Влада. Барајќи експлицитни ставки и заложби во однос на информатичкиот развој, во хартиената верзија успеав да го пронајдам единствено ова, во делот „04001 Влада на Република Македонија“:
Програма 3 - Информатичка поддршка на Владата. Оваа буџетска програма ги опфаќа активностите поврзани со организација, планирање, развој, подобрување на информатичката инфраструктура, експлоатација и поддршка на веб-страница на Владата на Република Македонија и усвоениот концепт за Е-Влада. Во текот на 2006 година се предвидува преуредување на канцелариски простор во систем сала со електростатски под, набавка на информатичка опрема и изработка на соодветни апликативни решенија во согласност со усвоениот концепт за Е-Влада. Основна цел на оваа буџетска програма е обезбедување на соодветна информатичка поддршка на работењето на Владата на Република Македонија.
Предвиден расход: 21.627.000 денари.

Штета што во моментов не постои јавно достапна електронска верзија од донесениот буџет ниту на веб-сајтовите на Владата и Собранието, ниту кај Министерството за финасии и Канцеларијата за контакт помеѓу НВО и Собранието. На последните две институции со колегите се обративме и телефонски - без резултат. Со дигитална верзија пребарувањето по клучни зборови ќе беше многу полесно и се надевам, поуспешно.

19 January 2006

Форумизација на блоговите од Македонија

Во текот на 2005 година забележав една појава за која условно ја нарекувам „форумизација на блоговите“ од Македонија, односно користење на блоговите како еден вид на „дисперзиран форум“ (© Јован). Блогерот игра улога на модератор: зачнува тема со својот пост, а потоа посетителите - меѓу кои и голем број блогери - даваат коментари, понекогаш водејќи обемни полемики.

Во тоа нема ништо лошо, само по себе, но е различно од праксата во светот, каде што голем дел од блогерите, особено оние најуспешните, ги користат своите блогови за да коментираат постови или написи, објавени на други блогови односно веб-сајтови. Ваквите коментари обично се состојат од:
  • кусо резиме/мислење на блогерот,
  • цитат и
  • (обврзно) линк до изворот.
Токму меѓусебното длабинско линкување (покрај блогролот) овозможи блоговите да се издигнат во нов и влијателен „бран на иднината“. Меѓусебните линкови влијаеја на зголемување на рангот на блоговите на Гугл, со што тие „испливуваа“ меѓу резултатите од пребарувањата. Едно време се зборуваше и за „блоговска бучава“ како проблем што овој пребарувач се обидува да го реши. Нејсе, Гугл го купи Блогер, блоговите се изборија за свое место под сонцето, а потоа беа забележани од македонската јавност.

Најголем дел од македонските блогови што се појавија во последниве година-две се интроспективни и служат за објавување на лични ставови, согледувања или литературни творби, со забележливо отсуство на длабински линкови до други блогови и веб-сајтови.

Сметам дека поголемото длабинско линкување не само што ќе доведе до ширење на видиците на самите блогери, туку ќе овозможи подигање на рангот на Гугл на целиот македонски веб* - што ќе значи поголема посетеност на тие веб-сајтови од страна на оние кои не ги знаат - особено на оние наменети за странци.


* Досега немам видено македонски веб-сајт (правен во или на тема Македонија) кој има поголем ранг од 6, а и таквите се бројат на прсти.

Повеќе за МАНУ (надоврзување на Јован)

Со првиот пост што ќе го поставам по реактивацијата на блогов ќе се надоврзам со една информација на темата за МАНУ што ја зачна Јован на неговиот блог.

Го разгледував Предлог-буџетот на РМ за 2006 година и во него стои дека МАНУ „е јавна установа од особено значење за РМ и е највисока самостојна, научка и уметничка установа“, во чии постигања во 2005 година се вбројува тоа што „изработи околу 60 научно-истражувачки проекти, одржуваше научно-истражувачки собири, меѓу кои некои со меѓународен карактер, реализира повеќе уметнички изложби, а во тек е изработката на првиот том од Македонската енциклопедија“.

Приоритети и цели за 2006 година за МАНУ ќе бидат „во насока на организирање фундаментални, применети и развојни истражувања, посебно на комплексни и мултидисциплинарни истражувања“.

Буџет на МАНУ за
2005: 61.000.000 денари
2006: 78.000.000 денари

02 November 2005

е-Општество.Мк: Презентациите се поставени на интернет

Утринава на веб-сајтот на Конференцијата е-Општество.Мк беа објавени дел од прикажаните презентации (пауер-поинт). Интересно е дека, зипувани, тие тежат од 6KB до 7.5 MB.

http://www.e-society.org.mk

25 August 2004

Смрт за нас е таа „вијагра“

Секој од клиентите на Агапи, главна дама од битолската "Долина на проституцијата", чија исповед ја пренесува "Дневник", е посебна приказна.

- Сега најголема мака имаме од австралиските и од американските пензионери. Оти пијат "вијагра". Смрт за нас е таа "вијагра". Летово имав три такви случаи.

24 August 2004

Во црквите од 19 век се пеело на македонски јазик

Време известува дека „Значаен документ од 19 век, пишуван на македонски јазик со грчка азбука, откриен во Александриската библиотека во Египет минатата година, е презентиран на Научната конференција на Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид.“

14 June 2004

Охридски палавштини и неволји

Според написот „Езерска битка пред очите на полицијата“ од Вест од 14 јуни 2004 г...
Во саботата уривањето на дивоградбите во селото Трпејца заврши со езерска битка. Урбаната полиција воопшто не успеала да влезе во селото, бидејќи жителите на Трпејца, организирано, со повеќе кајчиња направиле заседа во вода во близина на првата вила - дивоградба. Ги пречекале работниците кои уриваат и не им дозволиле да се доближат до вилите. Почнале да им се закануваат дека ќе ги потопат и ги нападнале со веслата од кајчињата. Работниците биле распаметени, бидејќи само два - тројца знаеле да пливаат.
Понатаму...
Како што раскажуваат работниците, нападите на трпејчани повеќе биле насочени кон сопствениците на кајчињата.
"Кога почнаа да фрлаат со веслата тие сакаа да ги погодат сопствениците на кајчињата кои беа со нас. Не сакајќи ги погодија нашите работници", велат од урбаната полиција.
Трпејчани им се лути на пештанци, бидејќи тие со своите кајчиња секојдневно ги носат до Трпејца работниците и нивната опрема.
Кај со оној Јован и официјално влеговме во времето на маѓии, уште и поморски битки од времето пред Саламина ни фалеа по езероно. Во написот се споменува дека тие дивоградбите можеби ќе ги уништувале со динамит.

Башка, гледам на Утрински весник со банерче се рекламира некаква организација „Сончев зрак“, коишто тврдат дека „природната рамнотежа“ не се нарушува ако градбите да се градат во пирамидален стил, од долу широки, а угоре потесни. Кај што испаѓа дека дрвјата со широки крошни се неприродни, треба да земеме пример од „старите народи“ кои...

Практикувале формата на објектот во целина да не ја нарушува природната рамнотежа.
На пример: Во природата планините се со благо издигнување во висина. Така е и со растенијата, со долниот дел се пошироки, а во висина се стеснуваат. Сите тие форми создаваат една енергетска хармонија во самата природа.
Денес сe почесто сретнуваме објекти во спротивен однос од природните законитости.
На пример: Високи објекти со рамни покриви, пошироки и од самиот објект.
Објектите повеќе прилегаат на силоси, а не на објекти за живеење.
Исто така сe почести се објекти со поизразена ширина на горните катови, за разлика од долните катови - во форрма на обратно свртена пирамида.
Во овие објекти се создава мошне негативен енергетски интензитет, кај станарите се јавуваат нервоза, главоболки, клаустрофобија и др.
Значи, карактеристичната староградска архитектура во Охрид предизвикува секакви лошотилаци. Сепак, овие од „Сончев зрак“ нема да ги рушат таквите градби, туку шиткаат некакво апаратче што демек ги решава тие проблеми, спречува рак и не знам што сè не друго. Дури пишуваат дека од Владата ги препорачувале, како во случајот со „Истражувачки проект во Велес“:
Во централното подрачје во градот во една повеќекатница зачестиле смртните случаи, особено од малигни и од кардиоваскуларни болести. Станарите мислеле дека тоа било виша сила и дека така требало да биде, сe додека еден ден од иста зграда не тргнале погребни поворки истовремено за двајца млади - девојка од 18 год. и дечко од 23 год. Двајцата починале од малигни болести (канцер).
Станарите се запрашале што била причината што и младите умирале од таа опасна болест. Веднаш побарале помош од Министерството за заштита на животната околина, а оттаму ги упатиле во “Сончев Зрак”. Екипа од “Сончев Зрак”, предводена од д-р Стојан Велкоски, изврши мерење на електромагнетното зрачење во објектот. Резултатите добиени од мерењата го покажаа следното: сите починати од објектот, вклучувајќи ги и двајцата млади, биле изложени на геопатогени и космички извори на зрачења.
Во овој објект се регистрирани корисници на БИО-СПХ, кај нив не беа присутни негативни симптоми, ниту, пак, имало смртни случаи. Ова ни укажува колку е важна заштитата од електромагнетното зрачење.
Ваква темелна аргументација не сум видел уште од времето кога една другарка ми раскажуваше за тоа како некоја гатара ја гњавела на улица да ‘и гледа. Особено плени поткрепеноста со статистички податоци од типот на период на истражување, број на станари без машинче, број на станари со машинче, број на мртви и болни од сите групи и слични ситници.

07 June 2004

„Утрото е помудро од вечерта“

Според Време:
Бајката за Василиса Прекрасна деновиве почна да се подготвува во Театарот за деца и младинци. Новиот проект на куќата е во режија на Димитар Станковски, а текстот е на Русомир Богдановски. Костимите ги подготвува Александар Ношпал. Во претставата е вклучена актерската екипа: Ана Левајковиќ, Изабела Новотни, Марија Кондовска, Катарина Илиевска, Олгица Христовска, Катерина Коцевска и Предраг Павловски.

25 May 2004

Оргазам преку чоколадца

Дневник вели
Доктор Труди Барбер, сексолог, тврди дека за пет години во продавниците ќе можат да се купат чоколади што ќе им помагаат на мажите и на жените да доживеат оргазам и без секс.

Таквите чоколади ќе содржат високо ниво на фенил-етиламин, хемикалија што телото ја ослободува за време на сексот, поради што консумирањето на чоколадото ќе има ефект сличен на оргазам.
Ех, од чоколадо да е, оргазам да е!

21 May 2004

Евровизиска сапуница

Пред некој ден, Он.нет објави една оцрнителна реакција на мојот текст „Лајф из а бич енд ден ју дај“ од некоја си Емилија. Со оглед на тоа што пораката содржеше невистини и клевети, решив да се вклучам во полемикатата. На Он.нет се појави скратена верзија од мојот одговор, а него во целост може да го прочитате тука.

11 May 2004

Како да се користи камера на мобилен

Финти за сликање со мобилен - полезно за сите што имаат такви тракатанци.

10 May 2004

Букаро - нов македонски блог

Преку написот во „Време“ за блогови, дознав дека Букаро, некој дечко што се труди да пишува на сајтот Багра си отворил свој блог. Немам баш време да ја гледам содржината, но само по себе делото е за поздравување - нек се множат. :-)

14 November 2003

Од јавно, појавно

Списанието „Граѓански свет“ го објави мојот коментар насловен „Ќуп со злато чека на крајот на информатичкото виножито“. Учествував и во емисија на радио Скопје на ИКТ тема. Ако продолжи вака, може да станам вообразен или безобразен. За среќа, тука е благотворната поука на Ефраим Кишон.

03 November 2003

Ова треба некого да убеди да се разоружа?

Шиз а дрими!Го глеам спотот „со девојките“ од кампањата за разоружување и секојпат останувам со знак прашалник.

Не се работи за идејата. Појдовната точка на авторите е сосем во ред. Во Македонија владее некој вид на сиромашка снобовштина, при што „модата“ односно „што е шемата“ навистина го диктираат однесувањето на голем број на луѓе. („Сноб - подгурљив назив за бескорисне људе који се у свему поводе са модом“ - дефиниција од Микијев алманах.) Секако, поради сиромаштијата (и економска и духовна), снобовштината во Македонија се сведува на избор на лого, локација и тип на локање.

Нејсе. Прават кампања и тоа за пари. За тоа има методологија. Прв чекор е одредување на целна група. За кого е наменет овој спот? За тринаесеттогодишни вуд-би снобчиња што не пипнале женско, кај кои што основна вредност е избор на шампон и бербер за оставање на прв впечаток? Дали такви кмичеа во рововите над Тетово? Зар крајната цел на „јунаците“ и „мачениците“ од кампањата за етничко чистење „Полог и липковско - 2001“ била да се допаднат на некои скопски моми што искачаат во Журнал? И другите спотови од кампањата се воглавно снимени во Скопје. Да не има склад за нелегално оружје под шанкот на КТК, побогу?

Зошто ниеден спот не прикажува некое село и благодетите што селаните би ги добиле со разоружувањето?

Прашање е и дали албанските националисти воопшто може да се поткупат?

Спотот заслужува и награда што во толку кратко време успеале да вклопат толку технички пропусти, од „глумата“ на втората девојка (бирани според стереотипот „убава и поинаква“?), до успехот да се уфрли и извади онолкав микрофон во толкацок кадар. Веројатно добиле малку пари, па не им се исплатело да се пресними сцената - може им снемало лента.

06 October 2003

„Он ги флешуе“

Попладнево на Канал 5 ја гледав втората половина на филмот „Будење на животот“ (Waking Life). Баш беше добар, уживав и во употребата на анимирани елементи ала трејс битмап во Флеш, и во интензивноста на дијалозите и во начинот на доловување на состојбата на сонување. Топло го препорачувам.

04 October 2003

Октомвриски документ

Слободен софтвер Македонија се обидуваат да изнајдат аргументи против договорот помеѓу Мајкрософт и Владата. Ја поддржувам намерата на авторите документот во линкот погоре да го надополнуваат со додавки и ревизии... бездруго му требаат.

02 October 2003

Мајкро и Славко

По Романија и Србија, и Влада на Република Македонија (наречена БЈРМ/FYROM во сите продукти од МС) потпишува за Мајкрософт. Мајка Индија, пак, ги откачила. Изгледа не сакаат да (о)станат успешна нација на полето на извоз на информатички продукти.