Блекаут

16 July 2008

Дигиталниот архив на македонскиот јазик со Криејтив комонс

Ептен ми се направи кеиф што од денес Дигиталниот архив на македонскиот јазик користи лиценца од Криејтив комонс со цел да ја подигне достапноста на книгите што ги преобјавува. Целта е на посетителите да им се укаже дека делата се достапни за користење, споделување, ширење.

Меѓу нив се наоѓаат книги од слависти и други јазичари на разни јазици објавени во XIX и правата половина на XX век кои содржат непроценливи научни податоци. Досега голем дел од тие книги беа недостапни и за истражувачите од таа област, а интересни се и за лаици заинтересирани за историја, но и за оние кои се интересираат за приказната за македонскиот идентитет.

Еден цитат од Речник на три јазици (1875 г.) на Ѓорѓи Пулевски:
Сите људи, и ако имајед разум, но сите, не се токмо разумни, едни се научиље и знајед се штоје, које, бидувад во веков, тије умејад да читајед и да рисувајед, и можад да правад секакви рабоќе и да пронаидад нешто ново, такви људи се вељад просвештени, и изобразени, а пак други људи, који, неумејад ништо друго, но само гљедад кољку за да се ранад, да уловад нешто и да отнад од другога, такви људи, се вељад, диви и самоједи.

А што е со „Пато“?

Пато

Нели би било екстремно интересно некоја новинарска екипа да го најде јунакот на клипот „Пато“ и да го интервјуира во врска со неговото мислење за неговиот статус на една од најславните личности на македонскиот веб-простор (интернет-селебрити).

Баш сум љубопитен дали човекот знае дека неговото лице им е познато на илјадници сограѓани.

15 July 2008

Македонски на хрватски виа бугарски = папазјанија

Во Сајтмитерот кај реферери си најдов еден интересен линк. Некој читател од Сплит, Хрватска се послужил со автоматскиот преведувач на Гугл за хрватски и тоа од бугарски, оти изгледа не можел да го разбере постот за Џибони напишан на македонски.

Резултатот е карам-каша, но целата постапка доста јасно укажува кои земји и култури се напред, а кои каскаат во развојот на дигиталните технологии... А можеби е и индикатор за тоа како во недостаток на други информации некој од страна може да нè перципира.

Каролина Гочева на Мајспејс (не Фејсбук)

Прво да се извинам што во насловот на постот Каролина Гочева на Фејсбук го погрешив името на сервисот за социјално вмрежувања на кој таа се жали во написот од „Вечер“. Веројатно несвесно ми проработела пристрасноста кон сајтот на кој имам профил наспроти оној на кој немам. Плус открив дека на Мајспејс има не еден, туку неколку профили за Каролина.

Второ, се обратив до ДЗЛП и како одговор експресно добив соопштение со препораки за користење на сервисите за социјално вмрежување, или како што тие ги нарекуваат портали за социјална интеракција:

Во последно време до Дирекцијата за заштита на личните податоци се почесто стигнуваат известувања за злоупотреба на личните податоци на интернет, конкретно на порталите за социјална интеракција. Креирањето на лажни профили на порталите за социјална интеракција не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци и со основните принципи за заштита на личните податоци.

Дирекцијата е во постојана соработка со тимовите на порталите од ваков тип што придонесува за брзо и ефективно откривање и решавање на проблемите врзани со повредата на личните податоци, но сепак, најважно е сите оние кои ги користат ваквиот тип на веб страници и портали да внимаваат кога објавуваат свои, но и туѓи податоци на интернет.

Целиот текст на ставот на ДЗЛП за користењето сервиси за социјално вмрежување содржи и конкретни препораки за фирмите што нудат вакви услуги и граѓаните - нивни корисници. Објавен е на веб-сајтот на Метаморфозис, а ќе го има и на други места. Доколку сметате дека е важно и полезно, ширете го линкот преку ваши постови, со гласање на Кајмакот, по форуми и сајтови за социјално вмрежување.

Дополнително, треба да се има на ум дека ДЗЛП има надлежност за постапување само на територијата на РМ и дека ако некој врши злоупотреба преку странски сервис или случајот се решава преку неофицијална соработка со фирмата или жртвата мора да се обрати директно до надлежните за заштита на лични подоатоци во фиљан-земјата.

Во тек е процес со кој во нашето законодавство ќе се доразрешат разни отворени прашања за додефинирање на надлежностите и постапките за истрага и прогон во случај на нарушување на приватноста. За жал тој процес трае со години затоа што зависи од политичката волја на властите која не е секогаш на ниво на задачата...

Дигитален архив на македонскиот јазик

Илина веќе пиша за Дигиталниот архив на македонскиот јазик, а и јас се придружувам во препораката да се користи овој исклучително важен културен и научен ресурс.

Ваквите иницијативи ќе овозможат вистинско ширење и на македонската култура и научна мисла. На сајтот за сега има неколку дигитализирани книги во ПДФ-формат, од кои мене лично најсимпатична ми е „Речник од три јазици“ од Ѓорѓи Пулевски, „Мијак гаљички“. Објавен во 1875 година во Белград, речникот ги опфаќа македонскиот, албанскиот и турскиот јазик.

Во скоро време планирам да објавам нова верзија на списокот на извори на е-книги на македонски јазик, ако знаете за други вакви веб-сајтови, пишете.

14 July 2008

Конкурс за најдобра фотографија или видео клип од мобилен телефон

Криејтив комонс МакедонијаКриејтив комонс Македонија објавува конкурс за најдобра фотографија или најдобар видео клип направени со помош на вградена камера од мобилен телефон.

Темата е „лето“ по повод стапувањето на ова годишно време, а конкурсот ќе трае до 23 септември, односно до крајот на летото.

Сите пријавени фотографии и кратки видеа ќе бидат достапни преку веб-сајтот за авторски содржини: www.cc.org.mk под лиценцата Наведи извор 2.5 Македонија. Тоа значи дека секој ќе може да го употреби вашето дело, но при тоа ќе биде обврзан да го наведе изворот на оригиналното дело. Целта на овој конкурс е поттикнување на што поголем број корисници на мобилен телефон од Македонија (и аматери и професионалци), да споделат e-содржини со остатокот од светот.

Посетете ја страницата посветена на конкурсот за повеќе информации околу условите. Ако ја поддржувате слободната култура и развојот на наши локални е-содржини, помогнете во ширење на информацијава преку ставање на линк во пост на вашиот блог.

Каролина Гочева на Фејсбук

Како Каролина Гочева лично да посака да Ве запознае?

Направете „нејзин“ профил на некој сајт за социјално вмрежување. Поточно ваш профил со нејзини податоци. И потоа не се правете на три и пол.

До душа, ова може да биде и нелегално, оти лажното претставување при електронски комуникации е санкционирано со законите за електронски комуникации и заштита на лични податоци. Баш ќе ги прашам во ДЗЛП што мислат за случајов.

(Фала Дарко за линкот до написот.)

13 July 2008

Кнезот Владимир (Князь Владимир; Prince Vladimir)

Князь ВладимирГо препорачувам рускиот анимиран филм „Кнезот Владимир“ (Князь Владимир) од 2005.

Ми се допадна дека ликовите се слоевите, дека добрите момци имаат и темна страна, дека ликовите од руската историја не се претставени црно-бело, туку самокритично на пр. коегзистенцијата и разбојничките походи со викинзите (на руски наречени варјази), дека има исклучително важни воспитни елементи, на пр. дека суштината на власта не е во силата, туку Законот се поставува како највисока вредност...

Напомена за конфликт на интереси: со филмот се пропагира христијанството и има добиено благослов од РПЦ.

Го има кај скопските трговци со ДВД-а со српски превод, а еве го и на Ју тјуб само на руски.

11 July 2008

Човекот што сакаше да биде крал, втор дел (по трагедија, фарса)

Сабајлево на вестите на Сител бев сведок на изјава од некоја НВО кои најавија дека ќе барале од УНЕСКО да го заштити македонскиот генетски код (! - да да, буквално) оти бил непроменлив извор на цивилизацијата или така нешто. Какво тотално извртување на научни поими од очигледни аналфабети од областа на генетика. Испаѓа деака нашле начин да се генетски да се дефинира етничка припадност - што би било епохално откритие! Особено од полза за сите што планираат разноразни истребувања.

Тоа што да се простор на национален медиум е доволно да се тропаат било какви глупости со „македонистички“ предзнак ми личи на симптом на тотален очај, како и знак дека македонскиот идентитет е навистина загрозен по сите неуспеси во странство поради непримена на разумски аргументи базирани на принципите на човекови права, меѓународно право и наука.

Човекот што сакаше да биде кралСо големо задоволство го очекувам настапот на гостите од братски Пакистан на главниот плоштад во Скопје за да ја изведат својата обработка на светскиот хит „Лет ми би јоур фантази“ (Let me be your fantasy - Baby D). Од полокална предгрупа имаме и изведба на „Гастербајтерска“ со радосен и тажен ритам.

Мислам (!ако веќе не е казниво ова?) дека

  • Хунзите имаат право да се сметаат за потомци на кого сакаат, без разлика на тоа што лозата на Александар и Филип Македонски била прекината. Единствениот син на првиот бил погубен пред да влезе во пубертет (но тоа е приказна за другпат).
  • Супер е што се воспоставуваат културни врски со други земји - без ронче иронија. Стварно.
  • Арно ама, мислам дека ваквиот етно-роднински ријунион може да се примени за промоција на Македонија низ цел свет, а особено земјите во развој. Веднаш:
    • делегација на видни локални лидери на нашите Јуруци да се прати во посета на Турција, Азербеџан, Туркменистан и сите други туркофонски територии, за тие таму ќе бидат пречекани од премиерите или претседателите (кој е поважен)
    • градоначалникот на Куманово да се прати под итно во Молдавија да ги обнови историските врски со тековното етничкото малцинство и некогашно моќно племе Кумани, според кои и тој град го има добиено името.
  • Да се провери зошто принцезата се вика Рани Атика, а не Рани Тиквеш или нешто слично, наше. Сличните зборови се нели крунски доказ за поврзаноста меѓу јазиците, а Атика е името на полуостровот на кој се наоѓа Атина. Да не е таа инфилтрирана од античко-грчката фракција кај Хунзите. Секако да се прашаат гостите што мислат за грчкиот културен центар и дали е тој во нивното или во соседното село (со кое како вистински Македонци мора да се скарани и да се мразат). Да не испадне што би рекла другарка ми Џасмин (принцезата од Аладин - (Багдад е наш!)) „Рани Атика = рани куче да те лае“.
  • Кога веќе сме кај поврзаноста на јазиците, радо би да чујам како звучи разговор или песна на јазикот на Хунзите, оти овие нешта сосем отсуствуваа од документарецот на авторката на проектот што ги носи луѓето кај нас.
  • Истата госпоѓа има изјавено дека постои и генетска поврзаност, би молел или да се докаже тоа или да се побара одговорност, особено ако во проектов е вмешано финансирање од државни пари.
  • На телевизија бездруго по стопати да се емитува репризата на филмот со Шон Конери и Мајкл Кејн, „Човекот што сакаше да биде крал“ (The Man Who Would Be King).
  • Ако се испостави дека освен оние сликине на русокоси Хунзчиња се испостави дека има и малку потемни луѓе кои се сметаат за потомци на Александар--тоа ќе доведе и до намалување на дискриминацијата кон Ромите кои исто така доаѓаат од Индискиот Потконтинент.
  • Главниот аргумент на ТВ Скај нет дека Хунзите ни биле сродници во спот што немилосрдно се врти во вид на слајд-шоу е убавината на нивните лица. Дали тоа значи дека меѓу Македонците нема грди луѓе? Дали грдите етнички Македонци треба да се истребат, а грдите меѓу Хунзите да не се прифатат за наши роднини? Да не е сето ова заговор од моќните козметичари кои веќе владеат по македонските национални медиуми, да привлечат повеќе муштерии. Дали едната третина сиромашни граѓани на Македонија кои немаат пари за козметичари треба да се „суредат“?

Бездруго препорачувам читање на коментарите на темава:

Линкови до овој блог запис


26 June 2008

Французи се заинтересирани за Букарски

Интересно ми е да ја следам медиумската „кариера“ на Алекс Букарски во странство оти е пример на тоа како во нормалниот (!) свет се шират вести, за што немаме многу паралели кај нас. Имено, преводот на книгата „Луѓе на кои не им се отвора падобранот“ во Бугарија побуди интерес и поради тоа што е претставник на современата македонска култура (блиска, а непозната) и поради тоа што една од нејзините теми е сексуалноста.

На неговиот блог тој ги документира многубројните и разновидни медиумски настапи и коментари таму: од интервјуа во респектабилни весници до учество во ТВ-емисии за млади (nota bene: во кои кога тој зборува на македонски оди превод на бугарски со титл).

Македонските традиционални медиуми пак „каскаат“ - досега не се заинтересираа да ја покријат оваа неофицијална и несаемска, но de facto огромна промоција на Македонија, која директно ги руши закоравените романтичарски деветнаесеттовековни предрасуди кај луѓето преку источната граница. За разлика од домашниве, дури и француски медиуми се интересираат за Букарски - Куриер интернасионал има објавено дури два написи, пренесеното интервју од Дневник и уште еден.

21 June 2008

Блогерска солидарност - дали вие реално би помогнале?

Гледам кај ВББ се развила дискусија во врска со хипотетична тужба за нарушување на авторски права - објавување фотографии од филм без експлицитна дозвола. Наводно казната во случај таквото обвинение да доведе до пресуда може да изнесува и до 2000 евра.

  • Дали во случај на такво судење би биле спремни да помогнете на колега-блогер преку доброволен прилог за покривање на казната, и со колкав износ?
Вашите размислувања за тоа колку и зошто може да ги ставите како коментари, но подобро е во пост на вашиот личен блог, за да не може никој (па ни јас) да ви ги избрише.

Првобитно ова прашање го поставив на верзијата на блогов на Блогерај, каде што се разви разоткривачка дискусија. Дискусија на истата тема има потенцијал да се развие и на Кајмак.от.

12 June 2008

Канада: Аферата со Законот за авторски права преку стрип

Културата на нашата пријателска Канада е во опасност.

Странски корпорации преку непотврдени обвиненија за пиратство и лобирање на домашни политичари, наспроти мислењето на домашните засегнати страни, се обидуваат да го сменат законот за авторски права како што ним им одговара. Со тоа попатно се влошуваат условите за зачувување на културното наследство и работа на локалните автори, кои се бунат.

Добар начин да дознаете за прашањето набрзинка е преку стрипот „51 држава“ (пдф).

09 June 2008

Веб-сајтот на Македонска радио телевизија повторно работи

Веб-сајтот на Македонската радио и телевизија повторно работи. Ова ме израдува оти тоа е еден од ретките сајтови што објавува информации на сите балкански јазици, особено на нашиве, локални.

За жал, не најдов објаснение зошто беше прекинато ажурирањето и затворен пристапот до старите содржини од овој јавен сервис пред некој месец. Барем имаме одговор на прашањето на Рибаро, кој на 20 април праша „до кога?“.

05 June 2008

Контрадикција: кампања против пушење + субвенции за тутунот

На Кајмакот се разви дискусија по повод постот на Волан кој го поставува прашањето:
  • Ако пушењето е штетно, тогаш зошто со државни пари да се стимулира производството на тутунот?

Еден од факторите кои ја создаваат тековната светска криза со храната (светска глад, луѓе!) се високите цени на храната до кои е дојдено поради тоа што се произведува помалку храна. Ако има поголема понуда, ќе се задоволи растечката побарувачка по пониски цени.

А помалку храна се произведува затоа што обработливото земјиште се користи за производство на индустриски култури, чија основна намена е профит, а не прехранување. Тутунот е очигледен пример за таква пракса во Македонија. Дали знаевте дека и маслото за јадење што се произведува кај нас не се прави со домашни, туку со увозни суровини?

Секако, основното прашање е како ќе се позиционира Македонија во однос на глобалните прашања, особено на кризите кои допрва ќе се манифестираат (клима, глад, вода, енергија). Како дел од решенијата или како дел од проблемите и тоа во најдобар случај, како и досега, со нивно целосно игнорирање?

03 June 2008

Блог за поезијата на Јован Котески

Јован КотескиБлогот за поезијата на Јован Котески овозможува бесплатен пристап до делата на овој наш познат поет (1932-2001), од целокупните поетски збирки од 1958 до 2000 година, како и неговата лична и творечка архива.

...Материјалите од блогот се слободни за користење во лични, образовни и научни цели. Забранета е нивна употреба за комерцијални цели и без наведување на изворот и авторот.

Помогнете во промоцијата и преку Кајмак.от.

02 June 2008

Амазон: блогери и индијанци

Мистер НоГлобал војсис онлајн открива дека фотографиите од амазонските индијанци прво ги објавил локален блогер.

Арно ама, традиционалните медиуми низ целиот свет, како тешки плагијатори, не го навеле вистинскиот извор. Без заслуга, маркетиншка корист имала и организацијата Сурвајвал интернешнал.

Мистер Но на сите би им удрил бокс и во тепачката би скршиле пола мебел во кафеаната.

Помогнете во ширењето на веста
преку Кајмак.от и Крт.от.

01 June 2008

Мистер Но - во живо

Пред некој ден го споменав Мистер Но, а многу брзо потоа чув за вест што како да излегла од романче за него:

Од македонските медиуми информацијата најквалитетно ја имаше пренесено „Вест“, оти во написот ја споменуваат НВО „Сурвајвал интернешенал“ (Меѓународен опстанок?) на чив сајт може да се најдат фотографиите. За жал, самиот сајт не беше наведен во веста, но лесно се наоѓа преку Гугл - ако се знае англиски.

Отфрлениот непалски крал консултира астролози

Откако на Баба ми Трајанка прочитав дека македонските медиуми ја изигнорирале веста за укинувањето на монархијата во Непал, прочепкав и видов дека сепак споменале. Ама, иако повремено следев ТВ-вести деновиве, морам да признаам дека не ја чув веста преку тој медиум.

Мојот став дека монархијата (наследната диктатура) е застарен политички систем веќе го имам искажано и го поддржувам неговото укинување врз основа на идеалите од 1776, односно 1789 година. Обете се резултат на просветителството, кое е збир на рационализмот, потребата за образование и научен развој и реакција на суеверието и апсолутизмот. На Балканот во XIX век комбинацијата на дел од идеите на просветителството и национализмот кој тогаш бил во зародиш се нарекува преродба (или препород - скоро секој балкански народ има своја верзија - mk, hr, sr, si, бг).

Непалскиот крал, нешто не му е по кеифЗа некои работи историјата се повторува, ако не како трагедија тогаш како фарса. Додека Луј XIX ја изгубил и главата на гилотина, непалскиот крал Гијанендра го изгубил правото да „го менаџира“ народниот имот, вклучително и располагањето со палатата. „Сиротиот“ сега консултира астролози за да пронајде соодветно место за живеење. А се потпирал на нивните предвидувања и додека работел на тоа да ја задржи власта...

Научнофантастични изблици

The Annals of the Heechee by Frederik PohlДва нови веб-сајтови од интерес за љубителите на научната фантастика:

Нек’ се шири Фајерфоксот

Откако за тоа прочитав на Кајмак.от, давам поддршка за Денот за симнување на Фајерфокс. Се пријавив на сајтот и по е-пошта добив известување дека ќе ме потсетат кога ќе дојде време со симнувањето да придонесам во поставување на нов Гинисов рекорд.