Блекаут

07 March 2006

Горан Каран за цар на Македонија

Веќе некое време некои луѓе во македонскиот печат ја промовираат тезата дека единствен начин да се спастри Македонија е да се воведе монархија (односно, наследна диктатура), од која ќе произлезе „ред и работа“ и национално единство. Наводно, другиве балкански земји така се опраиле - со тоа што имале кралеви, особено оние кои тогашната меѓународна заедница им ги увезла од западна Европа. До душа, Умберто Еко не би ја одобрил таа теза:
Поради квалитативниот популизам, Ур-фашизмот мора да биде против „расипаните“ парламентарни влади. Кога некој политичар ќе фрли сомнеж на легитимитетот на парламентот бидејќи тој веќе не го претставува Гласот на народот, може да намирисаме Ур-фашизам.
Арно ама, по интернет има многу податоци за родословите на европската аристократија, наспроти напорите на просветителството, според Дејвид Брин:

Сиот тој стремеж станува многу појасен, доколку се сетиме дека самоволни господари и поглавари владееле со нас за време на 99,4% од постоењето на човештвото...

Поминаа само околу двеста години, еден миг, а „научното просветување“ почнало да се бунтува против скоро-универзалниот модел наречен феудализам, хиерархиски систем кој што владеел со нашите предци во секоја култура, за време на кој се развила металургијата и земјоделството. Секогаш кога луѓето се стекнувале со плугови и мечови, некоја банда на силни мажи го одземала второто, и ги грабнувале жените и житото на преостанатите. (Шовинистичкиот јазик овде е правилно употребен; тие култури не го употребувале зборот „шовинизам“, затоа што го сметале за природна појава која се подразбира.)

После тоа, истите тие мажи прогласиле закони и воспоставиле „традиции“ со кои им обезбедиле на своите синови да наследат сè.

Во секој случај, лесно е да се најде дека незнамтикој таму и таму „благородник“ е потомок на снаа му на Цар Самуил, на пример, па такви се посочуваат за добри кандидати. Особено обилуваат бугарски сајтови на таа тема, од кои за да препишеш, не треба ни англиски да знаеш. Секако, има и други алтернативи, прифатливи кај оние кои ја сакаат поговорката „јебеш државу без краља“.

Ако веќе прифатиме да увеземе цар (што не значи дека тој не би имал локален шогун/регент/администратор, нали овај), мислам дека е најдобро да го поканиме сплиќанецот Горан Каран. Според презимето, тој има појаки корења и од Самуила - првиот крал на Античка Македонија се викал Каран.

2 comments:

Јован said...

Море за сите Гаврило Принцип!

Shepard said...

кога сме кај гаврило.. пиштолот да не му го видел некој? а? а???? :))))