Блекаут

13 April 2009

Духот на Александар не знае македонски?!

Канал 5 вечерва вечерта на 12 април 2009 г. објави една бизарна „ексклузивна“ „вест“ за тоа како некојси бизнисмени му платиле на еден човек да отиде во Флорида кај некој „јасновидец“ на кој наводно му се прикажал духот на Александар Македонски.


Додавка: Фала на video_poddrska за коментарот со линк до клипчето.

Прилогот ќе беше релативно забавен да не беше истовремено и реклама за книгата која клиентот на врачот демек ќе ја објавел за настанот, а и поради некои штетни политички ставови вткаени во приказната кои во нашава средновековна атмосфера баш не ни се потребни.

Имено, едниот став е промовирањето на монархизмот (наследната диктатура), со нагласување дека токму тој фиљан чоек што отишол со камерман да го снима како му гатаат е потомок на Александра - значи треба да ни стане цар. Башка што според достапните податоци, Александар Македонски имал само едно дете - син убиен пред да создаде потомство.

Второто нешто е многу повознемирувачко. Имено, Александар се претставува како да нема врска со денешните Македонци, оти наводно, според тој медиумот, „сакам да знам за вашата лингвистика.“ Зар на Александар нашата лингвистика му е туѓа?! (Чиви интереси се всадуваат како прикриен црв на сомнеж со овој прилог?)

Според прилогот „духот на Александар“ не знае ништо за современиот македонски јазик и писмо. Исто така не беше објаснето на кој јазик Александар му се обраќал на медиумот, кој во прилогот зборува само на англиски. Дали духот знае англиски и каде научил? Ако можел да научи англиски (јазик создаден пред 700-500 години) додека бил мртов, зошто не можел да го научи современиот македонски?

Друго, разочарувачка е општоста на муабетите што „јасновидецот“ ги пренел од „духот“. Ништо ново, некои мумлања за култура, светот како поле, нива, Персија. Ќе беше интересни ако навистина имаше ексклузивен податок, изјави од типот : „копајте на север од Лихнидос на третиот рид татко ми основа тврдина во која има гробница со три оки азно“ или „мојот гроб е таму и таму“ - што може да се проверат, да се извадат нови докази во полза на Македонија! А ова, ниту свежо-бајати трачови од типот „меѓу мене и Хефајстион немаше физичка привлечност, само бевме ептен добри другари“ или „Селеук ме отру да ја прикрие проневерата од кралската каса, семката да му се сотре, самиот ми призна кога дојде во Адот“.

Александар Македонски во Алан Форд
Илустрација: Александар Македонски во Алан Форд

No comments: