Блекаут

19 April 2009

Велигден: Исус се залагал за секуларност

Една од работите кои се премолчуваат во врска со приказната за Велигден е нејзината поука дека зло настанува кога религијата и политиката се мешаат.

Основата на страданието на Исус е во тоа што организираната религиска организација, лукративно етаблирана во општеството и водена од лицемери го злоупотребува своето општествено влијание врз толпата да ја присили државата да го убие оној кој во себе ја носи вистинската духовност.

Библијата и на други места го прикажува Исус Христос како се залага за одвојување на црквата од државата, на пример во Св. Евангелије по Матеј 22:21 со познатата изрека да му се даде на Цезар што е негово (данокот), а на Бога она што е божје. Иако низ историјата имало различни интерпретации и на ова поглавје (што на светот не е од Бога?), Библијата потоа нуди дополнителни аргументи дека државниот апарат треба да е секуларен.

Пилат го суди Исус, витраж од Капелата Вадам во Оксфорд од 1622 г.Судењето на Исус на Велики Петок е предизвикано од црковните власти (врховните свештеници, како Кајаф) кои влијаат на световните власти, претставувајќи го спорот што го имаат со него на полето на верата како заговор против државата.

Претставникот на државата, намесникот Пилат (Pontius Pilate) бил свесен дека Исус нема политички амбиции да предизвика бунт против римскиот режим и не го крши законот, но подлегнал на притисокот од свештениците воопшто да го суди, а и од толпата народ (контролирана од свештенството) на кои популистички им препуштил да изберат кој да биде распнат.

Како резултат, настанува огромна несреќа, вистинскиот духовник е убиен, а и целото општество по некое време се распаѓа, што кулминира со војната во која е уништен Ерусалим и Вториот храм.

И пред да ја оспорите универзалноста на поракава со обвинувања дека Страданието се однесува само на Евреите и еврејските свештеници, земете предвид дека и Исус Христос бил Евреин, роден во еврејско семејство, го поминал животот како еврејски верник и во ниеден момент не се откажал од своето еврејство. (Христијанството првобитно било движење или секта во рамките на Јудаизмот, која вовела иновација дека не мора да си етнички Евреин за да бидеш член на оваа верска заедница. Таквото отворање, односно надминување на националистичкиот начин на размислување и придонело за ширење на пораката и станување засебна, светска религија.)

Да потсетам на (во Македонија) скриеното значење на Велигден ме поттикна тоа што на Фејсбук видов дека има луѓе кои на своите деца (со најдобри намери) им даваат јајца со нацртани државни или партиски симболи - целосно спротивно на духот на празникот, а и колумната на Горан Михајловски „Северна Ирска“:
Мно­гу­па­ти не се сог­ла­су­вам со ста­во­ви­те на ев­ро­ам­ба­са­до­рот Ер­ван Фу­е­ре. И мно­гу­па­ти се лу­там ко­га ни се ме­ша во ра­бо­ти­те. Ама де­но­ви­ве про­чи­тав не­го­ва из­ја­ва во "Но­ва Ма­ке­до­ни­ја" со зас­тра­шу­вач­ка пре­по­ра­ка: „Ус­та­вот е ја­сен во пог­лед на по­де­ле­нос­та ме­ѓу црк­ва­та и др­жа­ва­та. А се­кој што ќе се оби­де да ја гле­да ре­ли­ги­ја­та ка­ко по­ли­тич­ко сред­ство, тре­ба да оди во Се­вер­на Ир­ска и да ги ви­ди пос­ле­ди­ци­те, од­нос­но она што се слу­чу­ва ко­га ре­ли­ги­ја­та ќе се из­ме­ша со по­ли­ти­ка­та“.
Чо­ве­кот е од Ир­ска, и тре­ба да му ве­ру­ва­ме. Мо­же тре­ба да ги пра­ти­ме на­ши­те пра­те­ни­ци, осо­бе­но тие што на Ин­тер­нет по­ви­ку­ваа на преб­ро­ју­ва­ње, и пар­тис­ки­те ли­де­ри на ма­ла тур­не­ја низ Се­вер­на Ир­ска за да ви­дат на што ли­чи тоа. Ме­не ми бе­ше до­вол­но и ова што ми­на­та­та са­бо­та го ви­дов на плош­та­дот Ма­ке­до­ни­ја.
Не е само до Уставот, туку и до Библијата. Ама, кој ја чита кај нас, или смее да дискутира за неа?

3 comments:

Развигор said...

Воедно ја користам оваа прилика да им го честитам Велигден на сите што го слават, како и да ги поттикнам својата прослава да ја збогатат со читање на Светото писмо, Нов завет, Св. Евангелије по Матеј, глава 6, особено 6.5 и 6.6.

Anonymous said...

sekoja chest, odlichno!

Anonymous said...

НЕ!
Грешка си.И од 2009 до ден денес не си ја приметил.Можеби не си го отворил Светото писмо од тогаш.

Исус не се залагал за секуларност.
Да му била целта да го уредува односот меѓу црквата и државата-би ни оставил 2-3 тома закони за секуларност и тоа би било тоа.

Оригиналната цел и поентата на неговата мисија е содржана во Св. Евангелије по Матеј, глава 4:17
Покајте се,зашто се приближи царството небесно!