Основата на страданието на Исус е во тоа што организираната религиска организација, лукративно етаблирана во општеството и водена од лицемери го злоупотребува своето општествено влијание врз толпата да ја присили државата да го убие оној кој во себе ја носи вистинската духовност.
Библијата и на други места го прикажува Исус Христос како се залага за одвојување на црквата од државата, на пример во Св. Евангелије по Матеј 22:21 со познатата изрека да му се даде на Цезар што е негово (данокот), а на Бога она што е божје. Иако низ историјата имало различни интерпретации и на ова поглавје (што на светот не е од Бога?), Библијата потоа нуди дополнителни аргументи дека државниот апарат треба да е секуларен.
Судењето на Исус на Велики Петок е предизвикано од црковните власти (врховните свештеници, како Кајаф) кои влијаат на световните власти, претставувајќи го спорот што го имаат со него на полето на верата како заговор против државата.
Претставникот на државата, намесникот Пилат (Pontius Pilate) бил свесен дека Исус нема политички амбиции да предизвика бунт против римскиот режим и не го крши законот, но подлегнал на притисокот од свештениците воопшто да го суди, а и од толпата народ (контролирана од свештенството) на кои популистички им препуштил да изберат кој да биде распнат.
Како резултат, настанува огромна несреќа, вистинскиот духовник е убиен, а и целото општество по некое време се распаѓа, што кулминира со војната во која е уништен Ерусалим и Вториот храм.
И пред да ја оспорите универзалноста на поракава со обвинувања дека Страданието се однесува само на Евреите и еврејските свештеници, земете предвид дека и Исус Христос бил Евреин, роден во еврејско семејство, го поминал животот како еврејски верник и во ниеден момент не се откажал од своето еврејство. (Христијанството првобитно било движење или секта во рамките на Јудаизмот, која вовела иновација дека не мора да си етнички Евреин за да бидеш член на оваа верска заедница. Таквото отворање, односно надминување на националистичкиот начин на размислување и придонело за ширење на пораката и станување засебна, светска религија.)
Да потсетам на (во Македонија) скриеното значење на Велигден ме поттикна тоа што на Фејсбук видов дека има луѓе кои на своите деца (со најдобри намери) им даваат јајца со нацртани државни или партиски симболи - целосно спротивно на духот на празникот, а и колумната на Горан Михајловски „Северна Ирска“:
Многупати не се согласувам со ставовите на евроамбасадорот Ерван Фуере. И многупати се лутам кога ни се меша во работите. Ама деновиве прочитав негова изјава во "Нова Македонија" со застрашувачка препорака: „Уставот е јасен во поглед на поделеноста меѓу црквата и државата. А секој што ќе се обиде да ја гледа религијата како политичко средство, треба да оди во Северна Ирска и да ги види последиците, односно она што се случува кога религијата ќе се измеша со политиката“.Не е само до Уставот, туку и до Библијата. Ама, кој ја чита кај нас, или смее да дискутира за неа?
Човекот е од Ирска, и треба да му веруваме. Може треба да ги пратиме нашите пратеници, особено тие што на Интернет повикуваа на пребројување, и партиските лидери на мала турнеја низ Северна Ирска за да видат на што личи тоа. Мене ми беше доволно и ова што минатата сабота го видов на плоштадот Македонија.
3 comments:
Воедно ја користам оваа прилика да им го честитам Велигден на сите што го слават, како и да ги поттикнам својата прослава да ја збогатат со читање на Светото писмо, Нов завет, Св. Евангелије по Матеј, глава 6, особено 6.5 и 6.6.
sekoja chest, odlichno!
НЕ!
Грешка си.И од 2009 до ден денес не си ја приметил.Можеби не си го отворил Светото писмо од тогаш.
Исус не се залагал за секуларност.
Да му била целта да го уредува односот меѓу црквата и државата-би ни оставил 2-3 тома закони за секуларност и тоа би било тоа.
Оригиналната цел и поентата на неговата мисија е содржана во Св. Евангелије по Матеј, глава 4:17
Покајте се,зашто се приближи царството небесно!
Post a Comment