Во нејзиниот напис „Постојат лаги, проклети лаги и мрзливи новинари“ Ана Ангелова го покренува прашањето на зачинување и автоцензурирање на вестите во Македонија и неговите последици.
Го препорачувам за читање, особено затоа што често се осврнував на овој проблем и во минатото, од навидум бенигни случаи на фалење на нашата „уникатност“, до сензационалистичко експлоатирање на патриотски подобни мотиви.
Последен пример е веста за клип на Јутјуб во која изјава даде Волан: додека новинарката „од терен“ ја кажува точната бројка од околу 6.000 гледања за пет дена, претходната најава зборува за „незапамтен интерес“ и „десетици илјади посети“. А ако некој од гледачите поттикнат од најавата дека „Македонци ја добиваат интернет-војната за името“ реши да го погледне и самиот клип „I am Macedonian“, може да забележи дека сроден (related) му е и еден со наслов „Macedonia is Greece“ кој има над 3.000.000 гледања!
Исто така интересна е и неодамнешната вест за македонските хакери што демек возвратиле удар (со тоа што хакирале сајт што нема врска со виновниците што „први почнале“). Крајната реченица на веста е:
Во март минатата година руски хакери извршија напад на компјутерите на американската централна команда на Пентагон, а минатиот месец хакерска шпионска мрежа презеде контрола во 103 држави.
И? Што било после? Имало некое решение за проблемот што 103 држави (!) се контролирани (!!) од неколку хакери и шпиуни. Ако немало разрешница, значи дека таа ситуација сеуште трае. Ми се чини како прилично значаен податок што бара дополнителна истрага и информации, а не како попатна занимливост.
No comments:
Post a Comment