Блекаут

17 May 2009

Транспарентност не е само име на НВО

Било да го користиме увезениот термин транспарентност, или буквалниот „чисто македонски“ превод проѕирност или прозрачност, излегува дека треба да повторуваме што тие значат додека и последниот жител на Македонија не почне да бара примена на овој политички принцип. Бранко Ѓорѓевски од Дневник убаво објаснува во текстот „Недоволен еден“:

Кога институциите не ги објавуваат информациите што директно ги засегаат тие од чии пари живеат, тоа бирократски се нарекува нетранспарентност. Кога тоа станува правило во едно општество, тоа општество станува затворено, недемократско општество. Ни се случува ли тоа и нам? Очигледно, да, бидејќи во спротивно искуството би било поинакво и воопшто не би имало потреба јавно да се прашуваме зошто некој сака да го скрие тоа од сопствените граѓани. Како да е некаде и во нечии глави е всадено чувство, став или, едноставно, страв од тоа јавноста да знае што се случува во земјава.

Зошто е тоа така? Дали за да се одбегне „непотребната“ расправа за тоа што властодржецот наумил да прави или смета дека добиениот мандат му дава право да го прави и тоа? Може да се најдат десетици објаснувања, но сите тие ќе се соочат и ќе паднат пред она што е елементарна работа во секое демократско општество - правото на граѓаните да знаат што се прави во нивно име и со нивни пари. Ако го нема тој елементарен отчет, ќе ја снема и демократијата и сè што таа значи.

Муабетов се надоврзува и на коментарот на Ненад Јовановиќ во постот со линкови за тековни состојби, кој објаснува што всушност е „Европа“.

На пример, во Велика Британија, која е дел од таквата Европа, политичарите се во паника откако народот дознал на какви глупости, луксузи и лични каприци извесни пратеници и други функционери користеле пари од буџетот. Дури и оние кои не се посочени како виновни се загрижени, оти се сопартијци со апашите. Целиот политички систем е разнишан, угледот на сите што имаат врска со пратениците е уништен, со конкретни форми на личен притисок против оние што злоупотребувале и нивните семејства од страна на разбеснетите граѓани. Дури се зборува за страв од општонароден бунт и улични нереди.

No comments: