Блекаут

28 September 2009

Енциклопедијата на МАНУ е плагијат на Википедија?!

(Забележете дека во овој пост воопшто не навлегувам во точноста на информациите изнесени во енциклопедијата на МАНУ оти таа и за мене е непрочитана книга.)

Дневник во саботата објави нешто сензационално: за некои од текстовите во контроверзната „Македонската енциклопедија“ објавена од МАНУ биле користени материјали од Википедија, без да се наведе изворот (мои италици).

Слободната енциклопедија „Википедија“, која може да ја испишува секој, била главен извор за спорните наводи во Македонската енциклопедија дека американските и британските офицери обучувале припадници на ОНА. Татјана Петрушевска, професорка по меѓународно јавно право и право на ЕУ на скопскиот Правен факултет, за „Дневник“ истакнува дека целта и' била да се даде ново видување за улогата на западните сили во конфликтот во 2001 година.

Потешки квалификации

- Наводот што предизвика најголеми бранувања е буквален цитат преземен од Википедија, кој на сајтот за ОНА стои со години и нема никакви интервенции во него. Дури ни во поглед на многу потешките квалификативи за ОНА како „терористичка, востаничка и герилска организација“. Намерата ми беше став, кој не е на линијата на западниот мејнстрим за улогата на западните сили во конфликтот од 2001, да биде внесен во изворно дело, кое понатаму во други, туѓи цитирања би било наведувано како извор. Зарем тоа не би требала, уште посилно, не би морала, да биде една од главните функции на првата Македонска енциклопедија - објаснува Петрушевска.

Таа истакнува дека сајтот не е цитиран во посочената литература од која е црпена содржината на спорната енциклопедиска одредница, но како извори се посочени текстови од дневниот печат. Тоа, истакнува, Петрушевска, не е недозволено во научни трудови, и се' зависи од фактот „која е посакуваната цел“. Освен неа, авторот на спорната одредница за ОНА е и нејзиниот колега, професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

Во написот во весникот немаше линк, а јас го додадов до англиската верзија оти на македонската верзија не најдов таков напис. Делот што го истакнав со италик укажува дека не само што се прекршени условите на лиценцата под која се објавени содржините на Википедија (Криејтив комонс наведи извор сподели под исти услови 3.0), туку и праксата за пишување научни дела надвор од Македонија, каде што секој извор треба да се наведе како дел од редовната постапка. Во „белиот свет“, Википедија се прифаќа како корисна алатка за пребарување, но никако како авторитетен извор поради нејзината природа. Во најдобар случај се користи како место каде што може да се најдат линкови до референтни извори.

Еве и една корисна дефиниција од Википедија:

Plagiarism, as defined in the 1995 Random House Compact Unabridged Dictionary, is the "use or close imitation of the language and thoughts of another author and the representation of them as one's own original work."

Плагијат, според дефиницијата од (речникот) Рандом Хаус компакт анабриџд дикшнари од 1995 е „користење или блиска имитација на јазикот и мислите на друг автор и нивно претставување како свое оригинално дело.“

За прекршувањето на лиценцата Википедија може да ја тужи МАНУ. Ако не знаете англиски, може да ви се најде локализираната верзија на претходната верзија на лиценцата, односно договорот за неекслузивно пренесување на авторските права: Наведи извор-Сподели под исти услови верзија 2.5 Македонија.

Инаку, низ медиумското покривање за енциклопедијата на МАНУ се провлекува уште една интересна неточност - тоа не е прва македонска енциклопедија. Многу години пред неа МИ-АН и Семос, а мислам уште некои издавачи, имаа објавено енциклопедии за Македонија.

Исто така, не видов ни информации дали оваа енциклопедија било кога ќе биде објавена на интернет, оти за подготовката на содржините веќе имаме платено и заслужуваме да бидат бесплатно достапни во дигитална форма (без скоро никакви додатни трошоци, кои зависат од печатењето). Најавена е баснословна цена од 8000 денари по примерок. Како што коментира Зоран Андоновски од Нова Македонија:

Ако Енциклопедијата е правена со државни пари, таа треба да биде достапна на Интернет за да не се плаќа два пати за нешто за што ние граѓаните веќе сме дале пари. Она што е направено - финансирано од државата нема авторско право, а со нејзиното ставање на Интернет малку ќе се ублажи огромниот недостиг од електронски содржини на македонски.

Кој поединец или заедница ќе ја купи за да ја прелистува? И зошто таков и толкав том? Да не зборуваме дека корекциите на едно интернет-издание е многу поедноставно да се направат. Нели ќе беше нормално сето тоа да го ставеа и на цедеа или на дивидија?

Сигурно тој што мисли да ја користи Енциклопедијата има компјутер, а тој што нема компјутер сигурно нема да има пари за да ја купи. И што е всушност идејата зад едно вакво издание, да фаќа прав или да се користи и да биде секому достапна, што во ваква квазирепрезентативна форма не е можно.

Башка што дури и ако другите написи во енциклопедијата на МАНУ да се само преводи на англиската Википедија, ако се достапни ќе може да послужат за многу потребното надополнување на посиромашната Википедија на македонски, која википедијанците ја градат практично без реална поддршка на академскиот естаблишмент.

2 comments:

GoodBytes said...

Во врска со достапноста на енциклопедијата: уште една многу важна карактеристика која ќе ја има ако е во електронска форма е пребарувањето, кое е неспоредливо побрзо отколку листањето печатено издание.

За сите останати мисли само ќе потврдам дека се согласувам. И мене ми падна во очи користењето Википедија како извор, но не ми се пишуваше текст за тоа. За среќа, ти убаво си го срочил.

Kliment Andreev said...

Така е. Гарант се лапнати дебели пари а за сите спорни текстови сигурен сум дека немално некоја позначајна дебата (ако воопшто и имало) пред да бидат публикувани. И сега "stop the presses" е работава.

Додуше оние спорни две работи, за Албанците и за ОНА, ги видов скенирани и иако има некоја вистина, сепак се презентирани на неакадемски начин.
На пример, точно е дека Америка и Британија ги обучуваа „оние“ од Арачиново, ама тоа беа пензионирани офицери, што си работеле под приватен контракт. Како Blackwater во Ирак на пример. Значи владите на Америка и Британија се „чисти“, ама од друга страна, сите овие приватни/парамилитарни организации се под строга контрола на овие влади, така да они и те како знаат што се прави. Значи, требало нешто вакво да се вметне во текстот, а не Америка ја обучуваше ОНА. Фали подетално истражување.